Connect with us

Банки

Ангеловска-Бежоска на Балканскиот самит на поранешни студенти:  Регионалната соработка како начин за забрзан раст и побрза конвергенција на Западен Балкан

Објавено

на

„За одржлив и инклузивен раст на земјите од Западен Балкан е потребна заедничка соработка, а не изолација“. Ова беше главната порака на гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, во своето обраќање на Балканскиот самит на поранешни студенти на тема „Градење посилни партнерства за економски раст“, организиран од Македонско-американската алумни асоцијација, на кој присуствуваа и претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и заменик-амбасадорката на САД, Никол Варнс.

Гувернерката истакна дека и по три децении на транзиција, доходот во регионот сѐ уште е помалку од половината од просекот во ЕУ, упатувајќи на потребата од зајакнување на потенцијалот за раст, што може да се постигне преку поголема регионална економска интеграција. Потенцијалниот раст во регионот е преполовен од 5% пред светската финансиска криза на 2,5% по неа, додека кај нашата економија забавувањето е уште посилно. „Слабите остварувања во регионот не се резултат само на надворешните шокови, туку и на подлабоки структурни предизвици како што се застојот во продуктивноста, одливот на работна сила и релативно ниските инвестиции“, нагласи гувернерката. Таа рече дека продуктивноста е приближно половина од нивото во ЕУ, дека секој петти граѓанин е иселен од регионот (според ОЕЦД) и дека инвестициите се на ниско ниво, како во износот, така и во квалитетот. Во однос на трговијата во рамките на регионот, таа сè уште е ниска, при што во 2024 година таа учествува со само 11% во вкупната трговска размена на земјите од Западен Балкан.

Во тој контекст, гувернерката нагласи дека регионалната соработка може да биде ефикасен инструмент за надминување на овие слабости, и тоа преку порастот на трговијата, поттикнувањето на странските директни инвестиции, преносот на знаења и технологии и растот на продуктивноста. Како пример го посочи позитивниот ефект од договорот за слободна трговија ЦЕФТА, чиешто спроведување се одрази со пораст на трговијата меѓу членките од околу 74%. Гувернерката го истакна и значењето на иницијативите како Заедничкиот регионален пазар на земјите од Западен Балкан и членството на нашата земја во Единствената област за плаќања во евра − СЕПА, како конкретни чекори кон поголема економска поврзаност. На крајот, таа посочи дека за успешно остварување на овие иницијативи од особена важност е подобрувањето на квалитетот на институциите, со оглед на нивната значајна улога во спроведувањето на реформите, како и користењето на достапната финансиска помош од ЕУ преку Планот за раст.

Банки

ЕБОР повторно ја прогласи Комерцијална банка за најактивна банка издавач во Северна Македонија

Објавено

на

Европската банка за обнова и развој повторно ѝ го додели на Комерцијална банка АД Скопје признанието „Most Active Issuing Bank in 2025 in North Macedonia“, односно најактивна банка издавач во Северна Македонија за 2025 година.

Од Комерцијална банка наведуваат дека признанието претставува уште една потврда за нејзината водечка позиција во областа на трговското финансирање, како и за стручноста и посветеноста на тимот задолжен за документарно работење.

Банката посочува дека преку своите услуги обезбедува силна поддршка за домашните компании во нивното меѓународно работење и настапот на странските пазари.

Комерцијална банка повеќе од две децении соработува со Европската банка за обнова и развој, а новото признание, според банката, ја потврдува довербата и професионалноста препознаени и на меѓународно ниво.

Од банката додаваат дека и натаму ќе работат на создавање сигурни финансиски решенија за раст и поуспешен настап на македонските компании на глобалните пазари.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка: СЕПА овозможува побрзи, побезбедни и поевтини плаќања со Европа

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје ги информира своите клиенти дека преку системот СЕПА можат да вршат побрзи, побезбедни и поекономични плаќања при соработка со партнери од Европа.

Од банката посочуваат дека СЕПА (Единствена област за плаќања во евра) овозможува едноставно испраќање и примање средства, со пониски трошоци и поголема ефикасност при меѓународните трансакции.

„Кога соработуваш со партнери од Европа, потребно е да знаеш дека имаш можност за лесни и сигурни плаќања. Со СЕПА праќаш и примаш средства брзо, сигурно и со пониски трошоци“, наведуваат од Стопанска банка.

Повеќе информации за СЕПА плаќањата и подготовките за нивна примена се достапни на веб-страницата на Стопанска банка.

Продолжи со читање

Банки

Германската влада нема да го спречи преземањето на Комерцбанк од страна на УниКредит

Објавено

на

Германската влада нема да го спречува спојувањето или преземањето на Комерцбанк од страна на италијанската УниКредит, но не го поддржува начинот на кој се одвива процесот, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц.

„Не го спречуваме ова спојување или преземање, ниту некогаш сме се обиделе да го направиме тоа. Само велевме дека начинот на кој Комерцбанк стана цел на преземање ја нема нашата поддршка“, рече Мерц.

УниКредит минатата недела соопшти дека обезбедила контрола врз 47,6 проценти од акциите на Комерцбанк, со што италијанската банка се приближи до преземање на контролата врз германската финансиска институција, која се обидува да ја купи од 2024 година.

Потегот на УниКредит наиде на силно противење во Германија. Германското Министерство за финансии го оцени пристапот на италијанската банка како агресивен и непријателски, додека синдикатот на вработените во банкарскиот сектор предупреди дека преземањето може да предизвика хаос.

Изјавата на Мерц, сепак, се толкува како знак дека германската влада ја прифаќа можноста преземањето да биде реализирано. По неговите зборови, акциите на Комерцбанк забележаа пад, но подоцна надоместија дел од загубите и се тргуваа со намалување од околу 1,7 проценти.

Германската влада поседува 12 проценти од Комерцбанк и е втор најголем акционер по УниКредит. Берлин досега официјално одбиваше да ѝ ги понуди своите акции на италијанската банка.

Мерц изјави дека значителен дел од акционерите на Комерцбанк ја прифатиле понудата на УниКредит, но нагласи дека владата има право да го преиспита идниот деловен модел на банката.

Комерцбанк има важна улога во финансирањето на германската економија, особено на малите и средните претпријатија, познати како „Мителштанд“.

„Многу не би сакал таа функција да исчезне во иднина. Сепак, во пазарната економија сопствениците одлучуваат каква структура сакаат, а не политичарите“, рече Мерц.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange