Connect with us
no baners

Криптовалути

2026 нема да биде година на враќање на биткоинот

Објавено

на

Додека индексот „S&P 500“ овој месец достигна нови рекордни нивоа над 7.000 поени, биткоинот не успеа да го следи истиот тренд, туку само делумно го врати растот што во октомври 2025 година ја однесе неговата вредност над 122.000 долари.

Ново истражување на „Deutsche Bank“, спроведено меѓу 3.400 потрошувачи ширум светот, покажува дека инвеститорите не очекуваат 2026 година да донесе нова „манија“ на раст на цената на биткоинот.

Во САД, 19% од испитаниците сметаат дека цената на биткоинот до крајот на 2026 ќе се движи меѓу 20.000 и 60.000 долари, додека 13% очекуваат таа да падне под 20.000 долари. За споредба, моменталната цена изнесува околу 77.000 долари.

Од тимот на „Deutsche Bank“ посочуваат дека мнозинството очекува биткоинот да вреди помалку отколку денес, а многу мал дел предвидува враќање на рекордните нивоа од над 120.000 долари.

Во изминатиот месец цената на биткоинот не бележи значителни движења, иако поширокиот пазар на акции достигнува нови врвови. Во последните 30 дена, биткоинот пораснал за околу 7,7%, но растот останува нестабилен. Во крајот на март и почетокот на април, криптовалутата најчесто се тргуваше под 70.000 долари, а од февруарските најниски нивоа досега има пораст од околу 18%.

Главната причина за ваквото заостанување зад „S&P 500“ е разликата во апетитот за ризик. Додека пазарот на акции е поттикнат од силни корпоративни резултати и релативна стабилизација на геополитичките тензии на Wall Street, биткоинот сè повеќе се третира како високо ризична актива, наместо како „сигурно засолниште“.

Инвеститорите во меѓувреме се насочуваат кон проверени технолошки компании како „Nvidia“, особено по намалувањето на стравувањата од конфликт со Иран.

Покрај тоа, нов истражувачки труд на „Google“ дополнително ја засени перспективата за биткоинот. Тимот на „Google Quantum AI“ опишува хипотетички квантен компјутер со 500.000 кубити, кој би можел да ја пробие криптографијата на биткоинот за помалку од девет минути.

Иако ваквата технологија сè уште не постои, ваквите наоди отворија сериозна дебата меѓу компаниите и развивачите на криптовалути за потребата од зајакнување на квантната отпорност на биткоинот.

Криптовалути

Биткоинот зајакнува, аларм за инвеститорите

Објавено

на

Во текот на изминатата недела, фондовите кои ја следат цената на биткоинот привлекле речиси една милијарда долари нови инвестиции. Ова покажува дека инвеститорите и натаму пројавуваат голем интерес за овој тип вложувања.

Најмногу средства се вложени во фондот на компанијата BlackRock, кој за само една недела привлекол повеќе од 900 милиони долари. На второ место е фондот на ARK Invest и 21Shares, со околу 98 милиони долари нови вложувања.

Од друга страна, еден фонд на Fidelity забележал одлив на средства, односно инвеститорите повлекле околу 104 милиони долари.

Цената на Биткоинот во средината на април 2026 година се движеше околу 75.000 долари, со помали дневни осцилации. На движењето на цената влијаат и големите инвеститори, вестите од економијата и политиката, како и одлуките на регулаторите за криптовалутите. Дополнително, Биткоинот се тргува на повеќе берзи ширум светот, па цената може благо да варира во зависност од платформата и моментот на тргување.

Вкупно гледано, вредноста на сите Bitcoin ETF-и сега надминува 100 милијарди долари, што покажува колку овие фондови станале значаен дел од пазарот на криптовалути.

Во однос на пред шест месеци, цената на Биткоинот е намалена за речиси 34%, но веќе пред еден месец започна закрепнување на криптопазарот. Во последните денови, Биткоинот бележи раст од над четири проценти, што повторно го вклучува алармот кај инвеститорите.

Продолжи со читање

Криптовалути

Кракен доби пристап до ФЕД: Пресвртница за крипто или закана за банките?

Објавено

на

Крипто берзата Кракен направи историски исчекор со добивањето на т.н. „мастер“ сметка во системот на ФЕД. Станува збор за прв случај една крипто компанија да добие директен пристап до инфраструктурата на централната банка.

Овој тип сметка им овозможува на институциите директно учество во платниот систем на Федералните резерви, без посредство на комерцијални банки. Во пракса, тоа значи побрзи и поевтини трансакции, како и поголема оперативна автономија.

Ограничен пристап со строги услови

Кракен доби т.н. „ограничена“ сметка на период од една година, со низа рестрикции. Компанијата не може да остварува камата на средствата кај ФЕД, ниту има пристап до кредитни линии или клучни платни системи како FedNow и ACH Network.

Во почетната фаза, сметката ќе се користи за институционални клиенти, а компанијата најавува постепено проширување на функционалностите.

Од Кракен посочуваат дека овој чекор го гледаат како потврда за регулаторна соработка и безбедносни стандарди, но и како можност за иновации во финансискиот систем.

Загриженост кај банките и регулаторите

Одлуката предизвика силни реакции во банкарскиот сектор и меѓу регулаторите. Критики доаѓаат и од политички кругови, каде се бара поголема транспарентност во процесот на одобрување.

Загриженоста произлегува од можноста крипто и финтек компаниите, со директен пристап до системите на ФЕД, да ја намалат улогата на традиционалните банки.

Експертите предупредуваат дека ваквиот развој може да влијае врз стабилноста на системот, особено ако депозитите почнат да се прелеваат од банките кон новите играчи.

Системски и оперативни ризици

И покрај воведените ограничувања, аналитичарите укажуваат на потенцијални слабости. Крипто компаниите често имаат пократка историја на работење и различни оперативни стандарди во однос на традиционалните банки.

Постои и страв дека технички проблеми, како хакирање или прекини во системите, би можеле да предизвикаат пошироки нарушувања во платниот систем.

Дополнителен предизвик претставува и зголемениот ризик од перење пари, кој во крипто секторот се смета за поизразен отколку во класичното банкарство.

Регулаторен експеримент со неизвесен исход

И покрај загриженоста, Федералните резерви сигнализираат подготвеност за отворање на своите системи кон нови актери. Повеќе крипто и финтек компании веќе изразиле интерес за добивање слични сметки.

Овој потег претставува своевиден регулаторен експеримент, со цел да се најде баланс меѓу иновациите и зачувувањето на стабилноста на финансискиот систем.

Нова фаза на финансиска трансформација

Одлуката за одобрување сметка на Кракен означува важен чекор во интеграцијата на крипто индустријата во традиционалниот финансиски систем.

Сепак, останува отворено прашањето дали ваквиот модел на долг рок ќе го зајакне системот преку иновации или ќе ја зголеми неговата ранливост.

Во секој случај, станува збор за промена што може да ги редефинира односите меѓу банките, регулаторите и дигиталните финансиски платформи.

Продолжи со читање

Криптовалути

Биткоинот се приближува до 73.000 долари по нагол скок на пазарот

Објавено

на

Биткоинот нагло порасна и се искачи над 72.700 долари, приближувајќи се до нивото од 73.000 долари, откако американскиот претседател Доналд Трамп објави двонеделно примирје со Иран, непосредно пред крајниот рок во вторник навечер.

Овој потег предизвика силни турбуленции на крипто-пазарот, при што беа ликвидирани позиции во вредност од околу 595 милиони долари кај повеќе од 118.000 трговци, според податоците на CoinGlass.

Најголем дел од ликвидациите се однесуваа на кратки позиции, 427 милиони долари, наспроти 168 милиони долари долги позиции, што укажува дека пазарот претходно бил силно позициониран за пад. Најголемата поединечна ликвидација била кратка позиција BTC-USDT на „Binance“ во вредност од 11,79 милиони долари.

Биткоинот учествувал со 245 милиони долари од вкупните ликвидации, додека Ethereum следел со 126 милиони долари. Дополнителни ликвидации се регистрирани и кај деривати поврзани со нафта и други средства.

Главниот удар се случил во период од само 12 часа, кога биле ликвидирани 508 милиони долари, од кои 398 милиони долари биле кратки позиции. Ова претставува најагресивен „short squeeze“ од почетокот на март, кога пазарот реагираше на првите шпекулации за примирје.

Покрај тоа, криптовалутите како Solana, ZEC и XRP исто така биле погодени, додека дури и токенизираните позиции во злато и сребро биле под притисок поради смирување на геополитичките ризици.

Сепак, примирјето останува условно. Трамп го опиша како „двострано“, додека Иран потврди привремена суспензија, но со ограничувања поврзани со Ормутскиот теснец и движењето на танкерите.

Дополнителен показател за претходното негативно расположение на пазарот е индексот на страв и алчност, кој во неделата изнесувал само 8, што укажува на екстремен песимизам меѓу инвеститорите пред наглиот пресврт.

Со овој раст, биткоинот повторно се враќа кон горната граница од опсегот меѓу 65.000 и 73.000 долари, во кој се движи од почетокот на конфликтот. Дали ќе следи пробив над ова ниво или станува збор за краткорочен скок, ќе зависи од тоа колку долго ќе трае најавеното примирје.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange