Анализи
Доларот се зацврстува поради војната на Блискиот Исток, еврото и јенот на повеќемесечни минимуми
Американскиот долар се движи кон втора последователна неделна добивка, додека инвеститорите се свртуваат кон сигурни средства поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток. Во исто време, валутите чувствителни на енергетските цени, како еврото и јапонскиот јен, паднаа на најниските нивоа во последните неколку месеци.
Силниот и продолжен раст на цените на нафтата се очекува значително да влијае врз економиите на Јапонија и еврозоната, кои во голема мера зависат од увоз на сурова нафта. Соединетите Американски Држави се помалку погодени, бидејќи речиси една деценија се нето-извозник на нафта.
Во такви услови, економистите предупредуваат на претпазливост при заострување на монетарната политика во тие економии, бидејќи зголемените трошоци за енергија може да го забават економскиот раст.
Еврото падна на најниско ниво од август, додека Јапонија предупреди дека е подготвена да преземе мерки за заштита на својата валута откако јенот се спушти на најниско ниво во последните 20 месеци.
Паралелно со растот на цените на нафтата, САД дозволија продажба на дел од руските нафтени производи кои претходно беа под санкции поради војната во Украина. Во меѓувреме, Иран ги засили нападите врз нафтени и транспортни објекти на Блискиот Исток, додека новиот врховен лидер, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, најави дека ќе го задржи затворен поморскиот пат низ Ормутскиот теснец.
Според Волкмар Баур, валутен стратег во „Комерцбанк“, последните изјави од американската администрација за можноста за брз крај на војната сè повеќе се доживуваат како обид да се намалат цените на нафтата, но пазарите реагираат сè помалку на таквите сигнали.
Во меѓувреме, на финансиските пазари се зголемуваат очекувањата за заострување на монетарната политика на двете страни на Атлантикот, бидејќи растот на цените на нафтата дополнително ги засилува инфлаторните притисоци.
Фјучерсите на нафтата „брент“ пораснаа во петокот, откако САД издадоа 30-дневна дозвола со која им се овозможува на државите да купуваат руска нафта и нафтени производи што се заглавени на море. Претходно неделава, Меѓународната агенција за енергија одобри ослободување на рекордни 400 милиони барели од стратешките резерви.
Сепак, дел од аналитичарите предупредуваат дека ваквите итни мерки може да испратат негативен сигнал до пазарите, сугерирајќи дека глобалните лидери не очекуваат брзо смирување на кризата.
Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на кошница од главни валути, се искачи на највисоко ниво од 28 ноември. Индексот порасна за 0,51 проценти на 100,22 и се движи кон неделен раст од околу 1,4 проценти.
Еврото се спушти на 1,1438 долари, најниско ниво од август, со пад од 0,62 проценти. Инвеститорите го очекуваат состанокот на Европската централна банка следната недела, додека дел од трговците сметаат дека повисоките цени на нафтата може да ја натераат банката да ги зголеми каматните стапки подоцна годинава.
Економистите оценуваат дека продолжено затворање на Ормутскиот теснец би било доволно сериозен фактор за Европската централна банка да размислува за заострување на монетарната политика поради инфлацијата.
Аналитичарите на „Сити“ сметаат дека не може да се исклучи сценарио со две превентивни зголемувања на каматните стапки, иако нивната основна прогноза останува дека политиката ќе остане непроменета поради големата неизвесност.
Доларот порасна и во однос на швајцарскиот франк, достигнувајќи највисоко ниво од јануари на 0,7894.
Јапонскиот јен падна на 159,69 за долар, најслабо ниво од јули 2024 година. Јапонската министерка за финансии Сацуки Катајама изјави дека земјата е подготвена да преземе неопходни чекори доколку движењата на валутниот курс влијаат врз животот на граѓаните, додавајќи дека Токио е во тесен контакт со американските власти за прашањата поврзани со девизниот пазар.
Слабеењето на јенот кон нивото од 160 за долар во јануари ги поттикна САД да спроведат таканаречени проверки на каматните стапки, што често претходи на интервенции на пазарот. Сепак, дел од аналитичарите сметаат дека воздржаноста на властите во последниот период може да доведе до пад на јенот и до 165 за долар.
Австралискиот долар исто така ослабе, паѓајќи за 0,70 проценти на 0,7027 долари.
Анализи
Цената на нафтата падна по паузата во судирите меѓу САД и Иран
Цената на суровата нафта продолжи да се намалува, откако САД и Иран привремено ги запреа нападите и се отвори простор за продолжување на дипломатските разговори.
Нафтата во понеделникот поевтини за повеќе од седум проценти, бидејќи инвеститорите позитивно реагираа на намалувањето на тензиите меѓу Вашингтон и Техеран. Американската војска во петокот ги запре нападите врз Иран по речиси две недели воени операции, додека Техеран во последните денови се воздржуваше од напади врз цели во регионот.
Падот на цената продолжи и во последното тргување, при што суровата нафта се приближи до пробивање на нивото на поддршка од 81 долар за барел.
Според техничката анализа, цената и натаму се движи под 50-дневниот експоненцијален подвижен просек, што го засилува продажниот притисок и ги намалува шансите за целосно закрепнување. На краток рок и понатаму доминира силен надолен тренд.
Сепак, техничките индикатори покажуваат знаци дека нафтата достигнала ниво на прекумерна продаденост. Тоа би можело да го забави темпото на падот или да предизвика ограничено привремено закрепнување на цената.
Анализи
Златото се повлече, но останува можноста за продолжување на растот
Цената на златото забележа пад во последното тргување, откако наиде на силен отпор околу нивото од 4.100 долари.
Повлекувањето се оценува како корективно движење, кое помогна да се намали прекумерната купеност забележана кај техничките индикатори. Цената потоа најде поддршка кај 50-дневниот експоненцијален подвижен просек, што придонесе за ограничување на продажниот притисок.
Техничката слика и натаму останува наклонета кон раст. Краткорочниот позитивен тренд сè уште е активен, додека цената се движи долж линија на поддршка.
Ова ги зголемува шансите златото повторно да добие позитивен моментум и во наредниот период повторно да се обиде да го пробие нивото на отпор од 4.100 долари, под услов да се задржи над актуелните нивоа на поддршка.
Анализи
Како и зошто колабира пензискиот систем во Македонија?
Прво добрата вест: македонскиот пензиски систем веројатно нема да ги остави идните пензионери сосема без пензии. Лошата вест е дека постои реална опасност тие пензии да бидат значително пониски од она што денес им се ветува.
Проблемите не се случиле преку ноќ туку се наталожувале со години, слој по слој. ПИОМ постојано работи со значителна буџетска поддршка. Приносите на приватните фондови остануваат релативно скромни. Голем дел од средствата завршуваат во државни обврзници наместо во поконкурентни инвестиции. А врвот на ледениот брег – во јавноста излезе и практиката на задоцнети трансфери на придонесите кон приватните фондови, нешто што директно ги чепка идните пензии на секој осигуреник.
Прашањето сега не е дали нешто треба да се промени, туку што и каде.
Ако Македонија погледне кон искуствата на другите, се отвораат неколку опции:
• Хрватски модел – избор меѓу комбинирана пензија (од првиот и вториот столб) или целосно враќање во првиот столб.
• Пример на Литванија и Естонија – постепено претворање на вториот столб во доброволен систем.
Преиспитување на самата формула на поделба: денес од 18,8% придонес за пензиско осигурување, 12,8% оди во ПИОМ, а 6% се пренасочува кон индивидуалната сметка во приватните фондови, од кои најголем дел, повторно, завршува во државни обврзници. Прашањето е директно: Дали таквиот круг воопшто ја исполнува целта за повисоки и посигурни пензии?
Ако постои еден податок што сликовито го покажува притисокот врз системот, тоа е соодносот меѓу оние што плаќаат и оние што примаат. Според ревизорските наоди за 2024 година, крајот на таа година затекнал 556.294 осигуреници наспроти 343.048 пензионери – или само 1,63 осигуреници на еден пензионер. Годинава претходно, тој сооднос бил 1:1,70. Насоката е јасна, и не е добра.Финансиски, сликата е уште построга:
• Приходи од придонеси за ПИО: 71,4 милијарди денари
• Расходи за пензии: 90,2 милијарди денари
Разликата, како и секоја година досега, се затвора со пари од државниот буџет. Со други зборови првиот, државен пензиски столб веќе сам не може да ги финансира пензиите. Кон таа сметка се додава и линеарното зголемување на пензиите: од септември 2024 до март 2026 година, зголемувањето достигнало вкупно 7.000 денари месечно. Добро за пензионерите денес, но сериозен дополнителен товар за буџетот утре.
Вториот пензиски столб влезе во сила во 2006 година, како дел од реформа поддржана од Светската банка. Целта звучеше разумно: да се диверзифицира ризикот, да се олесни притисокот врз ПИОМ и да се изгради лична пензиска заштеда преку капитално финансирање така што идната пензија да не зависи само од тоа колку луѓе ќе работат, туку и од тоа колку пари се веќе акумулирани на индивидуалната сметка.
Проблемот не е во таа идеја. Проблемот е во нејзиното спроведување. Ова е можеби најнепријатниот дел од приказната. ПИОМ по закон има обврска да ги префрли придонесите на индивидуалните сметки во вториот столб во рок од пет работни дена. Во пракса, тоа не се случувало редовно. Според ревизорските наоди, долгот на ПИОМ кон вториот пензиски столб достигнал околу 42 милиони евра.
Тука бројката е само врвот, а вистинската штета е скриена подлабоко. Секој ден задоцнување значи дека тие пари не се на личната сметка на осигуреникот, не се инвестираат и не носат принос. За идниот пензионер, тоа не е само задоцнет придонес туку изгубена капитализација што требало да расте со години. И оваа приказна веќе си имаше премиера. Во 2019 година излезе на виделина дека придонесите на околу 12.000 осигуреници воопшто не биле пренасочувани кон вториот столб цела една деценија, од 2006/2007 па сè до 2018 година – туку останале во ПИОМ. Државата тогаш тивко префрлила околу 19 милиони евра.
Сето ова покажува нешто подлабоко од технички пропуст. ПИОМ, МАПАС, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии и другите вклучени институции досега не изградиле доволно цврст механизам кој гарантира едно едноставно нешто: дека секој денар што му припаѓа на осигуреникот ќе биде префрлен навреме и точно.
А без таа гаранција, секоја дискусија за реформа на вториот столб останува нецелосна.
(Продолжува)
Автор: Филип Чижбановски.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Нина Ангеловска Станков: Во политиката аргументот не е крај на разговорот – туку негов почеток
-
Интервјуапред 2 месеци„Ништо случајно“: Нина Ангеловска за бизнисот, животните лекции и патот кој ја обликувал нејзината кариера
-
Интервјуапред 2 месециФиломена Пљакоска Аспровска во FinSight: Дали мобилниот телефон ќе стане нашиот единствен паричник?
-
Банкипред 2 месециНовата Централа на Стопанска банка – прва LEED Gold сертифицирана зграда во земјата
-
Банкипред 2 месециНа музиката ѝ е место и меѓу банкарските шалтери – Young Dadi со ексклузивен popup настап за клиентите на Халкбанк
-
Бизниспред 2 месециОд полноќ нови цени на горивата: Бензините поевтинија, дизелот поскапе
-
Интервјуапред 1 месецДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Берзапред 2 месециРКЕ донесе одлука: Дизелот поевтинува за 6,5 денари по литар, најголем пад на цената во последните месеци



