Connect with us

Бизнис

Стапија во сила новите царини на Трамп, опфатена и стоката од Европската Унија

Објавено

на

Американската администрација од 24 јули воведе нови царини од 10 и 12,5 проценти за стоки од 60 трговски партнери, меѓу кои и од Европската Унија.

Како официјална причина за новите мерки се наведува недоволно строгата примена на забраната за присилна работа. Новите царини стапуваат во сила во период кога истекува привремената царина од 10 проценти што администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја воведе на 20 февруари.

Потегот претставува нов обид на Белата куќа да ја продолжи трговската политика на Трамп за поширока примена на царини, откако Врховниот суд на САД во февруари ги поништи таканаречените „реципрочни“ царини во висина од 10 до 50 проценти.

По таа одлука, Трамп воведе привремена царина од 10 проценти во траење од 150 дена. Новите царини веднаш стапуваат во сила, додека стоката што веќе е во транзит ќе биде изземена од нивната примена до 28 јули.

Според претставник на американската администрација, од царините ќе бидат изземени нафтата и гасот, вештачките ѓубрива, одредени прехранбени производи, како и производи кои веќе се опфатени со царини поради националната безбедност, меѓу кои автомобили, челик, алуминиум и бакар.

Изземена ќе биде и стоката која е во согласност со трговскиот договор меѓу САД, Мексико и Канада.

Стоката од земјите кои имаат соодветни закони против присилната работа ќе биде оданочувана со пониска стапка од 10 проценти, додека увозот од земјите со несоодветни забрани ќе биде предмет на царина од 12,5 проценти.

Новите американски мерки предизвикаа реакции кај дел од трговските партнери. Австралискиот министер за трговија Дон Фарел ги оцени царините како „целосно неоправдани“, додека Бразил најави дека ќе активира механизми за одговор и ќе го изнесе случајот пред Светската трговска организација.

Бразилската влада ги оцени американските царини како „произволни“ и „неоправдани“.

Извор:Finansije.hr

Бизнис

iute Macedonia е Fintech Partner на E-commerce Conference 2026

Објавено

на

iute Macedonia ќе биде Fintech Partner на E-commerce Conference 2026, која ќе се одржи на 3 ноември во Националната опера и балет во Скопје, соопштија организаторите на конференцијата.

Во фокусот на партнерството е развојот на дигиталните финансиски услуги и улогата што финтек секторот ја има во обликувањето на современата дигитална економија.

Од E-commerce Conference посочуваат дека iute Macedonia преку комбинација на технолошки иновации и пристап ориентиран кон корисниците развива дигитални финансиски решенија со цел секојдневното управување со финансиите да биде побрзо и поедноставно.

Компанијата во своето портфолио нуди потрошувачко финансирање, платежни услуги, решенија од типот „Buy Now, Pay Later“, како и Myiute superapp.

Организаторите наведуваат дека токму ваквите решенија ќе бидат дел од пошироката дискусија за иднината на финансиските технологии и електронската трговија.

E-commerce Conference 2026 ќе се одржи на 3 ноември во Националната опера и балет во Скопје.

Продолжи со читање

Бизнис

Албанија го засилува финансирањето за жени претприемачи, Македонија веќе е дел од истиот модел

Објавено

на

Албанија официјално го активираше глобалниот WE Finance Code, иницијатива за подобрување на пристапот до финансии за компаниите во сопственост или управувани од жени, а Северна Македонија исто така е вклучена меѓу земјите во кои се спроведува оваа глобална програма.

Иницијативата, координирана од Women Entrepreneurs Finance Initiative при Светска банка, има цел преку соработка на банките, регулаторите и институциите да се зголеми финансирањето за микро, малите и средните компании предводени од жени.

Според OECD, новата македонска Стратегија за мали и средни претпријатија предвидува активности за усогласување со WE Finance Code, како и воспоставување посебен систем со податоци за финансирањето на компании во сопственост на жени, користејќи информации од Кредитниот регистар на Народната банка.

Дел од домашниот банкарски сектор веќе се приклучува кон иницијативата. ТТК Банка се наведува како потписник на WE Finance Code, со обврска да развива и унапредува финансиски производи приспособени на потребите на жените претприемачи, но и да ја подобрува евиденцијата за финансирањето на компании во сопственост на жени.

Поддршка доаѓа и преку Европската банка за обнова и развој и Европската Унија. Во 2026 година преку ПроКредит банка беше обезбедена кредитна линија од 2,5 милиони евра наменета за микро, мали и средни компании предводени од жени во Северна Македонија.

Сепак, пристапот до капитал останува еден од главните проблеми за женското претприемништво во земјава. Податоците објавени од Светска банка покажуваат дека 78 проценти од фирмите во Северна Македонија во кои жена е на највисоката раководна позиција го перципираат пристапот до финансии како ограничување.

Токму тука е и главната цел на WE Finance Code – преку подобри податоци да се утврди каде постојат финансиски празнини, а банките и институциите да развиваат производи и политики кои подобро ќе одговорат на потребите на жените што водат бизниси.

Албанија на 8 септември официјално го означи почетокот на националната примена на Кодексот, при што гувернерот на Банката на Албанија, Гент Сејко, порача дека успехот на иницијативата нема да се мери според бројот на потпишани документи, туку според реалните можности што ќе им бидат создадени на жените претприемачи за пристап до капитал.

Продолжи со читање

Анализи

Германија предупредува: До 2029 година економијата ќе се соочи со недостиг од 723 илјади квалификувани работници!?

Објавено

на

Германија се соочува со сè поголем недостиг на квалификувана работна сила, а до 2029 година бројот на непополнети работни места би можел да достигне околу 723 илјади. Тоа е речиси двојно повеќе од недостигот од околу 370.000 работници регистриран во 2025 година, покажува најновата студија на Институтот за германска економија (IW).

Најголем недостиг се очекува во продажбата, каде што до 2029 година би можеле да останат непополнети околу 39.100 работни места. Следуваат грижата за деца и образованието со недостиг од околу 29.900 работници и социјалната работа и социјалната педагогија со околу 23.600 лица.

Недостигот ќе биде изразен и во здравството и негата, каде што се очекуваат околу 18.700 непополнети позиции, како и во електроизградбата, со дефицит од околу 17.400 квалификувани кадри.

Според авторот на студијата, Александер Бурштеде, главна причина за влошувањето на состојбата е големиот број работници кои во следните години ќе заминат во пензија, додека на пазарот на трудот не влегуваат доволно млади кадри. Дополнителен предизвик е и сè потешкото привлекување квалификувани работници од странство.

Бурштеде предупредува дека евентуалното економско закрепнување би можело дополнително да ја зголеми побарувачката за квалификувана работна сила, со што притисокот врз германскиот пазар на трудот би се зголемил.

Проекциите на Институтот за германска економија (IW) се изработени врз основа на податоци достапни до крајот на 2024 година и укажуваат дека недостигот на кадар ќе биде еден од клучните предизвици за германската економија во наредните години.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange