Банки
Одлука на Народната банка: Од август 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе изнесува 1,75%
Врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици и последните расположливи податоци, Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука за зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките за дополнителни 0,25 процентни поени, до нивото од 1,75%, којашто ќе се применува од 1 август 2025 година. Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот којашто ќе се применува во јули 2025 година се задржува на нивото од 1,5%, како и во претходниот квартал.
Оваа одлука ќе придонесе за натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем, додека сѐ уште постојат ризици во домашната и светската економија. Одлуката се заснова врз оцената дека сѐ уште постојат неизвесности од окружувањето, во услови на сигурен и стабилен банкарски систем, со подобрена солвентност и соодветно ниво на ликвидност, како и ниско системско остварување на кредитниот ризик. Профитабилноста на банките, иако поумерено, и понатаму се зголемува и претставува основа за натамошно јакнење на нивната солвентност. Со оваа одлука дополнително се зајакнува и претпазливоста на монетарната политика.
Неизвесните макроекономски услови и нестабилниот геополитички контекст и натаму упатуваат на ризици за следниот период и на потребата од натамошна внимателност од страна на банките.
Во вакви услови, а имајќи ги предвид билансите на банките, се оцени дека зголемувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот до 1,75% има превентивен карактер и ќе придонесе кон натамошно јакнење на сопствените средства на банките, а со тоа и јакнење на нивната отпорност. Јакнењето на сопствените средства е предуслов и за соодветна кредитна поддршка на граѓаните и на компаниите. Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа.
Банки
Пред 59 години беше поставен првиот банкомат: Како започна револуцијата што го промени банкарството?
Банкоматот, денес едно од најважните и најкористени банкарски решенија, во јуни годинава одбележа 59 години од поставувањето на првиот уред за подигнување готовина.
Првиот банкомат бил инсталиран во јуни 1967 година, во филијала на британската банка „Barclays“ во Северен Лондон. Иако за негов пронаоѓач најчесто се смета Џон Шеперд-Барон, идејата за машина преку која клиентите би можеле да подигнуваат пари датира уште од 1939 година.
Тогаш американскиот иноватор од ерменско потекло Лутер Дорге Симџијан развил уред за автоматско подигнување пари. „Citigroup“ ја тестирала идејата, но по само неколку месеци проектот бил прекинат поради слаб интерес од клиентите.
Речиси три децении подоцна, „Barclays“ повторно ја актуелизирала идејата. Првиот уред користел картички за еднократна употреба, со кои можело да се подигнат 10 фунти.
Следната година, американскиот иноватор Доналд Ветцел придонел за развојот на технологијата, овозможувајќи банкоматите да исплаќаат различни износи, во зависност од расположливите средства на сметката.
Првите банкомати значително се разликувале од денешните. Некои од нив не ја враќале картичката веднаш, па корисниците морале дополнително да ја подигнат од филијалата.
Од едноставна машина за подигнување готовина, банкоматот со текот на годините прерасна во клучна точка на современото банкарство, а неговиот развој го отвори патот кон 24-часовниот пристап до банкарски услуги.
Банки
Маја Михајлова реименувана за член на Управниот одбор на ПроКредит Банка
Маја Михајлова ќе продолжи да биде дел од Управниот одбор на ПроКредит Банка АД Скопје и во следните четири години, информира Банката преку Македонската берза.
Народната банка на Република Северна Македонија на 15 јули 2026 година издала решение со кое се дава претходна согласност за реименување на Михајлова за член на Управниот одбор на ПроКредит Банка, со мандат од четири години.
Со реименувањето на Михајлова, Управниот одбор на ПроКредит Банка продолжува да работи во состав од четири членови:
- Емилија Спировска
- Стевче Кузмановски
- Милан Дамчевски
- Маја Михајлова
Михајлова е дел од Управниот одбор на ПроКредит Банка од 2024 година, кога Банката го прошири својот менаџмент со нејзиното именување.
Актуелниот состав на Управниот одбор е наведен и на официјалната веб-страница на ПроКредит Банка.
Банки
4 милиони евра за енергетски поефикасни домови: НЛБ Банка со нова кредитна линија од Европската банка за обнова и развој
НЛБ Банка преку нова кредитна линија во износ од 4 милиони евра ја зајакнува поддршката и го проширува пристапот на домаќинствата до зелено финансирање за енергетски поефикасни домови. Средствата се обезбедени во соработка со ЕБОР во рамките на програмата GEFF III REpower Residential на Западен Балкан, а ќе се пласираат преку Банката. Наменети се за зелени инвестиции што придонесуваат за енергетски поефикасни, поодржливи и покомфорни домови, овозможувајќи конкретни придобивки за граѓаните – намалени трошоци и подобрен квалитет на живеење.
Во време кога енергетската ефикасност и одговорното користење на ресурсите стануваат сè поважен дел од секојдневието, ваквата финансиска поддршка отвора можност повеќе домаќинства да ги реализираат потребните подобрувања во своите домови – изолација, нови прозори и врати, котли, топлински пумпи, сончеви колектори за топла вода, фотоволтаични системи или други енергетски ефикасни решенија.Сите овие технологии директно придонесуваат за пониски трошоци на домаќинствата, поголема удобност и порационална потрошувачка.
НЛБ Банка во своето портфолио веќе нуди зелени кредити наменети за поддршка на одржливи и еколошки решенија, а новата кредитна линија од 4 милиони евра од ЕБОР претставува зајакнување на оваа определба.
Дополнителна придобивка на овие кредити е повратот на средства, кофинансиран од Европската Унија, кој може да изнесува и до 20% од вкупната инвестиција. На овој начин, зелените кредити стануваат практичен инструмент преку кој енергетската ефикасност, одржливоста и заштитата на животната средина се претвораат во реални и достижни решенија за секое домаќинство.
Придобивки од „зелените“ инвестиции во домот
Кога домот троши помалку енергија, преку намалените сметки, придобивките се чувствуваат веднаш. Долгорочно, тие имаат и пошироко значење. Секоја инвестиција што ја намалува потребата од енергија придонесува и за помала потрошувачка на ресурси, помал притисок врз енергетскиот систем и помало влијание врз животната средина. Во Македонија, ваквите вложувања се особено значајни имајќи ја предвид потребата од обновување и модернизација на станбениот фонд.
Токму затоа, зеленото финансирање има сè поважна улога во претворањето на одржливоста од концепт во конкретна одлука за секое домаќинство. Со соодветна финансиска поддршка, граѓаните можат полесно да направат чекор кон зелени решенија.
*GEFF програмата на ЕБОР во Западен Балкан е кофинансирана од европската Унија преку инвестициската рамка за Западен Балкан, Австрија, јапонија, данска и швајцарија преку Партнерството со високо влијание врз климатската акција (HIPCA).
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување на референт за работа со благајна
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка објави оглас за вработување во Тетово
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 2 месециИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули





