Connect with us

Анализи

Голдман Сакс предупредува: Вештачката интелигенција може да ги ослаби аналитичките способности на банкарите

Објавено

на

Ширењето на вештачката интелигенција на Волстрит носи ризик идните генерации банкари и трговци да ги загубат дел од своите аналитички и расудувачки способности доколку премногу се потпираат на новите технологии, предупредува Крис Черчман, партнер во Голдман Сакс и раководител на дигиталната платформа Marquee.

Черчман, кој е вклучен во еден од главните проекти на банката поврзани со вештачка интелигенција, вели дека постои „огромна опасност“ луѓето постепено да го препуштат сопственото расудување на AI-моделите.

Според него, како што современата технологија со текот на времето влијаела врз способностите на луѓето за навигација или помнење, така и банкарите би можеле да ги ослабат своите аналитички способности ако алгоритмите ја преземат најголемата тежина во нивната работа.

„Расудувањето и натаму е важно. Треба самите да размислувате за проблемите, да ги структурирате и да изградите аргумент“, порача Черчман во подкастот „Exchanges“ на Голдман Сакс.

Финансиските институции на Волстрит сè повеќе ја интегрираат вештачката интелигенција во тргувањето, банкарските процеси и анализите. Иако тоа може да ја зголеми продуктивноста и профитабилноста, Черчман предупредува дека автоматизацијата може да го наруши традиционалниот систем преку кој младите банкари стекнуваат искуство работејќи под надзор на поискусни колеги.

Тој посочува дека голем дел од знаењето во финансиската индустрија никогаш не било запишано во прирачници, туку се стекнувало преку практична работа и искуство.

Како пример ги наведува младите трговци кои учат како да реагираат на барањата на клиентите додека работат под надзор на искусни колеги. Иако таквите задачи можат целосно да се автоматизираат, според Черчман останува прашањето дали во иднина ќе има доволно искусни трговци кои целосно ќе ги разбираат ризиците и процесите.

Поради тоа, системите со вештачка интелигенција треба да бидат дизајнирани така што луѓето и натаму ќе ги носат клучните одлуки, особено во ситуации со висок ризик и голема неизвесност.

Черчман признава дека ниту Голдман Сакс сè уште нема целосно утврдено како ќе го балансира користењето на AI со човечкото учество.

Еден од најголемите предизвици, според него, е точноста на информациите што ги генерира вештачката интелигенција. Во финансискиот сектор, каде што грешките можат да имаат сериозни последици, одговорите мора да бидат целосно фактички точни и проверливи.

При развојот на AI-платформата Marquee, која засега е достапна само за вработените во Голдман Сакс, Черчман вели дека системот во еден момент самиот признал оти е „подобар во тоа да звучи темелно отколку навистина да биде темелен“.

Анализи

Iute со раст на приходите, но со пад на добивката од 38 отсто

Објавено

на

Iute Group го заврши првото полугодие од 2026 година со раст на приходите и оперативната добивка, но со значително пониска нето-добивка. Компанијата отворено признава дека не е целосно задоволна од резултатот, во период во кој повисоките трошоци за финансирање и инвестициите во дигитализација и проширување вршат притисок врз профитните маржи.

Според неревидираните резултати објавени денеска, 27 август, вкупните приходи на групацијата во првите шест месеци достигнале 66,1 милион евра, што е раст од 11,1 отсто во споредба со 59,5 милиони евра во истиот период минатата година. Прилагодената EBITDA пораснала за 26,3 отсто, на 30,6 милиони евра.

Но, зад растот на приходите се гледа поинаква слика кај конечната заработка. Нето-добивката изнесувала 4,1 милион евра, што е пад од 38,2 отсто во однос на 6,7 милиони евра во првата половина од 2025 година. Нето-каматната маржа се намалила од 22,9 на 18,6 отсто.

Од Iute како главни причини ги посочуваат повисоките трошоци за финансирање, притисокот врз каматните маржи, ограниченото одобрување нови кредити во Молдавија и трошоците поврзани со стартувањето на Iute Bank во Украина. Во јуни групацијата обезбеди дополнителни 140 милиони евра преку своите обезбедени обврзници, потег што ја зајакнува финансиската база за понатамошен раст, но истовремено носи и повисоки финансиски трошоци.

Според извршниот директор Тармо Силд, првото полугодие било период на притисок врз маржите и континуирани стратешки инвестиции. Компанијата продолжува со трансформацијата кон дигитална банка и развојот на Myiute како главна платформа за финансиски услуги на пазарите каде што работи.

Токму дигитализацијата останува еден од главните двигатели на стратегијата. Бројот на преземања на Myiute достигнал над 1,82 милиони, што е раст од 9,8 отсто на годишно ниво, додека преку дигиталниот паричник биле обработени речиси 2,7 милиони трансакции. Приходите од осигурително посредување, пак, пораснале за 59,6 отсто и веќе учествуваат со 5,7 отсто во вкупните приходи.

Групацијата истовремено води повнимателна кредитна политика. Стапката на одобрени кредитни апликации е намалена на 52 отсто, од 61 отсто една година претходно, со фокус на квалитетот на кредитното портфолио наместо само на растот на обемот. Вкупното бруто кредитно портфолио сепак пораснало за 5,3 отсто, на 397 милиони евра.

За споредбата со минатата година значаен е и македонскиот пазар. Резултатот од првото полугодие на 2025 година вклучувал еднократен позитивен ефект од 1,3 милиони евра по основ на поврат на данокот на солидарност во Северна Македонија, што дополнително го нагласува падот на пријавената добивка во годишната споредба. Iute работи во Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Молдавија и Украина.

Резултатите покажуваат дека Iute засега успева да го одржи растот и профитабилноста, но по цена на пониски маржи и поголеми трошоци. Случајот на компанијата воедно покажува со каков предизвик може да се соочат финтек-кредиторите кога скапото финансирање се комбинира со инвестиции во технологија, нови пазари и притисок за поконкурентни услови за клиентите.

Продолжи со читање

Анализи

Доларот благо зајакна во пресрет на податоците за инфлацијата во САД

Објавено

на

Американскиот долар благо зајакна во средата, но движењата на девизниот пазар останаа ограничени, додека инвеститорите ги очекуваат најновите податоци за инфлацијата во САД и годишниот собир на централните банкари во Џексон Хол.

Индексот на американскиот долар порасна за 0,1 отсто, на 99,02 поени.

Најголемо движење забележа австралискиот долар, кој се искачи на 0,71865 американски долари, највисоко ниво во последните три месеци. Растот следуваше откако податоците покажаа дека основната инфлација во Австралија, мерена според индикаторот што го следи тамошната централна банка, достигнала 3,6 отсто на годишно ниво и ги надминала очекувањата.

Американскиот долар зајакна за 0,3 отсто во однос на швајцарскиот франк, на 0,8036 франци, додека во однос на јапонскиот јен порасна за 0,1 отсто, на 158,95 јени.

Британската фунта ослабе за 0,15 отсто, на 1,3633 долари, додека еврото остана речиси непроменето на 1,1671 долари.

Доларот зајакна и во однос на канадската валута, за 0,1 отсто, на 1,3861 канадски долари, продолжувајќи го растот трет ден по ред. Канада во вторникот објави одмазднички царини за американски увоз во вредност од околу 20 милијарди долари годишно, откако минатата недела пропаднаа трговските разговори со Вашингтон.

Во фокусот на инвеститорите се податоците за американскиот индекс на цените на личната потрошувачка, PCE, за јули, кој е преферираниот показател на Федералните резерви за следење на инфлацијата.

Економистите анкетирани од Ројтерс очекуваат базичниот PCE индекс, од кој се исклучени цените на храната и енергијата, во јули да порасне за 3,3 отсто на годишно ниво, исто како и во јуни. Тоа ниво и натаму е значително над инфлациската цел на Федералните резерви од два отсто.

Пазарите внимателно ќе го следат и говорот на претседателот на Федералните резерви, Кевин Ворш, на собирот во Џексон Хол, во потрага по нови сигнали за идната насока на американската монетарна политика.

Продолжи со читање

Анализи

Раст на берзанските индекси на Волстрит и во Азија, технолошкиот сектор во фокусот

Објавено

на

Берзанските индекси на Волстрит во вторникот забележаа раст, откако инвеститорите позитивно реагираа на падот на цените на нафтата и приносите на обврзниците. Најголем раст беше забележан кај технолошките акции, во пресрет на објавувањето на кварталните резултати на Nvidia.

Индексот Dow Jones порасна за 0,30 отсто, на 53.577 поени, S&P 500 за 0,32 отсто, на 7.677 поени, додека Nasdaq забележа раст од 0,66 отсто и достигна 26.151 поен.

Растот на S&P 500 и Nasdaq во голема мера се должи на закрепнувањето на технолошкиот сектор, кој претходниот ден беше под притисок.

Акцијата на Nvidia поскапе за два отсто пред објавувањето на кварталните деловни резултати, со што беше прекината серијата од седум последователни денови на пад. Позитивното движење на Nvidia придонесе за раст и на акциите на други производители на чипови.

Nvidia треба да ги објави резултатите во среда по затворањето на Волстрит, а инвеститорите внимателно ќе ги следат податоците од компанијата која е меѓу највредните во светот според пазарната капитализација.

Доколку резултатите ги исполнат очекувањата, тоа би можело дополнително да го поддржи технолошкиот сектор. Послаби резултати, пак, би можеле повторно да предизвикаат притисок врз технолошките акции.

Во среда се очекуваат и нови податоци за инфлацијата во САД, кои би можеле да влијаат врз очекувањата за идната политика на каматните стапки. На пазарите моментално преовладува проценката дека американската централна банка на состанокот во септември најверојатно ќе ги задржи каматните стапки непроменети.

Позитивно расположение имаше и на поголемиот дел од азиските берзи во средата. Индексот MSCI за азиско-пацифичкиот регион беше во плус од околу 0,6 отсто, продолжувајќи го растот втор ден по ред.

Цените на акциите во Хонгконг, Шангај, Јапонија и Јужна Кореја се зголемија меѓу 0,5 и 1,8 отсто, додека берзите во Индија и Австралија забележаа пад од 0,1 до 0,3 отсто.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange