Банки
Усвоен Годишниот извештај на Комитетот за финансиската стабилност: И покрај предизвиците, стабилноста е задржана
Комитетот за финансиската стабилност, на седницата одржана на 6 март 2023 година, го усвои Годишниот извештај за работењето на Комитетот за 2022 година. Во Годишниот извештај се наведува дека финансискиот систем во земјава е стабилен, и покрај натамошните геополитички тензии од воената инвазија на Русија врз Украина, како и глобалните предизвици поврзани со енергетската криза и високите стапки инфлација. Сепак, во услови на зголемена неизвесност, уште повеќе е нагласена потребата за темелна процена на ризиците, соодветно управување со ризиците и натамошно градење капитал заради обезбедување поголем капацитет на финансиските институции за апсорпција на ризиците.
Во извештајот се посочува и дека Народната банка, во декември 2022 година, направи промена во макропрудентните мерки, односно ја зголеми стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиентите во домашната економија. Иако засега нема знаци за остварување на кредитниот ризик во билансите на банките, со зголемувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се делува превентивно, т.е. се придонесува за натамошно јакнење на капиталната сила на домашните банки, со што се зајакнува стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем, а со тоа и севкупната финансиска стабилност.
Со стапувањето во сила на Законот за финансиска стабилност се воспостави законската рамка за спроведување на макропрудентната политика во Република Северна Македонија. Комитетот за финансиската стабилност, пак, се утврдува како меѓуинституционално тело одговорно за следење на спроведувањето на макропрудентната политика во земјава и за координација на активностите при утврдувањето и следењето на системските ризици во одделните сегменти од финансискиот систем, при преземањето макропрудентни мерки и при подготовката и управувањето со финансиска криза. Со Законот за финансиска стабилност им се доделуваат експлицитни надлежности на регулаторите на финансискиот систем за преземање макропрудентни мерки насочени кон намалување на ранливоста и зголемување на отпорноста на одделните сегменти на финансискиот систем за кој се надлежни тие. На тој начин, надлежните регулатори, поединечно и заедно преку работата на Комитетот за финансиската стабилност, придонесуваат за постигнување и одржување на финансиската стабилност.
Комитетот е составен од сите регулатори на финансискиот систем во земјата, односно Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурување. Со Комитетот претседава гувернерот на Народната банка, а во услови на финансиска криза може да претседава и министерот за финансии, доколку така одлучат гувернерот и министерот. Ваквата структура овозможува доследно спроведување на препораките на Европскиот одбор за обезбедување ефикасен механизам на соработка помеѓу сите институции со надлежности во доменот на финансискиот систем.
Банки
Халкбанк со донација од 30.000 евра ја обнови „Халк Читална“ на Економскиот факултет во Скопје
Халкбанк АД Скопје ја реновираше и модернизираше „Халк Читална“ на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со донација во вредност од околу 30.000 евра.
Целта на донацијата е да се обезбедат подобри услови за учење, истражување и академски развој на студентите, преку создавање пофункционален и попријатен простор за нивните секојдневни активности.
Во рамки на реновирањето биле поставени нови енергетски ефикасни прозорци и нови теписони, со што читалната добила обновен и посовремен изглед.
Од Халкбанк посочуваат дека со оваа донација продолжуваат со поддршката на младите и образованието, како и со вложувањата во создавање услови во кои студентите ќе можат непречено да учат, да истражуваат и да ги развиваат своите идеи.

„Оваа донација е уште еден чекор во нашата поддршка на младите, образованието и создавањето услови во кои знаењето и идеите можат да растат“, наведуваат од Халкбанк.
Банки
Халкбанк со донација од 30.000 евра ја реновираше читалната на Економскиот факултет во Скопје
Со цел создавање уште подобри услови за учење, истражување и стекнување знаење за студентите, денес на Економскиот факултет во Скопје свечено беше пуштена во употреба реновираната и модернизирана „Халк Читална“, благодарение на донација од Халкбанк во вредност од околу 30.000 евра.
На настанот присуствуваа ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, деканот на Економскиот факултет, проф. д-р Мијалче Санта, професори на Економскиот факултет, претставници на Халкбанк и студенти.
Со донацијата се направени суштински подобрувања на инфраструктурата во читалната, вклучувајќи целосна замена и поставување нови енергетски ефикасни прозорци, како и нови теписони, со што просторот се трансформира во попријатна и пофункционална средина за секојдневните академски активности на студентите.
Деканот на Економскиот факултет, проф. д-р Мијалче Санта, истакна дека читалната е еден од најважните простори на факултетот, токму поради времето што студентите го поминуваат во неа и знаењето што таму го создаваат.
„Една читална се мери според тоа колку часови студентите ќе поминат во неа, колку испити ќе подготват и колку семинарски и дипломски трудови ќе напишат. Токму затоа ни беше важно овој простор да биде обновен, бидејќи условите во кои студентите учат покажуваат колку ние како институција ги цениме. Благодарни сме на Халкбанк што пристапи со прашањето што им е потребно на студентите. Нивната кампања „Важни за младите“ овде добива конкретен облик – преку подобри услови за учење и простор што ќе го користат сегашните и идните генерации студенти“, изјави деканот Санта.
Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, посочи дека обновената читална претставува директна инвестиција во студентите и во академската средина.
„Овој простор е многу повеќе од обновена читална. Тој е инвестиција во знаењето, во академската средина, а пред сè инвестиција во нашите студенти. Универзитетот го сочинуваат неговите наставници и студенти, па затоа условите во кои тие учат, истражуваат, создаваат и ги изразуваат своите идеи се подеднакво важни како и самата настава и истражувањето. Овој пример покажува колку е значајно кога Универзитетот и општествено одговорниот бизнис-сектор соработуваат со заедничка цел – создавање подобри можности за студентите и нивното образование. Искрено ѝ благодариме на Халкбанк за поддршката и за препознавањето на потребите на академската заедница“, истакна ректорката Ангелова.
Директорот на Халкбанк, д-р Фатих Шахбаз, посочи дека поддршката за Економскиот факултет е дел од пошироката определба на банката за вложување во младите и нивниот професионален развој.
„За Халкбанк, оваа донација е многу повеќе од инвестиција во подобрување на еден простор. Таа е инвестиција во студентите кои ќе го користат, во нивното знаење, развој и иднина. Затоа сакаме да придонесеме младите да имаат квалитетни услови за учење, но и можности стекнатото знаење да го поврзат со практично искуство. Нашата повеќегодишна соработка со Економскиот факултет токму тоа го овозможува, поврзување на академското знаење со реалниот деловен свет, преку студентски практики, професионален развој и можности за кариера. За нас ова е начинот на кој партнерството добива вистинска вредност, не само да поддржиме една институција, туку да бидеме партнер на генерациите кои ќе ја создаваат економијата на иднината“, посочи Шахбаз.
Реновирањето на читалната е уште еден чекор во ова партнерство, со заедничка цел да се создадат услови во кои знаењето, практичното искуство и новите идеи ќе можат да се развиваат.
За Халкбанк, поддршката на образованието е дел од пошироката општествена одговорност на банката и определбата да биде партнер на младите, образовните институции и заедницата.
„Халк Читална“ продолжува да биде место за учење и истражување, но и простор во кој можат да започнат нови идеи, професионални контакти и идни кариери.
Банки
Црна Гора ги заострува правилата за банките: казни до 40.000 евра за прекршување на обврските
Црна Гора подготвува построги правила за работењето на кредитните институции, со посебен акцент на интерните контроли, управувањето со ризиците и супервизорските овластувања на Централната банка.
Предлог-измените на Законот за кредитни институции, кои веќе се во собраниска процедура, предвидуваат попрецизни услови што ќе треба да ги исполнуваат раководителите на функциите за интерна контрола во банките.
Според предложените измени, раководителите на овие функции ќе мора да ги исполнуваат критериумите за соодветност, односно да имаат релевантно знаење, вештини и искуство за вршење на задачите поврзани со интерната контрола.
Целта е појасно да се дефинира одговорноста во клучните контролни функции во банките, особено во делот на управување со ризици, усогласеност на работењето и функционирање на системите за внатрешна контрола.
Предлог-законот предвидува и пошироки измени во регулаторната рамка, вклучително и во областа на супервизијата, регулаторниот капитал, известувањето, статутарните промени, финансиските холдинзи и работењето на филијали на кредитни институции од трети земји.
Најголемо внимание привлекуваат казнените одредби. За низа прекршувања на законските обврски, кредитните институции би можеле да бидат казнети со 20.000 до 40.000 евра.
Санкциите се однесуваат на пропусти во управувањето, интерните контроли, регулаторниот капитал, известувањето и постапувањето по барањата на Централната банка на Црна Гора.
Казни се предвидени и за одговорните лица. За одговорно лице во правно лице глобата би се движела од 5.000 до 20.000 евра, за претприемач од 5.000 до 30.000 евра, додека физичко лице за одредени прекршоци би можело да биде казнето со 3.000 до 15.000 евра.
Измените се дел од понатамошното усогласување на црногорската банкарска регулатива со правото на Европската унија. Владата на Црна Гора го утврди предлог-законот на 1 октомври и предложи Собранието да го разгледува по итна постапка.
-
Кариерапред 2 месециНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Банкипред 2 месециНОВО: Комерцијална банка воведе штедење на 25 и на 40 месеци со фиксни каматни стапки
-
Банкипред 1 месец10% поврат на средства со Mastercard картичките на Стопанска банка секој први во месецот
-
Анализипред 1 месецМакедонија ќе има два система за инстант плаќања: КИБС Инстант и мобилна апликација „Стрела“ преку КИБС и TIPS Clone преку Народната банка
-
Колумнипред 2 месециКој ќе биде македонскиот Revolut?
-
Осигурувањепред 2 месециЗОИЛ Македонија го смени името во Алта Осигурување, седиштето се сели во Скопје
-
Банкипред 1 месецКристина Трпезановска: NLB Smart POS им овозможува на малите бизниси полесен пристап до дигитални плаќања
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува ИТ професионалец – Специјалист за ИТ за независна валидација

