Connect with us
no baners

Банки

Фич: Девизните резерви повисоки за 270 милиони евра, банкарскиот сектор е стабилен

Објавено

на

Македонската економија покажа отпорност на глобалните шокови. Макроекономската стабилност е задржана, поддржана од конзистентната поставеност на политиките и долгорочната стабилност на девизниот курс. И покрај притисоците од увозните цени на енергентите врз трговскиот дефицит, во 2022 година девизните резерви забележаа раст од 270 милиони евра. Со тоа девизните резерви и понатаму остануваат на ниво коешто според меѓународните стандарди е адекватно за поддршка на стратегијата на стабилен девизен курс. Банкарскиот сектор е стабилен и не беше зафатен од скорешните глобални стресови. Стапката на инфлацијата започна да се намалува од ноември наваму и се очекува тој тренд да продолжи оваа година. Ова се заклучоците за монетарниот дел во извештајот на агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, во кој се подобрува изгледот на кредитниот рејтинг на земјава, на ББ+ со стабилен изглед.

Од „Фич“ наведуваат дека растот на инфлацијата го достигна своето највисоко ниво во октомври 2022 година и забележуваат дека трендот е надолен, како и дека се очекува опаѓање во тек на 2023 година. Ова се должи на олеснувањето на ценовните притисоци кај храната и енергентите, како и затегнувањето на монетарната политика, се наведува во извештајот.

Банкарскиот сектор остана стабилен и не беше зафатен од скорешните глобални стресови, се оценува во извештајот за кредитниот рејтинг. Адекватноста на капиталот минатата година зајакна на 17,7%. Нефункционалните кредити на крајот на 2022 година останаа на историски најниско ниво од 2,9%, додека стрес-тестовите на централната банка покажуваат отпорност на шокови при раст на каматните стапки и цените на енергија. Во извештајот се забележува и дека штедењето во девизи постепено се намалува меѓу другото и како резултат на мерките на Народната банка за повисока стапка на задолжителна резерва на девизната компонента во билансите на банките, што го поттикнува штедењето во денари.

Во извештајот на агенцијата „Фич“ се наведува дека надворешниот сектор остана отпорен и покрај проширувањето на трговскиот дефицит, предизвикан од повисоките цени на храната и енергентите на светските берзи. Иако, ова влијаеше на продлабочување на дефицитот на тековната сметка на околу 6% од БДП, високите приливи на странски директни инвестиции, како и странските извори на финансирање, придонесоа за раст на девизните резерви за 270 милиони евра.

Банки

ЕЦБ ја отвори јавната анкета за новиот изглед на евро-банкнотите

Објавено

на

Европската централна банка ја повика јавноста да учествува во изборот на новиот изглед на евро-банкнотите, во рамките на процесот за нивен редизајн.

ЕЦБ претстави десет предлог-дизајни, изработени според две теми – „Европска култура“ и „Реки и птици“. Граѓаните можат да ги разгледаат понудените решенија и да го дадат своето мислење преку јавната анкета.

Резултатите од анкетата ќе бидат земени предвид при изборот на конечниот дизајн на новата серија евро-банкноти.

Анкетата ќе биде отворена до 21 септември 2026 година, а повеќе информации се достапни на официјалната интернет-страница на Европската централна банка.

Продолжи со читање

Банки

АЛТА банка ги намали надоместоците за СЕПА-трансфери до крајот на 2026 година

Објавено

на

АЛТА банка АД Битола воведе промотивни надоместоци за приливни и одливни кредитни трансфери преку СЕПА, кои ќе важат до 31 декември 2026 година.

За домашните правни лица, надоместокот за приливен СЕПА-трансфер е намален на фиксни 180 денари, без оглед на износот на трансакцијата. За одливните трансфери е утврден фиксен надоместок од 250 денари.

Кај правните лица нерезиденти, приливниот трансфер преку СЕПА ќе се наплатува три евра, додека надоместокот за одливен трансфер е намален на пет евра.

Физичките лица резиденти нема да плаќаат надоместок за приливни СЕПА-трансфери. За одливните трансфери, надоместокот изнесува 250 денари за хартиени налози, а 200 денари за трансакции извршени преку електронско или мобилно банкарство.

Приливните СЕПА-трансфери се без надоместок и за странските физички лица со девизни сметки или штедни влогови во банката. За одливните трансфери тие ќе плаќаат пет евра за хартиен налог, односно четири евра преку електронско или мобилно банкарство.

Од банката информираат дека измените се дел од промотивната тарифа со која се намалуваат трошоците за прекугранични плаќања во евра за физичките и правните лица.

Продолжи со читање

Банки

МИПС успешно го помина првиот тест: Македонија чекор поблиску до модерни платежни услуги – ISO 20022

Објавено

на

Во текот на јули 2026 година, Народната банка, заедно со банките и останатите учесници во МИПС, успешно го спроведе првиот циклус тестирање на новото системско решение, при што беше потврдена неговата функционалност и подготвеноста за продолжување на следните фази од примената. Во рамките на тестирањето беа успешно обработени најголемиот дел од платежните пораки предвидени со проектот, согласно со стандардот ISO 20022.

По завршувањето на првиот циклус на тестирањето, во Народната банка се одржа работен состанок со учесниците во МИПС, на кој беа презентирани резултатите од досегашните активности, беа разгледани прашањата коишто се појавија во текот на тестирањето и беа усогласени наредните чекори за успешно спроведување на проектот.

Како што истакна Биљана Доновска-Гечева, директорка на Дирекцијата за платни системи во Народната банка, во наредниот период ќе продолжат активностите за финализирање на тестирањата и подготовка за воведување на новото системско решение во редовна употреба.

Воведувањето на стандардот ISO 20022 претставува значаен чекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура. Новиот стандард ќе овозможи размена на поквалитетни и побогати податоци во платниот промет, поефикасна автоматска обработка на плаќањата, поедноставно спроведување на контролите и поголема усогласеност со стандардите и практиките на Европската централна банка и европските платни системи. Со тоа ќе се создадат услови за поефикасни, посигурни и помодерни платежни услуги, во согласност со европските трендови и обврските во процесот на европската интеграција.

Проектот финансиран од Европската Унија „Зајакнување на капацитетот на Народната банка во областа на екстерните статистики, платежната статистика и платните системи“, покрај воведувањето на стандардот ISO 20022 во МИПС, опфаќа и воспоставување склад на податоци за потребите на екстерните статистики, со што дополнително се зајакнуваат институционалните капацитети на Народната банка во овие две значајни области.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange