Банки
Величковски од Народната банка: Финтек-решенијата носат промени во дигиталните плаќања и отвораат нови можности за трговците и граѓаните
Новата правна рамка за платните системи во земјава создаде основа за зајакнување на конкуренцијата во платежната индустрија и намалување на трошоците за прифаќање дигитални плаќања во малопродажбата. Во своето излагање на конференцијата во организација на „Блумберг Адрија“, директорот на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи при Народната банка, Игор Величковски, посочи дека во 2024 година просечниот надоместок што трговците го плаќаат за прифаќање картички изнесува 1,1%, забележувајќи намалување од 0,1 п.п. во однос на 2018 година, од кога Народната банка објавува податоци за овој вид надоместоци, при што намалувањето кај одредени сектори е поизразено достигнувајќи 0.7 п.п. Во истиот период, бројот на трговци коишто прифаќаат дигитални плаќања на продажните места е зголемен за 36% и достигна 16,4 илјади трговци.
Правната рамка веќе отвори простор за појава на нови учесници – платежни институции и институции за електронски пари, коишто нудат алтернативи за граѓаните и трговците. Се очекува дека дел од овие институции наскоро ќе понудат иновативни решенија во земјава, во согласност со светските трендови во финтек-секторот.

Во контекст на очекувањата за следните 3 до 5 години, Величковски истакна дека финтек-решенијата ќе извршат голема промена.
„Се очекува дека финтек-компаниите ќе понудат дигитални паричници, коишто ќе овозможат побрзи и поевтини трансакции, нови начини на иницирање плаќања преку кодови за брз одговор (QR кодови) и опции за прифаќање плаќања без потреба од традиционалните ПОС-уреди. Овие решенија ќе им овозможат и на малите продавници да влезат во дигиталниот простор, а потрошувачите и компаниите ќе имаат подобра контрола врз своите финансии“, рече Величковски.
Тој додаде дека новите решенија, поддржани од концептот на отворено банкарство којшто треба да се примени најдоцна до март 2026 година, ќе придонесат за повеќе иновации и поефикасна малопродажба, приспособена кон дигиталните навики на потрошувачите. Истовремено, трендот на дигитализација на плаќањата ќе биде зајакнат со вклучувањето на банките во платежните шеми во СЕПА од 6 октомври 2025 година, што ќе донесе побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра за граѓаните и компаниите.
Банки
4 милиони евра за енергетски поефикасни домови: НЛБ Банка со нова кредитна линија од Европската банка за обнова и развој
НЛБ Банка преку нова кредитна линија во износ од 4 милиони евра ја зајакнува поддршката и го проширува пристапот на домаќинствата до зелено финансирање за енергетски поефикасни домови. Средствата се обезбедени во соработка со ЕБОР во рамките на програмата GEFF III REpower Residential на Западен Балкан, а ќе се пласираат преку Банката. Наменети се за зелени инвестиции што придонесуваат за енергетски поефикасни, поодржливи и покомфорни домови, овозможувајќи конкретни придобивки за граѓаните – намалени трошоци и подобрен квалитет на живеење.
Во време кога енергетската ефикасност и одговорното користење на ресурсите стануваат сè поважен дел од секојдневието, ваквата финансиска поддршка отвора можност повеќе домаќинства да ги реализираат потребните подобрувања во своите домови – изолација, нови прозори и врати, котли, топлински пумпи, сончеви колектори за топла вода, фотоволтаични системи или други енергетски ефикасни решенија.Сите овие технологии директно придонесуваат за пониски трошоци на домаќинствата, поголема удобност и порационална потрошувачка.
НЛБ Банка во своето портфолио веќе нуди зелени кредити наменети за поддршка на одржливи и еколошки решенија, а новата кредитна линија од 4 милиони евра од ЕБОР претставува зајакнување на оваа определба.
Дополнителна придобивка на овие кредити е повратот на средства, кофинансиран од Европската Унија, кој може да изнесува и до 20% од вкупната инвестиција. На овој начин, зелените кредити стануваат практичен инструмент преку кој енергетската ефикасност, одржливоста и заштитата на животната средина се претвораат во реални и достижни решенија за секое домаќинство.
Придобивки од „зелените“ инвестиции во домот
Кога домот троши помалку енергија, преку намалените сметки, придобивките се чувствуваат веднаш. Долгорочно, тие имаат и пошироко значење. Секоја инвестиција што ја намалува потребата од енергија придонесува и за помала потрошувачка на ресурси, помал притисок врз енергетскиот систем и помало влијание врз животната средина. Во Македонија, ваквите вложувања се особено значајни имајќи ја предвид потребата од обновување и модернизација на станбениот фонд.
Токму затоа, зеленото финансирање има сè поважна улога во претворањето на одржливоста од концепт во конкретна одлука за секое домаќинство. Со соодветна финансиска поддршка, граѓаните можат полесно да направат чекор кон зелени решенија.
*GEFF програмата на ЕБОР во Западен Балкан е кофинансирана од европската Унија преку инвестициската рамка за Западен Балкан, Австрија, јапонија, данска и швајцарија преку Партнерството со високо влијание врз климатската акција (HIPCA).
Анализи
ЕЦБ: Готовината и натаму е најприфатен начин на плаќање во еврозоната
Готовината останува најшироко прифатениот начин на плаќање на физичките продажни места во еврозоната, и покрај силниот раст на мобилните и другите дигитални плаќања, покажува ново истражување на Европската централна банка.
Според резултатите, готовина прифаќаат 92 отсто од компаниите што продаваат стоки и услуги на физички локации, наспроти 90 отсто во 2024 година. Од ЕЦБ оценуваат дека со тоа е запрен падот на прифаќањето на готовината забележан за време и по пандемијата.
Платежни картички прифаќаат 88 отсто од компаниите, што е приближно исто ниво како пред две години. Најголем раст има кај мобилните плаќања, чија прифатеност се зголемила од 36 на 68 отсто.
Готовината е најзастапена во трговијата, рестораните и хотелите, каде што ја прифаќаат 93 отсто од анкетираните компании. Во секторот на уметноста, забавата и рекреацијата уделот е понизок и изнесува 84 отсто.
Меѓу земјите од еврозоната, највисока стапка на прифаќање на готовината имаат Грција и Италија, со по 99 отсто, додека најниска е во Белгија со 81 отсто и Кипар со 76 отсто.
Од компаниите што веќе примаат готовина, 92 отсто очекуваат дека ќе продолжат да го прават тоа и во следните пет години. Како главни предности ги наведуваат приватноста и сигурноста, а како недостатоци ризикот од грешки при враќање кусур, безбедносните ризици и можноста за внатрешни измами.
Истражувањето опфатило 8.205 компании во сите 21 земја од еврозоната, а било спроведено од февруари до април 2026 година.
Банки
Иран наскоро ќе се приклучи на Новата развојна банка на БРИКС
Иран наскоро ќе стане членка на Новата развојна банка (NDB), финансиска институција основана од земјите-членки на БРИКС, соопшти гувернерот на иранската централна банка, Абдолнасер Хемати.
Хемати, кој учествува на состанок на гувернерите на централните банки на земјите од БРИКС во Индија, оцени дека формирањето на Новата развојна банка е еден од најзначајните резултати од соработката во рамките на групата.
Тој посочи дека соработката меѓу членките сè повеќе се проширува и во областа на монетарната и банкарската политика, како и во дигиталната економија.
Иран се залага и за зголемување на меѓусебната трговија меѓу земјите од БРИКС, поголема употреба на националните валути во плаќањата и развој на билатерална и трилатерална монетарна соработка.
На состаноците во Индија се разгледуваат и механизми за олеснување на трговијата, намалување на зависноста од американскиот долар во регионалните плаќања и поголема употреба на домашните валути меѓу членките на БРИКС.
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување на референт за работа со благајна
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка објави оглас за вработување во Тетово
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 1 месецИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули



