Connect with us
no baners

Берза

Волстрит порасна благодарение на технолошките компании

Објавено

на

Американските берзански индекси забележаа раст во средата, продолжувајќи го позитивниот тренд од крајот на претходната трговска сесија. Пазарите добија поддршка од технолошкиот сектор, додека цените на нафтата се стабилизираа по претходниот скок поврзан со тензиите на Блискиот Исток и стравувањата за економскиот раст на САД почнаа да се намалуваат.

Индустрискиот индекс „Dow Jones“ порасна за 238,14 поени, односно 0,49 проценти, и тргувањето го заврши на 48.739,41 поени, со што ја прекина тридневната низа на пад. Индексот „S&P 500“ се зголеми за 0,78 проценти и затвори на 6.869,50 поени, додека технолошкиот „Nasdaq Composite“ забележа најголем раст од 1,29 проценти и достигна 22.807,48 поени.

Најголем придонес за растот имаа акциите на технолошките компании, особено во секторот на полупроводници. Акциите на „Micron Technology“ и „Advanced Micro Devices“ скокнаа за повеќе од пет проценти, додека „Broadcom“ и „Nvidia“ забележаа раст од над еден процент.

Позитивното расположение на инвеститорите беше поттикнато и од новите економски податоци. Компанијата „ADP“ објави дека приватниот сектор во САД во февруари отворил повеќе работни места од очекуваното. Дополнително, непроизводствениот сектор на американската економија забележал подобар раст од прогнозираниот, а инфлациските притисоци се намалиле.

„Загриженоста дека пазарот на трудот може да почне да слабее засега не се потврдува“, изјави главниот пазарен стратег на Америпрајс, Ентони Саглимбене, оценувајќи дека американската економија и натаму има стабилна основа.

Пазарите реагираа и на движењата на нафтата, откако американскиот министер за финансии Скот Бесент најави дека САД ќе преземат мерки за да го поддржат протокот на нафта низ Персискиот Залив. Фјучерсите на суровата нафта „Брент“ и „вест тексас интермедијар“ се намалија, при што американската референтна нафта „WTI“ на крајот на денот сепак забележа минимален раст од 0,13 проценти.

Смирувањето на цените на нафтата следуваше откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ќе обезбедат осигурување од ризик за поморската трговија во регионот, со цел да се одржи сообраќајот на танкери низ Ормутскиот теснец, една од најважните светски рути за транспорт на сурова нафта.

Транспортот низ теснецот претходно беше нарушен по заканите од страна на командант на Иранската револуционерна гарда дека бродовите што ќе се обидат да поминат низ рутата може да бидат нападнати.

Според Саглимбене, доколку нестабилноста на Блискиот Исток се продлабочи, тоа би можело да има пошироки последици врз глобалните пазари и цените на активите, но, како што оцени, сè уште е прерано за такви проценки.

Во меѓувреме, американскиот министер за финансии потврди дека глобалната царина од 15 проценти, најавена од администрацијата на Трамп кон крајот на минатиот месец, ќе почне да се применува оваа недела. Тој сепак очекува дека во рок од неколку месеци царинските стапки повторно би можеле да се вратат на нивоата пред одлуката на Врховниот суд со која беше поништена претходната царинска политика на претседателот.

Анализи

Анализа: Цената на златото под негативен притисок и покрај краткорочниот раст

Објавено

на

Цената на златото забележа раст во последното дневно тргување и успеа делумно да ги надомести претходните загуби, но и понатаму се соочува со негативен притисок на пазарот.

Главната причина за ваквата состојба е тоа што златото продолжува да се тргува под просечната цена EMA50, што досега го спречува посилен опоравок на цената.

Дополнително, беше пробиена краткорочната растечка тренд-линија, со што се ослабува претходната позитивна техничка структура. Во исто време, индикаторите за релативна сила испраќаат негативни сигнали, што може да ја ограничи можноста за натамошен раст доколку цената не успее да го пробие и задржи нивото на блиската отпорност.

Поради тоа, аналитичарите очекуваат можен пад на цената на златото во следното краткорочно тргување, доколку отпорот на нивото од 5.200 долари остане непробиен. Во тој случај, следната цел би можела да биде нивото на поддршка од околу 5.000 долари.

Според прогнозите, очекуваниот опсег на движење на цената на златото денес е меѓу поддршката од 5.000 долари и отпорот од 5.250 долари, а краткорочната прогноза за пазарот е со надолен тренд.

Продолжи со читање

Берза

Златото повторно расте, слабеењето на доларот ја поттикна побарувачката

Објавено

на

Цената на златото повторно порасна на европските пазари во средата, откако претходно беше прекинат растот со значителен пад, при што слабеењето на американскиот долар ја зголеми побарувачката за благородниот метал.

Златото во текот на денешното тргување се зголеми за околу 2 проценти и достигна цена од 5.190,79 долари, во однос на отворањето од 5.088,52 долари, откако претходно се спушти на најниско дневно ниво од 5.085,13 долари.

Во вторникот, пак, цената на златото забележа остар пад од 4,4 проценти, што претставуваше прва загуба во последните пет дена и најголем дневен пад од почетокот на февруари. Тогаш златото падна на двонеделно најниско ниво од 4.996,10 долари за унца.

Падот беше предизвикан од засилено реализирање профити по достигнувањето на петнеделен максимум од 5.419,37 долари за унца, како и од претходното јакнење на американскиот долар.

Во меѓувреме, индексот на американскиот долар во средата се намали за околу 0,2 проценти, повлекувајќи се од четиримесечниот максимум од 99,68 поени. Послабиот долар обично го прави златото, кое се тргува во американска валута, попривлечно за инвеститорите кои користат други валути.

Инвеститорите сега внимателно ги следат новите економски податоци од САД, особено извештаите за вработеноста во приватниот сектор и активноста во услужниот сектор за февруари. Овие податоци се клучни за проценката на идните одлуки на Федералните резерви за каматните стапки.

Гувернерот на Федералните резерви, Кристофер Волер, неодамна изјави дека централната банка би можела да ги задржи каматните стапки непроменети на состанокот во март доколку податоците покажат стабилизација на пазарот на трудот.

Според алатката FedWatch на CME Group, пазарите моментално проценуваат 96 проценти веројатност дека каматните стапки ќе останат непроменети во март, додека шансите за нивно намалување од 25 базични поени се околу 4 проценти.

Стратезите на пазарот оценуваат дека притисоците врз златото се веројатно краткорочни. Според Боб Хаберкорн од RJO Futures, силниот долар и високите приноси на обврзниците создаваат негативен притисок врз цената на металот, но геополитичките ризици и побарувачката за сигурни инвестиции може повторно да ја поддржат цената на златото.

Во меѓувреме, залихите на злато во фондот SPDR Gold Trust, најголемиот берзански фонд поддржан со злато, се намалија за околу 2,29 метрички тони и сега изнесуваат 1.099,04 тони.

Продолжи со читање

Берза

Божиновска: Државните нафтени резерви се стабилни и обезбедуваат сигурно снабдување со деривати

Објавено

на

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска информира дека државните нафтени резерви се стабилни и обезбедуваат сигурност во снабдувањето со нафтени деривати во државата.

Од Министерството соопштија дека внимателно се следи состојбата на енергетскиот пазар, како и можните геополитички ризици. Во тој процес, Агенцијата за задолжителни нафтени резерви – МАКОРА континуирано ги одржува резервите со цел да се зачува стабилноста на пазарот и сигурноста во снабдувањето.

Државните нафтени резерви се формираат и се одржуваат во согласност со европската регулатива и претставуваат стратешка гаранција за енергетскиот систем. Нивното користење е можно само со одлука на Владата, во услови на енергетска криза или сериозно нарушување на снабдувањето со нафтени деривати.

Во моментот, увозот на нафтени деривати се одвива непречено. Како дополнителен механизам за сигурност, на располагање е и продуктоводот Солун–Скопје, кој овозможува континуиран доток на сите видови деривати.

Според официјалните податоци, државните резерви изнесуваат 138.877.053 литри еуродизел, 32.098.680 литри Еуросупер БС-95, 10.772.342 литри екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) и 5.287.794 килограми мазут М-1 НС. Резервите се складирани кај компаниите ОКТА, Макпетрол, Лукоил и Супер Трејд и се под постојан мониторинг од надлежните институции.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange