Connect with us
no baners

Бизнис

ЕУ размислува за делење авионско гориво меѓу членките поради криза во снабдувањето

Објавено

на

Европската комисија се подготвува да побара делење на авионското гориво во рамки на Европската унија поради последиците од конфликтот на Блискиот Исток.

Еврокомесарот за енергетика, Дан Јоргенсен, изјави дека Брисел ќе продолжи да ја следи состојбата со залихите на гориво и рафинериските капацитети, ќе ја координира испораката и, доколку е потребно, ќе изврши прераспределба на горивото меѓу земјите членки – слично на механизмите користени за време на пандемијата при распределбата на вакцини.

„Се движиме од криза на високи цени кон криза на снабдување. Тоа најпрво ќе се почувствува кај авионското гориво и се приближуваме до тоа многу брзо“, изјави Јоргенсен за Financial Times.

Според него, мерките може да вклучат поделба, односно прераспределба на авионското гориво меѓу членките на ЕУ.

Првиот човек на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол, минатата недела изјави дека ЕУ располага со резерви на авионско гориво за околу шест недели. Причината е што значителен дел од керозинот се набавува токму од Блискиот Исток.

Авиокомпаниите Луфтханза и КЛМ веќе најавија намалување на бројот на летови како одговор на кризата во снабдувањето.

„Мора да бидеме искрени – ситуацијата може да стане сериозна. Доколку конфликтот продолжи, постои реална опасност од поскапи авиобилети и откажани летови во текот на летото“, оцени Јоргенсен.

Планот за прераспределба на горивото може да биде политички чувствителен и да потсети на предизвиците од периодот на пандемијата, но Јоргенсен изрази уверување дека земјите членки ќе покажат солидарност.

„Станува збор за криза што мора да ја решаваме заеднички. Целта е ниту една земја, регион или аеродром да не биде непропорционално погоден“, нагласи тој.

Во рамки на мерките, Брисел планира да воспостави и систем за следење на снабдувањето со гориво, со цел подобар увид во производството и трговските текови, како и да ги процени постојните рафинериски капацитети за нивно поефикасно искористување.

Дополнително, се разгледува и можноста за ослободување на стратешките резерви, како и воведување обврска за чување на авионско гориво како дел од тие резерви.

Бизнис

УЈП ја стартува третата фаза од проектот е-Фактура: Компаниите добиваат веб-апликација за тестирање

Објавено

на

Управата за јавни приходи ја започна третата фаза од имплементацијата на проектот е-Фактура, овозможувајќи им на компаниите пристап до веб-апликација преку која ќе можат практично да го тестираат системот за електронска размена на фактури.

Новата тест-околина им овозможува на малите, средните и големите компании едноставно да креираат, испраќаат, прифаќаат, одбиваат и сторнираат електронски фактури, како и да тестираат различни даночни сценарија преку 12 даночни индикатори.

Проектот се реализира по фази. Во првата фаза беше тестирана интеграцијата на ERP системите на компаниите со платформата е-Фактура, додека во втората фаза беа воведени дополнителни API сервиси и нови функционалности за обработка на фактурите. Со третата фаза, УЈП прави значаен чекор кон поедноставување на пристапот до системот и негово пошироко користење од страна на бизнис-заедницата.

За поефикасно тестирање, УЈП воспостави соработка со околу 200 компании кои ќе учествуваат како избрани тестирачи и ќе доставуваат повратни информации за функционалностите на системот. Истовремено, институцијата продолжува со едукативни активности во соработка со стопанските комори и деловните здруженија, при што досега се реализирани околу 30 информативни средби.

Во наредниот период ќе бидат организирани дополнителни презентации низ државата, а ќе бидат објавени и вебинар и детално упатство за користење на системот.

Од Управата за јавни приходи ги повикуваат сите компании активно да ја користат тест-апликацијата и да доставуваат предлози, забелешки и препораки, со цел понатамошно унапредување на платформата и подготовка за целосна примена на системот е-Фактура.

Продолжи со читање

Бизнис

Македонските аеродроми со рекорден раст од над 31 процент, меѓу лидерите во Европа

Објавено

на

Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид се вбројуваат меѓу најбрзо растечките аеродроми во Европа, покажува најновата анализа на Меѓународниот совет на аеродромите – Европа (ACI Europe) за воздушниот сообраќај во април 2026 година.

Според извештајот, Северна Македонија бележи раст на патничкиот сообраќај од 30,6 проценти, што ја позиционира пред повеќето европски пазари и ја става во групата на најуспешни земји надвор од Европската Унија. Зад неа се рангирани Албанија со раст од 25,3 проценти и Молдавија со 24,6 проценти.

Податоците на „ТАВ Македонија“, која управува со двата аеродрома, покажуваат дека во периодот јануари – мај годинава преку скопскиот и охридскиот аеродром патувале 1.580.932 патници, што претставува зголемување од 31,2 проценти во споредба со истиот период лани. Во исто време биле реализирани 10.595 летови, односно 9,5 проценти повеќе од минатата година.

Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, оцени дека резултатите се потврда за растечката побарувачка за воздушен превоз и за зголемената атрактивност на земјата како туристичка и бизнис-дестинација.

„Во услови кога дел од европските пазари бележат стагнација или пад на патничкиот сообраќај, македонските аеродроми продолжуваат да растат со двоцифрени стапки. Тоа е резултат на инвестициите во инфраструктурата, развојот на услугите и соработката со авиокомпаниите“, посочи Курт.

Од ACI Europe наведуваат дека април 2026 година претставува пресвртница за европскиот воздушен сектор, при што геополитичките случувања, особено на Блискиот Исток, почнуваат да влијаат врз динамиката на растот на воздушниот сообраќај.

Меѓу најголемите европски пазари најдобри резултати бележат аеродромите во Шпанија и Италија, додека Германија, Велика Британија и Франција регистрираат намалување на бројот на патници.

Последните податоци потврдуваат дека македонските аеродроми го продолжуваат трендот на силен раст и ја зацврстуваат позицијата на земјата на европската воздухопловна мапа.

Продолжи со читање

Бизнис

Витаминка откупи сопствени акции, уделот на трезорски акции достигна 4,14 проценти

Објавено

на

Прехранбената компанија Витаминка АД откупи 250 сопствени акции на 2 јуни, што претставува 0,33 проценти од вкупниот акционерски капитал на друштвото.

По спроведената трансакција, компанијата поседува вкупно 3.180 трезорски акции, односно 4,14 проценти од вкупниот број издадени акции, соопшти Витаминка преку известување доставено до Македонската берза.

Според податоците од Македонска берза, на 2 јуни акциите на Витаминка се тргувале по просечна цена од 12.501 денар по акција.

Основната главнина на компанијата е поделена на 76.720 обични акции.

Последното тргување со акциите на Витаминка е регистрирано на 4 јуни, кога просечната цена повторно изнесувала 12.501 денар по акција.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange