Connect with us

Банки

Силк Роуд Банка овозможи отворање платежна сметка преку OneID

Објавено

на

Силк Роуд Банка нуди дигитална услуга која им овозможува на граѓаните да отворат платежна сметка онлајн, користејќи го системот за електронска идентификација OneID. Со оваа услуга, банката прави чекор поблиску до целосно дигитално банкарство.

Процесот започнува со едноставно пополнување на апликативна форма, со што корисникот дава согласност банката да го преземе неговиот дигитален идентитет преку платформата OneID. Потоа, во зависност од тоа дали корисникот веќе има креиран дигитален идентитет, постапката се одвива на два начина.

Корисниците кои веќе имаат активен OneID ќе добијат нотификација на својот мобилен уред дека банката бара пристап до нивниот идентитет, по што треба да ја потврдат согласноста преку апликацијата. По потпишувањето, добиваат е-пошта или СМС порака за продолжување на процесот на внесување податоци.

За оние кои немаат креирано дигитален идентитет, банката испраќа упатства за инсталирање на OneID апликацијата и креирање на профил. По завршување на регистрацијата, корисникот добива барање за согласност за преземање на податоците од страна на банката.

Со онлајн аплицирањето, клиентите потврдуваат дека се запознаени и се согласуваат со условите за користење, вклучително и рамковниот договор, тарифите и правилата за електронска идентификација. Дополнително, потребно е да се изјаснат дека не се носители на јавна функција, немаат САД индиции и се резиденти на Северна Македонија.

Од банката информираат дека услугата не е достапна за нерезиденти, малолетни лица и политички изложени лица, како и за граѓани со САД индиции.

Се нагласува дека КИБС АД Скопје, како оператор на OneID, функционира како независен контролор на личните податоци. Со давање согласност, корисниците дозволуваат преземање на нивните лични и контакт податоци, како и податоци од Централниот регистар на население, неопходни за отворање на платежната сметка.

Банки

Светска банка и IFC со 700 милиони долари за проширување на дигиталните плаќања

Објавено

на

Меѓународната финансиска корпорација (IFC), членка на Групацијата на Светска банка насочена кон приватниот сектор, започна нова иницијатива за споделување на ризикот, со која треба да им се помогне на банките, fintech-компаниите и другите финансиски институции на пазарите во развој да го прошират пристапот до дигитални плаќања за потрошувачите и малите бизниси.

Иницијативата првично предвидува до 700 милиони долари гаранции за покривање на дел од кредитниот ризик при порамнување на плаќањата. На тој начин, според IFC, повеќе финансиски институции ќе можат да понудат сигурни и иновативни услуги за дигитално плаќање.

Во дел од пазарите во развој, финансиските институции се соочуваат со финансиски барања што го ограничуваат нивното учество во глобалните платежни екосистеми. Како последица, милиони граѓани и локални трговци и натаму се потпираат на готовина и немаат целосен пристап до придобивките од дигиталните плаќања.

Од IFC посочуваат дека новиот механизам треба да го олесни пристапот до дигитални платежни услуги, особено за сопствениците на мали бизниси, жените претприемачи и лицата кои досега биле надвор од формалниот финансиски систем.

„Проширувањето на дигиталните плаќања на пазарите во развој е една од најмоќните алатки за создавање работни места и вклучување на луѓето во формалната економија“, изјави извршниот директор на IFC, Махтар Диоп.

Според проценките на IFC, финансиските институции што ќе учествуваат во иницијативата би можеле да забележат зголемување на дигиталните плаќања за околу 280 милијарди долари.

Се очекува тие да издадат дополнителни 360 милиони картички, додека бројот на активни корисници на дигитални платежни услуги би можел да се зголеми за 90 милиони, од кои 39 милиони жени.

Од IFC очекуваат иницијативата да ја зголеми конкуренцијата и да придонесе за подобар квалитет и поголема достапност на платежните услуги на пазарите во развој.

Продолжи со читање

Банки

ЕЦБ ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени поради високата инфлација

Објавено

на

Европската централна банка одлучи да ги зголеми трите клучни каматни стапки за 25 базични поени, односно за 0,25 процентни поени, поради продолжените инфлациски притисоци поврзани со конфликтот на Блискиот Исток.

По одлуката на Управниот совет на ЕЦБ, каматната стапка на депозитната олеснителна линија ќе изнесува 2,50 отсто, стапката за главните операции за рефинансирање 2,65 отсто, а стапката на маргиналната кредитна олеснителна линија 2,90 отсто. Новите стапки ќе почнат да важат од 16 септември 2026 година.

Од ЕЦБ посочуваат дека инфлацијата се очекува подолг период да остане значително над целта од 2 отсто, поради што централната банка останува посветена на водење монетарна политика што треба да обезбеди стабилизирање на инфлацијата на среден рок.

Според новите проекции на експертите на ЕЦБ, просечната вкупна инфлација се очекува да изнесува 3,0 отсто во 2026 година, 2,5 отсто во 2027 и 2,1 отсто во 2028 година. Инфлацијата без енергија и храна се прогнозира на 2,5 отсто годинава, 2,6 отсто во 2027 и 2,3 отсто во 2028 година.

Во однос на економскиот раст, ЕЦБ очекува еврозоната да забележи раст од 0,9 отсто во 2026 година, 1,4 отсто во 2027 и 1,5 отсто во 2028 година. Проекциите за 2026 и 2027 година се ревидирани нагоре, главно поради поголемата од очекуваната отпорност на економијата на еврозоната.

Од ЕЦБ предупредуваат дека економските изгледи и натаму се проследени со висока неизвесност, при што ризиците за инфлацијата се насочени нагоре, а за економскиот раст надолу.

Управниот совет најави дека и натаму ќе носи одлуки врз основа на економските и финансиските податоци и проценките за инфлацијата, без однапред да се обврзува на конкретна патека на каматните стапки.

Портфолијата во рамки на програмите за купување средства APP и PEPP продолжуваат постепено да се намалуваат, бидејќи Евросистемот повеќе не ги реинвестира средствата од хартиите од вредност што достасуваат.

Продолжи со читање

Банки

30% попуст на Ananas.mk со НЛБ кредитните картички до 30 септември

Објавено

на

Корисниците на НЛБ кредитните картички можат да добијат 30% попуст на целиот асортиман на Ananas.mk во периодот од 10 до 30 септември.

Попустот се активира со внесување на ваучер кодот NLB30 при плаќањето, а максималниот износ на попустот изнесува 3.600 денари по трансакција.

Промотивната поволност важи за сите производи на платформата, а доколку одредени производи веќе се на акција, дополнителниот попуст од 30% се пресметува на веќе намалената цена.

Од НЛБ Банка посочуваат дека понудата е наменета не само за набавките поврзани со почетокот на учебната година, туку и за сите дополнителни потреби што може да се појават во текот на годината.

Промоцијата е достапна до 30 септември за сите корисници на НЛБ кредитни картички.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange