Connect with us

Криптовалути

Крипто-пазарот созрева во 2024 година: Зголемена стабилност и инвестициски интерес во спот ETF фондовите

Објавено

на

Во 2024 година, пазарот на криптовалути покажува значително созревање, поттикнато од забележителни настани и трендови кои ја зголемија неговата стабилност и ликвидност. Според извештајот од 15 октомври на една од најпознатите и најголеми берзи за криптовалути „Coinbase“ и платформата за анализа на блокчејн податоци „Glassnode“, пазарите за криптовалути се поуспешни и подостапни од кога било, при што во прв план е успехот на спот ETF фондовите, кои им овозможуваат на инвеститорите директен пристап до биткоин и етериум преку берзата.

„Од неверојатниот успех на спот ETF до порастот на onchain активноста до зголемувањето на обемот на тргување, јасно е дека пазарите станаа подлабоки, поликвидни, пософистицирани и подостапни“, се вели во извештајот креиран од Дејвид Дуонг, шеф на институционално истражување на „Coinbase“ и аналитичарскиот тим на „Glassnode“.

Биткоин спот ETF фондовите се воведени во САД во јануари 2024 година. Од нивното основање интересот за инвестирање во овие фондови секојдневно се зголемува. Доказ за тоа е податокот дека само во третиот квартал на 2024 година привлекоа околу 5 милијарди долари, што укажува на зголемената доверба на институционалните инвеститори во крипто-пазарот. Пазарот на стабилни монети, исто така, доживеа пораст, со пазарна капитализација од 160 милијарди долари, поради нивната зголемена употреба за различни финансиски трансакции.

Една од главните причини за оваа стабилност е забележаното намалување на нестабилноста на биткоинот, која падна под 60% во третиот квартал на 2024 година, значително помалку од врвот во 2021 година од 130%. Ова ја прави криптовалутата помалку ризична за инвеститорите.

Етериум, иако заостана зад биткоинот во перформансите на цената, сепак продолжува да го гради својот екосистем, со забележлив пораст на слој 2 решенија (layer 2 solutions) кои овозможуваат побрзи и поевтини трансакции.

Во целина, извештајот од „Coinbase“ и „Glassnode“ укажува дека пазарот на криптовалути во 2024 година станува сè подлабок и пософистициран, со зголемена ликвидност и стабилност, додека инвеститорите се фокусираат на висококвалитетни средства.

Криптовалути

Грција воведува нови правила за криптовалутите

Објавено

на

Грција планира да воведе данок од 10% на капиталната добивка остварена од тргување со криптовалути, со предвидено годишно даночно ослободување за добивка до 500 евра. Новото законско решение има цел да воспостави јасна регулаторна рамка за оданочување на дигиталните средства и да обезбеди поголема транспарентност на пазарот на криптовалути.

Предлог-законот, кој грчкото Министерство за национална економија и финансии го објави на 7 октомври 2026 година, за првпат предвидува сеопфатни правила за даночен третман на криптовалутите во земјата.

Според предложениот модел, данокот ќе се пресметува врз основа на разликата меѓу набавната и продажната цена на криптовалутите, односно врз реално остварената капитална добивка.

Добивка до 500 евра годишно без данок

Една од најзначајните новини во предлог-законот е воведувањето годишен праг за даночно ослободување.

Граѓаните кои ќе остварат капитална добивка од криптовалути до 500 евра годишно нема да плаќаат данок, додека за поголемите добивки е предвидена даночна стапка од 10%.

Со ваквото решение, грчките власти настојуваат да воспостават појасни правила за оданочување на приходите од дигитални средства, кои сè повеќе привлекуваат интерес кај индивидуалните инвеститори.

Замена на биткоин за етериум без непосредна даночна обврска

Значајна новина се однесува и на трансакциите при кои инвеститорите заменуваат една криптовалута за друга.

Според предлог-законот, замената на биткоин за етериум, или на една криптовалута за друга, нема да се смета за настан што создава оданочлива капитална добивка.

Тоа значи дека инвеститорите нема да имаат непосредна обврска за плаќање данок само поради таквата замена.

Даночната обврска би настанувала при оданочлив пренос на дигиталните средства, согласно условите предвидени во законското решение.

Предлогот содржи и посебни правила за утврдување на просечната набавна цена во случаи кога инвеститорите купувале иста криптовалута повеќепати, по различни цени.

Данок од 10% и за приходи од „staking“ и позајмување криптовалути

Предложените измени не се ограничуваат само на добивката од купување и продажба на криптовалути.

Даночна стапка од 10% е предвидена и за приходите остварени преку позајмување криптоимот, обезбедување ликвидност на криптоплатформи и учество во механизми за потврдување трансакции, познати како „staking“.

Овие приходи за даночни цели би се третирале како приходи од камати.

Со тоа, грчката влада предлага поширок систем за оданочување што ќе опфати различни начини на остварување приходи од дигитални средства.

Рок од 12 месеци за доброволно пријавување на претходните добивки

Предлог-законот предвидува и преоден период од 12 месеци, во кој граѓаните ќе можат доброволно да ги пријават капиталните добивки од криптовалути остварени во претходните години.

Во текот на овој период, даночните обврзници кои ќе ги исполнат пропишаните услови ќе можат да ги пријават претходните добивки без плаќање казни и затезни камати.

Оваа можност треба да поттикне доброволно усогласување со даночните правила и да овозможи поголема евиденција на приходите остварени на пазарот на дигитални средства.

Грција го засилува регулирањето на криптопазарот

Предложените правила претставуваат значаен чекор кон воспоставување појасен даночен третман на криптовалутите во Грција, во период кога дигиталните средства стануваат сè позастапени во европскиот финансиски систем.

За инвеститорите, ваквата регулатива би можела да донесе поголема правна сигурност во однос на пресметувањето и пријавувањето на добивките, додека за даночните власти би обезбедила појасна основа за следење на приходите од криптоактивности.

Засега станува збор за предлог-закон, што значи дека даночната стапка од 10% и предвидените ослободувања сè уште не претставуваат конечни законски правила. Нивната примена ќе зависи од понатамошната законодавна постапка и усвојувањето на предложеното решение.

Продолжи со читање

Криптовалути

Компании се задолжуваа за да купуваат биткоин, сега го продаваат и се враќаат на основниот бизнис

Објавено

на

Компаниите кои во текот на 2024 и 2025 година прибираа капитал за да купуваат биткоин денес вредат десетици милијарди долари помалку, а дел од нив веќе почнаа да ги продаваат криптовалутите и повторно да се насочуваат кон своето основно работење.

Анализата на „Фајненшл тајмс“ опфаќа 50 големи компании кои во последните години ја променија својата стратегија и почнаа да акумулираат биткоин. Нивната заедничка пазарна капитализација паднала од околу 150 милијарди долари во јули минатата година на приближно 67 милијарди долари денес.

Според анализата, акциите на 43 од 50-те компании денес вредат помалку отколку пред објавувањето на нивната биткоин стратегија, а 35 од нив изгубиле најмалку половина од својата вредност.

Овој тренд не бил ограничен само на компании од криптоиндустријата. Во него се вклучиле и синџир на кафулиња од Шпанија, јапонски трговец со облека, американски производител на батерии и други компании чие основно работење претходно речиси и немало врска со биткоинот.

Моделот функционирал така што компаниите издавале нови акции, обврзници или други финансиски инструменти, со собраните средства купувале биткоин, а инвеститорите потоа ги вреднувале нивните акции повисоко од самата вредност на криптовалутите што ги поседувале.

Сè додека цената на биткоинот растела, компаниите можеле повторно да прибираат капитал и да купуваат уште криптовалути. Проблемите започнале кога биткоинот почнал да губи вредност, а инвеститорите повеќе не биле подготвени да плаќаат висока премија за акциите на овие компании.

Биткоинот во последните 12 месеци изгубил околу 30 отсто од вредноста, додека дел од компаниите кои го изградиле својот финансиски модел врз криптовалутата забележале уште поголеми загуби.

Дополнителен проблем е што голем дел од купувањата биле финансирани преку задолжување или издавање нови акции. Обврските остануваат и кога вредноста на биткоинот паѓа, поради што компаниите се под сè поголем притисок.

Според „Фајненшл тајмс“, 50-те најголеми компании со ваква стратегија во јули за првпат заеднички станале нето-продавачи на биткоин. Тие продале околу 2.500 биткоини повеќе отколку што купиле, во вредност од околу 160 милиони долари.

Меѓу нив е и Strategy, поранешна MicroStrategy, која со години беше најпознат корпоративен купувач на биткоин.

Од крајот на јуни до средината на август компанијата продала речиси 7.000 биткоини за околу 430 милиони долари. Дел од средствата биле искористени за исплата на дивиденди и сервисирање на финансиските обврски.

И покрај продажбите, Strategy во средината на август сè уште поседувала 840.447 биткоини, купени за околу 63,4 милијарди долари, со што останува најголемиот корпоративен сопственик на оваа криптовалута.

Падот силно се одразил и врз пазарната вредност на компанијата. Во однос на минатогодишниот врв, нејзината пазарна капитализација е намалена за околу 79 милијарди долари.

Некои помали компании веќе целосно се откажуваат од криптостратегиите, додека други повторно го ставаат фокусот на своето традиционално работење.

Иако биткоинот во последните денови повторно се приближи до нивото од 80.000 долари, тоа засега не го врати главниот механизам врз кој се темелеше овој модел – подготвеноста на инвеститорите да плаќаат значително повисока цена за акциите само затоа што компанијата го претвора собраниот капитал во биткоин.

Продолжи со читање

Криптовалути

Биткоин скокна 23% за една недела: Следната голема цел е 126.000 долари?

Објавено

на

Довербата на крипто-пазарот повторно се засилува откако најпознатата криптовалута – биткоинот, минатата недела порасна за повеќе од 23%, достигнувајќи околу 77.500 долари, а во еден момент ја надмина и границата од 80.000 долари.

Растот е особено значаен бидејќи биткоин за првпат по подолг период се искачи над својот 200-дневен максимум, индикатор што често се користи за процена на долгорочниот тренд. Движењето над ова ниво се смета за позитивен сигнал за пазарот.

Оптимизмот дополнително се зголеми и кај инвеститорите. Според податоците на „Polymarket“, веројатноста биткоин да достигне 90.000 долари до крајот на годината се искачи на околу 48%.

Уште пооптимистичка прогноза има Џеф Кендрик, глобален директор за истражување на дигитални средства во „Standard Chartered“, кој смета дека најголемата криптовалута би можела повторно да го достигне историскиот максимум од 126.000 долари до крајот на годината.

Што стои зад силниот раст?

Дел од неодамнешниот раст е поврзан со затворањето на голем број кратки позиции (short leverage), што предизвика дополнителен притисок за купување. Според податоците на „CoinGlass“, само во еден ден биле ликвидирани околу 2,75 милијарди долари кратки позиции на биткоин.

Во исто време, се забележува и подобрување на приливите во спот ETF-фондовите поврзани со биткоин, што укажува на обновен интерес од инвеститорите.

Сепак, аналитичарите предупредуваат дека ликвидацијата на кратки позиции сама по себе не е доказ за долгорочен раст. Присилното затворање на таквите позиции создава моментална побарувачка, но не значи дека инвеститорите долгорочно акумулираат биткоин.

Дополнителен фактор за пазарниот оптимизам се очекувањата за полабави финансиски услови и можен прилив на ликвидност, како и политичките сигнали од Вашингтон во насока на создавање појасна регулаторна рамка за крипто-секторот.

Биткоинот, сепак, останува исклучително волатилно средство, па прогнозата од 126.000 долари треба да се гледа како можно оптимистичко сценарио, а не како гаранција дека криптовалутата ќе го достигне тоа ниво.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange