Банки
Претставници на Народната банка работеа на клучно истражување за македонската економија објавено од ММФ
Како резултат на заедничкиот проект на експерти од Народната банка и од Чешката централна банка, изготвен е работен материјал, под наслов „Преглед на новиот калибриран модел ДСГЕ за економијата на Северна Македонија“, од авторите Тибор Хледик, Јоана Маџоска, Мите Митески и Јан Влчек, којшто беше објавен во реномираната серија работни материјали на ММФ. Изготвувањето на трудот е во рамките на проект за техничка соработка со експерти од ММФ и од Чешката народна банка, чијашто цел беше изградба на нов динамички стохастички модел на општа рамнотежа (ДГСЕ) за македонската економија. Ова претставува прв труд од нашата институција којшто се објавува како работен материјал на ММФ, со што се дава важен придонес во афирмирањето на Народната банка во меѓународни рамки и во јакнењето на нејзината аналитичка инфраструктура, доближувајќи ја до стандардите на централните банки од развиените економии.
Работниот материјал нуди детална анализа на меѓусебните поврзаности на секторите во македонската економија со примена на софистицираниот модел ДСГЕ, којшто беше приспособен соодветно за да ги опфати нејзините карактеристики, а добиените резултати ја нагласуваат неговата корисност како алатка за обликување на монетарната политика на Народната банка засновано на информации.
Овој објавен труд не само што ја истакнува работата и посветеноста на нашиот кадар, туку ја подвлекува и улогата на нашата институција како водечка во придонесот кон истражувањата од економската област во нашата држава.
Целиот труд можете да го прочитате на следнава врска.
Банки
ЕЦБ најверојатно ќе ги зголеми каматните стапки во јуни, инфлацијата под притисок од конфликтот на Блискиот Исток
Европската централна банка (ЕЦБ) се очекува да ги зголеми каматните стапки во јуни, поттикната од растот на инфлацијата оваа година како последица на конфликтот во Иран, покажува истражување на „Bloomberg“.
Според анкетата спроведена во периодот од 9 до 15 април, зголемувањето од 0,25 процентни поени најверојатно ќе биде единственото вакво движење годинава, бидејќи не се очекува конфликтот да предизвика долгорочен ценовен шок.
Инфлацијата се прогнозира да достигне 2,8 проценти во 2026 година, што е значително повеќе од претходната прогноза од 2 проценти. Потоа се очекува постепено стабилизирање на 2,1 процент во 2026 и 2,0 проценти во 2027 година, што е во согласност со целта на ЕЦБ.
Извори блиски до ЕЦБ наведуваат дека креаторите на монетарната политика во моментов се наклонети кон задржување на каматните стапки на претстојниот состанок кон крајот на април. Сепак, дел од нив, меѓу кои и претседателот на германската централна банка Јоаким Нагел, не ја исклучуваат можноста за интервенција и во тој период.
Во претходната анкета, пред мартовската седница, економистите очекуваа ЕЦБ да го игнорира конфликтот без да преземе мерки. За разлика од нив, инвеститорите во меѓувреме калкулираат поагресивен пристап и моментално предвидуваат две зголемувања на каматните стапки во текот на годината.
Ескалацијата на борбите на Блискиот Исток и растот на цените на енергенсите ја ставаат ЕЦБ во незгодна позиција. Зголемувањето на трошоците за задолжување би можело да го забави кревкиот економски опоравок на еврозоната, која опфаќа 21 земја.
Аналитичарите проценуваат дека економскиот раст оваа година ќе изнесува само 0,9 проценти, што е помалку од претходната прогноза од 1,2 проценти, поради зголемените трошоци за енергија кои ги оптоваруваат компаниите и домаќинствата. Во наредниот период се очекува постепено забрзување на растот – на 1,3 проценти во 2027 и 1,4 проценти во 2028 година.
Банки
Грабеж на банка како на филм – крадците ограбиле лични сефови, држеле 25 заложници, носеле маски со ликови од познати актери и на крај избегале низ подземен тунел
Неколку вооружени лица ограбиле филијала на банка во Неапол, при што држеле околу 25 лица како заложници пред да побегнат преку канализациски тунел, пренесуваат италијанските медиуми.
Инцидентот се случил во четврток околу 10 часот по локално време, кога напаѓачите според првичните информации тројца или четворица – влегле во банката со маски на лицата, дел од нив со ликови на познати актери. Тие упаднале во сефовите и изнеле накит, пари и други вредни предмети.
Според сведоштва на заложници, разбојниците имале силен неаполски акцент и не покажале насилство кон присутните. Напротив, на дел од нив им понудиле вода додека траела ситуацијата.

Видеа објавени на социјалните мрежи прикажуваат пожарникари кои со специјална опрема го кршат прозорецот на објектот за да овозможат евакуација. Никој не е повреден, но неколку лица добиле медицинска помош поради шок.
По неколку часа, специјални единици на карабињерите интервенирале и ги ослободиле заложниците околу 13:30 часот, без сериозни последици, потврдија локалните власти.
Вредноста на украдениот плен сè уште се проценува, бидејќи крадците најмногу ограбиле лични сефови, а не готовина.
Банки
Славески на средби со ММФ: Потребен е внимателен пристап во услови на зголемени светски ризици, Народната банка води претпазлива и конзистентна политика
Гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески оствари низа билатерални средби со високи претставници на ММФ во рамките на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, што се одржуваат во Вашингтон. На средбите присуствуваше и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Гувернерот Славески се сретна со заменик-директорот на ММФ Бо Ли, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер, извршниот директор Јерун Клик и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја Ник Гигинеишвили.
На средбите се разговараше за најновите светски и домашни макроекономски случувања, при што беше нагласено дека зголемените геополитички тензии, вклучително и конфликтот на Блискиот Исток, придонесуваат за засилена неизвесност во светската економија и влијаат врз изгледите за раст.
Во однос на домашната економија, беше оценето дека досегашните трендови се поволни, а добрите политики овозможија да се задржи стабилноста на макроекономските основи. Сепак, со оглед на неизвесноста околу времетраењето и силината на превирањата во светот, се истакнува потребата од понатамошна внимателност и подготвеност за соодветна реакција.
Гувернерот Славески истакна дека Народната банка води претпазлива и конзистентна монетарна политика, насочена кон одржување на ценовната и финансиската стабилност. Притоа, тој нагласи дека Народната банка внимателно ги следи светските движења и нивното влијание врз домашните показатели, заради навремена и соодветна реакција преку расположливите инструменти. На состаноците се разгледа и новата монетарна рамка на Народната банка, со која се овозможува поефикасно и пофлексибилно водење на монетарната политика, што е особено важно во услови на ненадејни и неповолни промени во економското окружување.
Беше потврдена и постојаната успешна соработка меѓу Народната банка и ММФ, којашто и во наредниот период ќе биде насочена кон понатамошно зајакнување на институционалните капацитети и усогласување со меѓународните стандарди.
-
Анализипред 2 месециПросечната плата во Македонија близу 47.000 денари – раст од 7,6% на годишно ниво
-
Интервјуапред 2 месециПензиски парадокс: Од минималец до доброволен фонд – новиот модел на младите вработени
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка: Започна исплатата на пензиите за февруари 2026 година
-
Банкипред 1 месецНЛБ Банка со информација за исплатата на паричната помош од социјална, детска и цивилна заштита за февруари 2026 година
-
Банкипред 2 месециЗошто е сменет директорот на Развојната банка и кој е неговиот наследник!?
-
Продуктипред 1 месецДо 120.000 денари финансиска поддршка од Easy Finance – брзо и со транспарентни услови
-
Останатопред 2 месециМакедонските пензионери во странство останаа без покачена пензија
-
Банкипред 2 месециХалкбанк известува: Пензиите за февруари се достапни на пензионерите


