Банки
Средба на гувернерот Славески со МБА: Стабилниот и одговорен банкарски сектор како неопходна потпора за економијата
„Во услови на светска неизвесност и постојани економски предизвици, воспоставувањето стабилен, добро капитализиран и одговорен банкарски сектор претставува суштинска потпора за граѓаните и за развојот на домашната економија.“ Ова беше една од централните пораки на средбата помеѓу гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и раководството на Македонската банкарска асоцијација (МБА) – претседателката, д-р Маја Стевкова Штериева и заменик-претседателот, м-р Бојан Стојаноски.
На средбата беше нагласено дека одржувањето на стабилноста на банкарскиот сектор е заеднички приоритет и предуслов за градење долгорочна доверба кај граѓаните и кај стопанството. Гувернерот Славески истакна дека банкарскиот сектор кај нас е добро капитализиран, со стапка на адекватност на капиталот од 19%, што овозможува отпорност и во услови на евентуални шокови. Воедно, беше потцртано дека Народната банка е активно вклучена во унапредувањето на регулативата преку свој придонес во подготовката на новиот Закон за банките, како и во доследното спроведување на Законот за решавање банки, заради понатамошно зајакнување на стабилноста и усогласеноста со европските стандарди.
„Народната банка преку добро поставените политики обезбедува стабилна и предвидлива средина. Тоа е предуслов за банките да ги исполнат очекувањата на граѓаните и компаниите – со сигурни, достапни и со квалитетни услуги“, рече гувернерот.
Посебен акцент беше ставен на потребата од натамошно унапредување на конкуренцијата во платниот промет, особено преку финтек-иновации и нови технологии. Во таа смисла беше отворено и прашањето за напредокот во пристапувањето на банките кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Беше нагласено дека крајниот рок за поднесување на барањата е 5 октомври оваа година и дека се очекува од банките да ги засилат активностите за навремено исполнување на оваа важна стратегиска цел, со која ќе се подобри интеграцијата и ефикасноста на прекуграничните плаќања.
Во однос на монетарната политика, гувернерот истакна дека Народната банка внимателно ги следи движењата на внатрешните и надворешните фактори на ризик. Секоја идна одлука за основната каматна стапка ќе биде донесена врз основа на детални макроекономски анализи, со цел да се зачува ценовната стабилност и да се поддржи економската активност.
Банки
Халкбанк со промотивна понуда за штедење со камата до 3,30 проценти
Халкбанк АД Скопје нуди промотивна понуда за орочено штедење „Пролетен депозит“, со фиксна каматна стапка до 3,30 проценти и можност за избор на исплата на каматата – месечно или на крајот од периодот на орочување.
Според понудата, клиентите кои ќе штедат во денари ќе добијат каматна стапка од 3,30 проценти, додека за штедење во евра, американски долари и британски фунти е предвидена камата од 2,50 проценти.
Рокот на орочување изнесува 25 месеци, а промотивната понуда ќе важи до 31 мај 2026 година.
Од банката информираат дека повеќе детали за условите и начинот на аплицирање се достапни на официјалната страница на Халкбанк.
Банки
Халкбанк ја проширува понудата со услуга за инвестирање на странски пазари
Следејќи ги современите трендови во финансискиот сектор и растечките потреби на клиентите за поголема диверзификација и пристап до глобални инвестициски можности, Халкбанк АД Скопје ја проширува својата понуда со нова услуга, инвестирање во хартии од вредност на странски пазари.
Новата услуга претставува уникатна можност на домашниот пазар, клиентите преку една доверлива институција да добијат интегриран пристап до локални, регионални и глобални пазари на капитал, со поддршка, сигурност и експертиза што ги нуди Халкбанк.
Со воведувањето на оваа услуга, покрај веќе постоечката можност за тргување на Македонска берза, како и останатите банкарски и инвестициски услуги, клиентите ќе можат да инвестираат и во различни видови хартии од вредност на странски пазари, вклучително купопродажба на акции на глобално препознатливи компании, удели во ETFs (Exchange Traded Funds), како и други финансиски инструменти достапни на меѓународните берзи.

Дополнително, клиентите добиваат можност и за инвестирање во должнички хартии од вредност на странски пазари, меѓу кои државни обврзници, корпоративни обврзници и еврообврзници (EUROBONDS), што овозможува креирање на диверзифицирани инвестициски портфолија согласно различните инвестициски профили и стратегии на клиентите.
Тргувањето ќе се одвива на најразвиените светски пазари, вклучувајќи ги САД, Канада, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Швајцарија, Холандија, Белгија, Данска, Ирска, Шведска, Норвешка, Финска, Австрија, Шпанија, Португалија, Полска, Чешка, Унгарија, Романија, Хрватска и Словенија.
Во време кога инвестирањето станува сè поважен дел од личното и корпоративното финансиско планирање, Халкбанк продолжува да гради современ финансиски екосистем, создаден според потребите на клиентите и насочен кон долгорочен раст и финансиска стабилност.
За повеќе информации за услугата, условите и начинот на инвестирање, заинтересираните клиенти можат да се обратат во најблиската филијала на Халкбанк или да ја посетат официјалната веб-страница на банката.
Банки
Плаќањата во евра меѓу Македонија и Србија ќе бидат побрзи и поевтини: Србија се приклучи на СЕПА
Народната банка информираше дека со приклучувањето на Србија во системот СЕПА (Single Euro Payments Area), отсега е овозможено извршување плаќања во евра од и кон Србија во рамки на оваа европска платежна област.
Од Народната банка оценуваат дека станува збор за значаен чекор за унапредување на регионалната финансиска поврзаност, што ќе донесе директни придобивки за граѓаните, компаниите и дијаспората.
Со новината, прекуграничните плаќања во евра меѓу двете земји ќе бидат побрзи, поефикасни и со пониски трошоци во споредба со традиционалните платежни канали. Истовремено, се очекува поголема сигурност и предвидливост на трансакциите, како и поедноставени процедури за плаќања и приливи.
Од централната банка потсетуваат дека Србија е еден од најзначајните трговски партнери на земјава и се наоѓа меѓу петте најголеми партнери во надворешната трговија, што дополнително го зголемува значењето на интеграцијата во СЕПА.
Новината, како што наведуваат од Народната банка, е особено важна и за дијаспората, како и за економските и семејните врски меѓу двете земји, бидејќи ќе овозможи поевтини и побрзи трансфери на средства.
Народната банка соопшти дека и натаму активно работи на интеграција во европските платни системи и на унапредување на условите за модерни, брзи и достапни плаќања.
-
Продуктипред 2 месециДо 120.000 денари финансиска поддршка од Easy Finance – брзо и со транспарентни услови
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во ТТК Банка АД Скопје
-
Кариерапред 2 месециНародна банка бара аналитичари: плата до 83 илјади денари и двегодишен договор
-
Кариерапред 2 месециАна Митреска и Игор Величковски предложени за нови вицегувернери на Народната банка
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка АД – Скопје од утре започнува со исплата на пензиите за месец март
-
Продуктипред 1 месецИуте Македонија носи европски здравствен стандард – за првпат во земјава се воведува второ медицинско мислење
-
Интервјуапред 2 месециИнтервју | Гоце Новачевски | Портфолио менаџер, КБ Инвест АД Скопје
-
Банкипред 2 месециАЛТА Банка го продолжи промотивниот период до 30 јуни 2026 година за најповолниот потрошувачки кредит на македонскиот пазар



