Connect with us
no baners

Банки

Ангеловска-Бежоска: Со новиот Закон за платежни услуги се зајакнува заштитата на корисниците на банкарски услуги

Објавено

на

„Задолжително информирање на потрошувачот за условите под кои ги користи платежните услуги, како и информирање за надоместоците за најчесто користените услуги на платежната сметка ‒ со новата законска рамка се зајакнува заштитата на корисниците на платежните услуги во земјава“, вели во интервју за „Марили“, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и посочува дека Народната банка постојано работи на унапредување на заштитата на корисниците на банкарски услуги, дури и преку формирање посебна организациска единица за оваа намена, којашто од годинава ќе започне со редовни наменски контроли од тој домен.

Гувернерката истакнува дека со новиот Закон за платежни услуги и платни системи се отвора пазарот за нови даватели на платежни услуги и се прошируваат услугите што ќе се нудат, но исто така измените се проследени и со соодветни регулативни барања заради заштита на потрошувачите.

„Народната банка издаде листа од 11 најрепрезентативни услуги поврзани со платежната сметка за кои редовно ќе прибира податоци за надоместоците од секој давател на платежни услуги и ќе ги објавува на својата интернет-страница во компаративен контекст. Првото објавување на надоместоците на интернет-страницата на Народната банка е предвидено за крајот на септември оваа година. На овој начин граѓаните ќе имаат брза и лесно достапна информација за надоместоците“, вели гувернерката.

Новина во Законот е дефинирањето сметка со основни функции за граѓаните, преку која ќе може да вршат редовни платежни трансакции со готовина, со дебитни картички и кредитен трансфер, во рамките на средствата на таа сметка.

„За овие услуги надоместокот ќе биде ограничен на 0,1 % од просечно исплатената нето-плата, или околу 31 денар. Покрај ова ограничување на трошокот за одржување, Законот предвидува банките и штедилниците да не наплаќаат надоместоци за користење на сметката со основни функции за потрошувачите од ранливите категории“, вели Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката истакнува и дека последните години Народната банка постојано работи на зајакнување на активностите во доменот на заштитата на корисниците на банкарски услуги, како и натамошно зајакнување на финансиската едукација на населението како важен предуслов за поголема финансиска инклузија. Од минатата година во Народната банка започна да функционира посебна организациска единица ‒ Дирекцијата за заштита на потрошувачите и финансиска едукација, којашто во првата година работеше на разгледување и дополнување на постојната регулатива од доменот на заштитата на потрошувачите, прибирањето податоци и анализата на поставеноста на банките во доменот на заштитата на потрошувачите, а во текот на годинава ќе започнат и редовни наменски контроли над банките во овој домен.

Во завршна фаза е подготовката на циркулар за банките што ги содржи најдобрите практики од оваа област, којшто треба да овозможи натамошно унапредување на транспарентноста и пристапот на банките и штедилниците кон своите клиенти, вклучително и кон поплаките. Поради зголемување на транспарентноста, од 2021 година банките почнаа да објавуваат стандардни табели со основните податоци за кредитите и депозитите што ги нудат, коишто се достапни и на интернет-страницата на Народната банка. Народната банка, во соработка со другите финансиски регулатори, веќе одреден период работи и на подготовка на Предлог-законот за финансиски омбудсман, со што се регулира решавањето на евентуалните спорови помеѓу физичките лица како корисници на финансиски услуги и финансиските институции.

Банки

ЕБОР ја назначи Екатерина Соловова за нова шефица на канцеларијата во Црна Гора

Објавено

на

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја назначи Екатерина Соловова за придружна директорка и шефица на канцеларијата за Црна Гора, а на новата функција ќе стапи на должност на 1 септември 2026 година.

Соловова ќе ги предводи активностите на Банката во Црна Гора, вклучувајќи ја реализацијата на инвестициите, дијалогот за јавни политики и поддршката на реформските процеси во земјата. Таа ќе го наследи Ремон Закарија, кој ќе ја преземе функцијата шеф на канцеларијата на ЕБОР во Ерменија.

Во својата нова улога, Соловова ќе соработува со државните институции, приватниот сектор и меѓународните партнери за поддршка на развојните приоритети на Црна Гора. Меѓу нив се зелената транзиција, зајакнувањето на енергетската безбедност, подобрувањето на конкурентноста на приватниот сектор и поддршката на процесот на пристапување на земјата во Европската Унија.

Таа има повеќе од две децении искуство во развојното финансирање и инвестициската индустрија, стекнато преку ангажмани во Меѓународната финансиска корпорација (IFC), Soros Fund Management, Varde Partners и ЕБОР. Поседува и значително искуство во управување со комплексни проекти и координација на голем број засегнати страни.

Соловова првпат се приклучила на ЕБОР во 2004 година како банкарка во секторот за технологија, медиуми и телекомуникации. По неколкугодишна работа во приватниот инвестициски сектор во Лондон, во 2012 година повторно се вратила во Банката, каде извршувала повеќе високи функции, меѓу кои советничка на претседателот на ЕБОР и придружна директорка за приватен капитал.

Во јули 2021 година беше назначена за шефица на канцеларијата на ЕБОР во Албанија. За време на нејзиниот мандат, Банката инвестирала околу 900 милиони евра во повеќе од 90 проекти, со значително проширување на поддршката за приватниот сектор во областите на обновливите извори на енергија, туризмот, рударството, агробизнисот и финансиските услуги.

ЕБОР ја смета Црна Гора за важно пазарно подрачје, со фокус на одржлива инфраструктура, енергетска транзиција, развој на приватниот сектор и реформи на јавните политики. Од Банката оценуваат дека искуството и резултатите на Соловова ќе бидат значајни за понатамошната реализација на инвестициите и реформите поврзани со европската интеграција и долгорочниот развој на земјата.

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк добитник на награда за одржлив развој за иницијативата „Милион садници“

Објавено

на

Халкбанк ја доби наградата за одржлив развој во категоријата „Животна средина“, за проекти и иницијативи во областа на климатската акција и зачувувањето на природата, која ја доделуваат Министерството за економија и Клубот на одговорни бизниси – Конект. Признанието е доделено за иницијативата „Милион садници“, еден од најзначајните проекти во рамките на платформата ХалкЕко, преку која банката веќе години наназад активно придонесува кон заштита и унапредување на животната средина. Особено значајно е што Халкбанк беше единствена номинирана компанија во оваа категорија.

Како општествено одговорна компанија, Халкбанк верува дека одржливиот развој не е само деловна определба, туку и обврска кон заедницата и идните генерации. Токму затоа, во 2019 година беше создадена платформата ХалкЕко, која прерасна во долгорочно движење за поттикнување на еколошка свест, одговорно однесување и конкретни активности насочени кон создавање поздрава и позелена средина.

Во изминатите години, преку ХалкЕко беа реализирани бројни проекти за пошумување, озеленување и уредување на јавни простори, поставување урбана опрема, едукативни активности и иницијативи кои ги обединуваат граѓаните, институциите, компаниите и граѓанските организации околу заедничка цел – подобра животна средина за сите.

Иницијативата „Милион садници“ претставува еден од најамбициозните еколошки проекти на банката и симбол на нејзината долгорочна заложба за создавање зелена иднина. Преку континуирано пошумување и поддршка на активности за обновување на шумските површини, проектот придонесува за подобрување на квалитетот на воздухот, заштита на биодиверзитетот и ублажување на последиците од климатските промени.

Покрај пошумувањето, ХалкЕко денес опфаќа широк спектар активности, од промоција на одржлива мобилност и велосипедизам, преку поддршка на зелени урбани решенија и еколошки и спортски настани, до поттикнување на еколошки навики кај граѓаните преку иновативна дигитална алатка и партнерства со организации кои ги споделуваат истите вредности.

„Ова признание претставува потврда дека вистинските промени се создаваат преку долгорочна посветеност, континуирана работа и искрена грижа за заедницата. За Халкбанк, наградата е мотив да продолжи уште поинтензивно да инвестира во иницијативи што оставаат трајна вредност за природата, луѓето и идните генерации“, велат од Халкбанк.

Бидејќи важни се луѓето, важна е и средината во која живеат, Халкбанк ќе продолжи да создава проекти кои не само што придонесуваат за економски развој, туку и за поздрава, позелена и поодржлива Македонија.

Продолжи со читање

Банки

ММФ ја потврди стабилноста на банкарскиот систем и искажа задоволство од модернизацијата на монетарната рамка

Објавено

на

Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја заврши редовната консултација со Република Северна Македонија согласно член IV од Статутот на ММФ, при што даде позитивна оцена за спроведувањето на монетарната политика и за состојбите во финансискиот систем.

Во својата оцена, директорите на ММФ истакнуваат дека домашната економија се соочува со неповолни влијанија од светскиот енергетски шок, што претставува ризик за забавување на економскиот раст, истовремено зголемувајќи ги инфлациските притисоци, што наметнува натамошно внимателно водење на монетарната политика.

Извршниот одбор на ММФ искажа задоволство од модернизацијата на рамката за водење на монетарната политика и поддршка за натамошните активности за унапредување на управувањето со ликвидноста и за зајакнување на автономијата на централната банка.

Во извештајот се посочува дека девизните резерви на земјава и натаму се на соодветното ниво, што придонесува за отпорноста на економијата на надворешни шокови.

ММФ оценува дека финансискиот систем и натаму е стабилен, а банкарскиот сектор е добро капитализиран и високо ликвиден. Според извештајот, стапката на адекватност на капиталот изнесува 19,4%, значително над регулаторните барања, додека учеството на нефункционалните кредити е намалено на историски најниското ниво од 1,9%. Ликвидноста и профитабилноста на банкарскиот систем и натаму се силни, со што дополнително се потврдува неговата отпорност.

Директорите на ММФ искажаа задоволство и од преземените макропрудентни мерки и укажуваат на потребата од постојано следење на ризиците поврзани со кредитниот раст и изложеноста на банките кон пазарот на недвижности. Воедно, тие препорачуваат натамошно усогласување на регулативата со европските стандарди и зајакнување на рамката за спречување перење пари и финансирање тероризам.

Оцените на Извршниот одбор на ММФ претставуваат потврда за стабилноста и отпорноста на домашниот финансиски систем и за унапредувањето на рамката за водење на монетарната политика, во услови на зголемена надворешна неизвесност.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange