Банки
Седница на Советот на Народната банка: Стабилна макроекономска состојба и потреба од внимателно следење на светските ризици
Советот на Народната банка на својата редовна седница ги разгледа најновите економски показатели и оцени за тековната макроекономска состојба во земјата.
Движењата остварени кај главните макроекономски показатели засега се во рамките на очекувањата според последните проекции, но со нагласени ризици поради неизвесноста од интензитетот и времетраењето на конфликтот на Блискиот Исток. Имено, од почетокот на 2026 година, годишната стапка наинфлација следи надолна патека и во февруари се сведе на 2,9%, во согласност со очекувањата, при посилно забавување на цените кај базичната компонента. Сепак, поради воените случувања и прекинот во снабдувањето со енергенти од земјите од Заливот, очекувањата за дел од увозните цени, пред сѐ за цените на нафтата, се ревидирани поизразено во нагорна насока во однос на октомвриските проекции, што претставува нагорен ризик за инфлацијата во следниот период. Досега се покажа дека домашната економија е главно отпорна на неизвесното и променливо надворешно окружување и во 2025 година забележа забрзан економски раст, што се должи на домашната инвестициска активност, но и на солидниот извоз, а остварувањата се во согласност со проекциите.
Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2026 година засега не се доволни за попрецизни согледувања, имајќи ги предвид само јануарските податоци за индустријата и за прометот во трговијата, коишто засега бележат послаби остварувања на годишна основа. Девизните резерви бележат раст од почетокот годината и се одржуваат на соодветното ниво. Во однос на монетарниот сегмент, растот на депозитите и кредитите, заклучно со февруари, е солиден и е умерено над очекувањата за првиот квартал од годината.
Советот оцени дека макроекономската состојба засега е стабилна и во согласност со последните проекции, но Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на надворешното окружување и на потенцијалните ризици од светските и регионалните настани, заради одржување на макроекономската стабилност.
Банки
Словенечка НЛБ банка сака да ја преземе Адико банка, во игра и Рајфајзен банка
НЛБ, најголемата банка од Словенија, објави меморандум за доброволна јавна понуда за преземање на австриската Адико Банк АГ, со што официјално започна процесот на една од позначајните банкарски аквизиции во регионот.
Според објавените информации, НЛБ банка нуди 29 евра во готовина по акција, а понудата се однесува на сите акции на Адико банка. Словенечката банка има цел да обезбеди најмалку 75 отсто од гласачките права, што би ѝ овозможило целосна контрола врз банката.
Доколку НЛБ успее да ги преземе сите 19,5 милиони акции на Адико банка по понудената цена, вредноста на трансакцијата би достигнала околу 565 милиони евра.
Периодот за прифаќање на понудата трае до 22 јули 2026 година, со можност за продолжување до крајот на октомври доколку бидат исполнети одредени услови.
НЛБ банка и претходно го најавуваше интересот за преземање на Адико банка, оценувајќи ја како стратешки важна аквизиција поради нејзиниот фокус на работење со население, како и со мали и средни претпријатија.
Потенцијалното преземање дополнително би ја зајакнало позицијата на НЛБ групацијата во Југоисточна Европа, каде што веќе има значително присуство преку мрежа на банки и финансиски институции.
Адико банка е создадена од поранешниот систем на Хипо Алпе-Адриа банка, а во последните години е насочена кон дигитално банкарство и кредитирање на граѓани и компании.
Објавувањето на меморандумот претставува формален чекор во процесот на преземање, кој сè уште треба да помине низ регулаторни процедури и да добие одобренија од надлежните институции.
Во меѓувреме, и Рајфајзен банка интернационал, најави намера да поднесе доброволна јавна понуда за преземање на сите издадени акции на Адико банка кои не се во сопственост на самата банка.
Банки
Управниот одбор на Алта банка Битола со нов член
Со именувањето на Стефан Николиќ за нов член на Управниот одбор, комплетиран е менаџерскиот тим на Алта банка, соопшти Банката преку објава на Македонска берза.
Николиќ е назначен со мандат од една година, врз основа на одлука донесена од Надзорниот одбор на 2 март 2026 година, а именувањето е потврдено и со согласност од Народната банка на Република Северна Македонија добиена на 8 мај годинава.
Од Банката посочуваат дека со новото назначување Управниот одбор е целосно екипиран, што треба да овозможи континуирано и ефикасно управување со работењето, согласно стратешките цели и регулаторните обврски.
Во актуелниот состав на Управниот одбор на Алта банка Битола се претседателката Александра Радевска, Зарије Коралија и Стефан Николиќ.
Банки
Халкбанк со промотивна понуда за штедење со камата до 3,30 проценти
Халкбанк АД Скопје нуди промотивна понуда за орочено штедење „Пролетен депозит“, со фиксна каматна стапка до 3,30 проценти и можност за избор на исплата на каматата – месечно или на крајот од периодот на орочување.
Според понудата, клиентите кои ќе штедат во денари ќе добијат каматна стапка од 3,30 проценти, додека за штедење во евра, американски долари и британски фунти е предвидена камата од 2,50 проценти.
Рокот на орочување изнесува 25 месеци, а промотивната понуда ќе важи до 31 мај 2026 година.
Од банката информираат дека повеќе детали за условите и начинот на аплицирање се достапни на официјалната страница на Халкбанк.
-
Продуктипред 2 месециДо 120.000 денари финансиска поддршка од Easy Finance – брзо и со транспарентни услови
-
Кариерапред 2 месециНародна банка бара аналитичари: плата до 83 илјади денари и двегодишен договор
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во ТТК Банка АД Скопје
-
Кариерапред 2 месециАна Митреска и Игор Величковски предложени за нови вицегувернери на Народната банка
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка АД – Скопје од утре започнува со исплата на пензиите за месец март
-
Продуктипред 1 месецИуте Македонија носи европски здравствен стандард – за првпат во земјава се воведува второ медицинско мислење
-
Интервјуапред 2 месециИнтервју | Гоце Новачевски | Портфолио менаџер, КБ Инвест АД Скопје
-
Банкипред 2 месециАЛТА Банка го продолжи промотивниот период до 30 јуни 2026 година за најповолниот потрошувачки кредит на македонскиот пазар



