Банки
Гувернерот Славески: Монетарната политика обезбедува стабилен денар, контролирана инфлација и стабилен банкарски систем
Во гостувањето во емисијата „Вин-вин“ на телевизија „Телма“, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, истакна дека монетарната политика успешно ја исполнува својата основна цел – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност во земјата.
Гувернерот посочи дека стабилноста на девизниот курс на денарот и натаму е цврсто закотвена. Стабилниот курс на денарот во однос на еврото претставува важен фактор за зачувувањето на довербата во економијата, финансиската стабилност и конкурентноста на домашната економија.
Во однос на инфлацијата, беше нагласено дека се бележи стабилизирање на ценовните движења, а во одредени месеци во текот на минатата година има и намалување на ценовното ниво на месечно ниво. Народната банка очекува дека во текот на оваа година инфлацијата и натаму ќе се намалува, што е во согласност со среднорочната цел за ценовна стабилност и приближување кон инфлацијата во еврозоната.
Гувернерот информира дека Народната банка воведе нова и поефикасна оперативна монетарна рамка, со што се унапредува преносот на сигналите од монетарната политика кон финансискиот систем. Во новата рамка, банките имаат можност да пласираат средства кај Народната банка на седум дена со каматна стапка од 4%, со дефиниран каматен коридор за краткорочните операции. Со ваквата поставеност се овозможува појасна насока за движењето на каматните стапки и се придонесува за одржување на стабилноста на финансискиот систем.
Беше истакнато дека банкарскиот систем располага со значителен вишок ликвидност, како и дека бележи постојан раст на штедењето кај населението. Во последните години се забележува и позитивен тренд на денаризација, односно раст на штедењето во домашна валута, што уште повеќе ја зајакнува стабилноста на денарот и довербата во домашниот финансиски систем.
Гувернерот нагласи дека девизните резерви се одржуваат на високо и сигурно ниво од околу 4,9 милијарди евра, што претставува силна гаранција за стабилноста на девизниот курс и за отпорноста на економијата на надворешни шокови.
Во гостувањето беше истакнато и дека постои широк општествен и економски консензус за придобивките од фиксниот девизен курс, што со децении успешно придонесува за стабилноста на македонската економија и претставува важен столб во процесот на европска интеграција и идното воведување на заедничката европска валута.
Народната банка и во иднина внимателно ќе ги следи економските движења и ќе спроведува политики насочени кон одржување на ценовната и финансиската стабилност, како важен предуслов за одржлив економски раст и за стабилност на економијата.
Банки
„Рајфајзен“ отвора пристап до криптовалути за 18 милиони клиенти
Raiffeisen Bank International ќе им овозможи на своите клиенти пристап до инвестиции во криптовалути преку партнерство со брокерската компанија Bitpanda.
Околу 18 милиони клиенти на Рајфајзен во Централна и Источна Европа ќе можат да купуваат дигитални средства во рамките на новата соработка, соопштија двете компании. Воведувањето на услугата во подружниците на Рајфајзен низ регионот ќе се одвива постепено.
Bitpanda, со седиште во Виена, веќе обезбедува сличен пристап до криптовалути за повеќе финансиски институции, меѓу кои и германската N26, како и за австриски регионални банки кои се меѓу најголемите акционери на Рајфајзен.
Планот претставува една од првите поголеми иницијативи најавени од неодамна именуваниот извршен директор на Raiffeisen Bank International, Мајкл Хелерер, од кого се очекува до крајот на месецот да ја претстави новата стратегија на банката.
Од друга страна, Bitpanda настојува дополнително да ја прошири соработката со банките и на малите инвеститори да им понуди пристап и до други класи на средства. Целта е компанијата да го диверзифицира работењето и да ја намали зависноста од нестабилниот пазар на криптовалути, во период кога разгледува и можност за излегување на берза.
Банки
Стопанска банка со наградна игра за корисниците на Mastercard: главна награда од еден милион денари
Стопанска банка АД – Скопје започна наградна кампања за корисниците на Mastercard картичките, во чии рамки главната награда изнесува еден милион денари.
Во наградната игра можат да учествуваат клиентите кои користат Mastercard картичка од Стопанска банка, при што секоја трансакција претставува можност за учество и освојување парична награда.
Покрај главната награда од 1.000.000 денари, предвидени се и месечни парични награди во износ од 30.000, 50.000, 100.000, 300.000 и 500.000 денари.
Од Банката информираат дека корисниците кои плаќаат со Mastercard преку Google Pay или Apple Pay добиваат двојна шанса за учество во наградната игра.

Кампањата се реализира под мотото „Сакаш да освоиш милион денари? Сè што ти треба е Мастерплан“, а целта е да се поттикне користењето на безготовинските и дигиталните плаќања.
Банки
Народна банка со ревидирани податоци за платниот биланс за периодот 2003 – јуни 2026
Ревидирана е временската серија на податоци за платниот биланс за периодот од 2003 година до јуни 2026 година, при што ревизијата опфаќа одредени компоненти на тековната и капиталната сметка. Новиот пристап овозможува попрецизна класификација на трансакциите и поинаква распределба на дел од приливите што претходно биле евидентирани како секундарен доход.

Суштината на ревизијата е во новиот метод на процена, заснован на анкетни истражувања, експертски оценки и нови, посеопфатни извори на податоци. Како резултат на тоа, нето-менувачкото работење, кое претходно било евидентирано во рамките на секундарниот доход, сега се распределува во повеќе категории – лични трансфери, односно дознаки, надомест на вработени, капитални трансфери, услуги поврзани со патување и извоз на стоки.

Најголема промена е забележана кај личните трансфери, односно дознаките, кои според ревидираните податоци се повисоки за 8,7 процентни поени од БДП.
Повисоки се и приливите од капитални трансфери, за 0,6 процентни поени од БДП, додека приливите по основ на надомест на вработени се зголемени за 0,5 процентни поени од БДП.
Ревизијата носи промени и кај услугите поврзани со патувањето. Според новата методологија, суфицитот кај патувањето е понизок во просек за 1,5 процентни поени од БДП во однос на претходно објавените податоци.

Кај стоковната размена, ревидираните податоци покажуваат повисока вредност на извозот, што резултира со намалување на дефицитот во трговската размена во просек за 3,1 процентни поени од БДП.
Како резултат на прераспределбата на одделните компоненти, ревидираната временска серија покажува и умерено зголемување на дефицитот на тековната сметка, во просек за 0,6 процентни поени од БДП.

Ревизијата се однесува на временската серија од 2003 година до јуни 2026 година и има за цел подобра класификација на трансакциите во платниот биланс преку користење поширок сет извори и унапредена методологија за процена.
Со новиот пристап, дел од приливите што досега биле групирани во една поширока категорија се распределуваат според нивната економска природа, со што се добива подетална слика за изворите и структурата на прекуграничните текови.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 1 месецНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати јулската пензија
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита





