Connect with us

Банки

КРИЗА ВО ГЕРМАНСКИОТ БАНКАРСКИ ГИГАНТ – Дојче банк ќе отпушта две илјади вработени и ќе ја намалува мрежата на филијали!?

Објавено

на

Германскиот банкарски гигант „Дојче банк планира да намали околу 2.000 работни места во текот на оваа година, во рамки на стратегијата за оптимизација на трошоците, пренесува „ДПА“.

Во согласност со долгорочниот тренд на реструктурирање, банката дополнително ќе ја намали својата мрежа на филијали. Овој потег е дел од тековните процеси на прилагодување кон новите пазарни услови и зголемениот фокус на дигиталните финансиски услуги.

Извршниот директор на „Дојче банк“, Кристијан Севинг, на конференцијата организирана од „Морган Стенли“ истакна дека во наредниот период ќе се реализира значителен број затворања на филијали. Тој нагласи дека трошоците поврзани со овие мерки се веќе пресметани во тековните финансиски планови на банката.

Портпаролот на „Дојче банк“ потврди дека процесот на затворање на филијали е дел од претходно најавените мерки за оптимизација, додавајќи дека банката не воведува нова програма за намалување на трошоците.

Во согласност со новата деловна стратегија, „Дојче банк“ го префрла фокусот кон дигиталното банкарство, при што се планира значително зголемување на видео и телефонските консултации за приватни клиенти, се вели во извештајот на „ДПА“.

Банки

Гувернерот Славески на конференција во Црна Гора: Независноста на Народната банка е клучот за зачувувањето на довербата и финансиската стабилност

Објавено

на

„Независноста на Народната банка е клучот за задржувањето на високото ниво на доверба и кредибилитет што институцијата го ужива во јавноста, особено во услови на зголемена неизвесност и високи ризици“, истакна гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески, на високата конференција „Централното банкарство во услови на високи ризици: стабилност, инфраструктура и доверба“, организирана од Централната банка на Црна Гора по повод 25-годишнината од нејзиното основање.

Говорејќи за предизвиците со кои се соочуваат централните банки, гувернерот посочи дека последните кризи и геополитичките тензии покажаа колку се важни кредибилните политики, транспарентноста и јасната комуникација со јавноста. Тие се од суштинско значење за закотвувањето на инфлациските очекувања, стабилизирањето на финансиските пазари и за ефикасното спроведување на монетарната политика. Тој нагласи дека ова е особено важно за малите и отворени економии, какви што се земјите од Западен Балкан, коишто се особено изложени на светските економски и геополитички случувања. Затоа, централните банки треба постојано да ја зајакнуваат својата отпорност, институционалниот кредибилитет и способноста за навремено и ефикасно справување со новите ризици.

Во рамките на панел-дискусијата под наслов „Кредибилитетот, просторот за водење политики и усогласувањето со ЕУ, во услови на зголемени ризици“, на која учествуваа гувернери од регионот, Славески се осврна и на европската интеграција и економската конвергенција на земјите од Западен Балкан. Тој истакна дека централните банки треба уште повеќе да ги зајакнуваат монетарната и финансиската стабилност, институционалниот кредибилитет и отпорноста и да вршат понатамошно усогласување со европските стандарди, а земјите кандидатки треба да продолжат со структурните реформи коишто се од суштинско значење за зголемување на продуктивноста и за подобрување на животниот стандард.

„Според процените на ММФ, со затворањето на половина од реформскиот јаз во однос на најнапредните економии од Централна, Источна и Југоисточна Европа би можело да се зголеми нивото на БДП на среден рок за околу 14%, за што најмногу би придонесле подобрувањето на пазарот на труд и човечкиот капитал, деловното окружување и квалитетот на управувањето“, истакна Славески.

Во контекст на европската интеграција, тој нагласи дека процесот на пристапување кон ЕУ треба да биде заснован строго на заслугите, со јасни критериуми и со нивна доследна примена. Притоа, земјите кандидатки треба да бидат сигурни дека со исполнувањето на договорените критериуми целта ќе биде постигната и дека тоа ќе води кон следниот чекор во процесот на пристапување.

Во услови на зголемена светска неизвесност, зачувувањето на независноста, кредибилитетот и довербата во централните банки е од суштинско значење за стабилноста на економиите и за создавање услови за одржлив економски развој.

Продолжи со читање

Банки

Централната банка на Индија повлече над 63 милијарди долари од банкарскиот систем поради рекордна ликвидност!

Објавено

на

Резервната банка на Индија (РБИ) повлече повеќе од 6 трилиони рупии, односно околу 63,5 милијарди долари, од банкарскиот систем преку операции за апсорбирање ликвидност, откако вишокот средства во системот достигна рекордно ниво.

На аукција преку ноќ банките доставиле понуди во вредност од 3,53 трилиони рупии, откако претходно депонираа уште 2,59 трилиони рупии преку 30-дневна операција. Резервната банка на Индија (РБИ) првично имаше намера преку оваа операција да повлече до 7 трилиони рупии, но учеството беше ограничено.

Вишокот ликвидност во индискиот банкарски систем достигна 11,6 трилиони рупии, што претставува речиси 4% од вкупните банкарски депозити.

Зголемената ликвидност е последица и на приливот од околу 136 милијарди долари, добиени преку специјални еднократни шеми насочени кон зајакнување на надворешните биланси на земјата.

Високото ниво на ликвидност претставува предизвик за Резервната банка на Индија (РБИ), бидејќи доколку се задржи подолг период, може да придонесе за зголемување на инфлаторните притисоци и раст на цените на финансиските средства. Централната банка претходно навести дека би можела да реагира со заострување на монетарната политика доколку инфлацијата и економскиот раст го оправдаат тоа.

Според аналитичарите, Резервната банка на Индија (РБИ) би можела да користи комбинација од инструменти за постепено повлекување на вишокот ликвидност, вклучително и обврзници и свопови за продажба и купување.

Вкупното повлекување на ликвидност од страна на Резервната банка на Индија (РБИ) досега надмина 8,5 трилиони рупии, но средствата постепено ќе се вратат во банкарскиот систем со истекот на роковите на операциите.

Ситуацијата покажува дека управувањето со вишокот ликвидност станува клучен предизвик за индиската централна банка, особено во услови кога инфлацијата и економскиот раст остануваат во фокусот на монетарната политика.

Продолжи со читање

Банки

Mastercard Platinum на Стопанска банка со промотивна каматна стапка од 4,9% и бројни премиум поволности

Објавено

на

Стопанска банка ја промовира Mastercard Platinum кредитната картичка, наменета за корисници кои бараат поголема флексибилност при плаќањето, но и дополнителни привилегии при патување и секојдневно користење.

За сите апликации примени до 30 септември 2026 година важи промотивна каматна стапка од 4,9% до крајот на годината. Картичката е меѓународна и бесконтактна, поврзана со денарска сметка, а максималниот кредитен лимит може да достигне до 600.000 денари, во зависност од примањата и исполнувањето на кредитните критериуми на банката.

Една од позначајните поволности е бесплатниот пристап до повеќе од 1.800 аеродромски деловни зони преку LoungeKey, со шест бесплатни посети годишно. На корисниците им е достапна и Mastercard Travel Rewards програмата, преку која може да се добие cashback при купување кај избрани меѓународни брендови.

Mastercard Platinum овозможува и плаќање до 36 рати без камата кај опфатените продажни места, како и подигнување готовина без провизија во рамки на промотивниот „КЕШ викенд“ секој последен викенд во месецот.

Месечната отплата изнесува 3% од вкупниот долг, а при целосно подмирување на обврските за трансакциите направени во трговската мрежа е предвиден бескаматен грејс период до 50 дена.

Дополнителна придобивка е бесплатното патничко осигурување со покритие од 20 дена и важност од 365 дена. Картичката може да се додаде и во Google Wallet и Apple Wallet, додека преку електронското и мобилното банкарство на Стопанска банка корисниците можат да ги управуваат трансакциските лимити и да ја блокираат или деблокираат картичката.

Аплицирањето е достапно преку филијалите на Стопанска банка и преку контакт-центарот 15-110, а картичката може да се користи во земјата и во странство.

Mastercard Platinum е изработена од 100% рециклиран PVC и има тактилен аголен засек, дизајниран да им помогне на корисниците полесно да ја препознаат и разликуваат картичката.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange