Connect with us

Банки

Средба Славески – Варнс: Стабилниот финансиски систем и модерните платни решенија се основа за инвестиции и економски раст

Објавено

на

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески оствари средба со вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија Никол Варнс, на која беа разменети мислења за економските текови, институционалниот развој на Народната банка и реформските процеси насочени кон поддршка на економскиот раст и евроинтеграцијата.

На средбата беше истакнато дека Народната банка постојано го јакне својот институционален капацитет преку бројни развојни проекти, со посебен акцент на модернизацијата на платните системи. Современите и ефикасни платни решенија придонесуваат за поголема сигурност, побрз проток на финансиски средства и олеснување на деловното работење, што е значајно за подобрување на инвестициската клима.

Гувернерот Славески нагласи дека одржувањето на макроекономската стабилност и финансиската стабилност е врвен приоритет на Народната банка, како основа за создавање стабилни и предвидливи економски услови, заради поттикнување на домашните и странските инвестиции и за одржлив економски раст.

Во разговорот, гувернерот Славески се осврна и на пристапувањето на земјава кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), оценувајќи дека станува збор за историски чекор за македонската економија. Тој посочи дека со пристапувањето кон СЕПА, на македонските граѓани и компании им се овозможи да вршат побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра, и тоа уште пред полноправното членство на земјава во Европската Унија.

Гувернерот нагласи дека со воспоставувањето клон на ТИПС, развиен со поддршка на Европската централна банка, се официјализира почетокот на современ систем за инстант плаќања, што претставува значаен исчекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура и нејзиното регионално поврзување со земјите од Западен Балкан и со европскиот платежен простор. Со овој систем ќе се овозможи извршување плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, при што најголемиот дел од трансакциите ќе се обработуваат за неколку секунди. Новите решенија ќе овозможат едноставно иницирање плаќања, што ќе придонесе за побрзи, посигурни и поевтини трансакции за граѓаните и компаниите, како и за поефикасно работење на трговците.

Соговорниците ја потврдија подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката и размената на искуства во областите од заемен интерес, заради поддршка на економската стабилност и реформските процеси во земјава.

Банки

АЛТА банка се шири во регионот: По Северна Македонија, во фокус БиХ и Црна Гора

Објавено

на

АЛТА банка го забрзува регионалното ширење, откако во изминатиот период влезе на пазарот во Северна Македонија преку преземањето на Стопанска банка АД Битола и осигурителната компанија ЗОИЛ Македонија. Следни потенцијални пазари за експанзија на групацијата се Босна и Херцеговина и Црна Гора.

АЛТА го презеде мнозинскиот удел во Стопанска банка АД Битола, а на почетокот на 2026 година го зголеми сопственичкиот удел на повеќе од 95 отсто. Банката денес работи под името АЛТА банка АД Битола.

Групацијата истовремено ги презеде и сите акции на ЗОИЛ Македонија АД Битола, со што влезе и во осигурителниот сектор. По завршувањето на регулаторните процедури, компанијата треба да работи под името АЛТА осигурување АД Скопје. Во понудата се предвидени различни видови неживотно осигурување, меѓу кои автомобилско, имотно, патничко и осигурување за домаќинства и компании.

Со тоа, АЛТА го проширува својот деловен модел надвор од класичното банкарство, поврзувајќи банкарски, платежни, лизинг и осигурителни услуги во рамките на една финансиска групација.

Според плановите за понатамошен развој, меѓу следните пазари за потенцијално ширење се Босна и Херцеговина и Црна Гора, каде што се разгледуваат можности за аквизиции. Реализацијата ќе зависи и од добивањето на потребните регулаторни одобренија.

Во Црна Гора, АЛТА Група веќе е присутна преку платежната институција АЛТА pay, која од 2024 година работи на повеќе од 200 локации.

Паралелно со регионалната експанзија, банката бележи и раст на бројот на клиенти во Србија. Според PwC benchmarking анализа, нето-растот на клиентската база изнесувал 29,1 отсто во сегментот на физички лица и 18,8 отсто во корпоративниот сегмент. Стапката на одлив на клиенти изнесувала 2,6, односно 0,3 отсто.

АЛТА воедно инвестира во дигитализација, подобрување на деловните процеси и развој на платежни услуги, вклучително и примена на SEPA стандардите, со цел да изгради поширок финансиски систем на повеќе пазари во регионот.

Продолжи со читање

Банки

Генералниот извршен директор на ТТК Банка купи 1.009 акции

Објавено

на

Генералниот извршен директор на ТТК Банка АД Скопје, Драгољуб Арсовски, купил 1.009 акции на банката, се наведува во објавата за трансакцијата.

Датумот на порамнување на трансакцијата е 19 август 2026 година. Со последното купување, Арсовски поседува 2,1 отсто од вкупниот број акции издадени од ТТК Банка.

Информацијата е објавена во образецот за купување и продавање акции на друштвото од страна на членови на Управниот или Надзорниот одбор, односно членови на Одборот на директори.

Извор: Македонска берза – berza.mk

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк со пакет за поддршка на жените претприемачки

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје нуди посебен пакет наменет за жени претприемачки, со поволности кои треба да им овозможат полесно започнување и развој на сопствен бизнис.

Во рамки на пакетот е предвидена можност за бизнис кредит до 500.000 евра, како и платежна сметка без трошоци за нејзино водење.

Корисничките на пакетот добиваат и електронско банкарство без надомест, како и дополнителни поволности наменети за поддршка на развојот на нивниот бизнис.

Од Халкбанк посочуваат дека целта на понудата е жените претприемачки да добијат поголема сигурност и повеќе можности за реализација на своите деловни идеи.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange