Connect with us

Банки

Ангеловска-Бежоска на Форумот на „Виенската иницијатива“: Капитализираноста на македонскиот банкарски систем порасна двојно повеќе од ЦЈИЕ

Објавено

на

Гувернерката Ангеловска-Бежоска, како претставничка на шесте централни банки од Западен Балкан во Одборот на „Виенската иницијатива“, учествуваше на Годишниот форум на панел-дискусијата посветена на банкарските системи во Централна и Југоисточна Европа (ЦЈИЕ), којшто оваа година се одржа во Вилнус, Литванија.   

И покрај шоковите од невидени размери, банкарските системи во регионот, вклучително и македонскиот, покажаа високо ниво на отпорност. Македонскиот банкарски систем не само што ја задржа стабилноста, туку и уште повеќе ја зголеми. „Резултатите од овие напори се видливи. Капитализираноста на нашиот банкарски систем во споредба со претпандемичниот период е зголемена за близу 2 п.п., што е двојно повеќе од порастот во регионот на ЦЈИЕ и во моментов е највисока во изминатите 17 години, а квалитетот на капиталот е на историски високо ниво. Овие трендови во голема мера ги одразуваат зајакнувањето на регулативната рамка, на супервизијата и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка“, посочи Ангеловска-Бежоска.

Притоа, особено е важно што и во овие кризни години имаше солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите (просечен кредитен раст од околу 7%). Во услови на циклус на монетарно затегнување, каматните стапки на кредитирање пораснаа, но растот беше помал од растот на каматните стапки во ЕУ. Со тоа домашните каматни стапки на кредитите значително се приближија до каматните стапки во ЕУ и разликата меѓу нив е историски најниска. Во овој момент, просечната каматна стапка изнесува 5,5%, односно е двојно пониска во споредба со периодот пред Големата финансиска криза, кога изнесуваше околу 11%, во просек.

Гувернерката се осврна и на финансиската писменост и заштитата на корисниците на финансиските услуги, коишто се значајни за носење соодветни финансиски одлуки, но и за зголемување на конкурентските притисоци и за понуда на поконкурентни финансиски услови. „Финансиската писменост, едукацијата и заштитата на потрошувачите, коишто се стратешки приоритети на Народната банка, се важни за клиентите за да можат подобро да ги разберат и правилно да ги споредат понудите меѓу различните банки. Неодамна формиравме посебна организациска единица за финансиската писменост и заштитата на потрошувачите. Под водство на Народната банка, беше усвоена и првата национална Стратегија за финансиска инклузија и писменост, додека регулативната рамка беше зајакната минатата година, вклучително и преку усвојување на Насоките за банките и штедилниците за добри практики за заштита на потрошувачите, фер и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги обезбедуваат. Беа преземени и мерки за зголемување на транспарентноста преку споредба на надоместоците за најрепрезентативните банкарски платежни услуги, коишто заедно со либерализацијата на пазарот на платежни услуги, ја поттикнуваат конкуренцијата во системот“, истакна Ангеловска-Бежоска.

„Виенската иницијатива“ е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ и секоја година, од 2009 година до денес, организира собири во областа на финансиите на кои сите засегнати чинители зборуваат за идните насоки во политиките поврзани со банкарскиот сектор и за поопшти макроекономски прашања.

Банки

Одлука на Народната банка: Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот останува 2% и во четвртото тримесечје од 2027 година

Објавено

на

Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во земјава да остане на истото ниво од 2%. Одлуката е донесена врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, според податоците заклучно со вториот квартал од 2026 година. Оваа стапка ќе важи од четвртото тримесечје на 2027 година и се оценува дека таа е соодветна на тековните макрофинансиски услови и на состојбите во банкарскиот систем.

Банкарскиот систем е стабилен и отпорен на шокови, што го потврдуваат резултатите од стрес-тестовите, а се гледа и преку соодветната капитализираност и ликвидност, ниската стапка на нефункционални кредити и солидната профитабилност.

Одлуката за задржување на истата стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот е поткрепена и со макропрудентните мерки преземени на крајот од минатата година и измените кај задолжителната резерва, во билансите на банките, при што се забележува подобрување на структурата на новоодобрените кредити според висината на ЛТВ и ДСТИ, а кај депозитите на домаќинствата и натаму се бележат поволни поместувања од аспект на рочната и валутната компонента.

Ваквата поставеност на макропрудентните мерки би придонесла за ограничување на системските ризици во следниот период и за натамошно задржување на стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор. Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и редовно, на квартална основа, ќе ја преоценува висината на стапката.

Продолжи со читање

Банки

ТТК Банка ја исплати првата годишна камата на третата емисија корпоративни обврзници

Објавено

на

ТТК Банка АД Скопје на 18 септември 2026 година ја исплати првата годишна камата на сопствениците на корпоративни обврзници од третата емисија, со ISIN MKTTKS200038 и шифра TTKO3.

Пресметката на камата е извршена по фиксна каматна стапка од 5,00% на годишно ниво. Право на исплата на камата имаа сите лица регистрирани во книгата на иматели на корпоративна обврзница – трета емисија во Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје заклучно со 17 септември 2026 година.

Третата емисија на корпоративни обврзници ТТК Банка ја реализираше во септември 2025 година од коишто за кратко време се запишаа и уплатија 100% од понудените 1.000 обврзници по номинална вредност од 1.000 евра, со рок на доспевање од шест години, а во вкупна вредност од 1.000.000 евра и фиксна каматна стапка од 5,00% на годишно ниво

Со исплатата на првата годишна камата, ТТК Банка ја реализира првата каматна обврска кон инвеститорите по основ на оваа емисија корпоративни обврзници.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка и годинава поддржувач на фестивалот „Браќа Манаки“

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје и годинава ја продолжува својата поддршка на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој од 19 до 25 септември ќе се одржува во Битола.

Фестивалот, кој веќе 47 години ја слави филмската уметност, традиционално ги собира врвните кинематографери од целиот свет, претставувајќи ги нивната визија, креативност и придонес во создавањето на филмската магија.

Под мотото „На страната на филмот“, Стопанска банка и оваа година е пријател и поддржувач на престижната културна манифестација.

Од Банката ги повикуваат љубителите на седмата уметност од 19 до 25 септември во Битола заедно да ја споделат магијата на филмот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange