Connect with us

Банки

По Охридска банка, Шпаркасе ја купува и УНИБанка?

Објавено

на

На македонскиот банкарски пазар се подготвува уште една голема трансакција. Steiermärkische Bank und Sparkassen AG, банкарската групација во чиј состав е Шпаркасе Банка АД Скопје, има намера да достави понуда за преземање на 100% од обичните акции на УНИ Банка АД Скопје.

Според известувањето доставено до УНИ Банка на 10 септември 2026 година, австриската банкарска групација планира да понуди 126,3766353 евра за една акција, во денарска противвредност.

УНИБанка има вкупно 545.987 издадени акции, а доколку понудата изнесува 126,3766353 евра по акција, вкупната вредност за преземање на 100% од акциите би изнесувала 69 милиони евра.  Со тоа, потенцијалната трансакција би ја вреднувала целата УНИБанка на околу 69 милиони евра.

Станува збор за намера за целосно преземање и понудата треба да се однесува на сите запишани обични акции кои претставуваат 100% од запишаниот акционерски капитал и гласачките права во УНИ Банка.

Сепак, во оваа фаза не станува збор за завршена аквизиција. Реализацијата е условена со добивање повеќе регулаторни одобренија во земјава и странство. Меѓу нив се одобренија од надлежните тела за заштита на конкуренцијата во Црна Гора и Србија, како и од Европската централна банка. Потоа преземачот треба да побара дозвола за понудата за преземање од Комисијата за хартии од вредност.

Доколку некое од потребните странски одобренија не биде добиено, намерата за преземање ќе се смета за повлечена. Истото важи и доколку надлежните институции не ги издадат потребните одобренија во предвидените рокови.

Шпаркасе продолжува со консолидација на македонскиот банкарски пазар

Потенцијалното преземање е особено интересно ако се погледне претходната експанзија на Шпаркасе во Македонија.

Во 2021 година официјално заврши присоединувањето на Охридска банка кон Шпаркасе Банка Македонија, откако процесот претходно ги доби потребните регулаторни одобренија. Со интеграцијата, Шпаркасе значително ја зајакна својата позиција и влезе во групата на големи банки на македонскиот пазар. 

Сега, пет години подоцна, групацијата прави чекор кон уште една значајна аквизиција.

УНИ Банка е профитабилна банка со 31,25 милијарди денари вкупни средства на крајот на 2025 година, капитал од околу 4,28 милијарди денари и нето-добивка од 492,5 милиони денари. Според податоците на Македонската берза, пазарната капитализација за 2025 година е наведена на околу 4,04 милијарди денари. 

Токму затоа, евентуалното преземање на УНИ Банка би претставувало нова значајна консолидација на банкарскиот сектор во Македонија и дополнително би ја засилило позицијата на Шпаркасе групацијата.

Засега клучниот збор е намера. Следниот чекор е добивањето на потребните регулаторни одобренија, по што ќе стане појасно дали УНИ Банка навистина ќе стане следната македонска банка што ќе влезе во групацијата на Шпаркасе.

Банки

До 80 години отплата и животно осигурување на трошок на банката – нов кредитен пакет за пензионери од АЛТА банка

Објавено

на

Со можност за отплата до 80 години старост и ризико животно осигурување целосно на трошок на банката, АЛТА банка отвора повеќе простор за личните планови, избори и финансиска сигурност на пензионерите преку новата платформа „ЗА ВАС.“

Некои планови доаѓаат порано. Други подоцна. Да се обнови домот, да се помогне на семејството, да се реализира нешто што долго се одложувало или едноставно да се направи нешто за себе. Пензионирањето не ги прави тие одлуки помалку важни.

Токму од таа идеја тргнува АЛТА банка со новиот Кредитен пакет за пензионери, чија најпрепознатлива предност е можноста кредитот да се отплаќа до 80 години старост, односно максималната возраст на клиентот на денот на целосната отплата да изнесува 80 години.

Посебна вредност на пакетот е ризико животното осигурување, кое АЛТА банка го обезбедува на свој трошок за целиот период на отплата на кредитот, без дополнителен трошок за клиентот. На тој начин, во случај на непредвиден животен настан покриен со полисата, се обезбедува заштита на преостанатата кредитна обврска и дополнителна финансиска сигурност за семејството.

Новиот кредитен пакет овозможува износ до 600.000 денари, со рок на отплата до 120 месеци и фиксна каматна стапка од 7,50%.

Но, зад бројките стои едноставна идеја: финансиските производи имаат најголема вредност кога го следат животот на луѓето и им оставаат простор самите да одлучат што им е важно.

„За вас. За сè што ве радува.“

„ЗА ВАС.“ е повеќе од порака за еден кредитен производ. Тоа е пристап со кој АЛТА банка сака уште подобро да одговори на реалните потреби на пензионерите – преку производи, услуги и погодности што им носат поголем избор, едноставност и вредност во секојдневието.

„Со овој пакет сакавме да понудиме повеќе од кредит – решение што носи и поголема сигурност за клиентите и нивните семејства. Затоа овозможивме отплата до 80 години старост, а АЛТА банка во целост го презема трошокот за ризико животното осигурување за целиот период на отплата, без дополнителен трошок за клиентот. Веруваме дека токму ваквите услови создаваат вистинска вредност за пензионерите – поголем простор за нивните планови и дополнителна финансиска сигурност“, велат од АЛТА банка.

Новиот Кредитен пакет за пензионери е достапен преку експозитурите на АЛТА банка, а повеќе информации за производот и условите се достапни на altabanka.com.mk.

ПР објава

Продолжи со читање

Банки

Плаќај со Mastercard од Стопанска банка и освои милион денари

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје ги повикува корисниците на своите Mastercard картички да учествуваат во наградната игра во која главната награда изнесува еден милион денари, а предвидени се и месечни парични награди.

Како што информираат од Банката, секое плаќање со Mastercard картичка претставува нова шанса за добивка.

Дополнителна можност за учество и поголема шанса за освојување награда корисниците добиваат доколку плаќањата ги извршуваат преку Google Pay или Apple Pay.

Деталните правила и услови за учество во наградната игра се објавени на официјалните канали на Стопанска банка.

Продолжи со читање

Банки

Халк Вело Грин повторно ги обедини спортот, природата и хуманоста во Маврово

Објавено

на

Маврово вчера повторно беше во знакот на велосипедизмот, активниот животен стил и дружењето. На 8 септември, Халкбанк по седми пат ја организираше хронометарската велосипедска трка Халк Вело Грин, која и оваа година ги обедини рекреативците, професионалните велосипедисти, децата, младите и љубителите на природата во ден исполнет со спорт и позитивна енергија.

Трката, која одамна прерасна во повеќе од спортски настан, е дел од платформата ХалкЕко, преку која Халкбанк ги промовира здравите животни навики, активниот начин на живот и грижата за животната средина.

Стартот и целта беа поставени на големиот паркинг пред спортската сала во Маврово. Учесниците во категориите Хоби и Млади се натпреваруваа на патека долга 22 километри, додека категоријата Деца возеше 12 километри.

Во категоријата Хоби кај мажите, првите три места ги освоија Иван Илијевски, прво место, Ведран Чичов, второ место, Маријан Тасевски, трето место. Кај жените најбрзи беа Елена Петрова, прво место, Елеонора Димковска, второ место, Даниела Атанасовска, трето место.

Во рамки на оваа категорија, имаше и подкатегории според возраста, за мажи и жени. Кај оние од категорија 40–49 години, најдобри беа Слободан Настевски, Александар Михајлоски и Огнен Ѓорѓиевски кај мажите, односно Даниела Атанасовска, Драгана Анѓелеска и Рената Ќуштеревска кај жените.

Во возрасната подкатегорија од 50–59 години најбрзи мажи беа Валери Јованчев, Ален Јовчевски и Ивица Јовановски, а кај жените првите три места ги освоија Сашка Костовска Длака, Сузе Соларска и Маја Илиева.

Од учесниците постари од 60 години, првите три места кај мажите ги освоија Борислав Соларски, Зоран Андоноски и Ѓоко Маркоски, а кај жените Билјана Иванова.

Во категоријата Млади, каде се натпреваруваа деца, родени од 2008 до 2011, најбрзи во машка конкуренција беа Константин Костоски, прво место, Кирил Анчевски, второ место и Мартин Спасевски, трето место и Јана Ѓорѓиевска, прво место, Сара Пановска, второ место и Тија Кукунешоска, трето место во женска конкуренција.

Кај Децата, родени 2012 и помлади, првите три места ги освоија Андреј Лозаноски, прво место, Михаил Лозаноски, второ место и Јован Кутаноски, трето место во машка конкуренција и Оља Цветанова, прво место, Илина Станојевска, второ место и Климентина Атанасовска, трето место во женска конкуренција.

Покрај индивидуалниот натпреварувачки дух, Халк Вело Грин и оваа година понуди можност за тимско рангирање, овозможувајќи им на компаниите спортските клубови, здруженијата и групите пријатели заедно да ја почувствуваат атмосферата на трката.

Најуспешните тимови Аксиос-ПРО, Халкбанк и Цикло Спорт добија дипломи и пехари, како признание за тимскиот дух и заедничкиот успех.

Во духот на вредностите што ги промовира ХалкВелоГрин, сите средства собрани од котизациите се наменети за хуманитарна и општествено корисна цел, пошумување на територија каде што ќе има потреба од истото.

Најдобрите натпреварувачи беа наградени со парични награди. Во категоријата Хоби, наградите за првите три места во машка и женска конкуренција изнесуваат 15.000, 10.000 и 5.000 денари. Во категоријата Деца и Млади наградите се 8.000, 5.000 и 3.000 денари.

Со седмото издание на Халк Вело Грин, Халкбанк уште еднаш испрати порака дека спортот, здравите навики, грижата за природата и солидарноста можат да се спојат во еден настан што инспирира сè поголем број учесници.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange