Connect with us
no baners

Банки

Одржана седница на Советот на Народната банка: Усвоен Годишниот извештај и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем за 2024 година

Објавено

на

Советот на Народната банка на својата последна седница го усвои Годишниот извештај за 2024 година. Во Извештајот се истакна успешното остварување на целите на централната банка, што е потврдено и од најрелевантните меѓународни финансиски институции, а се согледува преку натамошното забавување на инфлацијата, одржувањето на стабилноста на  девизниот курс и натамошното јакнење на финансиската стабилност. Иако условите сѐ уште се неизвесни, добрите трендови кај инфлацијата и девизните резерви овозможија постепена нормализација на монетарната политика. Паралелно со справувањето со макроекономските предизвици, Народната банка оствари и бројни проекти.

Во светски контекст, 2024 година беше обележана со силни геополитички тензии и трансформации поврзани со дигитализацијата и вештачката интелигенција, поради што се зголеми неизвесноста. Сепак, светската економија и натаму закрепнува, а раст од 2,8%  забележа и македонската економија. Просечната стапка на инфлација забавуваше и се сведе на 3,5%, од 9,4% претходната година, одразувајќи ги постабилните движења кај цените на храната, енергијата и базичната инфлација, како и ефектите од соодветната монетарна поставеност. Соодветно на поволните трендови кај инфлацијата и на девизниот пазар, Народната банка започна со постепено нормализирање на монетарната политика. Основната каматна стапка беше намалена трипати до нивото од 5,35%, а беа намалени и каматните стапки на депозитите, но поумерено. Покрај ова, мерките преземени во областа на задолжителната резерва придонесоа за натамошно јакнење на денаризацијата и долгорочното штедење.

Во рамките на Годишниот извештај е даден осврт и на извршувањето на Програмата за работа на Народната банка, при што се заклучи дека во текот на 2024 година, покрај редовните работни процеси се работеше и на повеќе проекти коишто овозможуваат воведување промени во работењето од аспект на зголемување на ефикасноста, квалитетот, транспарентноста и сигурноста, усогласување со новите законски барања, европските прописи и меѓународните стандарди.

Како едно од најзначајните достигнувања во текот на 2024 година е поднесувањето на барањето за членство во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Под водство на Народната банка, беа преземени бројни активности за усогласување на националната регулативата со законодавството на ЕУ, што го овозможија приемот на нашата земја како 39-тата членка на СЕПА на 6 март годинава. Овој чекор претставува значаен напредок на патот кон ЕУ и потврда за високите регулативни барања и стандарди за домашните финансиски институции при извршувањето на плаќањата.

Заради обезбедување на потребната ефикасност на плаќањата во евра со зачленувањето на земјава во СЕПА, Советот на Народната банка на денешната седница изврши дополнителни промени во регулативната рамка за извршување на плаќањата со странство. Со овие измени, коишто ќе започнат да се применуваат од 5 октомври годинава, кога давателите на платежни услуги ќе може за првпат да се приклучат кон платните системи во СЕПА, се постигнува значителна либерализација на прекуграничните плаќања. Имено, се укинуваат преостанатите обврски за задолжително поднесување документација при извршувањето на одливните и приливните плаќања со странство. Истовремено, паричните средства од странство ќе им се ставаат на платежните сметки на граѓаните и компаниите веднаш, а најдоцна следниот работен ден. Само за мал број плаќања, за кои се предвидени законски ограничувања до влезот на земјата во Европската Унија, и натаму ќе се приложува документација и одложено ќе им се ставаат на располагање на примачите. Овие измени на регулативната рамка ќе ја зголемат ефикасноста на процесите во банкарскиот сектор, со што ќе се создадат услови за побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и за компаниите.

Во текот на годината, засилено се работеше на повеќе активности и проекти насочени кон модернизација на работењето, натамошно зголемување на отпорноста на финансискиот систем и поддршка на одржливиот развој. Особено се издвојуваат следниве:

  • Беа донесени измени и дополнувања на Законот за Народната банка според препораките на ММФ и највисоките меѓународни практики;
  • Беа донесени макропрудентни мерки со што дополнително се зајакна отпорноста на банкарскиот сектор;
  • Се работеше на 12 подзаконски акти за решавање банки, коишто беа донесени во март 2025 година, а беше изготвен и нов предлог за Законот за банките, согласно најновите стандарди;
  • Беше објавен за првпат Прегледот на зелени финансии – статистички податоци за климатските промени;
  • Беше воспоставена нова унапредена рамка за макрострес-тестирање на отпорноста на банкарскиот систем на макроекономски шокови, а се работеше и на развивање посебна рамка за стрес-тестирање на влијанието климатските ризици врз банкарскиот систем
  • Во рамките на членството во Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (НГФС), експерти од Народната банка учествуваа во изготвувањето на Водичот за обелоденување на ризиците и можностите поврзани со климатските ризици за централните банки;
  • Беше изработен првиот предлог за Политиката за одржливост на Народната банка;
  • Во 2024 година, Народната банка им овозможи на граѓаните бесплатно, брзо и лесно добивање извештај од Кредитниот регистар, преку Националниот портал за услуги;
  • Беше воведена нова веб-услуга за автоматизирано преземање на податоците од Курсната листа;
  • Беше склучен Меморандумот за соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), за примената на Кодексот за финансирање на жените претприемачи во нашата земја;
  • Народната банка ги изработи за првпат Насоките за поголемо вклучување на лицата со попреченост како потрошувачи во банкарскиот сектор за банките;
  • Беше објавена Брошурата наменета за лицата со оштетен вид, за финансиска едукација и информирање за нивните права.
  • Беа збогатени податочните сетови со нови податоци од статистиката на финансиските сметки и беа скратени роковите за објавување и доставување на меѓународната инвестициска позиција (МИП) и месечниот платен биланс (ПБ), согласно барањата на ЕУ.

Во Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2024 година, којшто беше усвоен на истата седница, се наведува дека банкарскиот систем и во 2024 година функционира стабилно, со засилен раст на депозитите и кредитите, подобрување на ликвидноста и солвентноста, како и со одржување добар квалитет на кредитното портфолио. Стапката на адекватност на капиталот, во текот на 2024 година, достигна нивоа коишто се највисоки од 2006 година наваму, а на крајот од годината изнесуваше 18,9%. И покрај позитивните трендови, и натаму има потреба од внимателно следење на ризиците, особено поради нестабилното геополитичко окружување и потенцијалните надворешни шокови.

Советот на Народната банка на седницата разгледа и усвои и други материјали од областа на работењето на Народната банка.

Банки

Комерцијална банка потсетува: Охридско лето 66 години ја испишува културната историја на Македонија

Објавено

на

Фестивалот „Охридско лето“ веќе 66 години претставува еден од најзначајните културни настани во Македонија, обединувајќи врвни музички и театарски уметници на сцените во Охрид.

По повод долгогодишната традиција на фестивалот, Комерцијална банка потсети на неколку значајни моменти од неговата историја. Приказната започнува во 1961 година, кога во црквата „Света Софија“ настапила оперската дива Ана Липша-Тофовиќ, придружувана од пијано донесено специјално за таа вечер, прво од ваков вид во Охрид.

Со текот на годините, „Охридско лето“ од фестивал посветен на музичката уметност прераснало и во реномирана театарска сцена, привлекувајќи домашни и странски уметници и публика.

Секое свечено отворање на фестивалот започнува со химната компонирана од македонскиот композитор Томислав Зографски, а од 1994 година манифестацијата е дел од европското семејство на најзначајни културни фестивали.

Од Комерцијална банка, која со години е поддржувач на фестивалот, истакнуваат дека „Охридско лето“ не е само календарски настан, туку културно наследство и значаен промотор на македонската култура пред светската јавност.

Благодарение на својата традиција, уметничка вредност и меѓународен углед, фестивалот продолжува да го потврдува местото на Охрид меѓу препознатливите светски културни дестинации.

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк овозможува пристап до Истанбулската берза за домашните инвеститори

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје најави нова можност за своите клиенти, овозможувајќи им пристап до тргување на Истанбулската берза, една од најголемите и најдинамични пазари на капитал во регионот.

Од банката посочуваат дека преку оваа услуга инвеститорите ќе можат да го прошират своето портфолио и да вложуваат во компании од различни индустрии, со што ќе ја зголемат диверзификацијата на своите инвестиции.

„Нов пазар. Нови можности. Твојот следен паметен инвестициски потег е тука“, порачаа од Халкбанк, нагласувајќи дека клиентите ќе добијат поддршка од тимот за брокерски услуги за полесен и побезбеден пристап до турскиот пазар на капитал.

Според банката, новата понуда им овозможува на инвеститорите да излезат надвор од домашниот пазар и да ги искористат можностите што ги нуди една од водечките берзи во регионот.

За повеќе информации заинтересираните можат да се обратат до брокерскиот тим на Халкбанк преку телефонските броеви 02/3 285 628, 02/3 285 728 и 02/3 285 450 или на електронската адреса [email protected].

Продолжи со читање

Банки

Вицегувернерот Величковски: Eдноставни и евтини дигитални решенија за поголемо прифаќање електронски плаќања кај малите трговци

Објавено

на

„И покрај добрата дигитална подготвеност на граѓаните, прифаќањето електронски плаќања кај малите трговци е ограничено и претставува голем предизвик за платниот систем во земјава.“ Ова беше истакнато од вицегувернерот на Народната банка Игор Величковски на отворањето на работилницата „Премостување на јазот кај прифаќањето на електронските плаќања од страна на трговците: Форум на засегнатите страни за заклучоците и следните чекори“, организирана во соработка со Светската банка.

Тој посочи дека земјава има силна основа за дигитални плаќања, со тоа што 84% од граѓаните поседуваат платежна сметка, тројца од четворица жители кои поседуваат платежна сметка примиле или испратиле плаќања преку дигиталните канали, а покриеноста на територијата на државата со интернет и мобилна мрежа е над 90%. Сепак, повеќе од 90% од плаќањето стоки и услуги кај малите трговци сè уште се извршуваат во готовина. Во земјава кај приближно 16.700 трговци има околу 36.000 уреди на кои се прифаќаат плаќања, што покажува дека прифаќањето е концентрирано и нееднакво, особено кај малите бизниси.

Величковски нагласи дека главниот проблем не е дали граѓаните можат да плаќаат дигитално, туку дали малите трговци можат да го прифатат тоа дигитално плаќање. „Малите трговци сè уште ги сметаат електронските плаќања за скапи и сложени“, истакна тој, додавајќи дека решението е во нови, поедноставени модели на прифаќање.

Според него, конкретните чекори што ќе го намалат јазот се: воведување инстант плаќања до крајот на годината преку клонот на ТИПС, развиен од Банката на Италија за земјите од Западен Балкан согласно одлука на Европската централна банка, и придружните услуги како национален интероперабилен код за брз одговор (QR) што ќе може да се користи од сите корисници на платежни услуги независно од давателот на платежни услуги, плаќања преку едноставни идентификатори (алијаси)инстант потврда за секоја трансакција, развивањето на т. н. „Барање за плаќање (услуги)“ и дополнително развивање мобилни апликации, вклучително и од небанкарски даватели.

Тој посочи дека овие решенија директно ги засегаат најголемите препреки за малите трговци: високите трошоци за уредите за прифаќање на плаќањата, сложените процеси и недоволната флексибилност на постојните системи. „Со овие услуги, прифаќањето дигитални плаќања може да стане едноставно како примање порака на телефон“, нагласи Величковски.

Вицегувернерот ја нагласи и соработката со Светската банка во спроведувањето на реформите, вклучително и приклучувањето кон СЕПА и модернизацијата на платежната инфраструктура. „Целта е јасна, секој мал трговец во земјава да има можност да прифаќа дигитално плаќање без препреки, високи трошоци и сложени системи“, заклучи Величковски.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange