Connect with us
no baners

Банки

Средба со заменикот на генералниот директор на ММФ: Силна и независна централна банка – клучот за одржување на стабилноста во услови на неизвесност

Објавено

на

„Народната банка спроведе навремени и соодветни монетарни и макропрудентни мерки, коишто овозможија стабилизирање на инфлацијата, одржување стабилен курс на денарот и зајакнување на финансиската стабилност. Сепак, со оглед на високата геополитичка неизвесност важно е да се продолжи со внимателни макроекономски политики, но и со натамошно јакнење на институциите. Во овој контекст од огромно значење е да се зачува независноста на централната банка.“ Ова беше истакнато на средбата меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и заменикот на генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, на маргините на Годишните средби на ММФ и Светската банка. На средбата присуствуваше и министерката за финансии Гордана Кочовска Димитриевска.

Во услови на светски ценовни шокови и нестабилност, Народната банка одговори со обемен сет мерки, коишто вклучуваа интервенции на девизниот пазар, приспособување на каматните стапки, задолжителната резерва и макропрудентни ограничувања. „Со овие мерки не само што постигнавме значително намалување на инфлацијата на едноцифрено ниво, туку и обезбедивме стабилност на девизниот курс и стабилни и зајакнати биланси на банкарскиот сектор“, истакна Ангеловска-Бежоска.

На средбата, посебен акцент беше ставен на последните геополитички случувања, коишто создаваат нова неизвесност во светската економија и на светските финансиски пазари. Беше истакнато дека во вакви услови, за малите економии отворени кон светот е особено важно водењето сигурни политики, создавањето простор за реакција на потенцијалните шокови и постоењето на силни институции. Токму во овој контекст, акцентот беше ставен на натамошното унапредување на законската рамка за Народната банка во согласност со највисоките меѓународни стандарди. Сето ова придонесува за јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка и за зголемување на нејзината транспарентност и отчетност.

Банки

Соработка за економски напредок: Средба меѓу гувернерот на Народната банка и претседателот на Стопанската комора

Објавено

на

Во духот на заедничката определба за поттикнување на економскиот развој и за зајакнување на институционалната соработка, во Народната банка денес се одржа средба меѓу гувернерот Трајко Славески и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.

На средбата беше нагласена важноста на постојаниот дијалог помеѓу носителите на економската политика и бизнис-заедницата, особено во контекст на актуелните светски и регионални економски предизвици. Претседателот Азески истакна дека Комората е подготвена за понатамошна активна соработка со Народната банка, изразувајќи поддршка за професионалноста и кредибилитетот што гувернерот Славески ги носи на оваа позиција.

Во разговорот беа отворени теми поврзани со монетарната политика, финансиската стабилност, пристапот до финансии за стопанството, како и улогата на Народната банка во создавањето поволно деловно опкружување. Двете страни се согласија дека со заемна отвореност и координација може да се придонесе за поефикасно исполнување на стратегиските економски цели на земјата.

Гувернерот Славески ја истакна заложбата на Народната банка за транспарентност, предвидливост и поддршка на стабилноста, како предуслов за одржлив раст. Тој упати благодарност за поддршката и изрази задоволство од иницијативите на Комората за продлабочување на комуникацијата со институциите од финансискиот сектор.

Средбата заврши во конструктивен дух, со договор за засилување на соработката преку редовни консултации и размена на анализи и мислења од заеднички интерес.

Продолжи со читање

Банки

Гувернерот Славески за МИА: Стабилноста на денарот останува цврста определба, банкарскиот систем е стабилен

Објавено

на

„Стабилноста на денарот нема и не смее да се доведе во прашање. Тоа е одамна затворено прашање“, порача гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во интервју за Македонската информативна агенција (МИА), потенцирајќи дека фиксниот девизен курс и натаму ќе биде цврста основа на макроекономската стабилност во земјата.

Гувернерот истакна дека режимот на девизен курс којшто го практикува земјава е поддржан од сите досегашни влади, деловната заедница, експертската јавност и меѓународните институции. „Не само што нема дилеми, туку и не слушаме повеќе повици или навестувања за промена на курсот, што претходно знаеја да се појават. Фиксниот девизен курс добро ѝ служи на македонската економија. Свесни сме дека каква било интервенција во паритетот на националната валута во однос на еврото би предизвикала значителна штета, без речиси никаква корист, со оглед на високиот степен на отвореност на македонската економија“, рече Славески.

Славески ги повика граѓаните и бизнисите на спокојство, уверувајќи дека нивните заштеди и планови се сигурни во стабилен и предвидлив финансиски систем. „Народната банка ќе обезбеди стабилен курс и стабилно финансиско окружување за реалниот сектор. Работиме во тесна координација со Министерството за финансии и со сите релевантни институции“, рече тој.

Дополнително, гувернерот потенцира дека финансиската стабилност и сигурноста на заштедите се поддржани и од силниот банкарски систем и супервизорските капацитети на Народната банка. „Имаме здрав банкарски систем, со високо ниво на капитализираност, над меѓународните стандарди“, рече гувернерот.

Во интервјуто беше подвлечено и дека Народната банка ужива висок кредибилитет кај меѓународните финансиски институции и дека таа соработка ќе продолжи и понатаму, со визија да се зачува независноста, да се зајакнуваат институционалните капацитети и да се обезбеди долгорочна стабилност.

На крајот, тој ја потенцираше визијата за зајакнување на институционалната независност и инвестирање во човечкиот капацитет како клучна основа за долгорочна стабилност и развој.

Продолжи со читање

Банки

Величковски од Народната банка: Финтек-решенијата носат промени во дигиталните плаќања и отвораат нови можности за трговците и граѓаните

Објавено

на

Новата правна рамка за платните системи во земјава создаде основа за зајакнување на конкуренцијата во платежната индустрија и намалување на трошоците за прифаќање дигитални плаќања во малопродажбата. Во своето излагање на конференцијата во организација на „Блумберг Адрија“, директорот на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи при Народната банка, Игор Величковски, посочи дека во 2024 година просечниот надоместок што трговците го плаќаат за прифаќање картички изнесува 1,1%, забележувајќи намалување од 0,1 п.п. во однос на 2018 година, од кога Народната банка објавува податоци за овој вид надоместоци, при што намалувањето кај одредени сектори е поизразено достигнувајќи 0.7 п.п. Во истиот период, бројот на трговци коишто прифаќаат дигитални плаќања на продажните места е зголемен за 36% и достигна 16,4 илјади трговци. 

Правната рамка веќе отвори простор за појава на нови учесници – платежни институции и институции за електронски пари, коишто нудат алтернативи за граѓаните и трговците. Се очекува дека дел од овие институции наскоро ќе понудат иновативни решенија во земјава, во согласност со светските трендови во финтек-секторот.

Во контекст на очекувањата за следните 3 до 5 години, Величковски истакна дека финтек-решенијата ќе извршат голема промена.

„Се очекува дека финтек-компаниите ќе понудат дигитални паричници, коишто ќе овозможат побрзи и поевтини трансакции, нови начини на иницирање плаќања преку кодови за брз одговор (QR кодови) и опции за прифаќање плаќања без потреба од традиционалните ПОС-уреди. Овие решенија ќе им овозможат и на малите продавници да влезат во дигиталниот простор, а потрошувачите и компаниите ќе имаат подобра контрола врз своите финансии“, рече Величковски.

Тој додаде дека новите решенија, поддржани од концептот на отворено банкарство којшто треба да се примени најдоцна до март 2026 година, ќе придонесат за повеќе иновации и поефикасна малопродажба, приспособена кон дигиталните навики на потрошувачите. Истовремено, трендот на дигитализација на плаќањата ќе биде зајакнат со вклучувањето на банките во платежните шеми во СЕПА од 6 октомври 2025 година, што ќе донесе побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра за граѓаните и компаниите.

Продолжи со читање

Популарно