Connect with us

Бизнис

STEM нема пол. Има иднина – стипендии за жени за STEM академии

Објавено

на

Месецот на жената не е само симболично одбележување, туку и потсетник дека родовата еднаквост сè уште бара подобрувања, особено во областите на технологијата во нашата земја. Иако STEM секторот е еден од најбрзо растечките и најперспективните, учеството на жените во него останува значително пониско во споредба со мажите, како на глобално ниво, така и во Северна Македонија.

Овој јаз не е само прашање на еднаква застапеност на мажите и жените на технолошкиот работен пазар, туку и на изгубен потенцијал – за поединците, за компаниите, па и за општеството во целина. Во индустрија каде што иновацијата и различните перспективи се клучни, недоволната вклученост на жените претставува сериозен предизвик за одржлив и инклузивен развој.

По повод Месецот на жената, Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA) во соработка со Avenga Academy ја имплементираат иницијативата „STEM нема пол. Има иднина.“, која се спроведува во текот на март 2026 година.

Во рамки на оваа иницијатива ќе бидат доделени 6 целосни стипендии за ИТ и бизнис академии, со вкупна вредност од над 10.000 евра, со цел да се поттикне поголема вклученост на жените во технолошките професии и да се придонесе кон намалување на родовиот јаз во STEM во земјата. Кандидатките можат да аплицираат за една од 6те академии:

  • Digital Marketing,
  • Sales & Business Development,
  • Product & Project Management,
  • Front-End Development & AI,
  • Data Analytics
  • Automation Testing & AI with Playwright.

Програмите започнуваат во периодот од април до септември 2026 година и траат од 4 до 6 месеци, во зависност од избраната академија. Избраните кандидатки ќе треба да покријат само административен трошок (10%) за избраната академија.

Аплицирањето се реализира преку кратка онлајн форма, при што секоја кандидатка може да избере една академија. По затворањето на повикот, апликациите ќе бидат разгледани од страна на претставници на GEA и Avenga Academy, врз основа на неколку клучни критериуми:

  • мотивацијата за развој на кариера во STEM,
  • интересот и потенцијалот за избраната област,
  • планот за понатамошен професионален развој.

Со оваа иницијатива, GEA и Avenga Academy не само што нудат конкретна образовна можност, туку и се испраќа и поширока порака за важноста на отворање на STEM секторот за повеќе жени. Во време кога дигиталните вештини стануваат неопходност, отворањето на повеќе врати за жените во технологијата не е само инвестиција во поединци, туку и во иднината на целото општество.

Апликациите се отворени до понеделник, 31 март 2026 година, а повеќе информации за иницијативата и начинот на аплицирање се достапни на следниот линк: https://genderequalityalliance.org/целосни-стипендии-за-жени-за-stem-академи/.

Инаку, Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA е иницијатива на Асоцијацијата за е-трговија која е посветена на создавање инклузивна работна култура и промовирање еднакви можности за сите. Алијансата се залага за три главни столба: еднаква застапеност на мажи и жени на сите нивоа и позиции, еднаква плата за иста работа и еднакви можности за напредок. Работата на GEA ја поддржуваат Eurolink, Casys и Halkbank како главни партнери, како и Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Пивара Скопје, А1 Македонија, Сава Пензиско Друштво, и CosLoveMetics како партнери. Поддржувачи на Алијансата се и Сава Осигурување, Евроинс Осигурување, Publicis Groupe, Property One Group, Aristocrat, Avenga Academy, IdeaLab и EOS Мatrix.

Повеќе информации за активностите и можностите за приклучување кон Алијансата за родова еднаквост на работното место се достапни на: https://genderequalityalliance.org.

Бизнис

БиХ добива нови 10 милиони евра за дигитализација и автоматизација на малите компании

Објавено

на

ЕБОР обезбедува 10 милиони евра за UniCredit Bank Mostar, кои ќе бидат насочени кон мали и средни компании што сакаат да инвестираат во автоматизација, дигитални решенија и енергетски поефикасна технологија. Програмата е поддржана и од Европската унија преку Western Balkans Investment Framework.

Малите и средните компании во Босна и Херцеговина ќе добијат нов извор на финансирање за модернизација на производството, дигитализација и намалување на потрошувачката на енергија.

Европската банка за обнова и развој – ЕБОР одобри 10 милиони евра за UniCredit Bank Mostar, кои банката ќе ги пласира кон локални мали и средни претпријатија преку програмата Go Digital in the Western Balkans.

Парите се наменети за компании што инвестираат во автоматизација на процесите, дигитални технологии, модернизација на опремата и решенија што ја подобруваат енергетската и ресурсната ефикасност.

Што ќе можат да финансираат компаниите?

Целта не е само компаниите да купат нов софтвер или компјутерска опрема.

Програмата е поставена пошироко и треба да им помогне на малите и средните претпријатија да инвестираат во технологии кои директно ја зголемуваат продуктивноста.

Тоа може да вклучува автоматизирани производствени линии, дигитално управување со процесите, модерни машини, системи за контрола и следење на производството, како и енергетски поефикасна технологија.

ЕБОР наведува дека финансирањето треба истовремено да ја поттикне дигиталната и зелената трансформација на компаниите и да им помогне полесно да ги усогласат своите операции со стандардите на Европската унија.

ЕУ обезбедува и дополнителни стимулации

Go Digital не се состои само од класични банкарски кредити.

Програмата е поддржана од Европската унија преку Western Balkans Investment Framework – WBIF, а компаниите што успешно ќе реализираат подобни инвестиции можат да добијат и инвестициски грантови.

На регионално ниво, ЕБОР предвидува до 350 милиони евра финансирање преку партнерски банки во Западен Балкан, додека компаниите што ги исполнуваат условите можат да добијат ЕУ грант во висина од 10% од кредитот по успешна реализација на инвестицијата.

Тоа значи дека за фирмите програмата може да биде поповолна од стандарден комерцијален кредит, особено кај инвестиции каде почетниот трошок за нова технологија е висок.

Фокус на продуктивноста, не само на „дигитализацијата“

Една од главните причини за ваквите програми е големиот јаз во продуктивноста меѓу компаниите од Западен Балкан и фирмите во поразвиените економии на ЕУ.

За малите компании инвестицијата во автоматизација често е тешка бидејќи бара голем почетен капитал, додека повратот доаѓа постепено преку пониски трошоци, побрзо производство и помалку рачна работа.

Токму затоа ЕБОР ја поврзува дигитализацијата со конкурентноста.

Според банката, модерната технологија може да им помогне на компаниите да ја подобрат продуктивноста, да ги оптимизираат трошоците и полесно да конкурираат и на домашните и на странските пазари.

Дел од поширока регионална програма

Инвестицијата во БиХ не е изолиран проект.

Go Digital in the Western Balkans е регионална иницијатива преку која ЕБОР и ЕУ обезбедуваат средства за дигитална трансформација на мали и средни компании во земјите од Западен Балкан.

Програмата има четири главни цели: поголема употреба на автоматизација и дигитални технологии, поголеми зелени инвестиции, полесно усогласување со европските стандарди и подобар пристап до финансирање за компаниите што сакаат да се модернизираат.

Во проектот со UniCredit Bank Mostar има и компонента насочена кон подобар пристап до финансирање за компании предводени од жени, вклучително и специјализирана поддршка за подготовка на дигитални инвестициски проекти.

ЕБОР досега инвестирала речиси 3,5 милијарди евра во БиХ

Новиот кредит е дел и од поширокото присуство на ЕБОР во земјата.

Од почетокот на своите операции во Босна и Херцеговина, банката инвестирала речиси 3,5 милијарди евра во 266 проекти, опфаќајќи инфраструктура, приватен сектор и проекти за поголема економска отпорност.

Во овој случај фокусот е директно насочен кон приватниот сектор и малите компании, кои вообичаено потешко обезбедуваат долгорочно финансирање за технолошка модернизација.

Поголемата приказна е модернизацијата на компаниите од Западен Балкан

Сумата од 10 милиони евра сама по себе не е огромна во рамки на банкарскиот систем.

Но значењето на програмата е во типот на инвестиции што ги стимулира.

Наместо кредитите да се користат само за тековна ликвидност или обртни средства, средствата се насочуваат кон технологии што потенцијално можат трајно да ја подобрат продуктивноста на компаниите.

За економиите од Западен Балкан тоа е особено важно.

Недостатокот на работна сила, растот на платите, енергетските трошоци и потребата од приближување кон европските стандарди постепено ги принудуваат компаниите да произведуваат повеќе со помалку ресурси.

Во таква средина, автоматизацијата и дигитализацијата веќе не се само прашање на технолошки напредок.

Сè повеќе стануваат услов за конкурентност.

А новите 10 милиони евра во БиХ се уште еден пример дека и европските финансиски институции го насочуваат капиталот токму во таа насока.

Извори: European Bank for Reconstruction and Development, European Union / Western Balkans Investment Framework.

Продолжи со читање

Бизнис

Кредит, плаќање и купување во една апликација – Македонија меѓу првите пазари за нов fintech модел

Објавено

на

Македонија е меѓу првите пазари на кои финансиска апликација почнува да функционира и како целосен marketplace. Iute Group го интегрираше iuteMarket директно во апликацијата Myiute, а услугата првично е достапна во Северна Македонија и Албанија.

Новината е што корисникот повеќе не мора прво да најде производ на посебна интернет-продавница, а потоа одделно да бара начин за финансирање. Во iuteMarket производите може да се пребаруваат, избираат, купуваат и, кога е достапно, да се платат на рати – сè во рамките на една апликација.

На македонскиот пазар платформата опфаќа категории како електроника, бела техника, мебел, спортска опрема, мода и производи за убавина. Корисниците можат да изберат производ од партнерската мрежа и целата трансакција да ја завршат онлајн преку Myiute.

Од кредитна апликација кон „финансиски marketplace“

Токму тука се гледа поширокиот fintech тренд. Myiute досега веќе ги обединуваше кредитирањето, плаќањата, трансферите и осигурувањето, а со додавањето на iuteMarket во истиот дигитален екосистем се вклучува и самото купување производи.

Во пракса, тоа е пример за моделот познат како embedded finance – финансиската услуга е вградена директно во моментот кога клиентот купува нешто.

Наместо процесот да изгледа вака: производ → продавница → барање кредит → одобрување → повторно враќање кај трговецот, платформата се обидува целиот пат да го смести во една дигитална средина.

The Fintech Times го издвојува токму овој аспект, наведувајќи дека новата услуга во Myiute ги комбинира откривањето производи со постојната инфраструктура на Iute за кредитирање и плаќања.

Македонија и Албанија први

За македонскиот fintech и e-commerce сектор особено е интересно што Iute не го започна овој модел на некој од најголемите европски пазари, туку првично токму во Северна Македонија и Албанија.

Компанијата потврдува дека iuteMarket најпрво е достапен за корисниците на Myiute во овие две земји, а подоцна е планирано проширување и на другите пазари на групацијата.

Тоа практично ги претвора двата пазара во рана фаза на тестирање на модел во кој финансиска апликација не е само место за управување со пари, туку и точка од која започнува самата потрошувачка.

Што значи ова за банките?

Тука е и најважниот дел од приказната.

Традиционално, банката или кредитната институција се појавува откако клиентот веќе одлучил што сака да купи и му е потребно финансирање. Кај embedded finance логиката е обратна – кредитот и плаќањето се вградуваат директно во процесот на избор на производ.

Со тоа финансиските компании почнуваат да се натпреваруваат не само околу каматната стапка или условите за кредит, туку и околу тоа кој ќе го контролира целото корисничко искуство – од изборот на производот до плаќањето.

За македонските банки ова е релевантен сигнал. Домашниот дигитален банкарски пазар досега главно се развиваше преку мобилно банкарство, картички, дигитални паричници и плаќања. Следната фаза може да биде интегрирање на самото купување, финансирање и партнерски понуди во банкарските апликации.

Нов продажен канал и за трговците

Моделот не е важен само за финансиските институции.

За трговците, marketplace во финансиска апликација отвора дополнителен продажен канал. Наместо клиентот да добие само можност за кредит кога ќе стигне до нивната продавница, производот може уште од почетокот да биде прикажан на публика која веќе користи финансиска апликација и има достапни начини за плаќање или финансирање.

Iute токму тоа го наведува како една од главните идеи на новиот модел – партнерските трговци да станат дел од поширок дигитален пат кој ги поврзува изборот на производ, финансирањето и плаќањето.

Од mobile banking кон super-app модел

Myiute веќе нуди кредити, плаќање преку QR-код, купување на рати, трансфери и други финансиски услуги. Според македонската страница на компанијата, преку апликацијата корисниците имаат пристап и до понуди од повеќе од 800 партнери, како и QR-плаќања во над 1.000 партнерски продажни места.

Со додавањето на iuteMarket, границата меѓу мобилно банкарство, fintech, e-commerce и BNPL дополнително се брише.

Токму затоа iuteMarket е повеќе од уште еден webshop. Тој е пример за поширока промена во финансиската индустрија: апликацијата што вчера служеше за да земете или отплатите кредит, утре може да биде местото каде што го избирате производот, го финансирате, го плаќате и управувате со целата трансакција.

А Македонија, барем во овој случај, е меѓу првите пазари каде тој модел се тестира во пракса.

Продолжи со читање

Бизнис

Iute нуди потрошувачки кредит до 20.000 денари без трошоци за нови корисници

Објавено

на

Iute Macedonia нуди понуда за нови корисници која предвидува потрошувачки кредит до 20.000 денари со 0 отсто трошоци.

Аплицирањето за кредитот е целосно онлајн и може да се реализира преку платформата MyIute.

Од компанијата наведуваат дека постапката е брза и едноставна, а условите за користење на кредитот се однапред дефинирани и достапни за корисниците.

Понудата е наменета исклучиво за нови корисници на Iute, а заинтересираните можат да добијат дополнителни информации и да поднесат барање преку веб-страницата на компанијата.

Во промотивната комуникација, Iute ја претставува понудата како можност за финансирање на тековни потреби без дополнителни трошоци за првиот потрошувачки кредит до наведениот износ.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange