Connect with us

Осигурување

Осигурениците наплатија 71 милион евра, осигурителните компании исплатија над 100.000 штети

Објавено

на

Осигурителните компании исплатија 30 отсто повеќе пари за штети покриени со осигурување лани во споредба со претходната година. Најголем број штети се исплатени за покривање медицински трошоци покриени со дополнително здравствено осигурување, а од сите класи доброволно осигурување најмногу средства се исплатени за штети покриени со осигурување имот.

Осигурителните компании исплатија 103.130 штети покриени со неживотни осигурувања во 2022 година. Бројот на исплатени штети е за 30 проценти повисок во споредба со претходната 2021 година.

Осигурениците од компаниите за осигурување лани наплатија 4,4 милијарди денари (71,7 мил.евра). Тоа е за речиси 5,5 милиони евра односно за 8,3 отсто повеќе исплатени средства во споредба со 2021 година, покажуваат официјалните податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставија сите 11 компании за неживотно осигурување.

Најголем број на исплатени штети има кај дополнителното, популарно познато како  приватно, здравствено осигурување. Девет осигурителни компании кои го продаваат ова осигурување лани исплатиле над 46.000 штети на своите осигуреници, што е безмалку половина од сите исплатени штети. Осигурениците кои имаат приватно здравствено осигурување лани за медицински трошоци од своите осигурители наплатиле 426 милиони денари (6,9 мил.евра). Износот за наплатени медицински трошоци кои се покриени со приватното здравствено осигурување лани е повеќе од двојно зголемен (3,5 мил.евра) во споредба со претходната 2021 година.

Очекувано, најголем износ на штети се исплатени кај најмасовната и со закон задолжителна класа на осигурување од автомобилска одговорност (АО). Исплатени се  над 27.000 штети од сообраќајни незгоди и несреќи во земјава во вредност од 1,75 милијарди денари (28 мил.евра). По основ на осигурување покриено со зелена карта се исплатени 1.205 штети вредни 418 милиони денари (6,8 мил.евра).

Најголема вредност на исплатените штети од сите доброволни осигурувања, очекувано, има кај осигурувањето имот. Лани се исплатени вкупно 766 милиони денари (12,45 мил.евра) или 8 отсто повеќе од претходната споредбена година.

При тоа физичките лица лани наплатиле осигурани штети вредни 262 милиони денари (4,3 мил.евра), а компаниите, институциите и други правни лица наплатиле 504 милиони денари (8,2 мил.евра). Кај физичките лица износот на исплатени штети е намален за 17 отсто, а кај правните лица е зголемен за 29 отсто.

Од другите осигурителни класи според износите на исплатени штети уште се истакнуваат: каско осигурувањето на моторни возила со 545 милиони денари (8,8 мил.евра), осигурувањата од незгода со 347,2 милиони денари (5,6 мил.евра) и патничкото осигурување по кое осигуреници наплатија 62,1 милиони денари (1 мил.евра).

Во вкупниот износ на исплатени штети лани „Триглав осигурување“ учествува со 14,5 отсто, „Кроација осигурување – неживот“ со 11 отсто, „Халк осигурување“ со 10,8 отсто, „Сава осигурување“ со 10,5 отсто,  „Уника“ со 9,3 отсто, „Македонија осигурување ВИГ“ и „Евроинс осигурување„ со по 9,2 отсто. Следуваат „Еуролинк“ со 8,5 отсто, „Винер ВИГ“ со 8,3 отсто, „Осигурителна полиса“ со 6 отсто и “Граве со 2,7 отсто.

Што се однесува до работењето на друштвата за неживотно осигурување, врз основа на нивните неревидирани извештаи, профитабилноста е значително подобрена во 2022 година во споредба со 2021 година. Десет од вкупно 11 друштва годината ја завршиле со добивка (пред оданочување). Дури осум компании кои работеле со добивка лани имаат подобар финансиски резултат во споредба со 2021 година.

Осигурување

АСО побара дополнителни појаснувања од Евроинс: Што се случува со полисите склучени преку осигурителен брокер во стечај?

Објавено

на

Агенцијата за супервизија на осигурување побарала дополнителни појаснувања од Евроинс Осигурување АД Скопје, откако до регулаторот пристигнале реакции од осигуреници кои добиле известувања поврзани со полиси склучени преку Осигурително брокерското друштво СН Осигурителен брокер АД Битола, кое се наоѓа во стечај.

Според објавеното известување на АСО, регулаторот побарал од осигурителната компанија дополнително да ги разјасни информациите доставени до осигурениците и дал насоки за правилно, точно и целосно информирање, со цел заштита на нивните интереси во согласност со законските прописи.

Случајот отвора важно прашање за правата на клиентите кога осигурителниот посредник преку кој е склучена полисата престанува да работи или влегува во стечајна постапка. За осигурениците, најважно е да постои јасна разлика меѓу улогата на брокерот, кој посредува при склучување на договорот, и улогата на осигурителната компанија, која ги презема договорните обврски согласно издадената полиса.

Стечајот на посредникот сам по себе не треба да се поистоветува со автоматски престанок на сите полиси склучени преку него. Правниот статус на конкретниот договор зависи од условите на полисата, исполнувањето на договорните обврски и релевантните законски одредби.

Токму затоа, точноста на информациите што ги добиваат осигурениците има особено значење. Секоја нејасна комуникација може да создаде неизвесност околу важноста на покритието, начинот на пријавување штета или понатамошното исполнување на обврските од договорот.

Од аспект на осигурителниот пазар, ваквите случаи ја нагласуваат потребата од поголема транспарентност во односите меѓу осигурителните компании, посредниците и клиентите. Довербата во осигурувањето не зависи само од цената на полисата, туку и од сигурноста дека клиентот ќе добие точна информација и соодветна заштита кога ќе настане осигурен случај.

За граѓаните кои добиле вакви известувања, најважно е да побараат писмено појаснување за статусот на нивната полиса, да ја проверат документацијата и, доколку сметаат дека нивните права се повредени, да ги искористат достапните механизми за поднесување претставка.

Објавената реакција на АСО претставува конкретен пример за значењето на супервизорската улога на регулаторот во заштитата на осигурениците и обезбедувањето правилно функционирање на осигурителниот пазар.

Продолжи со читање

Осигурување

Халк Осигурување со порака за Розов Октомври: Грижата за себе е најубавата форма на заштита

Објавено

на

Халк Осигурување и овој октомври испраќа порака за важноста на грижата за женското здравје, превенцијата и навремените здравствени прегледи.

Во рамки на одбележувањето на Розов Октомври, компанијата потсетува дека грижата за себе треба да биде приоритет и дека редовните прегледи не треба да се одложуваат.

„Грижата за себе е најубавата форма на заштита“, порачуваат од Халк Осигурување, нагласувајќи дека токму малите чекори и навремената превенција можат да направат голема разлика.

Од компанијата упатуваат апел жените да посветат повеќе внимание на сопственото здравје, да не ги одложуваат прегледите и да бидат присутни за себе и за својата благосостојба.

Кампањата се спроведува под пораките за грижа за себе, женско здравје, превенција и рано откривање, со цел дополнително да се подигне свеста за значењето на редовната здравствена контрола.

Продолжи со читање

Осигурување

Реизбран Управниот одбор на Македонија осигурување – мандатот продолжен до септември 2029

Објавено

на

„Македонија осигурување“ АД Скопје – Виена Иншуренс Груп изврши реизбор на претседателот и членовите на Управниот одбор, со мандат до 30 септември 2029 година.

Како што информира компанијата преку Македонската берза, врз основа на одлука на Надзорниот одбор и по добиените согласности од Агенцијата за супервизија на осигурување, за претседател на Управниот одбор повторно е избран Бошко Андов.

Истовремено, за членови на Управниот одбор повторно се избрани Весна Ѓорчева и Татјана Димов.

Од компанијата наведуваат дека промената е успешно запишана и во Трговскиот регистар што се води при Централниот регистар на Република Северна Македонија.

Со реизборот, постојниот состав на Управниот одбор на „Македонија осигурување“ продолжува да раководи со компанијата во следниот тригодишен период, односно заклучно со 30 септември 2029 година.

Известувањето е објавено согласно правилата за котација на Македонската берза, кои предвидуваат објавување на промените во органите на управување и надзор кај котираните друштва.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange