Connect with us
no baners

Банки

Експерти од Народната банка учествуваа во изготвувањето водич за климатските ризици за централните банки на Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем

Објавено

на

Во рамки на членството во Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (NGFS), експерти од Народната банка учествуваа во изготвувањето на Водичот за обелоденување на ризиците и можностите поврзани со климатските ризици за централните банки (Guide on climate-related disclosure for central banks – second edition).

Водичот ги обработува четирите аспекти на вградување на климатските ризици при извршувањето на функциите на централните банки: организациска поставеност; стратегија; управување со ризици; и мерки и цели, при што експертите од Народната банка дадоа свој придонес во изготвувањето на препораките за известување во рамките на процесот на управување со ризиците. Народната банка е една од четиринаесетте централни банки коишто работеа на изготвување на оваа ревидирана и подобрена верзија на Водичот. Самиот процес траеше две години и опфаќаше активно учество во работата на подгрупата Обелоденување на ризиците поврзани со климатските промени и еколошките ризици за централните банки, што е дел од групата Нето-нула на Мрежата за зелен финансиски систем.

Ревидираната верзија на Водичот ги поттикнува централните банки да дадат свој пример преку објавување на ризиците и активностите поврзани со климатските промени. Воедно, се заклучува дека поголемата транспарентност на централните банки за прашањата поврзани со климатските промени значи и поуспешно управување со овие ризици и е од суштинско значење за поттикнување на транзицијата кон одржлива економија.

Народната банка, според примерот на најдобрите практики за известување на оваа тема, објави прилог за изложеноста на климатските ризици и ефектите од одржливото  инвестирање на девизните резерви во рамки на Годишниот извештај за 2023 година. Во склоп на колективните напори за зазеленување на финансискиот систем, во наредниот период Народната банка ќе го сподели своето искуство при мерењето и објавувањето на изложеноста на климатските ризици во процесот на управување со девизните резерви, преку виртуелен состанок, како дел од едукативните работилници на Мрежата за зелен финансиски систем, со цел да даде ги поттикне и да ги насочи централните банки што ги прават првите чекори во оваа област.

Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (NGFS) обединува 138 централни банки и супервизори и 21 набљудувач, кои на доброволна основа ги споделуваат најдобрите практики и придонесуваат за развојот на животната средина и управувањето со климатските ризици во финансискиот сектор, придонесувајќи да се мобилизираат главните финансии за поддршка на транзицијата кон одржлива економија.

Банки

Претставници на АЛТА банка на одбележувањето на 25 години КИБС

Објавено

на

Претставници на АЛТА банка присуствуваа на свеченото одбележување на 25-годишниот јубилеј на КИБС.

Од банката посочуваат дека настанот бил можност да се истакне значењето на континуираната соработка и партнерските односи во финансискиот сектор.

Присуството на претставниците на АЛТА банка на јубилејното одбележување уште еднаш ја нагласува важноста на институционалната соработка и поврзаноста меѓу учесниците во финансискиот систем.

Продолжи со читање

Банки

Народната банка ги заострува условите за кредитирање на граѓаните

Објавено

на

Народната банка воведува построги макропрудентни мерки за кредитирањето на физичките лица, со кои се намалува дозволеното ниво на задолженост на граѓаните и се скратува максималниот рок за отплата на дел од кредитите. Новите правила ќе почнат да се применуваат од 1 декември 2026 година.

Според одлуката на Извршниот одбор на Народната банка, максималниот однос меѓу месечните кредитни обврски и приходите на кредитокорисникот, познат како ДСТИ, се намалува за пет процентни поени.

Кај кредитите во денари, максималниот ДСТИ ќе изнесува 45%, наместо досегашните 50%, додека кај кредитите со валутна компонента лимитот се намалува од 45% на 40%. Тоа значи дека банките при одобрувањето кредити ќе треба да водат сметка месечните отплати на клиентите да не го надминуваат утврдениот процент од нивните месечни приходи.

Исклучок остануваат граѓаните кои за првпат купуваат сопствено живеалиште. За нив и натаму ќе важат досегашните лимити од 50% за денарските кредити и 45% за кредитите со валутна компонента.

Промени се предвидени и кај роковите за отплата. Максималниот рок за станбените кредити се скратува од 30 на 25 години, додека кај хипотекарните потрошувачки кредити ќе се намали од 20 на 15 години. За кредитите наменети за прво купување сопствено живеалиште максималниот рок останува 30 години.

Од Народната банка посочуваат дека мерките се носат превентивно, во услови кога банкарскиот систем е здрав и стабилен и нема присутни системски ризици. Истовремено, кредитирањето на населението продолжува да расте.

Во првото полугодие од 2026 година, кредитите на физичките лица бележат годишен раст од 12,2%, во споредба со 11,2% во 2025 година. Најголема динамика има кај станбените кредити, чиј годишен раст достигнал 16,6%.

Народната банка оценува дека ваквата динамика бара навремено ограничување на можните ризици од прекумерно задолжување на домаќинствата, со цел да се зачува одржливоста на кредитирањето и финансиската стабилност.

Макропрудентните ограничувања за кредитирањето на физичките лица првпат беа воведени во јули 2023 година, а дополнително беа зајакнати во декември 2025 година. Според централната банка, досегашната примена на мерките придонела за подобрување на структурата на новото кредитирање и за намалување на кредитирањето на домаќинствата со повисок должнички товар.

Со новите измени и натаму се задржува поповолниот регулаторен третман за граѓаните кои првпат решаваат станбено прашање.

Продолжи со читање

Банки

ЕБОР влегува во сопственичката структура на AikGroup со удел од 5%

Објавено

на

Европската банка за обнова и развој инвестира до 64 милиони евра во AikGroup, со цел поддршка на регионалното ширење, унапредување на корпоративното управување и зајакнување на дигиталната и климатската отпорност на групацијата.

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), преку купување новоиздадени акции во вредност до 64 милиони евра, стекна удел од 5% во сопственичката структура на AikGroup, една од најбрзорастечките банкарски групации во Југоисточна Европа.

Инвестицијата има за цел да го поддржи понатамошното ширење на работењето и зајакнувањето на позицијата на AikGroup во регионот на Југоисточна Европа преку аквизиции и органски раст.

ЕБОР ќе именува свој претставник во Одборот на директори на групацијата, со што се очекува дополнително унапредување на корпоративното управување и поддршка на стратешкото одлучување во процесот на меѓународно ширење.

AikGroup е под надзор на Европската централна банка (ЕЦБ) и е во сопственост на Александар Костиќ. Групацијата работи преку своите членки во Србија – AikBank, AikLeasing и MV Investment, во Словенија – Gorenjska Banka и GB Leasing, како и во Црна Гора преку Hipotekarna Banka.

Во изминатите години групацијата забележа брз раст преку повеќе аквизиции, а денес има повеќе од 800.000 клиенти и управува со вкупна актива вредна над 10 милијарди евра. Целта е во следните три до пет години вкупната актива да достигне 20 милијарди евра преку нови аквизиции и продолжување на органскиот раст во регионот.

Извршниот директор на ЕБОР за финансиски институции, Франсис Малиг, оцени дека силните регионални банкарски групации со транспарентно работење имаат важна улога во подобрувањето на корпоративното управување во банкарскиот сектор, како и во поддршката на растот на приватниот сектор и економската интеграција.

Според него, со оваа инвестиција ЕБОР ја поддржува визијата на AikGroup за изградба на водечка регионална банкарска групација, со повисоки стандарди на корпоративно управување, развој на дигиталните капацитети и поголема отпорност на климатските ризици и сајбер-заканите.

Претседателот на Извршниот одбор на AikGroup, Разван Мунтеану, изјави дека влезот на ЕБОР како нов акционер претставува потврда на стратегијата и амбицијата на групацијата да изгради водечка финансиска групација во Југоисточна Европа и да создава долгорочна вредност на пазарите на кои работи.

Тој посочи дека комбинацијата од регионалното присуство и експертизата на AikGroup и глобалното искуство на ЕБОР треба да придонесе за побрза економска транзиција во регионот, додека инвестицијата ќе го поддржи натамошното проширување на пазарите и зголемувањето на оперативната ефикасност.

Проектот треба дополнително да ги зацврсти стандардите за корпоративно управување, а присуството на претставник на ЕБОР во Одборот на директори да обезбеди дополнително меѓународно искуство од финансиската индустрија.

Како дел од инвестицијата, AikGroup ќе може да користи и техничка поддршка во повеќе области, меѓу кои сајбер-безбедноста и управувањето со податоци, во согласност со барањата на Актот на ЕУ за дигитална оперативна отпорност – DORA.

Со вклучувањето на ЕБОР во сопственичката структура, AikGroup се обврза и дополнително да развие и спроведе план за климатска транзиција усогласен со целите на Парискиот договор. Планот треба да придонесе за интегрирање на климатските аспекти во управувањето, стратегијата, управувањето со ризици и практиките за објавување информации во рамките на групацијата и нејзините зависни друштва.

Трансакцијата е дел од Стратегијата на ЕБОР за финансискиот сектор и е усогласена со пристапот на банката за забрзување на дигиталната транзиција, паралелно со поддршката на развојот на конкурентен, добро управуван и отпорен банкарски сектор во Западен Балкан.

На 31 декември 2025 година, AikGroup располагала со вкупна актива од повеќе од 10 милијарди евра и капитална база од 1,4 милијарди евра. Групацијата има повеќе од 3.000 вработени и обезбедува широк спектар финансиски услуги за различни категории клиенти.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange