Connect with us

Банки

ПРВ КВАРТАЛ ОД СОНИШТАТА ЗА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА – добивката зголемена за речиси 20,1%!

Објавено

на

Во периодот од 01.01. до 31.03.2025 година Комерцијална банка од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.416,5 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 1.179,1 милиони денари, што претставува зголемување за 20,1 %. Планираната бруто-добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 110,0 %. Позитивниот резултат од работењето е остварен во услови на нагласени ризици од надворешното окружување, особено зголемените геополитички тензии, осцилациите на светските пазари како резултат на неизвесноста од воведените тарифи од страна на САД, како и намалената економска активност на главните трговски партнери на државата.

Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 1,1% поголема во однос на истиот период минатата година. Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените нето курсни разлики и зголемените нето-приходи од камати.

Дополнително, домашната инфлација забележа одредено забрзување во првиот квартал (достигна 5,0 % и 4,2 % на годишно ниво во февруари и март), што влијаеше НБРСМ да ја води монетарната политика на претпазлив начин.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 2.024,4 милиони денари и бележат зголемување од 1,3% во однос на истиот период минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 31.03.2025 година истите бележат минимално зголемување од 0,8% во однос на истиот период минатата година. Планот е исполнет со 100,1%. Приходите по основ на камата се зголемени за 1,3%, при што најголем пораст бележат приходите од камата од домаќинствата и нефинансиските друштва како резултат на зголемените пласмани, како и приходите од камата остварени од секторот држава поради зголеменото вложување во државни хартии од вредност. Расходите по основ на камата се зголемени за 5,2% поради зголемените орочени депозити споредено со истиот период минатата година. Нето каматната маржа на ниво на Банката е намалена од 3,94% на крајот од првиот квартал од минатата година, на 3,65% на 31.03.2025 година.

Нето-приходите од провизии и надоместоци на 31.03.2025 година изнесуваат 334,8 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележат минимално намалување од 0,5%. Планот за анализираниот период е остварен со 114,1%.

Нето-приходите од курсни разлики на 31.03.2025 година изнесуваат 113,3 милиони денари и бележат зголемување од 17,3% во однос на истиот период минатата година, во најголем обем поради зголемениот промет на девизниот пазар. Планот за анализираниот период е остварен со 143,4%.

Останатите приходи од работењето на Банката на 31.03.2025 година изнесуваат 87,2 милиони денари и бележат зголемување од 0,9% во однос на истиот период минатата година, главно како резултат на зголемените наплатени претходно отпишани побарувања. Планот е остварен со 27,7%.

Оперативните расходи за периодот 01.01.-31.03.2025 година изнесуваат 553,3 милиони денари и во однос на минатата година се зголемени за 1,8%, во најголем дел како резултат на зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал
обем и поради зголемената амортизација. Планот е остварен со 78,6%.

Нето исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 31.03.2025 година изнесува 49,8 милиони денари и бележи позначително намалување во однос на истиот период минатата година кога изнесуваше 274,6 милиони денари. Намалувањето кај исправката на вредност на финансиските средства во првиот квартал од 2025 година главно се должи на добрата финансиска дисциплина и редовното сервисирање на обврските по кредити од страна на клиентите.

Во периодот од 01.01. до 31.03.2025 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа во износ од 4,9 милиони денари, во согласност со регулативата од НБРСМ.

Биланс на состојба

Вкупната актива на Банката на 31.03.2025 година достигна износ од 178.735,1 милиони денари и во однос на декември 2024 година бележи зголемување од 0,1%.

Зголемувањето на вкупната актива во најголем обем се должи на зголемените парични средства, а во помал обем и поради зголемените кредити на комитенти. Планот е остварен со 98,8%.

Паричните средства и паричните еквиваленти бележат зголемување од 9,0%, во најголем дел заради повеќе пласирани депозити во НБРСМ (преку ноќ и до 7 дена) во споредба со декември 2024 година. Планот е остварен со 106,5%.

Средствата за тргување бележат зголемување од 20,4% како резултат на нето-ефектот
од купени и продадени акции. Планот е остварен со 153,2%.

Финансиски средства по објективна вредност преку Билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 378,1 милиони денари, се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови.

Кредитите на и побарувањата од банки бележат намалување од 2,5%, како резултат на намалената состојба на орочените депозити со рочност над 3 месеци што се должи на движењата на девизните курсеви во однос на домашната валута. Износот на орочените депозити во оригиналните валути е непроменет. Планот е исполнет со 105,8%.

Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 2,5% како резултат на зголеменото кредитирање на секторите нефинансиски друштва и домаќинства, со поголем придонес на нефинансиските друштва. Планот е остварен со 101,1%.

Вложувањата во хартии од вредност се намалени за 12,6%, главно како резултат на достасани континуирани државни обврзници во денари и поголем износ на достасани од запишани Македонски еврообврзници. Планот е остварен со 86,3%.

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања бележат намалување од 46,6% по основ на продажби на преземен имот и извршено редовно оштетување на дел од преземениот имот. Истите имаат незначително учество во вкупната актива.

Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) изнесуваат 153.073,6 милиони денари и бележат намалување од 1,0% во однос на декември 2024 година, главно поради намалените депозити на банките. Планот е остварен со 97,9%.

Обврските по кредити изнесуваат 1.477,9 милиони денари и во однос на декември 2024 година се зголемени за 1,4% како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања (вклучително и првата транша од Унгарската кредитна линија наменета за компании, во износ од 76,3 милиони денари) и отплатени доспеани рати од кредитните линии. Истите имаат минимално учество од 0,8% во вкупната пасива на Банката. Планот е остварен со 96,5%.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 31.03.2025 година достигнаа износ од 22.283,2 милиони денари и во однос на декември 2024 година бележат зголемување од 6,8% главно како резултат на зголемената задржана добивка поради остварената солидна тековна бруто-добивка која е вклучена во оваа позиција. Планот е реализиран со 104,6%.

Комерцијална банка продолжува да демонстрира одржлив раст и финансиска стабилност, при што првиот квартал од 2025 година ја потврдува успешната имплементација на нејзината стратегија за профитабилно и ефикасно работење во услови на макроекономска неизвесност.

Банки

Кредитите во август пораснале за 13,6 отсто, депозитите за 9 отсто

Објавено

на

Кредитната активност на банките во август годинава забележала раст од 0,7 отсто на месечно и 13,6 отсто на годишно ниво, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Раст е забележан и кај кредитите на домаќинствата и кај корпоративниот сектор.

Вкупните депозити, пак, во август се зголемиле за 1,6 отсто во однос на претходниот месец, додека на годишна основа растот изнесува 9 отсто. Зголемување е регистрирано и кај депозитите на домаќинствата и кај компаниите.

Кај корпоративниот сектор, депозитите пораснале за 6,2 отсто на месечно и 6,1 отсто на годишно ниво. Кредитите на компаниите, пак, во август се зголемиле за 0,6 отсто на месечно ниво, додека годишниот раст забрзал на 15,1 отсто. Зголемувањето целосно произлегува од кредитирањето во домашна валута.

Депозитите на населението во август се намалиле за 0,4 отсто во однос на јули, но на годишна основа се повисоки за 10,2 отсто. Орочените депозити на домаќинствата пораснале за 0,6 отсто месечно и за 5,8 отсто годишно.

Кредитите на населението продолжиле да растат, и тоа за 0,7 отсто на месечно и 12,3 отсто на годишно ниво. Потрошувачките кредити бележат годишен раст од 12,2 отсто, а станбените кредити од 16,2 отсто.

Истовремено, паричната маса во август се зголемила за 1,3 отсто на месечно и за 8,2 отсто на годишно ниво.

Продолжи со читање

Банки

ЕЦБ и европските централни банки бараат промена на правилата за резервите на стејблкоините

Објавено

на

Европската централна банка и националните централни банки во Европската Унија предлагаат да се укине обврската издавачите на стејблкоини да чуваат минимален дел од своите резерви како депозити во банки, објави Reuters.

Во моментов, според правилата на MiCA, издавачите на стејблкоини треба да чуваат 30 отсто од резервите како банкарски депозити, а кај поголемите издавачи тој удел изнесува 60 отсто. Централните банки предлагаат ова правило да се замени со барање одреден минимален дел од резервите да биде вложен во средства што доспеваат во рок од еден до пет работни дена.

Според Европскиот систем на централни банки, чувањето на резервите како банкарски депозити може да ја промени структурата на финансирање на банките, бидејќи постабилните депозити на граѓаните би можеле да бидат заменети со депозити од издавачи на стејблкоини, кои се почувствителни на пазарни движења.

Европските монетарни власти предупредуваат и на ризиците поврзани со таканаречените модели на повеќекратно издавање на стејблкоини, кај кои токените издадени во ЕУ се третираат како заменливи со оние издадени надвор од Унијата. Според нив, ваквите модели можат да создадат ризици за финансиската стабилност.

Централните банки дополнително укажале дека европските регулатори се соочуваат со значителни предизвици во спроведувањето на правилата за крипто-секторот, бидејќи дел од компаниите што не се усогласени со прописите и натаму имаат пристап до клиенти во ЕУ.

Продолжи со читање

Банки

Околу 80 вработени во Стопанска банка даруваа крв во крводарителска акција

Објавено

на

Околу 80 вработени во Стопанска банка АД – Скопје вчера учествуваа во крводарителска акција, покажувајќи хуманост и солидарност преку доброволно дарување крв.

Од Банката истакнаа дека со оваа акција вработените уште еднаш покажале дека и еден мал гест може да има големо значење за оние на кои им е потребна помош.

Стопанска банка упати благодарност до сите вработени кои учествуваа во акцијата, нагласувајќи дека со својата несебичност придонесуваат за поддршка, надеж и шанса за живот.

Крводарителската акција е дел од активностите преку кои Банката и нејзините вработени ја поддржуваат хуманоста и општествената одговорност.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange