Бизнис
САД го продолжија рокот за преговори за продажба на странските средства на Лукоил
Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за финансии објави дека го продолжува рокот за потенцијалните купувачи на странските средства на Лукоил за уште еден месец, односно до 1 мај.
Ова е четврто продолжување на рокот откако американското Министерство за финансии воведе санкции против Лукоил во октомври, поради војната на Русија во Украина.
Со најновата одлука се дозволуваат одредени трансакции поврзани со преговори и потпишување условни договори за продажба на австриската Lukoil International, која управува со повеќе од 100 странски подружници на компанијата во околу 50 земји. Воедно, се дозволуваат и активности поврзани со одржување или постепено затворање на бизнисите.
Уште во јануари, Лукоил соопшти дека постигнал договор за продажба на поголемиот дел од своите странски средства, проценети на околу 22 милијарди долари, на американската инвестициска компанија Carlyle Group. Според медиумски извештаи, интерес за овие средства покажале и Exxon Mobil, Chevron и International Holding Company.
Во Југоисточна Европа, Лукоил поседува значајни енергетски капацитети, меѓу кои единствената рафинерија во Бугарија Нефтохим Бургас, рафинеријата ПетроТел во Романија, како и мрежи на бензински станици во повеќе земји, вклучително и Северна Македонија.
По воведувањето на санкциите, Бугарија го презеде управувањето со локалните подружници на Лукоил и назначи специјален администратор со овластување да ја продаде рафинеријата Нефтохим Бургас и малопродажниот бизнис на компанијата. Во меѓувреме, акционерот Litasco најави можност за покренување арбитражна постапка против Бугарија.
Во Романија, пак, владата размислува за повторно активирање на работата на рафинеријата ПетроТел, која е затворена од октомври поради нарушувања предизвикани од конфликтите на Блискиот Исток.
Во декември, американското Министерство за финансии им дозволи на бензинските станици на Лукоил надвор од Русија да продолжат со работа до 29 април.
Бизнис
ЕСМ ангажира кинеска компанија за изградба на соларни централи од 30 мегавати во Осломеј и Битола
АД ЕСМ ја ангажираше кинеската компанија POWERCHINA Jiangxi Electric Power Construction за изградба и управување со нови соларни фотоволтаични капацитети со вкупна моќност од 30 мегавати во Северна Македонија, објави Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Според известувањата на ЕБОР, ЕСМ кон крајот на јуни потпишала два договори со кинеската компанија, а завршувањето на проектите е предвидено до 13 август 2027 година.
Првиот договор, вреден 12 милиони евра, се однесува на проширување на соларната електрана во Осломеј за дополнителни 10 мегавати. Новиот капацитет ќе биде изграден на просторот на исцрпениот рудник за јаглен кај Термоелектраната Осломеј.
Вториот договор е вреден 15,65 милиони евра и предвидува изградба на фотоволтаична електрана со моќност од 20 мегавати во близина на РЕК Битола.
Од ЕБОР претходно соопштија дека новите 30 мегавати соларни капацитети се очекува да овозможат намалување на емисиите на јаглерод диоксид за околу 33.000 тони годишно.
ЕБОР во 2021 година одобри заем од 25 милиони евра за ЕСМ за поддршка на проектот. Тогаш беше најавен и план за развој на дополнителни 100 мегавати соларни капацитети во Осломеј.
Истата година Владата потпиша договори со бугарската Solarpro Holding и турската Fortis Energy Electric за изградба на фотоволтаични електрани со вкупна моќност од 100 мегавати на локацијата на стариот рудник во Осломеј. Во 2022 година ЕСМ започна со пробна работа на првата соларна електрана од 10 мегавати на оваа локација.
ЕСМ е во целосна државна сопственост и обезбедува околу 90 отсто од домашното производство на електрична енергија. Компанијата управува и со првиот ветерен парк во земјата, „Богданци“, со инсталирана моќност од 37 мегавати.
Бизнис
Превозниците од регионот најавуваат нови блокади на границите со ЕУ од есен
Превозниците од земјите од Западен Балкан би можеле повторно да ги блокираат граничните премини кон земјите од Шенген зоната доколку до почетокот на септември не биде постигнат напредок во разговорите со Европската унија околу примената на системот EES.
Претседателот на Здружението на превозници на Црна Гора, Ѓорѓије Љешњак, за весникот „Дан“ изјави дека одлуката била донесена на состанок на превозници од регионот одржан во Скопје, на кој учествувале претставници од Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.
Превозниците поставиле рок до 1 септември за решавање на проблемите со кои се соочуваат професионалните возачи поради правилото за престој во Шенген зоната од најмногу 90 дена во период од 180 дена.
Љешњак изјави дека превозниците очекуваат покана од Европската комисија за состанок во Брисел по конференцијата на земјите членки на Шенген, на која треба да се разговара за измени на визната стратегија на Европската унија.
„Ако не се случат промени во наша корист, веќе следниот ден по конференцијата за визната политика ќе почнеме да планираме нови протести, односно нови блокади на граничните премини кон земјите од Европската унија“, изјави Љешњак.
Според него, меѓу 150 и 200 црногорски превозници во моментов не можат нормално да ја извршуваат својата работа поради ограничувањата поврзани со Шенген зоната.
Превозниците, сепак, посочуваат дека проблемите не се ограничени само на примената на EES. Тие се жалат и на ненавремен поврат на ДДВ, акцизи за гориво, како и на долготрајни царински и инспекциски контроли на границите.
Љешњак тврди дека не се почитува ниту законскиот рок од 60 дена за поврат на ДДВ, а не било исполнето ниту минатогодишното ветување за продолжување на работното време на фитосанитарните инспекции на граничните премини.
Тој истовремено ги отфрли тврдењата дека Србија ги поттикнува превозниците од Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина да организираат блокади.
Изјавата следува по коментарите на македонскиот министер за транспорт Александар Николоски, кој порача дека домашните превозници не треба да подлегнуваат на, како што рече, пропаганда која главно доаѓа од Србија.
Николоски претходно изјави дека македонската влада има билатерални договори со Романија, Хрватска и Швајцарија за долгорочни шенгенски визи за превозниците, а дека се водат разговори и со Унгарија, Австрија и Германија.
Бизнис
Промена во Управниот одбор на ВФП Пензиско Друштво АД Скопје
ВФП Пензиско Друштво АД Скопје преку соопштение на Македонска берза извести за промена во составот на Управниот одбор.
„Согласно одредбите од член 166-б став 1 алинеја 4 од Законот за хартиите од вредност, Друштвото за управување со доброволни пензиски фондови ВФП Пензиско Друштво АД Скопје известува дека има промена во органот за управување. Имено, по одлука на Надзорниот одбор на Друштвото и одобрение на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) за член на Управен одбор на местото на Артон Лена, именувана е Натка Самоиловска“, се вели во соопштението на ВФП Пензиско Друштво АД Скопје.
Натка Самоиловска доаѓа на местото на Артон Лена, со што е извршена промена во составот на Управниот одбор на друштвото.
ВФП Пензиско Друштво ја објави информацијата во рамки на законската обврска за навремено известување за промените во органите на управување на субјектите од пазарот на капитал.
Во моментов, Управниот одбор на ВФП Пензиско Друштво го сочинуваат:
- Марио Ѓорѓиев – претседател на Управен одбор
- Натка Самоиловска – член на Управен одбор
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување на референт за работа со благајна
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка објави оглас за вработување во Тетово
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 2 месециИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули





