Connect with us
no baners

Интервјуа

Интервју | СИЛВАНА МИЛЕНКОВА И РАДИСАВ БУЛАТОВИЌ: Најважни се добрата комуникација, емоционалната интелигенција, искреноста и создавање на долгорочни односи на доверба со клиентите

Објавено

на

Во динамичниот свет на животното осигурување, довербата, професионалноста и човечката посветеност се клучни за создавање долгорочни и стабилни односи со клиентите.

Токму на овие вредности се темели работата на Силвана Миленкова и Радисав Булатовиќ, менаџери на продажба во Винер Лајф Осигурување. Со долгогодишно искуство, посветеност кон едукација на клиентите и развој на силни продажни тимови, тие се пример за тоа како правилниот пристап може да донесе успех и за компанијата и за осигурениците.

Во ова интервју, ви ги пренесуваме нивните искуства, предизвиците со кои се соочуваат и значењето на животното осигурување во секојдневието.

Банкарство: Како започна вашата кариера во Винер Лајф осигурување и што ве
мотивираше да се насочите кон продажба на животно осигурување?

Силвана Миленкова: Свесноста за потребата од сигурност за себе и своите најблиски ме мотивира и ме натера на размислување да се насочам кон работа и кариера во продажбата на животно осигурување.

Радисав Булатовиќ: Продажбата отсекогаш ме привлекувала, сакав работа со луѓе и реална помош. Во Винер Лајф дојдов по мое лично искуство кога осигурувањето ми помогна во тешка ситуација – тогаш ја сфатив вистинската вредност на тоа што го работиме.

Банкарство: Што најмногу ве инспирира во работата со луѓе и во процесот на продажба на поризводите кои ги нудите и објаснување на клиентите за вредноста на животното осигурување?

Радисав Булатовиќ: Ме инспирира тоа што животното осигурување е производ што му е вистински потребен на секој човек. Ми значи кога можам да објаснам колкава вредност носи и да помогнам некој да се чувствува посигурно за себе и за своето семејството.

Силвана Миленкова: Ме инспирира секогаш кога имам можност да помогнам на други луѓе да бидат свесни и подготвени за непредвидливи ситуации во животот, бидејки секогаш животот е на прво место.

Банкарство: Кои лични квалитети според вас се најважни за еден успешен продавач во оваа област?

Радисав Булатовиќ: Најважни се добрата комуникација, емоционалната интелигенција и искреноста. Работиме со многу важни одлуки за луѓето, затоа довербата и човечкиот пристап се клучни.

Силвана Миленкова: Создавање на долгорочни односи на доверба на клиентите со нас, фамилијаризација со клиентите, можност да разбудиме свест кај клиентите со цел да направат чекор за посигурна иднина, внимателност, несебичност и самоувереност.

Банкарство: Можете ли да споделите некое посебно лично искуство со клиент на кој сте му помогнале да сфати колку е важно да има животно осигурување?

Радисав Булатовиќ: Имав клиент кој ја откупи својата полиса, мислејќи дека нема потреба од неа. По неколку месеци доживеа несреќа и тогаш многу зажали за одлуката. За жал, самата ситуацијата во која се најде му ја покажа важноста и значењето на осигурувањето, а тоа само ми потврди колку е битно навреме да се има заштита.

Силвана Миленкова: Секако според моето долгогодишно искуство во работата со продажба на животно осигурување, секоја продадена полиса е посебно и драгоцено искуство. Но, еве некои примери каде местото и условите не се клучни за постигнување на резултати. Имав прилика на пазар, каде што работеше еден брачен пар и немаа никакво пензиско осигурување при разговор да сватат дека ова е им е потребно и се одлучија во истиот момент да направат полиси и за двајцата под вонредни услови на тезга.

Банкарство: Дали имало ситуации кога клиентот првично бил скептичен, но по разговорот со вас го променил ставот? Како изгледаше тој процес?

Радисав Булатовиќ: Секако, тоа се случува често и токму затоа ја сакам оваа работа. Не ја гледам како продажба, туку како да им помогнам на луѓето да ја разберат важноста од заштита за себе и за своето семејство. Кога ќе сфатат дека станува збор за сигурност и грижа, а не за трошок, тогаш ставот се менува. Тоа за мене ја прави оваа работа хумана.

Силвана Миленкова: Ситуации кога клиентот е скептичен се случуваат секој ден, но токму тоа ми е дополнителен мотив да разговарам со клиентите и најпрво да откријам зошто имаат таков став, па потоа да го променам начинот на гледање и перцепција на животното осигурување.

Банкарство: Како ја градите довербата со клиентите, особено со оние кои првпат се среќаваат со концептот на животно осигурување?

Радисав Булатовиќ: Довербата ја градиме со искреност и транспарентност. Секогаш јасно објаснувам што добива клиентот и зошто. Тоа е и основниот принцип на нашата компанија.

Силвана Миленкова: Како и секогаш довербата се гради со искреност, транспарентност и професионалност пред се. Клиентите мора да се стекнат со доверба, со почит, да го зголемиме разбирањето со нив, за да разговараат со нас и да почувствуваат дека се грижиме за нив.

Банкарство: Кои се најчестите дилеми или погрешни перцепции што клиентите ги имаат за животното осигурување и како им ги разјаснувате?

Силвана Миленкова: Во најчест случај пристапуваат со недоверба заради непотполна информираност, но секако пристапуваме професионално и настојуваме да ја промениме перцепцијата и да ја отстраниме недовербата. Многу често, клиентите размислуваат дека животното осигурување е трошок, дека немаат пари за ова, но првично не ја гледаат смислата и потребата да имаат полиса за животно осигурување, бидејќи периодот е долг и сметаат дека попаметно би ги инвестирале средствата за други цели.

Радисав Булатовиќ: Често луѓето се несигурни поради недостиг на информации. Нашата задача е да им помогнеме да го разберат значењето и важноста на животното осигурување.

Банкарство: Ако треба со една реченица да објасните зошто секој човек треба да има животно осигурување, што би посочиле?

Радисав Булатовиќ: Никој не може да ја предвиди иднината, но со животно осигурување можеме да ја обезбедиме и да живееме безгрижно!

Силвана Миленкова: Животното осигурување ни обезбедува финансиска заштита и стабилност на нас и нашите најблиски дури и кога нас ќе не нема.

Банкарство: Продажбата на животно осигурување не е секогаш лесна, што ве мотивира да останете истрајни и позитивни секој ден и кои се трите најважни совети што би им ги дале на младите продавачи кои сакаат да се изградат во оваа професија?

Радисав Булатовиќ: Ме мотивира хуманиот аспект на работата – помагање на луѓето. На младите продавачи им советувам: искреност, транспарентност и почитување.

Силвана Миленкова: Продажбата на животно осигурување секако дека не е секогаш лесна, бидејки продаваме визија и доверба, но јасно поставените цели, постигнатите резултати се елементи кои секојдневно ме мотивираат.

Младите луѓе кои сакаат да се развиваат и напредуваат во оваа професија се
добредојдени и мора да поседуваат силна желба за оваа работа да имаат став, ентузијазам, да имаат сопствени цели,способност за комуникација, способност на донесување на одлуки, самостојни и да бидат визионери.

Банкарство: Што според вас ја прави продажбата во Винер Лајф поинаква од другите компании во осигурителниот сектор?

Радисав Булатовиќ: Во Винер Лајф, продажбата е посебна затоа што не нудиме само производи, туку решенија кои вистински ги штитат и поддржуваат клиентите во сите аспекти на нивниот живот.

Силвана Миленкова: Секоја компанија има свој начин на функционирање, свои цели и според тоа постигнува одредени резултати на пазарот за животно осигурување во Македонија. Нашата компанија Винер Лајф нуди квалитетна услуга, професионална поддршка и човечки пристап кон клиентите со јасна комуникација се со цел да се изнајде најдобро решение за потребите на клиентите како и покривање на одредени ризици и чувството на сигурност и стабилност.

Банкарство: Вие сте менаџери на продажба во Винер Лајф. Објаснете ни накратко како го водите вашиот тим и како ги мотивирате вашите соработници да постигнуваат високи резултати?

Силвана Миленкова: На секој вработен во тимот му посветувам внимание за соодветна обука и едукација за начинот на работа за производите кои ги нудиме на клиентите, секојдневно советување околу одредени ситуации и презентации, подршка и менторирање доколку им е потребно, признание на нивните успеси, зголемување на самодовербата итн.

Радисав Булатовиќ: Ги мотивирам преку доверба и јасни насоки и со тоа што секогаш им покажувам колку нивниот труд го прави животот на клиентите посигурен.

Банкарство: Како изгледа еден успешен ден во вашиот тим – од првиот контакт со клиентот до потпишување на полисата?

Силвана Миленкова: При првиот контакт со клиентот низ широк разговор го слушаме и го разбираме како размислува кои се неговите приоритети во финансиска смисла ја пронаоѓаме неговата потреба зошто би издвојувал средства и нудиме соодветно решение. На тој начин клиентот се стекнува со доверба, бидејки може да ја почувствува грижата од наша страна. Емоцијата (чувството) е она што е клучно во продажбата на животно осигурување. Кога кај клиентот ќе го постигнеме тоа, тогаш само ја потпишуваме полисата.

Радисав Булатовиќ: Успешен ден е кога клиентот ќе си замине со чувство на сигурност, а ние знаеме дека сме направиле вистинска разлика во неговиот живот.

Банкарство: Колку успешни продавачи сте помогнале да се развијат во рамки на вашиот тим и што најмногу ве прави горди како лидер?

Силвана Миленкова: Во мојот тим сите се успешни продавачи и секако најмногу ме прави горда постигнатите резултати од нивна страна.

Радисав Булатовиќ: Најмногу ме радува кога гледам како моите колеги се ‘будат’ за својот потенцијал, ја откриваат својата сила и со самодоверба постигнуваат резултати кои ги изненадуваат и самите. Тоа е моментот кога знам дека мојата работа како лидер има смисла.

Банкарство: Што е најинтересно во вашата работа, нешто што луѓето можеби не го знаат, но би ги изненадило?

Радисав Булатовиќ: Најинтересно во мојата работа е тоа што, со текот на времето, многу клиенти стануваат повеќе од клиенти – стануваат пријатели.

Банкарство: Кои се вашите лични цели и визија за периодот што претстои?

Силвана Миленкова: Моите лични цели и визија за следниот период е секако уште поголеми и континуирани успеси со се поголем број на клиенти кои ќе ни ја подарат довербата.

Радисав Булатовиќ: Моите лични цели се да продолжам да развивам успешен тим, да помогнам повеќе млади продавачи да ја пронајдат својата сила и да им овозможам на клиентите сигурност и безгрижна иднина.

Интервјуа

FinSight | Снежана Станковиќ: Пензиските фондови добиваат три инвестициски стратегии според возраста и ризикот

Објавено

на

Разговараме со Снежана Станковиќ, Претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско друштво, за новите законски измени и промените во начинот на инвестирање на средствата во пензиските фондови.

Таа објаснува дека досега сите членови во пензискиот фонд биле опфатени со една заедничка инвестициска стратегија, без разлика на возраста или профилот на ризик.

„Средствата се инвестираа врз основа на единствена инвестициска стратегија која важеше за сите членови, независно од нивната возраст“, вели Станковиќ.

Со новите законски измени, во рамките на истиот пензиски фонд ќе се формираат различни под-фондови, односно портфолија со различен степен на ризик и инвестициски пристап.

„Сега се предвидуваат растечко, балансирано и конзервативно портфолио, чија суштина е различна инвестициска стратегија и различен ризик“, објаснува таа.

Кај растечкото портфолио, фокусот е ставен на долгорочни инвестиции и повисок потенцијал за принос.

„Растечкото портфолио подразбира инвестициска стратегија на долг рок со финансиски инструменти со повисока ризичност, што овозможува и повисоки приноси“, посочува Станковиќ.

Балансираното портфолио, додава таа, е комбинација од умерен ризик и умерен принос.

„Кај балансираното портфолио имаме умерена инвестициска стратегија и умерен ризик“, вели Станковиќ.

Конзервативното портфолио, пак, е наменето за членови кај кои сигурноста има најголемо значење.

„Тука фокусот е на заштита на средствата, особено за пензионерите или лицата пред пензија, кога ликвидноста и сигурноста се најважни“, нагласува таа.

Според Станковиќ, секоја од трите стратегии ќе има различна структура на инвестиции и различни ограничувања за финансиските инструменти во кои ќе може да се вложуваат средствата на членовите.

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight со Дарко Дедиќ: Колку е важно животното осигурување за финансиската сигурност?

Објавено

на

Гостин во FinSight е Дарко Дедиќ, со кого разговараме за значењето на животното осигурување, финансиската заштита на семејствата и навиките на граѓаните кога станува збор за долгорочна сигурност.

Во интервјуто, Дедиќ објаснува што всушност опфаќа животното осигурување, кои се најчестите дилеми што ги имаат граѓаните и колку средства е потребно да се издвојуваат за една полиса. Разговараме и за тоа што се случува доколку осигуреникот во одреден период не може да ја плаќа полисата, дали таа престанува да важи и какви можности постојат за продолжување на осигурувањето.

Посебен акцент е ставен и на прашањето што добива осигуреникот по истекот на полисата, дали животното осигурување опфаќа само заштита на животот или и дополнителни покритија, како и што се случува со кредитните обврски во случај на смрт на осигуреникот.

Во разговорот се отвора и темата за развојот на животното осигурување во Македонија, споредбата со европските пазари и потребата од поголема финансиска едукација и подигнување на свеста кај граѓаните за придобивките од оваа форма на финансиска заштита.

Следете го целото интервју со Дарко Дедиќ на YouTube каналот на FinSight.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight | Снежана Станковиќ | Дали сме подготвени за новиот пензиски модел?

Објавено

на

Во новото издание на FinSight разговараме со Снежана Станковиќ, Претседателка на Управниот одбор во Сава пензиско за клучните измени што ќе го обликуваат пензискиот систем во наредниот период.

Пензискиот систем во земјава влегува во нова фаза на трансформација. Со најавените измени во Законот за задолжително пензиско осигурување се воведува нов концепт на управување со пензиските заштеди, кој треба да овозможи поголема флексибилност, но и поголема одговорност за осигурениците.

Во ова интервју, Снежана Станковиќ, Претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско, објаснува што конкретно носат реформите и како тие ќе се применуваат во пракса. Една од клучните новини е воведувањето на три инвестициски портфолија – растечко, балансирано и конзервативно, што отвора прашања околу тоа кој ќе ја носи одлуката за инвестирање и како ќе се распределуваат средствата во зависност од возраста и ризичниот профил на осигурениците.

Дополнително, се дискутира дали новите правила ќе ги опфатат и постоечките осигуреници, како и кои се потенцијалните предизвици во предложените законски решенија. Во разговорот се осврнуваме и на интересот за доброволниот (трет) пензиски столб, кој сè повеќе добива на значење во контекст на долгорочното финансиско планирање.

Покрај пензиските теми, интервјуто отвора и пошироки прашања за одржливоста на системот, финансиската писменост и навиките на младите генерации кога станува збор за пензиско планирање.

Воедно, како дел од GEA – Алијансата за родова еднаквост на работното место, се разговара и за родовиот јаз во финансискиот сектор, разликите во застапеноста и платите, како и за конкретните активности што треба да придонесат кон поголема еднаквост.

Ова интервју нуди релевантни погледи за сите кои сакаат да разберат како денешните реформи ќе влијаат врз нивната финансиска сигурност во иднина.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange