Connect with us

Анализи

Волстрит во пад, неизвесноста околу Иран ги потресе пазарите

Објавено

на

Американските берзи забележаа пад во вторникот, додека инвеститорите стануваат сè попретпазливи поради неизвесноста околу можниот мировен договор меѓу САД и Иран, чија реализација е доведена во прашање пред истекот на примирјето.

Индексот S&P 500 се намали за 0,63 отсто, затворајќи на 7.064,01 поен, додека Nasdaq Composite ослабе за 0,59 отсто на 24.259,96 поени. Dow Jones Industrial Average изгуби 293,18 поени, односно 0,59 отсто, завршувајќи на 49.149,38 поени.

Зголемената загриженост дополнително ја поттикнаа извештаите на The New York Times и Axios, според кои патувањето на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на преговори со Иран било одложено поради недостиг на подготвеност на Техеран за компромис.

Ситуацијата дополнително ја искомплицира претседателот Доналд Трамп, кој најави можност за продолжување на примирјето, но и порача дека американската војска е подготвена за воена акција доколку не се постигне договор. Претходно во текот на денот, тој го обвини Иран дека повеќепати го прекршил прекинот на огнот.

На стоковите пазари, цените на нафтата го променија трендот по повеќедневниот пад. Американската нафта (WTI) порасна за 2,81 отсто на 92,13 долари за барел, додека Brent crude зајакна за 3,14 отсто на 98,48 долари.

Според Брајан Малбери од Zacks Investment Management, пазарот се соочува со длабока недоверба во однос на долгорочната одржливост на евентуален договор со Иран, имајќи ги предвид сложените политички и воени структури во земјата.

И покрај краткорочните потреси, дел од аналитичарите остануваат оптимисти. Силните квартални резултати на компаниите и очекуваниот двоцифрен раст на заработката и натаму обезбедуваат поддршка за пазарот, што укажува дека актуелниот пад би можел да биде привремен.

Потсетување дека во претходната недела S&P 500 и Nasdaq Composite достигнаа рекордни нивоа, поттикнати од надежите дека конфликтот на Блискиот Исток наскоро би можел да заврши. Воедно, Nasdaq ја прекина серијата од 13 последователни дена раст, најдолга од 1992 година.

Анализи

Германија предупредува: До 2029 година економијата ќе се соочи со недостиг од 723 илјади квалификувани работници!?

Објавено

на

Германија се соочува со сè поголем недостиг на квалификувана работна сила, а до 2029 година бројот на непополнети работни места би можел да достигне околу 723 илјади. Тоа е речиси двојно повеќе од недостигот од околу 370.000 работници регистриран во 2025 година, покажува најновата студија на Институтот за германска економија (IW).

Најголем недостиг се очекува во продажбата, каде што до 2029 година би можеле да останат непополнети околу 39.100 работни места. Следуваат грижата за деца и образованието со недостиг од околу 29.900 работници и социјалната работа и социјалната педагогија со околу 23.600 лица.

Недостигот ќе биде изразен и во здравството и негата, каде што се очекуваат околу 18.700 непополнети позиции, како и во електроизградбата, со дефицит од околу 17.400 квалификувани кадри.

Според авторот на студијата, Александер Бурштеде, главна причина за влошувањето на состојбата е големиот број работници кои во следните години ќе заминат во пензија, додека на пазарот на трудот не влегуваат доволно млади кадри. Дополнителен предизвик е и сè потешкото привлекување квалификувани работници од странство.

Бурштеде предупредува дека евентуалното економско закрепнување би можело дополнително да ја зголеми побарувачката за квалификувана работна сила, со што притисокот врз германскиот пазар на трудот би се зголемил.

Проекциите на Институтот за германска економија (IW) се изработени врз основа на податоци достапни до крајот на 2024 година и укажуваат дека недостигот на кадар ќе биде еден од клучните предизвици за германската економија во наредните години.

Продолжи со читање

Анализи

Најголемиот државен инвестициски фонд во светот планира да ги намали американските државни обврзници

Објавено

на

Норвешкиот државен инвестициски фонд, вреден околу 2,3 билиони долари, предлага да ја намали изложеноста кон државни обврзници, при што најголемо намалување би имало кај американските државни обврзници. Целта е поголема диверзификација на ризикот и можност за повисоки приноси од други инвестиции.

Раководството на Norges Bank Investment Management предложило уделот на државните обврзници во обврзничкото портфолио да се намали од 70 на 50 отсто. Според фондот, тоа ниво би обезбедило доволна ликвидност во периоди на пазарни турбуленции, но истовремено би оставило повеќе простор за вложување во други средства.

Според предложеното ребалансирање, уделот на американските државни обврзници постепено би се намалил од 34,1 на 21,9 отсто, а уделот на обврзниците од еврозоната од 16,8 на 14,1 отсто. Истовремено, уделот на јапонските државни обврзници би се зголемил од 4,6 на 7,4 отсто.

Фондот планира да го зголеми и уделот на американски недржавен долг, вклучително и корпоративни обврзници, од 16,2 на 27,6 отсто. Во плановите се споменуваат и инвестиции во хартии од вредност обезбедени со хипотеки.

Промените доаѓаат во период кога американскиот пазар на државни обврзници е под притисок, а приносите на долгорочните обврзници достигнуваат највисоки нивоа во последната деценија поради загриженоста за фискалната состојба и растечкиот американски долг.

Норвешкиот фонд моментално поседува околу 1,65 билиони долари во акции и околу 592 милијарди долари во инструменти со фиксен принос. Тој поседува речиси 1,5 отсто од акциите на сите котирани компании во светот.

Фондот во последните квартали бележи рекордни добивки благодарение на инвестициите во американски и азиски технолошки компании и компании поврзани со развојот на вештачката интелигенција. Сепак, стрес-тест на фондот покажал дека посериозна корекција кај компаниите поврзани со вештачката интелигенција би можела да ја намали неговата вредност за околу 740 милијарди долари, односно 35 отсто.

Извор: CNBC

Продолжи со читање

Анализи

Златото продолжува да поскапува, но се појавуваат сигнали за можна краткорочна корекција

Објавено

на

Цената на златото продолжува да бележи последователни добивки во најновото тргување, иако техничките показатели укажуваат дека благородниот метал влегол во зона на силна прекупеност, објави Economies.com.

Златото во моментов се соочува со отпор кај 50-периодниот експоненцијален подвижен просек (EMA50), додека индикаторите за релативна сила почнуваат да испраќаат негативни сигнали.

Според анализата, ваквата состојба би можела да доведе до краткорочно прибирање профит од страна на инвеститорите и до благо повлекување на цената, со што би се намалиле нивоата на прекупеност.

Сепак, негативните технички сигнали сè уште не се одразиле значително врз движењето на цената. Тоа, според аналитичарите, покажува дека интересот за купување останува силен и дека златото сè уште има потенцијал да продолжи со растот на краток рок.

Во моментов, цената се обидува да собере нов позитивен моментум кој би можел да помогне во надминување на притисокот од подвижниот просек и да отвори простор за нови добивки.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange