Connect with us

Анализи

Златото поскапе поради послаб долар и пад на цените на нафтата

Објавено

на

Цените на златото пораснаа во текот на утринското тргување на азиските пазари, поттикнати од слабеењето на американскиот долар и намалувањето на цените на нафтата, што ги охрабри инвеститорите да ги пренасочат средствата кон сигурни засолништа.

Спот цената на златото порасна за 0,4 отсто и достигна 4.450,16 долари за унца, додека фјучерсите на златото за испорака во август забележаа раст од 0,2 отсто и се искачија на 4.477 долари за унца.

Во исто време, цените на нафтата се намалија по силниот раст забележан во претходната сесија. Нафтата Брент поевтини за 67 центи или 0,69 отсто и се тргуваше по 97,14 долари за барел, додека американската сурова нафта WTI падна за 62 центи или 0,65 отсто, на 95,40 долари за барел.

Позитивниот тренд се прошири и на останатите благородни метали. Среброто поскапе за 0,8 отсто на 73,26 долари за унца, платината забележа раст од 0,2 отсто и достигна 1.863,25 долари, а паладиумот порасна за 0,5 отсто на 1.307,67 долари за унца.

Аналитичарите оценуваат дека утринскиот пад на цените на нафтата е резултат на профитирање од претходниот силен раст, како и на привременото смирување на тензиите во регионот на Персискиот Залив, што овозможило техничка корекција на пазарот.

Златото и натаму останува една од најатрактивните инвестиции во услови на неизвесност на финансиските пазари, инфлаторни притисоци и очекувања поврзани со идните потези на американската централна банка.

Анализи

Европските банки ги заоструваат условите за кредити, најпогодени автомобилската и енергетски интензивната индустрија

Објавено

на

Банките во еврозоната во вториот квартал од 2026 година умерено ги заостриле критериумите за одобрување кредити на компаниите и домаќинствата, главно поради зголемените економски ризици, геополитичките тензии и неизвесноста на енергетските пазари, покажува јулското истражување на Европската централна банка.

Нето седум проценти од анкетираните банки пријавиле построги стандарди за кредити и кредитни линии за компаниите. Заострувањето било поблаго од претходните очекувања, кога 19 проценти од банките предвидувале построги услови.

Критериумите биле заострени и за населението. Нето девет проценти од банките пријавиле построги стандарди за станбени кредити, а 12 проценти за потрошувачки и други кредити.

Како главни причини се наведуваат намалената подготвеност на банките да преземаат ризици и зголемената загриженост за економските перспективи. Банките се особено внимателни поради геополитичките случувања и можноста за нови нарушувања на енергетските пазари.

За третиот квартал се очекува дополнително заострување на кредитните стандарди во сите главни категории.

Кредитите поскапи поради повисоките камати

Освен построгите критериуми, банките ги влошиле и општите услови за кредитирање, пред сè поради повисоките каматни стапки. Зголемен е и бројот на одбиени барања за кредити, особено кај потрошувачките кредити.

Нефункционалните кредити и другите показатели на кредитен ризик придонеле за заострување на условите за компаниите и потрошувачите, но немале позначително влијание врз станбеното кредитирање.

Побарувачката на компаниите за кредити благо пораснала. Нето три проценти од банките пријавиле зголемување, иако претходно очекувале пад од десет проценти.

Компаниите најмногу барале средства за финансирање залихи и тековно работење. Кај големите компании се зголемила и побарувачката за кредити за инвестиции, рефинансирање на постојните обврски и преструктурирање на долгот.

Граѓаните помалку бараат станбени кредити

Побарувачката на домаќинствата за станбени кредити значително се намалила. Нето 15 проценти од банките пријавиле пад, што сепак е помалку од претходно очекуваните 20 проценти.

Главни причини се намалената доверба на потрошувачите, промените на каматните стапки и послабите очекувања на пазарот на недвижности.

Побарувачката за потрошувачки и други кредити се намалила за два проценти, во споредба со очекуваниот пад од девет проценти.

Банките во третиот квартал очекуваат дополнително намалување на побарувачката за станбени кредити за околу 12 проценти, додека интересот за потрошувачки кредити би требало да остане непроменет.

Најсилно заострување во автомобилската индустрија

Во првата половина од годината кредитните стандарди биле заострени во поголемиот дел од економските сектори. Најизразено заострување било забележано во преработувачката индустрија, особено во секторите изложени на енергетски и геополитички ризици.

Меѓу најпогодените се автомобилската индустрија и енергетски интензивното производство.

Банките очекуваат во втората половина од годината дополнително да ги заострат критериумите во повеќето сектори. Услужните дејности и станбените недвижности би можеле да бидат меѓу ретките области во кои условите ќе останат главно непроменети.

Поповолни кредити за зелени компании

Климатските ризици имаат сè поголемо влијание врз одлуките на банките. Во изминатите 12 месеци биле олеснувани кредитните стандарди за зелените компании и за фирмите што спроведуваат веродостојна транзиција кон одржливо работење.

Истовремено, побарувачката на овие компании за кредити се зголемила.

Спротивен тренд е забележан кај компаниите со високи емисии што немаат убедлив план за климатска транзиција. За нив условите станале построги, а побарувачката за кредити благо се намалила.

Екстремните временски појави, поплавите, сушите и пожарите и натаму се меѓу главните климатски фактори што влијаат врз заострувањето на кредитните критериуми.

Банките полесно одобрувале кредити и за објекти со добра енергетска ефикасност или за згради што планираат енергетско подобрување. За недвижностите со трајно слаби енергетски карактеристики, условите за финансирање станале построги.

Продолжи со читање

Анализи

САД воведуваат царини од 50 отсто за канадски производи вредни речиси 20 милијарди долари

Објавено

на

Американскиот претседател Доналд Трамп воведе дополнителни царини од 50 отсто за широк спектар производи од Канада, со што се отвора нов фронт во трговскиот спор меѓу двете земји.

Новите царини ќе опфатат канадски производи во вредност од речиси 20 милијарди долари, меѓу кои вино, млечни производи, цемент, мебел, хокејска опрема, базени, рибарски прачки, облека и перики. Мерките ќе почнат да се применуваат на 19 август 2026 година.

Трамп се повика на членот 338 од американскиот Закон за царини од 1930 година, кој му дозволува на претседателот да воведе казнени царини до 50 отсто за земји за кои е оценето дека ги дискриминираат американските производи. Според „Ројтерс“, ова е прва позната употреба на оваа одредба во нејзината речиси стогодишна историја.

Американската администрација ја обвини Канада за дискриминаторски третман на автомобилите, алкохолните пијалаци и млечните производи произведени во САД. Царините ќе важат и за производите што ги исполнуваат условите од трговскиот договор меѓу САД, Мексико и Канада.

Од мерките ќе бидат изземени енергентите, калиумовите соли, рибата, критичните минерали и производите што веќе се опфатени со други американски царини.

Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека неговата влада доставила сеопфатни предлози за решавање на трговските спорови со Вашингтон и оцени дека претходните американски царини го прекршуваат северноамериканскиот трговски договор.

Тој предупреди дека трговскиот спор ги зголемува трошоците за семејствата, особено во САД, но нагласи дека Канада е подготвена за интензивни разговори за решавање на отворените прашања.

Продолжи со читање

Анализи

Ново поскапување на горивата: Дизелот оди на 94, бензинот до 92 денари

Објавено

на

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 5,88 проценти.

Од полноќ, ЕУРОСУПЕР БС-95 поскапува за три денари и ќе се продава по цена од 90 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемува за три денари и ќе чини 92 денари за литар.

Цената на ЕУРОДИЗЕЛ се зголемува за шест денари, на 94 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство поскапува за седум денари и ќе се продава за 93 денари за литар. Мазутот поскапува за 3,205 денари, на 45,373 денари за килограм.

Од Регулаторната комисија посочуваат дека референтните цени на светските пазари бележат значително зголемување. Цените на бензините пораснале во просек за 9,003 проценти, на дизелот за 14,963 проценти, на екстра лесното масло за 13,2 проценти, а на мазутот за околу 10,686 проценти.

Владата истовремено донесе одлука со која акцизата за бензините е намалена за еден денар за литар, а за дизелот за два денари за литар.

Новите цени почнaa да се применуваат од 00:01 часот на 21 јули 2026 година.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange