Банки
Гувернерот Славески: Новиот модел на надоместоци ќе придонесе за поевтини платни услуги за граѓаните и за компаниите
Советот на Народната банка донесе одлука за воведување нов и поедноставен модел на надоместоци што банките ги плаќаат за користење на услугите на Македонскиот интербанкарски платен систем – МИПС. Како што истакна гувернерот, д-р Трајко Славески, во денешната изјава пред медиумите, со оваа промена се поставува поконкурентна тарифна структура којашто ќе овозможи пониски трошоци за електронски плаќања, со директни придобивки за граѓаните и за компаниите.
„Новото решение е резултат на детални анализи и отворен дијалог со банкарскиот сектор, заради приспособување кон современите пазарни услови и европските практики. Воспоставениот модел ги поедноставува и ги намалува трошоците на банките за порамнување на трансакциите кај Народната банка, што создава простор за намалување и поедноставување на надоместоците што банките ги наплатуваат од граѓаните и од компаниите“, изјави гувернерот Славески.
Одлуката ќе стапи на сила на 1 август, а Народната банка очекува дека банките ќе покажат разбирање за јавниот интерес и за пошироките економски придобивки од достапни и евтини платежни услуги.
Во рамките на подготовките за приклучување кон европската платежна шема СЕПА, Народната банка воведува и нова структура на надоместоците за плаќањата во евра од страна на државните органи со значително пониска цена. Наместо досегашните просечни трошоци од 14 евра по трансакција преку кореспондентни банки, ќе се применуваат фиксни надоместоци од 3 евра за електронски иницирани и од 5 евра за хартиени налози.
„На овој начин праќаме јасна порака – очекуваме пофер и поевтини платни услуги за сите. Народната банка ја поддржува изградбата на ефикасен и конкурентен платен пазар во земјава, во согласност со европските стандарди и во духот на интеграцијата во СЕПА“, истакна гувернерот.
Гувернерот посочи дека банкарскиот сектор е стабилен, и покрај светските предизвици, а Народната банка и во иднина ќе ги води своите политики одговорно и внимателно, заради одржување на финансиската стабилност и за унапредување на платниот систем во земјата.
Банки
Новата Централа на Стопанска банка – прва LEED Gold сертифицирана зграда во земјата
Новата централна зграда на Стопанска банка е првиот објект во земјата што доби LEED Gold сертификат, една од најпрестижните светски сертификации за одржливост во градежништвото. Постигнувањето го позиционира овој проект како пример за одржлив развој во нашата земја и ја демонстрира долгорочната посветеност на Банката кон заштитата на животната средина, иновациите и благосостојбата на вработените и клиентите.
LEED претставува кратенка за „Leadership in Energy and Environmental Design“ (Лидерство во енергетски и еколошки дизајн) и е глобално признат систем за сертификација, а развиен од Американскиот совет за зелени градби (U.S. Green Building Council). Неговата цел е да промовира поздрави, поефикасни и еколошки објекти. Со оглед на тоа што изградениот простор е одговорен за речиси 40 отсто од глобалните емисии на јаглерод диоксид и значителна потрошувачка на суровини, одржливата градба повеќе не е исклучок, туку неопходност за иднината на нашите градови и заедници.
Седиштето на Стопанска банка ги отсликува овие принципи, поставувајќи нови стандарди за начинот на кој се проектираат, градат и управуваат објектите во Скопје. Проектот постигна високи резултати во повеќе категории на LEED, вклучувајќи: ефикасност на искористување на водата, енергијата и атмосферата, материјали и ресурси, квалитет на внатрешната средина, одржливи локации, локација и транспорт, иновации и регионален приоритет. Преку стратегии, како значително намалување на потрошувачката на вода во затворен и надворешен простор, висока оптимизација на енергетската ефикасност, примена на обновливи извори на енергија и одговорно управување со градежниот отпад и рециклирањето, зградата значително го намалува својот еколошки отпечаток, истовремено создавајќи поздрава и поудобна внатрешна средина за вработените на Стопанска банка.
Одржливите принципи беа интегрирани уште од најраните фази на проектирање на објектот. Ефикасните системи за греење, вентилација и климатизација (HVAC), осветлувањето, еколошки одговорните материјали, производите со ниски емисии, водоефикасните инсталации и внимателно избраните градежни решенија беа координирани во согласност со LEED барањата. Постигнувањето на оваа сертификација бараше блиска соработка меѓу архитекти, инженери, технички консултанти, изведувачи, производители и LEED консултанти во текот на сите фази од проектот – од концепт до финална изведба и пуштање во употреба.

По повод ова постигнување, Хрисула Кутуди, генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка, изјави:
„Развојот на нашето ново седиште, покрај градежниот проект, го означува и нашиот пат на трансформација. Заедно со сите наши партнери и со вредната и значителна поддршка на NBG Групацијата, поставивме цел да изградиме објект што ги исполнува највисоките меѓународни стандарди, а воедно ги одразува и нашите вредности како одговорна институција. Добивањето на LEED Gold сертификацијата е доказ за посветеноста, експертизата и соработката на сите инволвирани страни. Исклучително сум горда на проектниот тим на Стопанска банка, чија посветеност беше непоколеблива и клучна за оваа визија да стане реалност.“
Лоцирано во срцето на Скопје, седиштето на Стопанска банка претставува повеќе од само сертифицирана зграда – тоа симболизира визија насочена кон иднината на градот. Проектот ја одразува посветеноста на Банката кон одговорни инвестиции, грижа за животната средина и благосостојбата на вработените, клиентите и пошироката заедница, зацврстувајќи ја позицијата на Стопанска банка како лидер, не само во банкарството, туку и во одржливите корпоративни практики. Како прва LEED-сертифицирана зграда во Скопје, таа поставува значаен пример за идните проекти и придонесува за подигање на свеста за одржливите градежни практики во регионот.
Банки
Комерцијална банка ги промовира Visa Business картичките за поефикасно деловно работење
Комерцијална банка ги промовира своите Visa Business картички, наменети за компании и претприемачи кои сакаат побрзо, поедноставно и поефикасно управување со деловните финансии.
На клиентите им се достапни три решенија – Visa Business Debit, Visa Business Revolving и Visa Corporate, кои нудат различни погодности и привилегии во зависност од потребите на бизнисот.
Од банката посочуваат дека со Visa Business картичките компаниите добиваат поголема контрола врз трошоците, непречено функционирање на деловните активности 24 часа дневно и поедноставно управување со финансиските трансакции.
„Со Visa Business картичките секој деловен чекор е успех бидејќи вашиот бизнис функционира едноставно и ефикасно 24/7, а вие ја имате целосната контрола без непотребно да трошите време и пари“, наведуваат од Комерцијална банка.
Од банката ги повикуваат компаниите да ја изберат картичката што најдобро одговара на нивните деловни потреби и да ги искористат придобивките што ги нудат Visa Business производите.
Банки
Стопанска банка со викенд-понуда: Подигнување готовина без провизија од кој било банкомат на Стопанска банка
Стопанска банка АД Скопје објави специјална викенд-понуда за своите клиенти, овозможувајќи им подигнување готовина без провизија од кој било банкомат.
Промоцијата важи само овој викенд и се однесува на корисниците на VISA и MasterCard кредитни картички издадени од Стопанска банка.
„Овој викенд искористи ја можноста да подигнеш готовина од кој било АТМ со твојата VISA или MasterCard кредитна картичка – без провизија“, соопштија од банката преку своите социјални мрежи.
Од Стопанска банка посочуваат дека понудата е временски ограничена и важи исклучиво во текот на викендот.
-
Продуктипред 2 месециИуте Македонија носи европски здравствен стандард – за првпат во земјава се воведува второ медицинско мислење
-
Останатопред 2 месециУправата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста
-
Продуктипред 1 месецУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка вработува Помлад соработник за администрирање на кредити и гаранции (Back Office)
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Горан Ѓорѓиевски | Ценовен шок на хоризонтот: Од септември следува значително поскапување
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Останатопред 2 месециКакво ќе биде работното време за Велигденските празници?
-
Банкипред 2 месециПотрошувачки кредит на НЛБ Банка до 2.500.000 денари – поголема поддршка и побрзо решение
