Connect with us

Бизнис

Димитриеска-Кочоска: ММФ ја засилува поддршката за реформи и економска стабилност во регионот преку нов Регионален центар за ЈИЕ

Објавено

на

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон, учествуваше на тркалезна маса на која беше претставена петгодишна програма за развој на капацитетите на нов Регионалниот центар за техничка помош на Меѓународниот монетарен фонд за Југоисточна Европа (SEETAC).

Центарот, чие започнување со работа е предвидено најдоцна до јануари 2027 година, како што се наведува во соопштението од Министерството за финансии, ќе биде дел од глобалната мрежа на ММФ за развој на капацитети и ќе обезбедува поддршка за шесте земји од Западен Балкан и Молдавија во зајакнување на институциите, креирање политики и спроведување реформи во согласност со европските стандарди.

Министерката Димитриеска-Кочоска на состанокот истакнала дека воспоставувањето на SEETAC претставува значаен чекор за продлабочување на соработката со ММФ за унапредување на економското управување во регионот.

„Како земја даваме јасна и силна поддршка за формирањето на овој регионален центар, кој ќе биде важен инструмент за забрзување на реформите и зајакнување на институциите. Преку SEETAC ќе се обезбеди пристап до врвна експертиза и практична техничка помош, што директно ќе придонесе за поефикасни политики, стабилни јавни финансии и поголема економска отпорност. Ова е значајна инвестиција во капацитетите на регионот и во нашата европска перспектива“, посочи министерката.

Во рамки на дискусијата била нагласена потребата од понатамошно зајакнување на институционалните капацитети, унапредување на управувањето со јавните финансии, како предуслов за одржлив економски раст и побрза интеграција во Европската Унија.

Овој ангажман, како што истакнуваат од Министерството за финансии, е силен и во континуиран раст, особено во контекст на реформите поврзани со пристапувањето во Европската Унија.

Во рамки на првата фаза од работењето, SEETAC ќе се фокусира на зголемување на фискалниот простор, подобрување на прибирањето приходи, зголемување на ефикасноста на јавната потрошувачка, зајакнување на монетарните и финансиските политики, како и унапредување на статистиката и аналитичките капацитети.

Центарот ќе обезбедува континуирана поддршка преку резидентни советници, експерти, обуки, работилници и регионални иницијативи, со цел поефикасна имплементација на реформите и засилена регионална соработка.
На состанокот беше истакната и важноста од партнерството меѓу земјите членки, ММФ и донаторите, при што беше посочено дека вкупниот буџет за првите пет години изнесува 70,4 милиони долари.

Во рамки на Пролетните средби, министерката за финансии учествуваше на состанокот на Холандската конституенца, во чии рамки членува нашата земја, заедно со уште 15 земји – Кнежевството Андора, Ерменија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Република Хрватска, Кипар, Грузија, Израел, Луксембург, Република Молдавија, Црна Гора, Романија, Холандија и Украина.

На состанокот, како што е наведено во соопштението, станало збор за предизвиците со кои се соочува светската економија, геополитичките тензии и зголемената неизвесност. Притоа било истакнато влијанието од конфликтот во Украина, како и воените операции на Блискиот Исток, особено преку директното влијание врз цените на нафтата и гасот и преку нарушување на важните трговски рути, како и за мерките и политиките за справување со влијанието.

Димитриеска-Кочоска во Вашинтон остварила средби и со претставници на повеќе меѓународни финансиски институции и корпорации.

Бизнис

Макпетрол ги наградува акционерите: Од 31 август започнува исплатата на дивидендата!

Објавено

на

Макпетрол АД Скопје на 31 август 2026 година започнува со исплата на дивидендата за 2025 година, согласно одлуката донесена на Годишното собрание на акционери.

Вкупниот бруто износ на дивидендата изнесува 467,3 милиони денари, односно 4.620 денари бруто дивиденда по акција.

Исплатата се реализира согласно Дивидендниот календар на Друштвото, донесен на 26 мај 2026 година, по усвојувањето на Годишната сметка за 2025 година.

Со исплатата на дивидендата, Макпетрол продолжува со распределба на дел од остварената добивка кон своите акционери, со што дополнително ја потврдува атрактивноста на акцијата на домашниот пазар на капитал.

Продолжи со читање

Бизнис

Back to School понуда од Iute и Sport-M: 1.000 денари попуст за купување над 5.000 денари

Објавено

на

Во пресрет на новата учебна година, iute Македонија и Sport-M подготвија Back to School понуда за набавка на нова училишна и спортска опрема.

Купувачите во Sport-M можат да изберат ранци, облека, патики и друга опрема, а плаќањето преку iute е овозможено на рати со 0% трошоци.

Дополнително, за секое купување во вредност над 5.000 денари следува попуст од 1.000 денари. Понудата важи и за купување во продавниците и за онлајн на веб-страницата на Sport-M.

Со оваа промотивна акција, iute и Sport-M им нудат можност на родителите и учениците навреме да се подготват за почетокот на новата учебна година.

Продолжи со читање

Бизнис

Од полноќ нови цени на горивата: Дизелот поскапува за 3,50 денари, бензините за 1,50

Објавено

на

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе нова одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати во просек се зголемуваат за 2,62 проценти во однос на претходната одлука од 17 август. Новите цени ќе важат од полноќ, односно од 00:01 часот на 25 август.

Цената на ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 1,50 денари и ќе изнесува 93 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по максимална цена од 95 денари за литар.

Најголемо поскапување има кај дизелот, чија цена се зголемува за 3,50 денари за литар. ЕУРОДИЗЕЛ БС од утре ќе чини најмногу 101,50 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство поскапува за два денари и ќе изнесува 100,50 денари за литар.

Мазутот М-1 НС поскапува за 1,850 денари за килограм, па неговата нова максимална цена ќе биде 45,576 денари за килограм.

Од РКЕ посочуваат дека причина за новата корекција е растот на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Во споредба со претходната пресметка, цените на бензините се зголемиле во просек за 3,795 проценти, на дизелот за 4,842 проценти, на екстра лесното масло за 3,958 проценти, а на мазутот за 6,467 проценти.

Од Комисијата нагласуваат дека утврдените цени се максимални, а трговците имаат можност нафтените деривати да ги продаваат и по пониски цени.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange