Интервјуа
Интервју | Гоце Новачевски | Портфолио менаџер, КБ Инвест АД Скопје
Секоја нова вест од Блискиот Исток ги поместува глобалните пазари за неколку проценти во еден ден, а инвеститорите се прашуваат како да се зачува вредноста на капиталот и како да се препознае можност таму каде што другите гледаат ризик. Војната во Иран, ценовните шокови кај енергенсите и неочекуваните движења на цените на златото и среброто отвораат многу дилеми.
За овие актуелни прашања побаравме одговор од Гоце Новачевски, Портфолио менаџер во КБ Инвест АД Скопје.
Банкарство: Каде да се инвестира и како да се распределат средствата за да се заштити инвестициското портфолио во период на огромна нестабилност на пазарите предизвикана од војната во Иран и драстичниот раст на цената на нафтата?
Гоце Новачевски: Во процесот на инвестирање, клучен фактор е временскиот хоризонт на инвеститорот, односно периодот во кој средствата можат да останат инвестирани. Доколку станува збор за пократок временски период, и во нормални и во турбулентни пазарни услови, се препорачува вложување во високо ликвидни инструменти, како што се депозити и краткорочни хартии од вредност, кои се најмалку чувствителни на вакви надворешни шокови.
Од друга страна, при подолгорочна алокација на капиталот, дури и во комплексен и динамичен амбиент како сегашниот, сметаме дека е оправдано да се продолжи со инвестирање, и при тоа да ги искористиме пониските пазарни цени. Критериумите за избор на инвестиции се базираат на идентификација на финансиски стабилни и здрави компании кои се вреднувани на ниво што е еднакво или пониско од нивната внатрешна (интринзична) вредност. Дополнително, се земаат предвид компаниите со солидни и одржливи изгледи за раст на профитабилноста, што претставува основа за континуиран раст на дивидендите кои ги исплаќаат. Обидите за темпирање на пазарот носат ризик од пропуштање на периоди на раст и со тоа потенцијален принос.
Банкарство: Зошто паѓаат цените на златото и на среброто?
Гоце Новачевски: Падот на цените на благородните метали, особено на златото и на среброто, се оценува како краткорочен феномен. Во услови на зголемена неизвесност, инвеститорите често се насочуваат кон најликвидни средства, пред сè кон готовина и американски долар, што создава притисок врз останатите класи на имот.
Дополнително, потребата за ликвидност ги поттикнува пазарните учесници да ги продаваат позициите со остварени добивки. Со оглед на значителниот раст на благородните метали во изминатиот период, тие често се меѓу првите кои се продаваат. Зајакнувањето на американскиот долар дополнително придонесува за пад на нивните цени.
Како дополнителни фактори се издвојуваат зголемениот ризик од глобално економско забавување и потенцијална рецесија, што би довело до намалена индустриска побарувачка, како и намалената куповна активност од страна на инвеститорите погодени од падот на приходите во енергетскиот сектор.
Сепак, фундаменталните фактори кои го поддржуваат растот на благородните метали, како што се девалвацијата на доларот, презадолженоста на развиените економии, а тука пред се САД, диверзификацијата на девизните резерви од страна на централните банки и зголемената индустриска примена, остануваат релевантни и сугерираат позитивни изгледи на среден рок.
Банкарство: Кои акции би ги избрале за инвестирање?
Гоце Новачевски: Изборот на конкретни инвестиции треба да се прави во поширок пазарен контекст, при што актуелните настани имаат значително влијание. Во услови кога одредени сегменти се оценуваат како преценети и поризични, се препорачува ротација кон подефанзивни и попредвидливи сектори.
Такви сектори се фармацијата, производите за широка потрошувачка и енергетиката, каде побарувачката е релативно стабилна дури и во услови на економска неизвесност, иако потенцијалот за висок раст е ограничен. Дополнително, поради зголемените геополитички тензии и растечките воени буџети, одбранбената индустрија станува сè поатрактивна за инвеститорите.
Банкарство: Какви се Вашите очекувања за главниот индекс на Македонската берза МБИ10? Од што ќе зависи движењето на МБИ10?
Гоце Новачевски: Движењето на индексот МБИ10 ќе зависи пред сè од времетраењето на геополитичките тензии и нивното влијание врз цените на енергенсите. Во сценарио на брзо смирување на конфликтот и постепена нормализација на пазарите, се очекува ограничено влијание врз македонските компании.
Во спротивно, продолжен период на високи трошоци за енергија ќе изврши притисок врз профитабилноста на компаниите, иако дел од овие трошоци веројатно ќе бидат пренесени на крајните потрошувачи преку повисоки цени.
Банкарство: Дали ни претстои нова економска и финансиска криза и како ќе се однесуваат пазарите на капитал оваа година?
Гоце Новачевски: Настаните се случуваат со голема брзина, а врз пазарите на капитал често влијание имаат и фактори од неекономска природа, што дополнително го отежнува прогнозирањето. Повторно, клучот е во времетраењето на конфликтот и пред се нормализирањето на тековите на нафтата. Иако постојат сигнали за можни дипломатски решенија, ризикот од непредвидени ескалации останува присутен. Историското искуство покажува дека пазарите често реагираат со краткорочни падови на вакви шокови, по што следи закрепнување и раст.
За перспектива, може да се потсетиме на шокот со вонредните царини на претседателот Трамп во Април 2025 година и моменталната распродажба што истите ја предизвикаа, и завршување со раст за Индексот S&P од скоро 18% за целата 2025 година.
Интервјуа
FinSight | Ненад Тортевски: Ревизијата е столб на довербата во финансискиот систем
Институтот на овластени ревизори годинава одбележува две децении од своето основање, јубилеј што претставува значаен момент за развојот на ревизорската професија и финансиската транспарентност во Македонија. По тој повод, Ненад Тортевски во видео интервју за Bankarstvo.mk и FinSight зборува за состојбите на ревизорскиот пазар, улогата на ревизијата во современиот бизнис и предизвиците што ги носи новото време.
Во разговорот, Тортевски објаснува што всушност претставува ревизијата и колку е важна нејзината улога во создавање доверба во финансиските извештаи и корпоративното работење. Се осврнува и на развојот на професијата во Македонија, улогата на Институтот на овластени ревизори, како и на односот помеѓу глобалните ревизорски компании и домашните ревизорски друштва.
Интервјуто отвора и актуелни теми поврзани со иднината на професијата, интересот кај младите за кариера во ревизијата, процесот за стекнување лиценца, но и влијанието на вештачката интелигенција врз ревизорските услуги и професионалните стандарди.
Во услови кога финансиската отчетност и транспарентност добиваат сè поголемо значење, ревизијата останува еден од клучните столбови за доверба во бизнисот и финансискиот систем.
Целосното интервју со Ненад Тортевски е достапно на YouTube каналот на Bankarstvo.mk.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
Снежана Станковиќ | Сава пензиско: Родителството мора да биде поддржано и на работното место
Разговараме со Снежана Станковиќ, претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско друштво, за мерките што компанијата ги воведува со цел подобра поддршка на вработените и нивниот семеен живот.
Според неа, една од клучните политики на ниво на целата Сава осигурителна групација е токму поддршката на родителството и балансирањето помеѓу приватниот и професионалниот живот.
„Една од главните мерки што ги преземаме е заштитата на родителството преку правото на работа од дома“, вели Станковиќ.
Таа објаснува дека вработените имаат значителна флексибилност кога станува збор за организацијата на работата.
„Вработените имаат право 25 дена во еден квартал да работат од дома“, посочува таа.
Дополнително, компанијата овозможува и продолжување на ова право во ситуации кога е потребна поголема семејна поддршка.
„Постои можност за продолжување кога причината е родителство, грижа за мало дете или присуство дома поради потесното семејство“, објаснува Станковиќ.
Според неа, ваквите политики не се само бенефит за вработените, туку и важен чекор кон создавање поздрава и поодржлива работна средина.
„Поддршката на семејството и родителството денес е суштински дел од модерното корпоративно работење“, нагласува Станковиќ во разговорот за FinSight.
Интервјуа
FinSight | Снежана Станковиќ: Сè помалку вработени издржуваат сè повеќе пензионери
Разговараме со Снежана Станковиќ, претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско друштво, за предизвиците со кои се соочува пензискиот систем и демографските трендови кои влијаат врз неговата одржливост.
Според неа, бројките јасно покажуваат дека традиционалниот модел на финансирање на пензиите станува сè потешко одржлив.
„Првиот столб повеќе не може целосно да ја исполни својата обврска. Тоа значи дека сите ние како граѓани сме загрозени во периодот кога нема да бидеме работно активни“, вели Станковиќ.
Таа потсетува дека во минатото системот функционирал во сосема поинакви економски и демографски услови.
„Во времето кога првиот столб бил функционален, три до четири вработени ‘издржувале’ еден пензионер“, објаснува таа.
Но денес, додава Станковиќ, реалноста е значително променета.
„Во Македонија денес имаме сооднос од околу 1,7 вработен на еден пензионер“, посочува таа.
Според неа, овие податоци не бараат сложени анализи – статистиката сама по себе го покажува притисокот врз системот.
„Зборуваме за бројки што јасно ја покажуваат насоката во која се движи општеството“, вели Станковиќ.
Слични трендови, нагласува таа, се присутни и на европско ниво.
„Проценките биле дека во Европа во 2040 година двајца вработени ќе издржуваат еден пензионер, но денес тој сооднос веќе е околу 1,5 спрема 1“, објаснува таа.
Прогнозите за следните децении се уште позагрижувачки.
„Во 2050 година се очекува само 1,17 вработени да издржуваат еден пензионер“, предупредува Станковиќ во разговорот за FinSight.
Според неа, токму овие демографски промени ја отвораат потребата од нови модели на штедење, инвестирање и долгорочно планирање на пензиската сигурност.
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка АД – Скопје од утре започнува со исплата на пензиите за месец март
-
Продуктипред 2 месециИуте Македонија носи европски здравствен стандард – за првпат во земјава се воведува второ медицинско мислење
-
Останатопред 1 месецУправата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста
-
Продуктипред 1 месецУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка: Исплатата на пензиите за март започнува на 1 април
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка предвремено ги исплати пензиите за месец март
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Марјан Ристески: Акцизата на горивата под лупа, можно ново замрзнување на цените
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка вработува Помлад соработник за администрирање на кредити и гаранции (Back Office)


