Останато
УЈП: Нема нов данок за приходи од странство, се применува постоечкиот закон
Управата за јавни приходи информира дека оданочувањето на приходи остварени во странство не претставува нова мерка, туку спроведување на веќе постоечките законски обврски. Директорката Елена Петрова посочи дека станува збор за систем на самооданочување, при што граѓаните треба самостојно да го пријават доходот.
Според податоците, во 2025 година над 70 илјади граѓани примиле 577 милиони евра од странство, но не сите приливи се оданочиви. Дел од граѓаните веќе поднеле пријави, а УЈП испратила и известувања за можно оданочување.
Институцијата нагласува дека нема двојно оданочување доколку се приложи доказ за платен данок во странство и дека пристапот е нерепресивен, со фокус на доброволно усогласување.
Во меѓувреме, граѓани и студенти кои работеле во странство протестираа, тврдејќи дека постапките се нејасни и дека има случаи на доцнење и недоследности при утврдување на даночните обврски.
Останато
Поевтинување на горивата: дизелот и бензините со пониски цени од денес
Од денеска важат нови, пониски цени на горивата, откако Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за нивно намалување.
Дизел горивото поевтини за 2,5 денари по литар и сега се продава по цена од 95,5 денари, додека бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и БС-98 се намалени за 1,5 денар и чинат 82, односно 84 денари за литар.
Намалување има и кај екстра лесното масло за домаќинство, чија цена е пониска за 3,5 денари и изнесува 96,5 денари по литар.
Дополнително, поевтинува и мазутот М-1 НС, чија цена е намалена за 2,084 денари по килограм и сега изнесува 49,227 денари.
Со најновата одлука, малопродажните цени на нафтените деривати во просек се намалени за околу 2,73 проценти.
Останато
Управата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста
Управата за јавни приходи донесе План за подобрување на усогласеноста – Неформална економија 2026 – 2027, како стратешки документ кој произлегува од современиот концепт на управување со ризиците на усогласеност.
Овој концепт претставува модерна филозофија на работењето на даночните администрации, која вклучува препознавање на ризиците за неусогласеност и нивно навремено адресирање преку комбинација од превенција, советување и поддршка, таргетирани контроли и системски мерки. Целта е да се влијае врз однесувањето на даночните обврзници и да се поттикне доброволна и трајна усогласеност со законските обврски.
Планот претставува континуитет на активностите што УЈП ги спроведуваше во текот на 2025 година за сузбивање на неформалната економија, со дополнително унапредување и проширување на пристапот.
Фокусот и во следниот период останува на угостителството, трговијата на мало и одредени услужни дејности, каде што постои поголем ризик од неевидентирање на готовинскиот промет. Истовремено, опфатот се проширува и кон економските активности во синџирите на снабдување поврзани со овие дејности. Овој пристап се темели на сознанието дека неформалните активности не се задржуваат само на местото на продажба и не се сведуваат само на неиздавање фискална сметка, туку се пренесуваат низ целиот синџир преку набавки и плаќања во готово и исплати „во плико“” кон неформално вработени лица.
Дополнителен фокус се става на краткорочното туристичко сместување, вклучително и активностите што се одвиваат преку дигитални платформи, како сегмент што се повеќе добива економско значење, но истовремено носи и специфични ризици за непријавени приходи.
Планот предвидува засилување на превентивните и информативните активности, со акцент на вмрежување и координација со други институции на национално и локално ниво. Целта е даночните обврзници сеопфатно да бидат информирани за своите обврски, права и придобивки од формалното работење.
Советодавната поддршка и насочување кон доброволно усогласување остануваат клучен елемент на пристапот, со цел даночните обврзници да го прифатат и одржат законски усогласеното однесување на долг рок, наместо усогласеноста да биде само принуден резултат на санкции.
Во делот на контролите ќе се имплементираат мерки за зголемување на ефикасноста и ефективноста, не само преку подобрена селекција на субјектите врз основа на анализа на ризик, туку и со унапредена методологија за контрола и примена на индиректни методи за процена на неевидентираниот промет. Контролата нема да се сведува само на проверка на касата и формалните документи, туку на утврдување на економската суштина на работењето преку капацитетот на деловниот субјект, бројот на вработени, побарувачката, залихите и др.
Планот вклучува и системски мерки, меѓу кои е и надградбата на ГПРС системот за следење на готовинскиот промет во реално време, што ќе овозможи подобра анализа и навремено детектирање на ризици.
Целта на овој план е трансформирање на неформалните активности во таргетираните дејности во формални и законски усогласени. Успешноста на планираните мерки ќе се цени преку конкретни индикатори, пред се преку растот на пријавениот промет кај даночните обврзници во таргетираните дејности.
Останато
Македонска берза со предупредување за лажни профили што нудат инвестиции на Facebook
Македонска берза алармира дека во изминатите денови се појавиле повеќе лажни профили, претежно на социјалната мрежа Facebook, кои се претставуваат во име на институцијата и се обидуваат да ги доведат во заблуда граѓаните.
Од Берзата информираат дека овие профили директно контактираат корисници преку пораки, нудејќи купување на хартии од вредност или барајќи лични податоци, но нагласуваат дека станува збор за измама и дека тие профили немаат никаква поврзаност со институцијата.
„Оваа Facebook страница е единствената официјална страница на Македонска берза. Македонска берза никогаш нема директно да контактира граѓани преку порака со понуда или барање“, потенцираат од Македонската берза.
Оттаму посочуваат дека во моментов единствено што можат да направат е да ги пријавуваат лажните профили и да чекаат тие да бидат отстранети од страна на платформата.
Воедно, апелираат граѓаните да бидат внимателни и да препознаваат сомнителни профили преку неколку карактеристики: профили кои можат да се додаваат како „пријатели“, наместо да се следат како страница, новокреирани профили со мал број објави, како и профили со имиња на англиски јазик кои комуницираат преку пораки на англиски.
Од Македонска берза ги повикуваат граѓаните, доколку забележат вакви лажни профили, да ги пријават, со цел да се зголемат шансите за нивно отстранување.
-
Анализипред 2 месециПросечната плата во Македонија близу 47.000 денари – раст од 7,6% на годишно ниво
-
Интервјуапред 2 месециПензиски парадокс: Од минималец до доброволен фонд – новиот модел на младите вработени
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка: Започна исплатата на пензиите за февруари 2026 година
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Комерцијална банка АД Скопје
-
Банкипред 1 месецНЛБ Банка со информација за исплатата на паричната помош од социјална, детска и цивилна заштита за февруари 2026 година
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Капитал Банка АД Скопје
-
Продуктипред 1 месецДо 120.000 денари финансиска поддршка од Easy Finance – брзо и со транспарентни услови
-
Банкипред 2 месециЗошто е сменет директорот на Развојната банка и кој е неговиот наследник!?


