Connect with us

Совети

Нови правила за влез во ЕУ: Што треба да знаат граѓаните

Објавено

на

Од 10 април започнува целосната примена на новиот систем за контрола на влез во Европската Унија, кој носи значајни промени за сите патници од земји кои не се членки на ЕУ, вклучително и граѓаните од регионот.

Станува збор за дигиталниот систем за влез и излез (EES), кој ја заменува досегашната практика на печати во пасошите и воведува построга контрола на престојот во шенген-зоната. При влез, покрај пасош, патниците ќе мора да даваат и биометриски податоци како отпечатоци од прсти и фотографија од лице.

Системот важи за краткорочен престој до 90 дена во период од 180 дена, без разлика дали станува збор за туристичко или деловно патување. При секое преминување на граница ќе се евидентираат личните податоци, датумите на влез и излез, како и евентуалното пречекорување на дозволениот престој.

Од Европската комисија посочуваат дека новиот систем ќе овозможи побрзи проверки, но и поефикасно откривање злоупотреби, како што се лажни идентитети или нелегален престој. Според првичните податоци, веќе се одбиени десетици илјади влезови поради неуредна документација или сомнителна цел на патување.

Во почетната фаза се очекуваат и гужви на граничните премини, особено во туристичката сезона, поради што на патниците им се препорачува да пристигнуваат порано, особено на аеродромите. Државите членки ќе имаат можност привремено да се вратат на стариот систем само во исклучителни ситуации.

За оние што патуваат со автомобил, при првиот влез по 10 април ќе биде потребно да излезат од возилото и да ги дадат биометриските податоци на граничниот премин.

Дополнително, од октомври 2026 година се планира воведување на системот ETIAS, кој ќе претставува задолжителна претходна онлајн авторизација за патување во ЕУ, со надомест од 20 евра. Одобрувањето најчесто ќе се добива за неколку минути, но во одредени случаи може да трае и до 72 часа.

Иако безвизниот режим останува во сила, новите правила значат построги контроли и поголема одговорност за патниците. Во пракса, тоа ќе значи подетални проверки на границите, но и подобра безбедност и контрола на движењето во рамки на ЕУ.

Анализи

Избегнувајте ги овие ПИН-кодови за вашата платежна картичка – Крадците секогаш прво нив ги внесуваат

Објавено

на

Секој што некогаш ја изгубил или му е украдена картичката го знае стравот од ненадејно губење на сите тешко заработени пари. Но, опасноста демне дури и ако вашиот ПИН е доволно едноставен за некој да може да го погоди.

ПИН-кодот е една од основните заштити на платежната картичка, но изборот на едноставна комбинација може значително да го зголеми ризикот од неовластен пристап.

Изборот на добар ПИН може да биде предизвик

ПИН кодот треба да биде лесен за паметење, но не треба да го запишувате. За разлика од лозинката, не можете да користите интерпункциски знаци или големи букви и сте ограничени на само 10 цифри.

Иако четирицифрениот ПИН овозможува 10.000 можни комбинации, голем број корисници и понатаму избираат лесни и предвидливи кодови. Меѓу најчестите се 1234, 0000, 1111 и 1212, но и комбинации како 4321, 2222, 7777 или други повторливи и симетрични шеми.

Токму ваквите комбинации најчесто се меѓу првите што би ги испробал хакер или крадец кој се обидува да добие неовластен пристап. Ризикот е уште поголем доколку ПИН-кодот е поврзан со лесно достапни лични информации, како датум на раѓање.

Што предупредуваат експертите?

Експертите предупредуваат дека промената на вашиот ПИН може да биде едноставен, но важен чекор во заштитата на вашите лични информации и финансиски средства.

Тие советуваат корисниците да избегнуваат очигледни комбинации и лични податоци при изборот на ПИН. Кодот треба да биде непредвидлив, но доволно лесен за паметење, без да се запишува на картичката или да се чува заедно со неа.

Продолжи со читање

Совети

Македонска берза објави водич за трансформација и раст на бизнисите

Објавено

на

Македонската берза подготви детален водич наменет за компаниите кои сакаат да ги искористат можностите на пазарот на капитал за обезбедување средства, раст и понатамошен развој.

Во водичот на едноставен начин се објаснуваат предностите од трансформацијата на компаниите во акционерски друштва, различните модели за продажба и емисија на акции, придобивките од котацијата на берза, како и постапката за издавање обврзници.

Од Македонската берза посочуваат дека целта е на бизнисите да им се олесни разбирањето на процесите за прибирање финансиски средства преку пазарот на капитал, кои на прв поглед може да изгледаат сложено.

Водичот е подготвен во рамките на иницијативата „Август – месец на подготовки за пазарот на капитал“. Во текот на месецот компаниите можат да закажат и бесплатни консултации во Македонската берза, на кои ќе добијат повеќе информации за можностите за пазарно финансирање и за актуелниот проект за поттикнување и подготовка на македонските компании.

За дополнителни информации, заинтересираните можат да се обратат на електронската адреса [email protected] или на телефонскиот број 02/3122-055.

Продолжи со читање

Совети

УЈП: Приходите од краткорочно издавање сместување мора да се пријават и оданочат

Објавено

на

Граѓаните кои издаваат станови, апартмани, викендички или соби за краток престој до 31 ден имаат обврска да го пријават остварениот приход во Управата за јавни приходи и да платат данок на личен доход.

Обврската важи без разлика дали сместувањето се издава директно или преку платформи како Airbnb, Booking.com, Facebook, Kajak или други интернет-сервиси.

Од УЈП информираат дека пријавувањето се врши преку системот е-Даночни услуги. Даночниот обврзник треба да се најави на својот кориснички профил, да ја избере услугата Е-ПДД и да пополни соодветна електронска пресметка за приходот од закупнина.

Кон пресметката треба да се приложи документ со кој се потврдуваат внесените податоци. Системот автоматски го пресметува износот на данокот, а пријавата се потпишува со еднократен ПИН-код.

По одобрувањето од службено лице, се генерира рекапитулација со налог ПП53 за плаќање на данокот на личен доход. Данокот треба да се плати најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец.

Аконтативната пресметка се поднесува најдоцна до 10-ти во месецот на издавање. Кога исплатата доаѓа од странство, рокот е до 10-ти во месецот што следува по месецот во кој е остварен приходот.

За граѓаните на кои им е потребна помош, УЈП има објавено видеоупатства за поднесување на електронската пријава и плаќање на данокот. Дополнителни информации може да се добијат и преку Контакт-центарот на бројот 02 3253 200 или во најблиската организациска единица на Управата.

Од УЈП најавуваат дека ќе продолжат со анализи и контроли за да обезбедат еднаква примена на законите и да спречат нелојална конкуренција кон даночните обврзници кои редовно ги исполнуваат своите обврски.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange