Connect with us

Анализи

Бумот на вештачката интелигенција ги врати банките во врвот на светската економија

Објавено

на

Вештачката интелигенција не им донесе големи добивки само на технолошките компании. Новиот инвестициски бран во дата-центри, AI стартапи, инфраструктура, берзански излегувања и преземања силно го поттикна и финансискиот сектор, кој повторно се потврди како една од најмоќните индустрии во светот.

Според листата Global 2000 на Forbes за 2026 година, меѓу 2.000 најголеми јавни компании во светот се најдоа 450 банки и финансиски компании. Иако ова е нешто помалку од претходната година, кога ги имало 463, финансискиот сектор и натаму останува најзастапена категорија на листата.

Финансиските компании зазеле 32 места меѓу 100-те најголеми јавни компании во светот, едно повеќе од претходната година. Во првите десет се наоѓаат дури пет финансиски институции, што покажува дека банките, осигурителните компании, инвестициските куќи и управувачите со имот повторно имаат централна улога во глобалната економија.

На врвот на листата четврта година по ред останува JPMorgan Chase. Американскиот банкарски гигант располага со актива од 4,9 трилиони долари, а во 2025 година остварил 9,6 милијарди долари приходи од инвестициско банкарство, повеќе од 8,9 милијарди долари една година претходно.

JPMorgan, според Forbes, веќе 17 години по ред е водечка инвестициска банка во светот според надоместоци. Меѓу трансакциите што ги водела е и иницијалната јавна понуда на акции на CoreWeave, AI cloud провајдер, вредна 1,5 милијарди долари.

Тоа покажува дека додека технолошките компании ги развиваат AI моделите и инфраструктурата, банките заработуваат од финансирањето на тој бран — преку советување при преземања, организирање емисии на акции и обврзници, водење IPO процеси и тргување на активните пазари на капитал.

Силниот повраток на банкарскиот сектор се гледа и преку растот на спојувањата и преземањата. Глобалната вредност на M&A трансакциите пораснала за 36 проценти во 2025 година, додека надоместоците од инвестициско банкарство достигнале 102,9 милијарди долари. Иако тоа е под рекордните 132,3 милијарди долари од 2021 година, податоците покажуваат дека пазарот на капитал закрепнува по периодот на поскапени пари и намалена инвеститорска активност.

Кинеските банки и натаму остануваат огромни според билансната сила. Industrial and Commercial Bank of China, со актива од 8,1 трилиони долари, е втора најголема банка во светот, но на вкупната листа на Forbes паднала од третото на шестото место.

Меѓу највисоко рангираните финансиски институции се и Bank of America, China Construction Bank, Agricultural Bank of China, Bank of China и HSBC Holdings. САД остануваат најзастапена земја во финансиската категорија со 94 компании, по што следуваат Кина со 66, Јапонија со 34, Индија со 18 и Јужна Кореја со 17 компании.

Иако бројот на банки на листата се намалил од 329 на 314, бројот на диверзифицирани финансиски компании пораснал од 134 на 136. Тоа укажува дека глобалните финансии се менуваат: традиционалните банки остануваат важни, но сè поголема улога имаат управувачите со имот, берзанските оператори, private equity компаниите, инфраструктурните фондови и инвестициските холдинзи.

Меѓу поголемите добитници на листата се UBS, BlackRock, Brookfield, Investor AB и Intercontinental Exchange. Нивниот раст се поврзува со повисоките вредности на финансиските средства, поголемата пазарна активност, зголемениот број IPO процеси и закрепнувањето на пазарот на преземања.

Посебно внимание привлекува и Јужна Кореја, која стана еден од индиректните добитници на AI бумот благодарение на мемориските чипови. Корејскиот пазар на акции во 2025 година пораснал за 95 проценти, а неколку финансиски компании од земјата забележале голем скок на листата.

Најголем напредок имала SK Square, инвестициска компанија која поседува околу 20 проценти од меморискиот гигант SK Hynix. Компанијата скокнала за 837 места, на 709. позиција.

Овие движења покажуваат дека AI циклусот не ги подигнува само компаниите што развиваат софтвер или модели на вештачка интелигенција. Добитници се и производителите на чипови, нивните акционери, инвестициските компании, банките и пазарите на капитал кои се поврзани со овој раст.

Сепак, годината не била успешна за сите. Најголем пад меѓу компаниите што биле присутни и на претходната и на новата листа забележала аргентинската Grupo Financiero Galicia, која паднала за 797 места. Меѓу американските компании најголем пад имал Invesco, кој се спуштил за 365 позиции.

И покрај овие падови, заклучокот од листата на Forbes е јасен: бумот на вештачката интелигенција ја зајакна не само технолошката индустрија, туку и финансискиот сектор, кој повторно се наметнува како еден од главните двигатели на светската економија.

Извор: Bankar.me

Анализи

Албанија подготвува станбен кредити со 0% камата и 100% финансирање

Објавено

на

Албанија подготвува нов модел за поддршка при купување стан, кој предвидува станбени кредити со субвенционирана камата, а за одредени категории и можност за целосно банкарско финансирање на вредноста на недвижноста.

Според најавите на албанската министерка за економија и иновации Делина Ибрахимај, една од предложените шеми предвидува купувачите на станови во вредност до 60.000 евра да можат да добијат кредит со каматна стапка од 0%. За станови поскапи од 60.000 евра, корисникот би плаќал камата до 3%, а државата би го субвенционирала делот над ова ниво.

За недвижностите над 60.000 евра се разгледува и можност банките да финансираат до 100% од вредноста на станот, односно купувачот да не мора да обезбеди сопствено учество. Максималната вредност на недвижностите што би биле опфатени со оваа мерка сè уште се разгледува, а како ориентир се споменува износ од околу 200.000 евра. Програмата треба да биде насочена кон млади лица на почетокот на кариерата, млади двојки и семејства.

Новите мерки сè уште се во подготовка. Албанските власти работат на законската рамка, а дел од новите шеми би можеле да започнат уште во ноември. Планирана е и поддршка за изнајмување станови, при што државата би покривала половина од киријата до одреден лимит.

Албанија веќе спроведува и конкретни програми со нулта камата. Во август беше отворен повик за 300 станбени кредити со 0% камата за вработени во јавната администрација кои ги исполнуваат условите за програмата.

Може ли ваков модел и во Македонија?

Албанскиот пример го отвора прашањето дали слична шема би можела да се примени и во Македонија, особено во услови на растечка побарувачка за станбени кредити.

Податоците на Народната банка покажуваат дека во август станбените кредити во Македонија биле за 16,2% повисоки во споредба со истиот месец минатата година, додека на месечно ниво пораснале за 0,6%.

Сепак, евентуалното субвенционирање на станбените кредити отвора и друго важно прашање – дали дополнителното поттикнување на побарувачката, доколку понудата на нови станови не расте со исто темпо, би можело дополнително да влијае врз цените на недвижностите.

Во поширок економски контекст, S&P Global Ratings во септември го потврди суверениот кредитен рејтинг на Албанија на „BB“ со стабилен изглед. Агенцијата очекува раст на албанската економија од 3,4% во 2026 година и просечно околу 3% годишно во периодот 2027–2029.

За споредба, Северна Македонија кај S&P има рејтинг „BB-“ со стабилен изглед, односно едно ниво под Албанија.

Продолжи со читање

Анализи

Просечната нето-плата во јули достигна 48.499 денари

Објавено

на

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јули годинава изнесувала 48.499 денари, што претставува раст од 7,1 отсто во однос на истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

На годишно ниво, позначителен раст на платите е забележан во финансиските дејности и осигурувањето, каде зголемувањето изнесува 10,7 отсто. Кај снабдувањето со вода, управувањето со отпад и санацијата на околината растот е 10,4 отсто, додека кај дејностите со недвижен имот платите се зголемиле за 9,6 отсто.

Во споредба со јуни, просечната нето-плата во јули е повисока за 0,2 отсто. Најголемо месечно зголемување е забележано кај стручните, научните и техничките дејности од 4,3 отсто, потоа во трговијата и поправката на моторни возила од 3,2 отсто и во градежништвото од 2,3 отсто.

Највисока просечна нето-плата во јули е исплатена во секторот информации и комуникации и изнесувала 89.532 денари.

Следуваат финансиските дејности и осигурувањето со просечна плата од 69.191 денар, додека во рударството и вадењето камен просечната нето-плата изнесувала 59.258 денари.

Продолжи со читање

Анализи

Револут најавува натамошно ширење: сака да стане глобална банка со минимален кредитен ризик

Објавено

на

Револут има амбиција да стане првата вистински глобална банка, со околу 80 милиони клиенти, но притоа да задржи деловен модел со многу низок кредитен ризик, објави Financije.hr.

Дигиталната финансиска компанија веќе одамна не е само картичка за патувања и поволна конверзија на валути. Денес преку една апликација нуди плаќања, штедење, инвестирање, тргување со акции и криптовалути, осигурување и сè поширок спектар банкарски производи.

Револут, основан во 2015 година, денес работи на околу 40 пазари и има приближно 80 милиони клиенти. Според податоците наведени во текстот, вредноста на компанијата достигнала 115 милијарди долари.

За разлика од традиционалните банки, кај кои голем дел од депозитите се претвораат во кредити, кај Револут односот меѓу кредитите и депозитите изнесува само околу шест проценти. Компанијата настојува кредитите што ќе ги одобри да може да ги продаде на други финансиски институции или да ги претвори во хартии од вредност, со што најголемиот дел од кредитниот ризик би го преземале други инвеститори.

Ваквиот модел го позиционира Револут повеќе како финансиска и дистрибутивна платформа отколку како класична банка. Приходите не се засноваат само на кредити, туку и на картични провизии, претплати, тргување, конверзија на валути, управување со средства и дистрибуција на финансиски производи.

Компанијата продолжува и со регионалното ширење. Во Хрватска Револут веќе има повеќе од 750.000 корисници, а домашните картични плаќања во последните 12 месеци пораснале за 59 проценти, додека меѓународните за 43 проценти. Износите на штедењето се зголемиле за 60 проценти на годишно ниво, а вкупните депозитни салда за 29 проценти. Од компанијата најавиле и понатамошно проширување на понудата на хрватскиот пазар.

Сепак, ваквиот модел не значи дека финансискиот ризик исчезнува. Наместо тоа, тој се пренесува кон банките, фондовите, осигурителните компании и другите инвеститори што ги преземаат кредитите.

Според анализата, дигиталните банки веројатно нема целосно да ги заменат традиционалните, туку би можеле значително да ја променат поделбата на улогите во финансискиот сектор – едни институции да го контролираат односот со клиентите и продажбата на производи, а други да го обезбедуваат капиталот и да го носат долгорочниот ризик.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange