Connect with us
no baners

Банки

Народна банка повторно ја намали каматната стапка на благајничките записи, моментално се наоѓа на нивото од 5,80%

Објавено

на

На 22 октомври 2024 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше оценето дека најновите услови во економијата овозможуваат да се продолжи со претпазливо нормализирање на поставеноста на монетарната политика. Оттука, беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 п.п., на нивото од 5,8%. Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се непроменети, на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

Со промената на каматната стапка на благајничките записи, при непроменети каматни стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена, се задржува внимателниот пристап кон водењето на монетарната политика. Ова се должи на контекстот којшто вклучува ризици поврзани со надворешното окружување, но и со домашните фактори коишто влијаат врз агрегатната побарувачка. И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, ќе придонесе за ценовна стабилност на среден рок и за задржување на стабилноста на девизниот курс.

Одлуката за монетарната политиката е заснована на оцените за инфлацијата, којашто се движи во рамките на очекувањата, како и на постојаните поволни движења на девизниот пазар. Годишната стапка на инфлација во септември изнесува 2,6% (2,2% во август), при умерено забрзување на цените на храната, што е поврзано со поместената сезона на земјоделските производи поради неповолните временски услови и нивното негативно влијание врз приносите. Сепак, базичната инфлација бележи намалување во однос на претходниот месец и има стабилни движења на годишна основа, а цените кај енергетската компонента бележат натамошен пад. Со оглед на пониската споредбена основа од 2023 година (поради минатогодишните мерки за привремено ограничување на растот на цените), до крајот на годината е можна определена променливост во годишната стапка на инфлација, но во просек за целата 2024 година се очекува дека инфлацијата ќе биде во рамките на априлскиот циклус проекции, односно 3,5%. Во анкетите на ЕК за очекувањата на потрошувачите, веќе шест месеци по ред преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Во однос на  берзанските цени на примарните производи, најновите прогнози се ревидирани надолу, во согласност со зголемената понуда и намалената побарувачка, што е поврзано со изгледите за економскиот раст.

Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на септември изнесува 4.406,6 милиони евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во согласност со поволните движења на девизниот пазар, Народната банка од почетокот на годината интервенира со нето-откуп на девизи, што придонесе и за подобри остварувања кај девизните резерви од очекувањата. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во јули и август 2024 година засега е подобар во споредба со очекувањата за третиот квартал од априлскиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со крајот на септември се малку пониски од проектираните нето-приливи од приватните трансфери. Остварениот дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања во вториот квартал од 2024 година е понизок од очекувањата според априлската проекција, при истовремено повисоки остварени нето финансиски приливи.

Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), како фактор којшто Народната банка исто така го има предвид, на последната седница во октомври по третпат оваа година беше донесена одлука за намалување на каматната стапка за 0,25 п.п.

Економскиот раст во вториот квартал на 2024 година забрза и изнесува 2,3%, што е речиси идентично со проекциите на Народната банка. Исто така, и растот остварен во првата половина од годината од 1,8% е блиску до нашата проекција од 1,9%. Високофреквентните податоци за третиот квартал од 2024 година со кои се располага во моментов упатуваат на натамошно забрзување на економскиот раст. Засега, податоците за јули и август, во просек, покажуваат раст на индустриското производство, наспроти падот во претходниот квартал, а умерено забрзување на реалниот годишен раст се забележува кај прометот во вкупната трговија. Поволни поместувања се забележуваат и во градежниот сектор и угостителството, заклучно со расположливите податоци за јули. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.

Во монетарниот сектор, остварувањата во третиот квартал главно се во согласност со проекциите. Имено, депозитниот потенцијал на банките и натаму е солиден, со динамика на раст близу до очекувањата, а растот на кредитната активност сѐ уште е малку над проектираниот.

Општо земено, најновите остварувања кај клучните макроекономски показатели, како и согледувањата во однос на нивната идна патека создадоа можност за натамошно намалување на каматната стапка на благајничките записи. И натаму треба да се следат ризиците поврзани со надворешното окружување, пред сè цените на примарните производи, коишто сè уште се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските промени, а треба да се внимава и на ризиците од домашните фактори коишто може да влијаат врз побарувачката и цените во следниот период. Оттука, водењето внимателни макроекономски политики ќе биде нашиот приоритет и во иднина. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност на среден рок.

Банки

Халкбанк и Go Digital потпишаа Меморандум за соработка – партнерство за дигитална трансформација на бизнисите

Објавено

на

Во просториите на Халкбанк АД Скопје беше свечено потпишан Меморандум за соработка со Центарот за дигитална трансформација Go Digital, со што се поставуваат темели за заеднички активности во областа на дигитализацијата и иновациите.

Од страна на Go Digital, потписник на меморандумот беше претседателот на Управниот одбор, г-дин Васко Кронески.

Соработката има за цел поддршка на дигиталната трансформација на микро, малите и средни претпријатија, преку организација на обуки, едукативни настани и иницијативи за унапредување на знаењата и вештините. Воедно, ќе се поттикнуваат инвестиции во дигитализација и зелена трансформација.

Овој чекор претставува дополнително зајакнување на заложбите за развој на современа, иновативна и конкурентна деловна средина.

Продолжи со читање

Банки

ТТК Банка АД Скопје: Известување за неработен ден – 20.3.2026 година (петок)

Објавено

на

ТТК Банка АД Скопје ги известува своите почитувани клиенти дека по повод претстојниот државен празник – „Рамазан Бајрам“, на 20.03.2026 година (петок), филијалите и експозитурите на ТТК Банка АД Скопје нема да работат.

Во секое време на располагање на клиентите им се достапни услугите преку мобилното банкарство TTK M-bank, електронското банкарство TTK E-bank, како и мрежата на банкомати на ТТК Банка АД Скопје.

ТТК Банка АД Скопје ви го честита празникот!

Продолжи со читање

Банки

Филијалите и експозитурите на Комерцијална банка нема да работат на 20 март

Објавено

на

Филијалите и експозитурите на Комерцијална банка АД Скопје нема да работат на 20 март (петок) поради прослава на празникот Рамазан Бајрам.

На 21 март ќе работат експозитурите кои се со редовно работно време во сабота.

„Ги известуваме нашите клиенти дека за подигнување и уплата готовина може да ги користат банкоматите на Банката, а за други финансиски трансакции на располагање ги имаат веб и мобилните апликации Интернет банка и мБанка, известуваат од Комерцијална банка.

За корисниците на платежни картички, 24/7 во Скопје се отворени дигитализираната експозитура на Комерцијална банка на улица Македонија и дигиталните делови од експозитурите ГТЦ, Бисер, Буњаковец, Ист Гејт Мол, Ѓорче Петров, 11 Октомври, Автокоманда, Драчево и Лептокарија и во експозитурите и филијалите во Дебар, Неготино, Прилеп, Куманово, Струмица, Охрид, Кавадарци, Струга, Гевгелија и Тетово Илинденска.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange