Connect with us
no baners

Анализи

Во 2025 година преку извршители наплатени над 137 милиони евра – раст на присилната наплата од граѓаните

Објавено

на

Во текот на 2025 година преку извршителите во земјава присилно се наплатени 137.368.058 евра, што претставува реализација од 43,63 проценти од вкупно примените барања за извршување. Во споредба со 2024 година, наплатената сума е пониска за околу 23,3 милиони евра, но кај граѓаните е забележан пораст на наплатените долгови.

Податоците од годишниот извештај на Комората на извршители покажуваат дека компаниите и понатаму се најголеми должници, но и најголеми доверители во извршната постапка. Од правни лица лани биле наплатени 63,4 милиони евра, од граѓани 50,8 милиони евра, а од државата 24,8 милиони евра.

Истовремено, компаниите како доверители преку извршителите наплатиле над 105 милиони евра. Граѓаните како доверители инкасирале нешто повеќе од 31,1 милион евра, додека државата во таа улога наплатила околу 2,4 милиони евра.

Особено се издвојува фактот што во 2025 година е забележан историски највисок износ на присилна наплата од граѓаните, за првпат над 50 милиони евра. Во однос на 2024 година, ова претставува зголемување од речиси четири милиони евра. Кај компаниите и државата, пак, на годишно ниво има намалување на наплатените средства.

Од формирањето на извршителската служба до крајот на 2025 година, вкупно се наплатени 2.220.801.014 евра. Највисоки износи во изминатите години се евидентирани во 2017 година (над 166 милиони евра), во 2024 година (над 160,6 милиони евра) и во 2023 година (над 159,7 милиони евра).

По региони, најголема сума во 2025 година е наплатена на подрачјето на Скопје – близу 70 милиони евра. Следуваат подрачјата на Основен суд Битола и Основен суд Ресен со околу 10,7 милиони евра, како и судовите во Велес, Гевгелија, Кавадарци и Неготино со 9,7 милиони евра. Во Гостивар и Кичево се наплатени над 8,3 милиони евра, додека на подрачјето на Основен суд Тетово, 6,1 милион евра.

Во текот на 2025 година биле поднесени 160.971 барање за присилна наплата од страна на компании, од кои 10.257 барања потекнуваат од банките, а 45.219 од комуналните претпријатија.

Темата за извршителите повторно се актуелизира со најавените законски измени што треба да донесат дигитализација и поголема ефикасност на постапките. Дел од синдикатите веќе реагираа дека паралелно со модернизацијата е неопходно да се разгледа и намалување на трошоците што ги сносат должниците.

Анализи

ДОГОВОРОТ МЕЃУ САД И ИРАН ГИ СМИРИ ПАЗАРИТЕ: Нафтата падна за над 4%, инвеститорите повторно го враќаат фокусот кон акциите и берзите

Објавено

на

Намалувањето на тензиите на Блискиот Исток веднаш се одрази врз глобалните финансиски пазари. Инвеститорите позитивно ја примија најавата за мировен договор меѓу САД и Иран, што доведе до значителен пад на цените на нафтата, слабеење на американскиот долар и раст на берзанските индекси ширум светот.

Фјучерсите на суровата нафта Брент се намалија за повеќе од 4% и се тргуваа по цена од 83,82 долари за барел, додека доларот ослабе поради намалувањето на геополитичките ризици и ублажените инфлаторни очекувања.

Пазарните аналитичари оценуваат дека инвеститорите очекуваат стабилизирање на снабдувањето со енергенси и намалување на ризиците од нарушување на клучните транспортни рути, особено во регионот на Ормутскиот теснец.

„Ќе треба време за да се види колку брзо теснецот навистина ќе се отвори повторно и колку време ќе биде потребно протокот на нафта да се врати во нормала. Секако ќе бидат потребни месеци, а не недели“, изјави Ник Твидејл, главен пазарен стратег во ATFX Global.

И покрај позитивните реакции на пазарите, аналитичарите предупредуваат дека инвеститорите и натаму внимателно ќе го следат развојот на настаните, бидејќи долгорочната стабилност ќе зависи од конкретната имплементација на договорот и нормализирањето на глобалните енергетски текови.

Продолжи со читање

Анализи

НБРСМ: Речиси сите ПОС-терминали во земјава поддржуваат бесконтактни плаќања

Објавено

на

Платежната инфраструктура во Северна Македонија продолжува да се развива, покажуваат најновите податоци на Народната банка на Република Северна Македонија за 2025 година.

Според објавените информации, низ земјата се поставени околу 36 илјади ПОС-терминали, од кои дури 97,4 проценти овозможуваат бесконтактни плаќања. Истовремено, на располагање на граѓаните се 1.132 банкомати.

Од вкупниот број банкомати, 541 овозможуваат и иницирање платни налози, што претставува дополнително олеснување за корисниците на банкарските услуги.

Од Народната банка посочуваат дека современите начини на плаќање стануваат сè подостапни и за граѓаните и за компаниите, што придонесува за понатамошна дигитализација на финансиските услуги и поефикасно извршување на платежните трансакции.

Продолжи со читање

Анализи

Мировниот договор меѓу САД и Иран ги смири пазарите: Еврото и јенот во пораст, нафтата паѓа

Објавено

на

Еврото и јапонскиот јен зајакнаа на меѓународните пазари во понеделникот, додека американскиот долар ослабе поради оптимизмот што го предизвика најавениот мировен договор меѓу САД и Иран, со кој се очекува да заврши конфликтот на Блискиот Исток.

Еврото се искачи за 0,4 проценти во однос на доларот и достигна 1,1617 долари, што е негово највисоко ниво во последните две недели. Во исто време, индексот на американскиот долар се намали за 0,4 проценти и падна на најниско ниво во изминатите две недели.

Позитивното расположение на финансиските пазари следува по објавата дека Вашингтон и Техеран постигнале рамковен договор за прекин на конфликтот, а официјалното потпишување се очекува на 19 јуни во Швајцарија. Според најавите, договорот предвидува укинување на американската поморска блокада врз иранските пристаништа, повторно отворање на Ормускиот Теснец и траен прекин на огнот.

Во меѓувреме, цените на нафтата паднаа за повеќе од четири проценти и се спуштија на најниско ниво во последните три месеци, бидејќи инвеститорите ги намалија стравувањата од нарушувања во снабдувањето со енергенси од Блискиот Исток.

Поддршка за еврото доби и од одлуката на Европската централна банка минатата недела да ги зголеми каматните стапки за 25 базични поени на 2,40 проценти. Тоа е прво зголемување на каматите од септември 2023 година, донесено како одговор на инфлаторните притисоци поврзани со енергетската криза и геополитичките тензии.

Од друга страна, јапонскиот јен зајакна за околу 0,3 проценти во однос на доларот и достигна курс од 159,73 јени за долар. Пазарите истовремено се подготвуваат за состанокот на Банката на Јапонија, од кој се очекува ново зголемување на каматните стапки за 25 базични поени, на 1 процент, што би било највисоко ниво од 1995 година.

Инвеститорите внимателно ги следат и идните економски податоци од еврозоната и Јапонија, кои ќе дадат дополнителни насоки за понатамошната монетарна политика на водечките светски централни банки.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange