Connect with us

Банки

Силк Роуд Банка овозможи отворање платежна сметка преку OneID

Објавено

на

Силк Роуд Банка нуди дигитална услуга која им овозможува на граѓаните да отворат платежна сметка онлајн, користејќи го системот за електронска идентификација OneID. Со оваа услуга, банката прави чекор поблиску до целосно дигитално банкарство.

Процесот започнува со едноставно пополнување на апликативна форма, со што корисникот дава согласност банката да го преземе неговиот дигитален идентитет преку платформата OneID. Потоа, во зависност од тоа дали корисникот веќе има креиран дигитален идентитет, постапката се одвива на два начина.

Корисниците кои веќе имаат активен OneID ќе добијат нотификација на својот мобилен уред дека банката бара пристап до нивниот идентитет, по што треба да ја потврдат согласноста преку апликацијата. По потпишувањето, добиваат е-пошта или СМС порака за продолжување на процесот на внесување податоци.

За оние кои немаат креирано дигитален идентитет, банката испраќа упатства за инсталирање на OneID апликацијата и креирање на профил. По завршување на регистрацијата, корисникот добива барање за согласност за преземање на податоците од страна на банката.

Со онлајн аплицирањето, клиентите потврдуваат дека се запознаени и се согласуваат со условите за користење, вклучително и рамковниот договор, тарифите и правилата за електронска идентификација. Дополнително, потребно е да се изјаснат дека не се носители на јавна функција, немаат САД индиции и се резиденти на Северна Македонија.

Од банката информираат дека услугата не е достапна за нерезиденти, малолетни лица и политички изложени лица, како и за граѓани со САД индиции.

Се нагласува дека КИБС АД Скопје, како оператор на OneID, функционира како независен контролор на личните податоци. Со давање согласност, корисниците дозволуваат преземање на нивните лични и контакт податоци, како и податоци од Централниот регистар на население, неопходни за отворање на платежната сметка.

Банки

НЛБ Банка со раст на добивката од 7 отсто во првото полугодие од 2026 година

Објавено

на

НЛБ Банка Скопје во првите шест месеци од 2026 година остварила нето-добивка од 1.722 милиони денари, што е раст од 7 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Добивката пред оданочување достигнала 1.979 милиони денари, односно е зголемена за 7,4 отсто на годишно ниво. Нето-приходите од камати изнесувале 2.451 милион денари и биле повисоки за 1,6 отсто, додека нето-приходите од провизии и надоместоци пораснале за 10 отсто, на 833 милиони денари.

На крајот на јуни, вкупната актива на Банката достигнала 158,6 милијарди денари, што претставува раст од 16,1 отсто во однос на истиот период од 2025 година.

Кредитите кон небанкарскиот сектор изнесувале 108,8 милијарди денари и забележале годишен раст од 20,3 отсто. Кредитирањето на компаниите се зголемило за 22 отсто, додека кредитите кон домаќинствата пораснале за 11,1 отсто. Кај населението, станбените кредити се зголемиле за 13,1 отсто, а потрошувачките за 10,5 отсто.

Истовремено, депозитите на комитенти достигнале 121,3 милијарди денари, со годишен раст од 13,6 отсто, додека капиталот и резервите на Банката изнесувале 21,5 милијарди денари и биле зголемени за 14 отсто.
Во првото полугодие НЛБ Банка продолжила и со инвестициите во дигитализација, воведувајќи нови услуги и производи, меѓу кои пакетот за млади „NLB Next“ и услугата Visa Direct. Банката обезбедила и 30 милиони евра финансирање од Европската банка за обнова и развој за инвестиции во зелената транзиција на корпоративниот сектор.

На крајот од полугодието почнала и исплатата на дивиденда за акционерите во вкупен бруто-износ од 2,2 милијарди денари, односно 2.571 денар по акција.

Продолжи со читање

Банки

Рајфајзен го мина клучниот праг за преземање на Аддико банка

Објавено

на

Рајфајзен банк интернешнл официјално потврди дека доброволната јавна понуда за преземање на Аддико банка успешно го надминала минималниот праг на прифаќање, со што процесот на преземање влегува во завршна фаза.

До 24 јули 2026 година биле примени изјави за прифаќање на понудата за вкупно 10.720.331 акција на Аддико банка, што претставува 55,58 отсто од сите акции опфатени со понудата.

Со тоа е исполнет клучниот услов предвиден со австрискиот Закон за преземања, според кој понудата треба да биде прифатена за повеќе од 55 отсто од акциите за да се смета за успешна.

Меѓу акциите за кои била прифатена понудата се и 1.878.167 акции на Алта груп, што претставуваат 9,63 отсто од вкупниот број издадени акции на Аддико банка. Со овој потег дополнително се зацврстува позицијата на Рајфајзен во процесот на преземање.

Рокот во кој акционерите можеа да ги повлечат своите изјави за прифаќање истече на 23 јули во 17 часот. Од Рајфајзен соопштија дека до 24 јули во 9 часот не била примена ниту една изјава за повлекување.

Надминувањето на прагот од 55 отсто претставува клучна пресвртница во процесот на преземање и му обезбедува на Рајфајзен контролен пакет и значајна позиција за следните чекори во трансакцијата.

Аддико банка е позната по фокусот на потрошувачкото кредитирање и дигиталните банкарски услуги, а работи на повеќе пазари во Југоисточна Европа. Влегувањето под контрола на Рајфајзен би можело да донесе промени во деловниот модел, дигиталната стратегија и регионалното позиционирање на банката.

Преземањето истовремено може да придонесе за зајакнување на позицијата на Рајфајзен во банкарскиот сектор во Југоисточна Европа, каде што групацијата веќе има значително присуство.

Со успешното надминување на минималниот праг на прифаќање започнува завршната фаза од преземањето. Вниманието сега е насочено кон следните чекори на Рајфајзен, како и кон можните планови за интеграција и идниот развој на Аддико банка.

Извор: EQS News / Financa.ba

Продолжи со читање

Банки

Комерцијална банка: Илјадници корисници веќе плаќаат со Apple Pay

Објавено

на

Илјадници корисници веќе го користат Apple Pay за брзо и безбедно плаќање во продавници, преку апликации и онлајн, информираат од Комерцијална банка.

Корисниците на Mastercard дебитни и кредитни картички од Комерцијална банка можат да ги додадат своите картички во Apple Wallet и да плаќаат преку iPhone, Apple Watch, iPad или Mac.

За плаќање во продавница, потребно е корисникот двапати да го притисне страничното копче на уредот, да се автентицира и да го доближи iPhone или Apple Watch до терминалот за бесконтактно плаќање.

Од Комерцијална банка посочуваат дека секоја трансакција преку Apple Pay е заштитена со Face ID, Touch ID или лозинката на уредот, како и со еднократен уникатен динамичен безбедносен код.

Apple Pay може да се користи во маркети, аптеки, ресторани, кафетерии, продавници и на други продажни места што поддржуваат бесконтактно плаќање.

Активирањето на услугата е едноставно. На iPhone потребно е да се отвори апликацијата Wallet, да се избере знакот „+“ и да се следат чекорите за додавање на Mastercard дебитна или кредитна картичка од Комерцијална банка.

Откако картичката ќе биде додадена, Apple Pay може веднаш да се користи на соодветниот Apple уред.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange