Интервјуа
FinSight | Бојан Цветановски: Не е злато сè што сјае – што навистина стои зад растот на златото
Цената на златото во последниот период бележи силни осцилации, што повторно ја става оваа суровина во центарот на вниманието на инвеститорите и финансиските аналитичари. По рекордниот раст следеше нагол пад, поттикнат од политички изјави и очекувања поврзани со идниот правец на монетарната политика на САД.
Во новата епизода на емисијата FinSight, Бојан Цветановски од Асоцијацијата на финансиски пазари (ACI) ги анализира факторите што моментално го обликуваат меѓународниот пазар – инфлацијата, геополитичките тензии, каматните стапки и зголеменото купување злато од страна на централните банки.
Емисијата се осврнува и на прашањето дали растот на цената на златото е одраз на недоверба кон Федералните резерви и очекувањата за можен пресврт во монетарната политика. Посебен фокус е ставен на кредибилитетот и независноста на централните банки, како и на нивната способност да ја стабилизираат пазарната психологија.
Преку аналитички и практичен пристап, емисијата нуди одговори на клучното прашање со кое се соочуваат инвеститорите денес – каде да се вложи капиталот во услови на висока неизвесност.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
Трендафилов (ССМ): Работодавачите туркаат кон генерален штрајк – 250 милиони евра неплатени придонеси и враќање на платата во плико
Македонија се соочува со сериозна закана од прв генерален штрајк на ниво на цела држава – и тоа не поради барањата на работниците, туку поради однесувањето на дел од работодавачите.
Ова го истакна Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), кој на седница на Економско-социјалниот совет изнесе алармантни податоци што фрлаат тешка сенка врз пазарот на трудот.
Според Трендафилов, над 250 милиони евра придонеси за задолжително социјално и пензиско осигурување не се платени, додека практиката на „плата во плико“, за која се мислеше дека е надмината, повторно се враќа на голема врата во Македонија.
Дополнителна загриженост предизвикува структурата на придонесите. Како што посочи Трендафилов, вкупното оптоварување со придонеси изнесува речиси 50%, но само до одреден лимит. Работодавачите кои исплаќаат плати над 16.000 евра, односно над 12 просечни плати, над овој праг плаќаат само персонален данок, без плаќање придонеси.
Како илустративен пример, Трендафилов наведе случај во кој работодавач во јуни исплатил плата од 300.000 евра. За првите 16.000 евра биле платени придонеси, додека за остатокот – исклучиво персонален данок.
Според него, токму ваквиот модел отвора простор за извлекување средства и нивно користење за исплати „во кеш“, со што директно се оштетуваат работниците и се поткопуваат фондовите за пензиско и здравствено осигурување.
Доколку институциите не реагираат навреме, предупреди Трендафилов, одговорноста за можниот генерален штрајк ќе падне токму врз работодавачите, кои потоа ќе треба јавно да објаснат зошто Македонија за првпат би била парализирана поради непочитување на основните правила на фер труд и социјална солидарност.
Интервјуа
Каде исчезна минималната плата? Трендафилов од ССМ со аларм за платите
Според анализата на МПИН податоците за исплата на плати, во мај 2025 година во евиденцијата не е регистриран ниту еден вработен кој прима минимална плата. Податок кој на прв поглед може да звучи охрабрувачки, но отвора сериозни прашања за неговата реална валидност, посочува Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикати на Македонија.
Имено, само неколку месеци претходно, во првиот квартал од 2025 година, официјалните податоци покажуваа дека помеѓу 25.000 и 35.000 работници земале минимална плата или плата пониска од законски утврдениот минимум. Од април наваму, овие работници како да исчезнале од статистиката – без јасно објаснување дали станува збор за административна корекција, промена во методологијата или системски проблем во евиденцијата.
Она што дополнително загрижува е структурата на платите во првата половина од 2025 година. Дури 33,1% од вработените примале плата пониска од 30.000 денари, додека 73% од работниците земале плата под просечната, вели Трендафилов.
Според него, овие бројки јасно укажуваат на сериозна концентрација на повисоки примања кај ограничен број лица – менаџери и сопственици на бизниси – додека најголемиот дел од вработените остануваат со ниски и недоволни приходи за покривање на основните животни трошоци.
Отсуството на минималната плата од официјалната статистика не значи дека проблемот е решен. Напротив, тоа отвора сомнеж за прикриена нееднаквост и дополнително ја нагласува потребата од итна дебата за растот на платите, продуктивноста и реалниот животен стандард во Македонија.
Прашањето повеќе не е дали платите треба да растат, туку колку долго економијата може да функционира со ваква распределба на доходот.
Интервјуа
FinSight | Благица Петрески: Задолжување за стар долг, економија без вистински раст
Македонија повторно се задолжи на меѓународните пазари со издавање на 10-тата еврообврзница, вредна една милијарда евра, со цел сервисирање на доспеаните обврски и стабилизирање на јавните финансии. Но, веќе во наредните месеци се очекува ново задолжување, овојпат преку кредити, за да се обезбедат средства за редовно плаќање на обврските.
Што значи ова за економијата, дали годинава може да се очекува раст или стагнација, како ќе се движи инфлацијата и што може да очекува бизнис-секторот?
Во новата епизода на FinSight, разговараме со Благица Петрески, извршна директорка на Finance Think – Институт за економски истражувања и политики. Анализираме каде завршуваат буџетските пари, колкав е товарот на јавниот долг, колку е реален проектираниот раст од 3,5 отсто и дали зголемувањето на платите може дополнително да ја подгрее инфлацијата.
Во фокусот се и продуктивноста на работниците, сивата економија, ефектите од проектот „Мој ДДВ“, како и клучните реформи што ѝ се потребни на економијата за одржлив раст и подобар животен стандард.
Новинар: Наташа Мерсовска
-
Продуктипред 2 месециХалкбанк денес официјално стартува со Apple Pay
-
Продуктипред 2 месециПразници со 0% камата – Мастеркард кредитна картичка од ПроКредит Банка
-
Интервјуапред 2 месециИнтервју | СИЛВАНА МИЛЕНКОВА И РАДИСАВ БУЛАТОВИЌ: Најважни се добрата комуникација, емоционалната интелигенција, искреноста и создавање на долгорочни односи на доверба со клиентите
-
Продуктипред 1 месецХалки картичка за деца – прва платежна картичка за деца на македонскиот пазар
-
Продуктипред 2 месециПразничен промо депозит од ПроКредит Банка – Повеќе добивка за одличен старт на 2026
-
Банкипред 2 месециФатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Комерцијална банка
-
Банкипред 2 месециКомплетиран новиот Управен одбор на НЛБ Банка Скопје: Значајна пресвртница на патот кон стабилност и стратешки раст



