Банки
Ланската добивка од 900 милиони денари ќе се реинвестира, а 2,5 милијарди денари ќе се чуваат, акционерите на Стопанска банка АД – Скопје остануваат со празни раце!?
Собранието на акционери на Стопанска банка АД – Скопје на седницата одржана на ден 31.05.2024 година донесе Одлука за распределба на добивката на Банката за 2023 година која воопшто нема да им се допадне на акционерите.
Имено, во согласност со Одлуката за усвојување на Годишната сметка и Годишните финансиски извештаи на Стопанска банка АД – Скопје за 2023 година, Банката оствари нето добивка во износ од 3.469.600.437,00 денари или 56,4 милиони евра.
Но, раководството на најстарата и една од најуспешните македонски банки која годинава слави јубилеј 80 години од своето постоење одлучи во целост да ја зачува добивката од 56,4 милиони евра и да не им подели дивиденда на инвеститорите (сопственици на обични акции).
Минимален дел од милионската добивка на Стопанска банка АД – Скопје ќе добијат само сопствениците на приоритетни акции кои ќе поделат по 6 денари од акција или вкупен износ од 1,3 милиони денари (22 илјади евра).
Нето добивката на Стопанска банка АД-Скопје на износ од 3.469.600.437 денари се распределува на следниов начин:
- – задржана добивка расположива за распределба во иднина во износ од денари 2.569.600.437,00 и
- – задржана добивка за инвестиции во износ од денари 900.000.000,00
Добивката која се распределува во задржана добивка за инвестиции ќе се употреби за развојни цели и инвестиции во материјални и нематеријални средства за проширување на основната дејност на Стопанска банка АД – Скопје.
„Со распоредување на дел од добивката во задржана добивка, Банката има право за намалување на данокот на добивка во согласност со Законот за данок на добивка. Со тоа, Банката има право на намалување на даночната основа за искористениот износ за инвестирање и на тој начин има право на помал данок на добивката при изготвување на Даночен биланс за годината 2024“, се вели во образложението на Одлуката за распределба на добивката на Стопанска банка АД – Скопје за 2023 година.
За задржаната добивка расположива за распределба во иднина во износ од 2,5 милијарди денари односно 41,74 милиони евра, во образложението на предлогот доставен до Собранието е наведено дека нема да бидат вклучени во сопствените средства на банката и во пресметката на адекватноста на капиталот.
Банки
Халкбанк го нуди Halk Smart пакетот со повеќе банкарски услуги за 150 денари месечно
Халкбанк АД Скопје го промовира Halk Smart пакетот, кој на корисниците им овозможува користење повеќе банкарски и дополнителни услуги за месечен надоместок од 150 денари.
Во рамки на пакетот се вклучени одржување на платежна сметка, дебитна картичка, електронско и мобилно банкарство, како и СМС известувања.
Корисниците на Halk Smart имаат можност и за повлекување готовина без надоместок од банкоматите на сите банки во земјата.
Дополнително, во пакетот е вклучена и услугата ORYX Home Assistance, која обезбедува 24-часовна помош при штети и дефекти во домот.

Повеќе информации за условите и начинот на аплицирање се достапни на официјалната веб-страница на Халкбанк.
Банки
НЛБ Групацијата влегува во сопственичката структура на Дежелна Банка Словенија д.д
НЛБ Групацијата склучи договор за купување акции со Скупина ПРВА д.д. и нејзините поврзани страни, за стекнување на 25.66% од акциите на Дежелна Банка Словенија д.д (ДБС), извести вчера НЛБ. Завршувањето на трансакцијата се очекува по добивањето на сите потребни регулаторни одобренија, најверојатно во втората половина од следната година. Покрај тоа, Групацијата ја разгледува и можноста за стекнување дополнителни акции во ДБС.
Со оваа планирана инвестиција, НЛБ Групацијата ја нагласува важноста на земјоделскиот сектор, област во која ДБС има значајно присуство преку своите производи и услуги. Во рамки на НЛБ Групацијата, земјоделството долго време се третира како сектор со пошироко општествено значење.
„Во време кога светот се соочува со сè поголема неизвесност, можноста за обезбедување сигурен домашен синџир на снабдување со храна стана стратешко прашање. Словенечките земјоделци, производителите на храна, агро-прехранбените компании и земјоделскиот сектор во целина имаат клучна улога не само во обезбедувањето прехранбена сигурност, туку и во пошироката словенечка економија, националната отпорност, како и во зачувувањето на традицијата, идентитетот и иднината на нашето општество и словенечкиот пејзаж“ – истакнува Блаж Бродњак, главен извршен директор на НЛБ.
Бродњак посочи дека, како водечка Банка во Словенија, НЛБ има улога на клучен развоен партнер и додаде дека целта на планираното стекнување на овој сопственички удел е дополнително зајакнување на системската улога на НЛБ и нејзин придонес во обликувањето на иднината на Словенија.
Компаниите од Групацијата ПРВА поседуваат сопственички удел во ДБС првенствено преку нивната улога како управувачи со пензиски фондови, чии инвестициски портфолија вклучуваат акции од Банката. Акции од Банката се дел и од инвестициските портфолија на Групацијата ПРВА и ПРВА Финансии.
Банки
ММФ: Независна Народна банка е клучна за ценовната и финансиската стабилност
Независноста на централните банки е клучна за зачувување на ценовната и финансиската стабилност, особено во услови на висока глобална неизвесност, зголемен јавен долг, геополитички тензии и брзи технолошки промени, оценува Бо Ли, заменик-генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд.
Во интервју со НБРМ, посветено на улогата на централните банки, Ли посочува дека искуството од различни земји покажува оти независните монетарни институции се во подобра позиција да ја контролираат инфлацијата, да ги стабилизираат инфлациските очекувања и навремено да реагираат на економски шокови.
Според него, тоа особено се покажало во периодот по пандемијата, кога централните банки одговориле со заострување на монетарната политика во услови на инфлација каква што не била забележана со децении.
Ли предупредува дека политичките притисоци врз монетарната политика можат да создадат сериозни економски последици. Доколку каматните стапки се одржуваат на пониско ниво од она што го бара економската состојба, може да следуваат повисока и подолготрајна инфлација, зголемени премии за ризик, девизни притисоци и намалување на инвестициската активност.
Притоа, како што посочува, најголемиот товар од високата инфлација најчесто го чувствуваат домаќинствата со најниски приходи.
„Доколку пазарите и јавноста стекнат впечаток дека одлуките се носат во функција на политички цели, наместо во согласност со законскиот мандат, се намалува довербата во институцијата, а со тоа и ефикасноста на монетарната политика“, предупредува Ли.
Тој нагласува дека независноста на централната банка не значи отсуство на отчетност. Напротив, таа мора да биде придружена со добро управување, транспарентност, јасна комуникација и силни механизми на отчетност.
Посебно внимание во интервјуто е посветено и на Северна Македонија. Според Ли, во мала и отворена економија со фиксен девизен курс, довербата во монетарните и финансиските институции има суштинска улога во одржувањето на ценовната и финансиската стабилност и во создавањето услови за одржлив економски раст.
Тој оценува дека Народната банка во изминатите години континуирано ги зајакнувала рамките за носење политики, транспарентноста и комуникацијата, притоа задржувајќи јасен фокус на исполнувањето на својот мандат.
„Овие напори придонесоа за зајакнување на довербата на јавноста и за одржување на макроекономската стабилност, особено во периоди на зголемена глобална неизвесност“, посочува заменик-генералниот директор на ММФ.
Ли додава дека за малите економии институционалниот кредибилитет е особено важен при надворешни шокови, како нестабилни цени на примарните производи или промени во условите за надворешно финансирање.
За одржување на довербата, според него, потребни се јасен законски мандат, оперативна автономија, доследни политики, квалитетни податоци, професионален кадар и координација со останатите макроекономски политики.
ММФ, пак, ја поддржува независноста на централните банки преку совети за политики, техничка помош, обуки и истражувања.
Ли ја издвојува Северна Македонија и како позитивен пример во однос на транспарентноста. Земјата била меѓу првите во кои била спроведена проценка според Кодексот за транспарентност на централните банки на ММФ, при што било утврдено дека Народната банка применува напредни практики на транспарентност и ужива висок степен на доверба кај јавноста.
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка со промотивна камата од 4,9 отсто за Mastercard Platinum картичката
-
Кариерапред 2 месециСтопанска банка Скопје вработува трезорист, отворен оглас за апсолвенти и дипломирани економисти
-
Анализипред 2 месециДали Македонија ќе ги следи Унгарија, Полска и Литванија и ќе го укине вториот пензиски столб?
-
Продуктипред 2 месециНулта толеранција за измами: Владата усвои нова Стратегија за заштита на финансиските интереси на ЕУ во земјава до 2030 година
-
Банкипред 1 месецПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециАлта банка со активен оглас за стручен соработник во банкарска експозитура во Велес
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Бизниспред 2 месециНови цени на горивата: Дизелот поскап за 5,50 денари, бензините за 1,50 денари





