Бизнис
САД почнуваат со враќање на милијарди долари незаконски наплатени царини
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп најави дека од следниот понеделник ќе започне исплата на поврат на средства за американските увозници, кои платиле околу 166 милијарди долари царини, откако Врховниот суд на САД во февруари ги прогласи тие давачки за незаконски.
Американската царинска и гранична служба соопшти дека е завршена првата фаза од развојот на системот CAPE, кој ќе овозможи обединета електронска исплата на повратите, наместо секоја пратка да се обработува поединечно. Во исплатите ќе биде вклучена и камата таму каде што е применливо, пренесува Reuters.
Според податоците од судската постапка, до 9 април околу 56.000 увозници ја завршиле процедурата за електронски поврат, во вкупен износ од 127 милијарди долари. Системот ќе се воведува постепено.
Судот претходно пресуди дека Трамп ги пречекорил овластувањата кога вовел широки глобални царини, повикувајќи се на закон од 1977 година наменет за вонредни ситуации. По оваа одлука, увозниците покренаа постапки за враќање на средствата, додека судот го следи спроведувањето на исплатите.
Вкупно повеќе од 330.000 увозници платиле спорни царини за околу 53 милиони пратки стока. Во почетната фаза, системот CAPE ќе обработува поедноставни и понови случаи, додека за посложените предмети се разгледуваат посебни решенија.
Дел од помалите увозници стравуваат дека трошоците за постапката би можеле да го надминат износот на повратот, па разгледуваат алтернативни начини на финансирање. Во меѓувреме, Трамп ја критикуваше одлуката на судот и се обиде да воведе нови привремени царини врз основа на друг закон, но и тие мерки се предмет на правни спорови.
Бизнис
„Алкалоид“ АД Скопје четврта година по ред прогласен за победник во категоријата Најпосакуван работодавач
„Алкалоид“ АД Скопје повторно ја доби довербата на јавноста и беше прогласен за најпосакуван работодавач за 2025 година четврти пат по ред, според анкетата на веб порталот „Вработување.ком“.
Наградата, која беше врачена во рамките на манифестацијата организирана од „Вработување.ком“, се базира на национално истражување за перцепцијата и за искуствата поврзани со работодавачите во земјава.

Континуитетот на ова признание за нас има особено значење. Тој зборува за доследноста во начинот на кој ја градиме нашата работна култура – отворена, стабилна и ориентирана спрема луѓето. Во „Алкалоид“ веруваме дека силната организација започнува со здрави вредности, јасни професионални стандарди, високи етички норми и со заемна доверба затоа што успехот на компанијата произлегува од нејзините вработени.

Луѓето се суштината на сè што правиме. Нивната експертиза, мотивираноста и одговорноста се темелот врз кој се развива нашата компанија, па затоа грижата за нивниот професионален и личен напредок останува еден од нашите клучни стратешки приоритети.
Гледајќи напред продолжуваме со јасна визија да создаваме можности, да поттикнуваме иновации и да обезбедуваме работна средина во која знаењето и талентот се препознаваат и се вреднуваат. Нашата цел е „Алкалоид“ и натаму да остане прв избор за младите луѓе кои ја гледаат својата иднина во одговорна и успешна компанија.
ПР објава
Бизнис
Патничкиот сообраќај на аеродромите во Скопје и Охрид бележи раст од 33 отсто во првиот квартал
Двата меѓународни аеродроми во Северна Македонија, скопскиот и охридскиот, во периодот јануари–март опслужиле вкупно 841.577 патници, што претставува зголемување од 33,2 проценти во споредба со истиот период минатата година.
Според податоците објавени од Aéroports de Paris (ADP), растот на патничкиот сообраќај укажува на значително закрепнување и зголемена побарувачка за авионски превоз во земјава на почетокот од годината.
Иако не се објавени подетални информации за распределбата на патниците по аеродроми, традиционално најголемиот дел од сообраќајот се одвива преку Меѓународниот аеродром Скопје, додека охридскиот аеродром има поизразена сезонска динамика, особено во летниот период.
Зголемувањето на бројот на патници се поврзува со проширувањето на авиолиниите, зголемената фреквенција на летови, како и постепеното зајакнување на туристичкиот и бизнис-сообраќајот.
Очекувањата се дека позитивниот тренд ќе продолжи и во текот на остатокот од годината, особено со приближувањето на летната сезона.
Бизнис
Димитриеска-Кочоска: ММФ ја засилува поддршката за реформи и економска стабилност во регионот преку нов Регионален центар за ЈИЕ
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон, учествуваше на тркалезна маса на која беше претставена петгодишна програма за развој на капацитетите на нов Регионалниот центар за техничка помош на Меѓународниот монетарен фонд за Југоисточна Европа (SEETAC).
Центарот, чие започнување со работа е предвидено најдоцна до јануари 2027 година, како што се наведува во соопштението од Министерството за финансии, ќе биде дел од глобалната мрежа на ММФ за развој на капацитети и ќе обезбедува поддршка за шесте земји од Западен Балкан и Молдавија во зајакнување на институциите, креирање политики и спроведување реформи во согласност со европските стандарди.
Министерката Димитриеска-Кочоска на состанокот истакнала дека воспоставувањето на SEETAC претставува значаен чекор за продлабочување на соработката со ММФ за унапредување на економското управување во регионот.
„Како земја даваме јасна и силна поддршка за формирањето на овој регионален центар, кој ќе биде важен инструмент за забрзување на реформите и зајакнување на институциите. Преку SEETAC ќе се обезбеди пристап до врвна експертиза и практична техничка помош, што директно ќе придонесе за поефикасни политики, стабилни јавни финансии и поголема економска отпорност. Ова е значајна инвестиција во капацитетите на регионот и во нашата европска перспектива“, посочи министерката.
Во рамки на дискусијата била нагласена потребата од понатамошно зајакнување на институционалните капацитети, унапредување на управувањето со јавните финансии, како предуслов за одржлив економски раст и побрза интеграција во Европската Унија.
Овој ангажман, како што истакнуваат од Министерството за финансии, е силен и во континуиран раст, особено во контекст на реформите поврзани со пристапувањето во Европската Унија.

Во рамки на првата фаза од работењето, SEETAC ќе се фокусира на зголемување на фискалниот простор, подобрување на прибирањето приходи, зголемување на ефикасноста на јавната потрошувачка, зајакнување на монетарните и финансиските политики, како и унапредување на статистиката и аналитичките капацитети.
Центарот ќе обезбедува континуирана поддршка преку резидентни советници, експерти, обуки, работилници и регионални иницијативи, со цел поефикасна имплементација на реформите и засилена регионална соработка.
На состанокот беше истакната и важноста од партнерството меѓу земјите членки, ММФ и донаторите, при што беше посочено дека вкупниот буџет за првите пет години изнесува 70,4 милиони долари.
Во рамки на Пролетните средби, министерката за финансии учествуваше на состанокот на Холандската конституенца, во чии рамки членува нашата земја, заедно со уште 15 земји – Кнежевството Андора, Ерменија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Република Хрватска, Кипар, Грузија, Израел, Луксембург, Република Молдавија, Црна Гора, Романија, Холандија и Украина.
На состанокот, како што е наведено во соопштението, станало збор за предизвиците со кои се соочува светската економија, геополитичките тензии и зголемената неизвесност. Притоа било истакнато влијанието од конфликтот во Украина, како и воените операции на Блискиот Исток, особено преку директното влијание врз цените на нафтата и гасот и преку нарушување на важните трговски рути, како и за мерките и политиките за справување со влијанието.
Димитриеска-Кочоска во Вашинтон остварила средби и со претставници на повеќе меѓународни финансиски институции и корпорации.
-
Анализипред 2 месециПросечната плата во Македонија близу 47.000 денари – раст од 7,6% на годишно ниво
-
Интервјуапред 2 месециПензиски парадокс: Од минималец до доброволен фонд – новиот модел на младите вработени
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка: Започна исплатата на пензиите за февруари 2026 година
-
Банкипред 1 месецНЛБ Банка со информација за исплатата на паричната помош од социјална, детска и цивилна заштита за февруари 2026 година
-
Банкипред 2 месециЗошто е сменет директорот на Развојната банка и кој е неговиот наследник!?
-
Продуктипред 1 месецДо 120.000 денари финансиска поддршка од Easy Finance – брзо и со транспарентни услови
-
Останатопред 2 месециМакедонските пензионери во странство останаа без покачена пензија
-
Банкипред 2 месециХалкбанк известува: Пензиите за февруари се достапни на пензионерите


