Connect with us
no baners

Банки

Комерцијална банка ќе се дружи со студентите на Job Fair на техничко-технолошкиот кампус во Скопје

Објавено

на

Комерцијална банка и БЕСТ Скопје се подготвени за почетокот на Саемот за вработување Job Fair, кој од 15 до 19 април ќе се одржи на техничко-технолошкиот кампус во Скопје.

Како Генерален спонзор на Бордот на Европски студенти по технологија, Комерцијална банка ќе го поддржи и овој значаен и интересен настан и ќе биде присутна со свој штанд на Технолошко-металуршкиот факултет, каде на студентите ќе им обезбеди корисни информации за сите можности што ги имаат за успешен почеток на нивната кариера.  

Студентите на штандот на Банката ќе може да се информираат за пракса или вработување, за ИТ тимот и дигитализацијата како воспоставен стандард во работењето и во понудата на Комерцијална банка, како и за бесплатниот пакет за млади кој им ги нуди банкарските производи и услуги што му се потребни на секој млад човек за безбедни и безгрижни лични финансии.

Успешниот старт на кариерата се базира на знаење и вештини, како и на располагање со корисни и потребни информации. Токму затоа Комерцијална банка и нејзините вработени на Job Fair ќе им овозможат на студентите да добијат сѐ што им треба за нивниот иден кариерен развој.

Банки

Комерцијална банка со над 5 милијарди денари добивка во 2025: стабилен раст и покрај притисоците врз каматните маржи

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје ја заврши 2025 година со нето-добивка од 5,08 милијарди денари, што претставува раст од 3,1 % во однос на 2024 година. Добивката пред оданочување достигна 5,63 милијарди денари, а планот за годината е надминат за повеќе од 9 %, покажуваат неревидираните и неконсолидирани финансиски извештаи на Банката.

Остварениот резултат доаѓа во услови на зголемени геополитички ризици, нестабилни глобални пазари, повисока инфлација и внимателна монетарна политика на Народната банка, што дополнително го засилува значењето на финансиските перформанси.

Раст на приходите, но притисок врз каматната маржа

Вкупните приходи од работењето во 2025 година изнесуваат 9,08 милијарди денари, со раст од 2,1 % на годишно ниво. Нето-приходите од камата, како клучна компонента во структурата на приходите, пораснаа за 1 %, но нето каматната маржа се намали на 3,55 %, од 3,85 % една година претходно.

Овој тренд е резултат на порастот на расходите за камати, пред сè поради зголемениот обем на орочени депозити, што укажува на засилена конкуренција за прибирање средства и повисока цена на капиталот во банкарскиот сектор.

Провизиите растат и покрај поевтинувањето на услугите

Нето-приходите од провизии и надоместоци достигнаа 1,22 милијарди денари, со раст од 2,7 %, и покрај значајното намалување на надоместоците за платежни услуги што Банката ги спроведе во текот на годината.

Намалувањето на цените – до 100 % кај интерните плаќања преку електронско банкарство – не го наруши приходниот потенцијал, што упатува на зголемен обем на трансакции и засилена дигитална активност на клиентите.

Значаен придонес од девизни операции и наплатени побарувања

Еден од најсилните двигатели на растот се нето-приходите од курсни разлики, кои пораснаа за 13,1 % и изнесуваат 426,2 милиони денари, значително над планираното ниво.

Дополнително, останатите приходи од работењето достигнаа 1,29 милијарди денари, главно поради поголем износ на наплатени претходно отпишани побарувања, што укажува на подобрена наплатна дисциплина и ефикасно управување со кредитниот ризик.

Контролирани трошоци и намалени исправки на вредност

Оперативните расходи изнесуваат 2,79 милијарди денари, со умерен раст од 2,4 %, најмногу поради зголемени трошоци за вработените. Во исто време, исправката на вредност на финансиските средства е намалена за 2,3 %, што дополнително ја зајакнува профитабилноста.

Силна кредитна активност и раст на билансната сума

Вкупната актива на Банката на крајот од 2025 година достигна 192,5 милијарди денари, што е раст од 7,8 %. Кредитите кон нефинансиски друштва и домаќинства пораснаа за 11 %, додека депозитите изнесуваат 164,8 милијарди денари, со годишен раст од 6,5 %, најмногу кај домаќинствата.

Иако обврските по кредити се зголемени за над 130 %, нивното учество во вкупните обврски останува ниско – околу 2 %, што значи дека ризикот по основ на задолжување е ограничен.

Капитална позиција и дивидендна политика

Акционерскиот капитал и резервите пораснаа за 10,6 % и изнесуваат 23,1 милијарда денари, како резултат на задржаната добивка и распределбата на добивката од претходната година.

Во 2025 година Банката исплати дивиденда од 1.250 денари по акција, во вкупен износ од 2,85 милијарди денари, што ја потврдува нејзината стабилна дивидендна политика.

Поглед кон 2026: претпазлив оптимизам

За 2026 година, Комерцијална банка очекува работење во услови на зголемени регулаторни барања, построги макропрудентни мерки и можен притисок врз профитабилноста поради потенцијално намалување на каматните стапки.

Фокусот останува на квалитетот на кредитното портфолио, дигитализацијата, контролата на трошоците и усогласувањето со новите регулативи, што сугерира континуитет на претпазлив, но стабилен раст.

Продолжи со читање

Банки

Именувана нова Генерална директорка за управување со ризици во Стопанска банка

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје објави дека на 28 јануари 2026 година соодветните регулаторни лиценци се издадени и е именувана д-р Емилија Стојанова Ивановска за Генерална директорка за управување со ризици и член на Управниот одбор на банката. 

Д-р Стојанова Ивановска е долгогодишен професионалец со повеќе од 20 години искуство во банкарскиот сектор, од кои 15 години на менаџерски позиции. Таа има длабоко аналитичко и стратешко знаење во областа на управување со кредитни, ликвидносни и пазарни ризици, како и во развојот на модели за оценување на кредити и политики за управување со ризици. 

Во текот на својата кариера, таа водела значајни проекти во делот на ризиците, вклучувајќи развој и подобрување на кредитни модели и учество во важни одбори на банката. Д-р Стојанова Ивановска е исто така активен учесник во професионални и академски форуми и често се појавува како гостин-говорник на високообразовни институции. 

Со ова именување, Стопанска банка повторно ја потврдува својата заложба за силно корпоративно управување и усвојување на највисоки стандарди во системот за управување со ризици, што е клучно за одржлив раст и стабилност на банката на пазарот. 

Продолжи со читање

Банки

Работилница на Народната банка во Стопанската комора: Практични аспекти и предизвици за компаниите при вршењето плаќања преку СЕПА

Објавено

на

Во соработка со Стопанската комора на Република Северна Македонија, Народната банка организира работилница за деловната заедница. Целта беше компаниите да се запознаат одблизу со новите услови и начинот на извршување на прекуграничните плаќања во евра, како и со конкретните придобивки од членството на земјата во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Ова е прва ваква работилница наменета за деловната заедница, на која присуствуваа повеќе од 60 компании, главно од извозно-увозниот сектор. За нив СЕПА е од посебно значење, бидејќи голем дел од надворешната трговија и финансиските трансакции се остваруваат токму со земјите од СЕПА.

Работилницата е дел од активностите на Народната банка за појаснување на можностите за компаниите и за подобро искористување на придобивките по оперативното приклучување на домашните банки кон СЕПА. Покрај презентирање на практичните аспекти на плаќањата преку СЕПА, на настанот се одвиваше и директна дискусија со компаниите, размена на искуства и се увидоа предизвиците со кои се соочуваат при користењето на овие услуги.

Во текот на дискусијата се истакна дека СЕПА овозможува побрзи, поевтини и потранспарентни плаќања во евра, со предвидливи трошоци и поедноставени процедури. Имено, со плаќањата преку СЕПА, компаниите имаат во просек осумкратно пониски надоместоци за одливните плаќања, а тројно пониски надоместоци за приливите на износ од 20.000 евра во споредба со СВИФТ/кореспондентните трансфери. Ова носи заштеда од стотици до илјадници евра годишно за компаниите што редовно тргуваат со компании од четириесетте земји од СЕПА, што, пак, директно помага за подобро управување со ликвидноста и ја зголемува конкурентноста на македонските компании на меѓународните пазари.

Народната банка и понатаму ќе биде посветена на максимално искористување на придобивките од членството во СЕПА од страна на деловната заедница. Таа и во иднина ќе поведува вакви иницијативи, во тесна соработка со стопанските комори, банките и компаниите, за да се продлабочи интеграцијата на домашната економија во европскиот платежен простор.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange