Бизнис
Геополитиката и пазарите во фокус: гостинско предавање на Економскиот факултет во Скопје
Во време на засилена глобална неизвесност и брзи економски промени, финансиската писменост станува сè поважна, особено за оние кои управуваат со капитал. На Економски факултет – Скопје при УКИМ се одржа гостинско предавање посветено на врската меѓу геополитиката и финансиските пазари.
Предавач беше Иван Ивановски, основач на Prime Capital и креатор на едукативната платформа primeclass.mk. Настанот се реализираше во рамки на Quant Talks, во организација на Катедрата за математика и статистика, а присуствуваа професори, научни работници и студенти.
Во центарот на дискусијата беше влијанието на глобалните политички и економски случувања врз финансиските пазари. Беа анализирани актуелни теми како воени конфликти, политички тензии и економски политики, и нивниот ефект врз движењата на берзите и инвестициските стратегии.
Дополнително, предавањето се осврна и на финансиските контракти, нивната структура и практична примена. Преку конкретни примери беше објаснето како овие инструменти се користат за управување со ризик, оптимизација на портфолио и носење одлуки во услови на нестабилни пазари. Дел од дискусијата беше посветен и на инвестирањето преку индексни фондови како современ пристап на пазарите.
На настанот активно учествуваа и професорите Драган Тевдовски, Игор Ивановски, Леонид Наков и Борче Треновски, со што дискусијата доби дополнителна стручна тежина.
„Нашата цел не е да предвидиме што точно ќе се случи на пазарите, туку да изградиме начин на размислување. Во услови на неизвесност, најголемата грешка е импулсивната реакција. Клучно е да се остане доследен на стратегијата и да се препознаат можностите за инвестирање“, истакна Ивановски.
Од факултетот посочија дека ваквите настани се значајни за поврзување на академската заедница со практичниот сектор и за подобра подготовка на младите кадри.
Активностите на Prime Capital и Prime Class продолжуваат со цел подигнување на финансиската писменост и приближување на финансиските пазари до пошироката јавност.
Бизнис
ССКМ организира тркалезна маса за поголемо учество на бизнис-заедницата во реформските процеси
Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) ќе организира Национална тркалезна маса на тема „Посилен глас на бизнисот за реформите“, со цел да се поттикне поголема вклученост на компаниите во креирањето економски политики и спроведувањето на реформите во земјава.
Настанот, кој ќе се одржи во Скопје, ќе биде посветен на улогата на приватниот сектор во реформските процеси, како и на можностите за зајакнување на соработката и дијалогот меѓу деловната заедница и надлежните институции.
Во фокусот на дискусијата ќе бидат начините на кои компаниите можат поактивно да учествуваат во донесувањето одлуки што директно влијаат врз нивното работење, деловната клима и економскиот развој.
Преку размена на мислења, искуства и конкретни предлози, тркалезната маса има за цел да придонесе кон подобро усогласување на реформските политики со реалните потреби и предизвици со кои се соочува стопанството.
Посебно внимание ќе биде посветено на потребата од поефикасна комуникација меѓу бизнис-секторот и институциите, со цел ставовите и иницијативите на компаниите да добијат поголема тежина при подготовката и спроведувањето на реформските мерки.
Националната тркалезна маса ќе претставува платформа за конструктивен дијалог и формулирање предлози насочени кон создавање поповолно деловно опкружување и поттикнување на конкурентноста на македонската економија.
Бизнис
Македонските аеродроми со 3,33 милиони патници за девет месеци: Раст од 29% на годишно ниво
Воздушниот сообраќај во Македонија продолжува да бележи силна позитивна динамика, покажуваат податоците на операторот ТАВ Македонија за периодот јануари – септември 2026 година.
Во првите девет месеци од годинава, аеродромите во Скопје и Охрид опслужиле вкупно 3.331.685 патници, што претставува зголемување од 29% во споредба со истиот период минатата година.
Истовремено, бројот на летови достигнал 22.147, што е за 10% повеќе на годишно ниво.
Најголемиот дел од патничкиот сообраќај се реализирал преку Меѓународниот аеродром Скопје, кој опслужил 3.065.692 патници, со годишен раст од 29,07%.
Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, пак, забележал 265.993 патници, што претставува зголемување од 26,76%.
Разликата меѓу растот на бројот на патници и растот на бројот на летови покажува дека просечниот број патници по реализиран лет се зголемил, иако за целосна процена на искористеноста на капацитетите се потребни податоци за бројот на расположливи седишта.
Растот на воздушниот сообраќај има значење за повеќе сегменти од домашната економија, вклучувајќи го туризмот, угостителството, транспортот, трговијата и услугите.
За компаниите, поголемата поврзаност со странските пазари може да придонесе за полесно реализирање деловни патувања и подобра меѓународна достапност.
Сепак, бројот на аеродромски патници не треба директно да се поистоветува со бројот на странски туристи, бидејќи статистиката ги опфаќа и домашните патници, деловните патувања и другите категории патнички сообраќај.
Редакција Банкарство
Бизнис
Колку го користиме потенцијалот на е-трговијата и вештачката интелигенција? Најновите трендови, предизвици и можности во фокусот на деветтата регионална конференција за е-трговија
И покрај напредокот во дигиталната поврзаност, Западен Балкан сè уште заостанува во искористувањето на можностите на е-трговијата. Дигиталните вештини, навиките за плаќање и подготвеноста на компаниите за дигитална трансформација се меѓу клучните предизвици што ќе бидат во фокусот на деветтата Регионална конференција за е-трговија, на 3 ноември во Скопје.
Земјите од Западен Балкан бележат значителен напредок во пристапот до интернет и финансиски услуги, но податоците покажуваат дека дигиталната поврзаност не значи автоматски и поголемо учество во дигиталната економија. Јазот меѓу користењето интернет и онлајн купувањето, недоволно развиените дигитални вештини и сè уште високата застапеност на готовинските плаќања укажуваат на значителен неискористен потенцијал за раст на е-трговијата во регионот. Ова се дел од сознанијата од новите годишни анализи на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), кои ќе бидат претставени на деветтата Регионална конференција за е-трговија.
Еден од најголемите предизвици остануваат дигиталните вештини. Според податоците на Eurostat опфатени во анализата, во 2025 година 30,9% од интернет корисниците во С. Македонија поседувале основни или повисоки основни дигитални вештини. Ова покажува дека, покрај инфраструктурата и пристапот до технологија, за понатамошен развој на дигиталната економија е неопходно и зајакнување на капацитетите на граѓаните и компаниите.
Истовремено, податоците за финансиската вклученост покажуваат дека 84,3% од возрасното население во Северна Македонија има сметка во финансиска институција или кај давател на мобилни финансиски услуги, но пристапот до финансиски услуги не значи и нивно целосно искористување за дигитални трансакции.
Токму навиките за плаќање се во фокусот и на посебното истражување за готовинското плаќање при испорака наспроти дигиталните плаќања во е-трговијата во Северна Македонија, спроведено со поддршка на Visa. Според истражувањето меѓу е-трговците, 68,2% од анкетираните е-продавници пријавиле дека повеќе од половина од нивните нарачки се плаќаат во готово при испорака.
Овие сознанија отвораат важни прашања за довербата на потрошувачите, навиките при купување и пречките за поголема употреба на дигиталните плаќања.
„Денес предизвикот не е само колку граѓани имаат пристап до интернет или платежна картичка, туку колку ги користат можностите што им се достапни. Во регионот има значителен напредок во дигиталната поврзаност, но сè уште имаме голем простор за развој на дигиталните вештини, онлајн купувањето и дигиталните плаќања. Токму во тој јаз се крие огромен потенцијал за раст. А додека ние работиме на надминување на овие предизвици, светската е-трговија веќе влегува во нова фаза, во која вештачката интелигенција го менува начинот на кој купуваме, продаваме и конкурираме. Затоа, повеќе од кога било, важно е нашите компании да го забрзаат своето прилагодување и да бидат подготвени за промените што доаѓаат“, изјави Нина Ангеловска Станков, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Токму со цел да се поврзат реалните предизвици на домашниот и регионалниот пазар со глобалните трендови и практични решенија, деветтата Регионална конференција за е-трговија ќе се одржи под мотото „From Wait to Go: E-commerce at AI Speed!“.Конференцијата ќе обедини повеќе од 1.000 учесници од над 12 земји, над 30 домашни и меѓународни говорници и повеќе од 50 партнери. Програмата, ќе се одвива на две паралелни сцени – главна и практична.
Меѓу говорниците се експерти од глобални компании како Amazon, Google DeepMind, LinkedIn, Visa и Tesla, како и од Decathlon, Wolt, Ananas Ecommerce, Gjirafa, Iute и други регионални и меѓународни компании. Програмата ќе опфати теми како примената на вештачката интелигенција и AI агентите, иднината на онлајн купувањето, прекуграничната продажба, градењето брендови и лојалност преку гејмификација, спојувањата и преземањата на компании (M&A), како и влијанието на глобалните платформи и логистичките услуги.
Посебен фокус ќе биде ставен на развојот на е-трговијата во Западен Балкан, со претставување на нови регионални анализи и резултати од истражувањето за навиките за плаќање во Северна Македонија. Преку дискусии со претставници од индустријата ќе се разгледаат и предизвиците за раст, конкурентноста и инвестициите во регионот.
Покрај главната програма, практичната сцена ќе понуди применливи стратегии и искуства од компании и експерти, додека изложбениот простор и активностите за вмрежување ќе овозможат нови контакти и деловни соработки.
„Нашата цел е конференцијата да биде повеќе од место за следење на светските трендови. Сакаме да биде платформа каде што ќе ги разбереме предизвиците на нашиот пазар, ќе учиме од најдобрите светски и регионални практики и ќе отвориме конкретни можности за раст. Затоа ги поврзуваме податоците и истражувањата со практичното искуство, технологијата и луѓето што ја обликуваат иднината на е-трговијата“, додаде Ангеловска Станков.
Конференцијата се реализира со поддршка на Visa како платинум партнер, КаСис како стратешки партнер, Iute Македонија како финтек партнер, А1 Македонија како дигитален партнер, Дајнерс и Ананас како златни партнери, Комерцијална банка, Халкбанк, Сава Пензиско Друштво, НЛБ Банка и Wolt како сребрени партнери и Минт, Сава Осигурување, Унибанка, Евроинс, РСМ, Акција24, Пивара Скопје, Зегин, ЕВН, Маркев и ELS како бронзени партнери, како и бројни други партнери и соработници.
Агендата на деветтата Регионална конференција за е-трговија е достапна на официјалната веб-страница, каде што заинтересираните можат да ги обезбедат и последните билети за учество: https://ecommerceconference.mk/.
-
Банкипред 2 месеци10% поврат на средства со Mastercard картичките на Стопанска банка секој први во месецот
-
Анализипред 2 месециМакедонија ќе има два система за инстант плаќања: КИБС Инстант и мобилна апликација „Стрела“ преку КИБС и TIPS Clone преку Народната банка
-
Банкипред 2 месециКристина Трпезановска: NLB Smart POS им овозможува на малите бизниси полесен пристап до дигитални плаќања
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка: Исплатени пензиите за август, средствата се достапни веднаш
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка денеска ги исплаќа августовските пензии
-
Банкипред 2 месециХалкбанк започна со исплата на августовските пензии
-
Интервјуапред 2 месециИнтервју | Самоил Крстевски | Сопственик на маркетинг агенција Media Lab Solution
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка нема да работи на 28 август поради празникот Голема Богородица





