Банки
Вицегувернерката Емилија Нацевска: Кога плаќањата се извршуваат без напор, економијата расте со доверба
„Единствената област за плаќања во евра, СЕПА, веќе е дел од нашата реалност. Тоа не е само симбол, туку и услуга. Преку пониските трошоци, брзината и едноставниот сет информации потребен за извршување на плаќањето, граѓаните и компаниите од нашата земја веќе ги чувствуваат придобивките кога испраќаат пари или кога плаќаат снабдувачи во странство или, пак, кога примаат дознаки од странство“, порача вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, во завршното обраќање на 16. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, одржана под наслов „Преповрзување на плаќањата во дигиталната ера“.
Вицегувернерката истакна дека следниот приоритет е развивањето и воведувањето инстант плаќања, како нова навика, а не само можност. „Целта е практична – да можете да платите и да ви биде платено за неколку секунди, во секое време (24/7/365), преку безбеден систем и со сигурно порамнување преку централната банка“, рече Нацевска, додавајќи дека меѓусебното поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан, како и со европскиот ТИПС ќе придонесе за побрза економска интеграција на регионот во Европската Унија.
Покрај СЕПА и инстант плаќањата, во фокусот на Конференцијата беа и отпорноста и довербата во платните системи, како предуслов за стабилност, којашто е неопходна за непречено функционирање на економијата. Нацевска истакна дека размената на искуства, тестирањето и координираното реагирање при инциденти се клучот за одржувањето на довербата на јавноста.
Посебно внимание ѝ беше посветено на улогата на финтек-компаниите и на небанкарските даватели на платежни услуги, коишто веќе се рамноправен дел од системот. „Тие носат брзина, практичност и конкуренција, но со тоа и одговорност за заштита на корисниците и податоците“, нагласи таа.
Во однос на иновативните решенија и регулативата, вицегувернерката порача дека тие не треба да се гледаат како спротивности, туку дека регулаторите треба да создадат простор за нови идеи, но и да обезбедат сигурност на плаќањата и заштита на клиентите, бидејќи рамнотежата меѓу иновацијата и стабилноста е исклучително важна, рече Нацевска, нагласувајќи ја важноста на пропорционалноста во регулирањето, заради обезбедување еднакви правила и правични услови за сите учесници на пазарот.
Во своето завршно обраќање, Нацевска потсети дека ако на претходната конференција се зборуваше за планови, оваа година веќе се истакнуваат конкретни резултати и реални решенија.
„Се движиме во вистинската насока – од дизајн кон услуга, од концепти кон видливи придобивки“, заклучи вицегувернерката, изразувајќи им благодарност на сите учесници, партнери и организатори на Конференцијата за нивните идеи, соработка и посветеност во градењето подобар и посигурен платен екосистем.
Банки
Инстант плаќањата во фокусот: дводневна работилница на Народната банка со платежната заедница
Народната банка во соработка со Светската банка одржаа работилница за банките и другите даватели на платежни услуги и релевантните државни институции во земјава посветена на воведувањето на инстант плаќањата засновани на платформата на клонот на ТИПС. Работилницата е дел од постојаните активности на Народната банка за подготовка на целата платежна заедница во земјава за воспоставување на националниот систем за инстант плаќања и за обезбедување навремена координација на сите учесници во веќе започнатиот процес на приклучување кон регионалната платформа којашто ја развива Банката на Италија за земјите од Западен Балкан.
„Во услови на забрзана дигитализација на финансиските услуги и сѐ поголеми очекувања за брзи, едноставни и лесно достапни плаќања, модернизацијата на платежната инфраструктура во земјава претставува основен предуслов за развивање поефикасен, поконкурентен и поиновативен платежен пазар“, истакна директорката на Дирекцијата за платни системи при Народната банка Биљана Доновска-Гечева.
Воспоставувањето национален систем за инстант плаќања е еден од стратегиските проекти на Народната банка и претставува важен чекор кон понатамошна модернизација на платниот систем во земјава. Проектот е дел од пошироките регионални иницијативи за унапредување на платежната инфраструктура и за нејзино постепено усогласување со европските стандарди и практики. Со неговото остварување ќе се создадат услови за развивање нови дигитални платежни услуги и за понатамошно унапредување на условите за користење за граѓаните, компаниите и за институциите.
Во рамките на работилницата беа претставени концептот и функционалностите на платформата на клонот на ТИПС, правилата за учество и приклучување, искуствата од други земји, како и очекуваните активности на давателите на платежни услуги во процесот на спроведување. Посебно внимание им беше посветено на техничката и на оперативната подготвеност на учесниците, во рамките на процесот за приклучување кон платформата на клонот на ТИПС.
Со воведувањето на инстант плаќањата ќе се овозможат побрзи, подостапни и поефикасни плаќања за граѓаните и за компаниите, 24 часа дневно, седум дена во неделата, што ќе придонесе за понатамошна дигитализација на финансиските услуги и за зајакнување на конкурентноста на домашниот платежен пазар.
Работилницата претставуваше можност за размена на искуства и мислења, разгледување на предизвиците и можностите што ги носи овој процес, како и за координација на активностите на сите засегнати страни во пресрет на очекуваното пуштање во употреба на системот.
Банки
Еко акција на НЛБ Банка за почиста животна средина „НЛБ Тим за почисто Водно“
Под мотото „За почисто Водно“, повеќе од 130 вработени – еко волонтери, вклучувајќи ги и сите членови на Управниот одбор на НЛБ Банка, ја поддржаа акцијата на Банката за расчистување на отпадот од зелените површини и рекреативните патеки на Водно, како дел од континуираните општествено одговорни активности што НЛБ Банка ги спроведува во рамки на својата ESG стратегија.
Оваа иницијатива претставува потврда за посветеноста на Банката кон заштита на природата и унапредување на квалитетот на животот во заедницата, испраќајќи силна порака за важноста од одговорен однос кон природата и јавниот простор.
Со заеднички ангажман, вработените реализираа повеќе од 400 волонтерски часови, давајќи конкретен придонес за почиста и поздрава животна средина. Особена вредност на настанот му даде и учеството на дел од вработените заедно со своите деца, што дополнително ја нагласи важноста од градење еколошка свест, зачувување на природните ресурси и негување на одговорен однос кон животната средина кај идните генерации.
„Во НЛБ Банка веруваме дека вистинската одговорност кон заедницата се мери преку конкретни дела. Грижата за животната средина не е само наша стратешка определба, туку и обврска што ја живееме секојдневно, со личен пример, со активна вклученост и со јасна намера да придонесеме за подобар свет за генерациите што следат. Како институција што е длабоко поврзана со заедницата, ќе продолжиме да иницираме и поддржуваме активности што создаваат трајна вредност, ја јакнат еколошката свест и оставаат позитивен белег во просторот во кој живееме и работиме“ – истакнуваат од НЛБ Банка.









Во изминатиот период, Банката реализираше и други еко-иницијативи, меѓу кои акцијата за чистење на отпад во Виница под мотото „За почиста Виница“ во која учествуваа вработените во експозитурите на НЛБ Банка од источниот регион, како и донацијата на садници од лаванда за Холандскиот парк во Охрид, кои ги засадија учесниците на Лидерската конференција на Банката.
Еко-свесните и општествено одговорни активности претставуваат значаен сегмент од стратегијата на НЛБ Групацијата и се спроведуваат во сите земји каде што таа е присутна.
Анализи
УНИ банка станува дел од МБИ10, Берзата го проширува индексот на обврзници
Македонска берза ги објави резултатите од редовната полугодишна ревизија на своите индекси, при што од 30 јуни ќе има промени во составот на индексот МБИ10 и на индексот на обврзници ОМБ.
Најзначајната новина е вклучувањето на обичната акција на УНИ банка во составот на МБИ10, со што таа ќе ја замени акцијата на Македонијатурист.
Според одлуката на Комисијата за берзански индекс, во составот на МБИ10 ќе останат акциите на Комерцијална банка, Гранит, Алкалоид, Макпетрол, Македонски Телеком, НЛБ Банка, Стопанска банка Скопје, ТТК Банка и Реплек, а нов член на индексот ќе биде УНИ банка.
Промени има и кај Индексот на обврзници на Македонската берза (ОМБ), кој ќе биде дополнет со уште три емисии на обврзници за денационализација. Покрај постојните емисии од 18-та до 23-та, во индексот ќе бидат вклучени и обврзниците од 16-та, 17-та и 24-та емисија.
Од Македонска берза информираат дека новиот состав на индексите ќе започне да се применува од 30 јуни, додека следната редовна ревизија е предвидена за 15 декември годинава.
-
Продуктипред 2 месециУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Банкипред 2 месеци
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Бизниспред 2 месеци
Македонски Телеком предлага повисока дивиденда за 2025 година
-
Бизниспред 1 месецОд полноќ нови цени на горивата
-
Останатопред 1 месец
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Банкипред 2 месециСилк Роуд Банка: Пензиите за април исплатени, достапни преку експозитурите, банкоматите како и електронското банкарство
-
Кариерапред 2 месециАЛТА банка објави оглас за вработување на позицијата бизнис аналитичар (економист)
-
Советипред 1 месец
УЈП објави видео упатство за е-даночни услуги и потврда на ДЛД-ГДП пријавата


