Connect with us
no baners

Останато

Потпишани 11 нови договори за грантови со општините за унапредување на предучилишното образование

Објавено

на

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, заедно со градоначалници од десет општини, потпиша 11 нови договори за грантови, со што продолжуваат инвестициите во развојот на предучилишното образование и грижата за децата.

Договорите се склучени со општините Пробиштип, Босилово (за населените места Иловица и Радово), Штип, Бутел, Росоман, Чешиново-Облешево, Зелениково, Гостивар, Велес и Боговиње.

Станува збор за активност во рамки на втората компонента од Вториот проект за подобрување на социјалните услуги (SSIP II), чија цел е проширување на опфатот и подобрување на квалитетот на предучилишното образование.

Со договорите е предвидено реновирање и опремување на неискористени училишни и општински простории, кои ќе бидат адаптирани во функционални објекти за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст. Овој модел овозможува брзо и одржливо решение преку формирање предучилишни групи во алтернативни просторни услови, со што директно се зголемува достапноста на услугите за децата и нивните семејства.

Минатата година беа потпишани и два договори со општините Кавадарци и Кисела Вода, а со новите 11, вкупниот број достигнува 13 договори, што претставува значителен напредок во проширувањето на предучилишните услуги на национално ниво.

Во обраќањето, министерот Лимани нагласи дека ваквиот пристап го зголемува опфатот на децата, го доближува системот до граѓаните и обезбедува еднакви можности за секое дете.

„Ова партнерство меѓу централната и локалната власт е доказ дека со заедничка посветеност можеме да постигнеме конкретни резултати. Новите предучилишни групи ќе придонесат за подобар развој на децата, поголема подготвеност за училиште и намалување на нееднаквостите уште од најрана возраст. Министерството останува посветено на инвестиции во раното детство, затоа што токму тука започнуваат еднаквите шанси“, изјави Лимани.

Бизнис

„Мој ДДВ“ со технички проблеми: Граѓаните повеќе од три дена не можат да скенираат фискални сметки

Објавено

на

Граѓаните веќе неколку дена се соочуваат со потешкотии при користењето на апликацијата „Мој ДДВ“, поради што дел од корисниците не можат да се најават и да скенираат фискални сметки.

Според бројни пријави, при внесување на ПИН-кодот се појавува пораката „Нема конекција од УЈП“, што го оневозможува пристапот до системот. Корисниците посочуваат дека проблемот трае повеќе од 72 часа, предизвикувајќи незадоволство кај граѓаните кои редовно ја користат апликацијата за остварување поврат на ДДВ.

Од Управата за јавни приходи информираа дека апликацијата моментално работи со повремени забавувања и дека стручните тимови активно работат на утврдување на причините и отстранување на техничките проблеми, со цел услугата што поскоро да биде целосно функционална.

Засега, од УЈП не е соопштен конкретен рок кога апликацијата „Мој ДДВ“ повторно ќе функционира без прекини и ограничувања.

Продолжи со читање

Останато

Лидерите на Г-7 се собираат во Франција: Украина, Иран и вештачката интелигенција во центарот на разговорите

Објавено

на

Во францускиот град Евијан-ле-Бен денеска започнува тридневниот Самит на Групата седум најразвиени економии (Г-7), на кој светските лидери ќе разговараат за низа безбедносни, економски и технолошки предизвици.

На состанокот учествуваат претставниците на САД, Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија, а меѓу главните теми се војната во Украина, ситуацијата на Блискиот Исток, глобалните економски текови и развојот на вештачката интелигенција.

Една од клучните цели на европските сојузници е да се одржи заедничкиот пристап кон поддршката за Украина. Се очекува лидерите да разменат ставови за понатамошната воена и финансиска помош за Киев, како и за можните дипломатски иницијативи поврзани со конфликтот со Русија.

На самитот е најавено учество и на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој ќе има средби со дел од лидерите на земјите членки.

Во фокусот ќе биде и неодамнешниот договор меѓу САД и Иран, кој според најавите треба да придонесе за намалување на тензиите во регионот. Лидерите ќе разговараат за неговите потенцијални последици врз безбедноста и енергетските пазари, како и за значењето на повторното отворање на Ормускиот Теснец за глобалната трговија.

Покрај политичките и безбедносните прашања, учесниците ќе дебатираат и за економските нерамнотежи во светот и за потребата од поголема координација во регулирањето и развојот на технологиите базирани на вештачка интелигенција.

На разговорите ќе се приклучат и претставници на Египет, Катар и Обединетите Арапски Емирати, со цел да придонесат кон дискусиите за стабилноста и безбедноста на Блискиот Исток.

Продолжи со читање

Бизнис

Финансиските друштва пред нови правила: Кредитите ќе се исплаќаат само на трансакциска сметка

Објавено

на

Министерството за финансии подготвува измени на Законот за финансиските друштва со кои се предвидува заострување на контролите и воведување нови правила за работа на овие компании.

Според најавите, една од клучните промени е укинувањето на можноста кредитните средства да се исплаќаат во готовина. Во иднина, исплатата на кредити ќе се врши исклучиво преку банкарска сметка, со цел да се обезбеди поголема транспарентност и следливост на финансиските трансакции.

Предложените измени предвидуваат и формирање задолжителни внатрешни тела во финансиските друштва, меѓу кои одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик и надзорен одбор. Дополнително, отворањето нови деловни простории ќе биде условено со претходна согласност од Министерството за финансии и исполнување на пропишани критериуми.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за Телма изјави дека потребата од законските измени произлегла од спроведените контроли, при кои биле утврдени слабости и недоречености во постојната регулатива.

Таа посочи дека дел од контролите откриле неправилности во работењето на одредени финансиски друштва, а во поединечни случаи биле преземени и санкции, вклучително и одземање лиценци. Како што нагласи, значаен придонес во откривањето на неправилностите имале и пријавите од граѓаните.

Со новите законски решенија, Министерството за финансии очекува да се зајакне надзорот врз секторот и да се воспостават повисоки стандарди за работење на финансиските друштва.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange