Connect with us

Останато

Управата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста

Објавено

на

Управата за јавни приходи донесе План за подобрување на усогласеноста – Неформална економија 2026 – 2027, како стратешки документ кој произлегува од современиот концепт на управување со ризиците на усогласеност.

Овој концепт претставува модерна филозофија на работењето на даночните администрации, која вклучува препознавање на ризиците за неусогласеност и нивно навремено адресирање преку комбинација од превенција, советување и поддршка, таргетирани контроли и системски мерки. Целта е да се влијае врз однесувањето на даночните обврзници и да се поттикне доброволна и трајна усогласеност со законските обврски.

Планот претставува континуитет на активностите што УЈП ги спроведуваше во текот на 2025 година за сузбивање на неформалната економија, со дополнително унапредување и проширување на пристапот.

Фокусот и во следниот период останува на угостителството, трговијата на мало и одредени услужни дејности, каде што постои поголем ризик од неевидентирање на готовинскиот промет. Истовремено, опфатот се проширува и кон економските активности во синџирите на снабдување поврзани со овие дејности. Овој пристап се темели на сознанието дека неформалните активности не се задржуваат само на местото на продажба и не се сведуваат само на неиздавање фискална сметка, туку се пренесуваат низ целиот синџир преку набавки и плаќања во готово и исплати „во плико“” кон неформално вработени лица.

Дополнителен фокус се става на краткорочното туристичко сместување, вклучително и активностите што се одвиваат преку дигитални платформи, како сегмент што се повеќе добива економско значење, но истовремено носи и специфични ризици за непријавени приходи.

Планот предвидува засилување на превентивните и информативните активности, со акцент на вмрежување и координација со други институции на национално и локално ниво. Целта е даночните обврзници сеопфатно да бидат информирани за своите обврски, права и придобивки од формалното работење.

Советодавната поддршка и насочување кон доброволно усогласување остануваат клучен елемент на пристапот, со цел даночните обврзници да го прифатат и одржат законски усогласеното однесување на долг рок, наместо усогласеноста да биде само принуден резултат на санкции.

Во делот на контролите ќе се имплементираат мерки за зголемување на ефикасноста и ефективноста, не само преку подобрена селекција на субјектите врз основа на анализа на ризик, туку и со унапредена методологија за контрола и примена на индиректни методи за процена на неевидентираниот промет. Контролата нема да се сведува само на проверка на касата и формалните документи, туку на утврдување на економската суштина на работењето преку капацитетот на деловниот субјект, бројот на вработени, побарувачката, залихите и др.

Планот вклучува и системски мерки, меѓу кои е и надградбата на ГПРС системот за следење на готовинскиот промет во реално време, што ќе овозможи подобра анализа и навремено детектирање на ризици.

Целта на овој план е трансформирање на неформалните активности во таргетираните дејности во формални и законски усогласени. Успешноста на планираните мерки ќе се цени преку конкретни индикатори, пред се преку растот на пријавениот промет кај даночните обврзници во таргетираните дејности.

Останато

Димитриеска-Кочоска: Ребалансот носи повеќе средства за инвестиции и поддршка на граѓаните

Објавено

на

Ребалансот на Буџетот за 2026 година не е резултат на проблеми со јавните финансии, туку приспособување кон променетите економски услови и новите законски обврски, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Во интервју за „Плусинфо“, таа посочи дека со ребалансот се обезбедуваат средства за редовна исплата на платите, пензиите, социјалните надоместоци и другите обврски на државата, а истовремено се зголемуваат издвојувањата за капитални инвестиции, земјоделство, образование, социјална заштита, спорт и локален развој.

Според министерката, акцентот е ставен на инвестициите во патната и железничката инфраструктура, енергетиката, здравството, образованието и комуналните проекти, кои треба да придонесат за поголема економска активност, нови работни места и подобар животен стандард.

Димитриеска-Кочоска објасни дека потребата од ребаланс произлегла од геополитичките случувања, растот на цените на енергенсите, промените на меѓународните пазари и дополнителните обврски по потпишувањето на колективните договори.

Дополнителни средства се предвидени и за земјоделството, социјалната заштита и општините.

„Ова не е кризен, туку развоен ребаланс“, нагласи министерката, додавајќи дека средствата се насочуваат кон области што можат да создадат најголема додадена вредност за економијата.

Во собраниската расправа биле прифатени и амандмани за поддршка на жените земјоделки, воспоставување национална СОС-линија и отворање два центри за згрижување жртви на семејно и родово базирано насилство.

Димитриеска-Кочоска оцени дека растот на БДП од 3,1 процент во првиот квартал, зголемените странски инвестиции и позитивните движења во градежништвото, услугите и извозот покажуваат дека економијата останува стабилна.

Според неа, ребалансот треба да овозможи продолжување на инвестицискиот циклус, одржување на фискалната стабилност и подобрување на животниот стандард.

Продолжи со читање

Останато

УЈП ги повика граѓаните со неодобрени профили да ја завршат регистрацијата за е-Даночни услуги

Објавено

на

Управата за јавни приходи ги заврши активностите за комплетирање на регистрацијата во системот е-Даночни услуги за граѓаните кои поднеле барање за отворање кориснички профил како физички лица, но не ја завршиле целосно постапката.

До овие граѓани се испратени персонализирани пораки од електронската адреса [email protected], со насоки за понатамошно постапување.

Од УЈП информираат дека корисниците треба да се обратат во надлежната даночна канцеларија со важечки документ за лична идентификација, каде што овластено службено лице ќе ја одобри нивната регистрација.

Со валиден и активен профил во системот е-Даночни услуги, граѓаните можат да користат електронски услуги преку порталот uslugi.gov.mk, да имаат увид во Годишната даночна пријава, да остваруваат права од надлежност на УЈП и други институции, како и да ја користат апликацијата „МојДДВ“.

За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на [email protected] или на телефонските броеви 02/3253-200 и 0800 33 000, кој е достапен само за повици од фиксни оператори.

Продолжи со читање

Бизнис

Кина руши рекорди: Надворешната трговија порасна за речиси 17% и достигна 3,75 трилиони долари за само шест месеци

Објавено

на

Кинеската надворешна трговија во првите шест месеци од 2026 година достигна 25,47 трилиони јуани (околу 3,75 трилиони американски долари), што претставува раст од 16,9% на годишно ниво, покажуваат податоците на Генералната царинска управа на Кина.

Извозот се зголемил за 13,4%, достигнувајќи 14,73 трилиони јуани, додека увозот пораснал за 22,1%, на 10,74 трилиони јуани, што укажува на забрзан раст на домашната побарувачка и порамнотежен развој на надворешната трговија.

Во вториот квартал годинава, вкупната трговска размена изнесувала 13,61 трилиони јуани, со годишен раст од 18,4%, што е најсилен квартален резултат од третиот квартал на 2021 година. Само во јуни, трговијата пораснала за 24,2%, продолжувајќи го позитивниот тренд седумнаесетти месец по ред.

Особено силен раст е забележан кај извозот на машини и електронски производи, кој се зголемил за 20,1%, како и кај високотехнолошките производи, чиј извоз пораснал за 39%. Значително зголемување е регистрирано и кај производите поврзани со вештачка интелигенција, зелените технологии и напредната индустриска опрема.

Според кинеската Царинска управа, приватните компании и натаму имаат водечка улога во надворешната трговија, учествувајќи со 57% од вкупната размена, додека околу 267.000 компании во текот на првата половина од годината успеале да освојат нови извозни пазари.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange