Банки
ЕЦБ и европските централни банки бараат промена на правилата за резервите на стејблкоините
Европската централна банка и националните централни банки во Европската Унија предлагаат да се укине обврската издавачите на стејблкоини да чуваат минимален дел од своите резерви како депозити во банки, објави Reuters.
Во моментов, според правилата на MiCA, издавачите на стејблкоини треба да чуваат 30 отсто од резервите како банкарски депозити, а кај поголемите издавачи тој удел изнесува 60 отсто. Централните банки предлагаат ова правило да се замени со барање одреден минимален дел од резервите да биде вложен во средства што доспеваат во рок од еден до пет работни дена.
Според Европскиот систем на централни банки, чувањето на резервите како банкарски депозити може да ја промени структурата на финансирање на банките, бидејќи постабилните депозити на граѓаните би можеле да бидат заменети со депозити од издавачи на стејблкоини, кои се почувствителни на пазарни движења.
Европските монетарни власти предупредуваат и на ризиците поврзани со таканаречените модели на повеќекратно издавање на стејблкоини, кај кои токените издадени во ЕУ се третираат како заменливи со оние издадени надвор од Унијата. Според нив, ваквите модели можат да создадат ризици за финансиската стабилност.
Централните банки дополнително укажале дека европските регулатори се соочуваат со значителни предизвици во спроведувањето на правилата за крипто-секторот, бидејќи дел од компаниите што не се усогласени со прописите и натаму имаат пристап до клиенти во ЕУ.
Банки
ЕБОР ја зголеми прогнозата за македонската економија: Раст од 3,3 отсто во 2026 година
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја подобри прогнозата за економскиот раст на Северна Македонија и сега очекува бруто-домашниот производ (БДП) во 2026 година да порасне за 3,3 отсто.
Новата проценка е за 0,3 процентни поени повисока во однос на прогнозата на ЕБОР од јуни годинава, кога за македонската економија беше предвиден раст од 3 отсто.
Ревидираната прогноза за земјава доаѓа во период кога ЕБОР, на ниво на сите економии во кои работи, очекува забавување на растот. Според најновиот извештај „Running dry“, Банката прогнозира просечен раст од 2,5 отсто во 2026 година, по што во 2027 година се очекува забрзување на 4 отсто.
Меѓу главните ризици за економските перспективи ЕБОР ги посочува повисоките трошоци за енергија и храна, нарушувањата во трговијата и синџирите на снабдување, сушата, како и построгите услови за финансирање. Инфлацијата во економиите каде што работи Банката и натаму останува над нивоата од периодот пред пандемијата.
Во најновите регионални проценки, ЕБОР очекува економиите од Западен Балкан заедно да остварат раст од околу 3 отсто во 2026 година, а растот да забрза во 2027 година.
Подобрената прогноза за Северна Македонија следува по објавените податоци за растот на домашната економија во текот на годинава, при што очекувањата за 2026 година сега се поповолни од оние што ЕБОР ги имаше на почетокот на летото.
Банки
НЛБ Банка со повик до спортските клубови: Поддршка за деца и млади до 15 години
НЛБ Банка Скопје го отвори повикот за поддршка на спортски клубови во рамки на проектот „НЛБ Спорт за млади“ за сезоната 2026/2027, со кој се поддржуваат клубови што работат со деца и млади до 15-годишна возраст.
Како што информираат од Банката, целта на проектот е преку спортот да се поттикнат здрави животни навики, самодоверба и развој на талентот кај најмладите.
„Во НЛБ веруваме дека секое дете треба да има можност да го развива својот талент, да стекнува самодоверба и да расте преку спортот“, наведуваат од НЛБ Банка.
На повикот можат да аплицираат спортски клубови што работат со деца и млади до 15 години во повеќе спортски дисциплини, меѓу кои фудбал, ракомет, кошарка, одбојка и боречки вештини.
Од Банката посочуваат дека при аплицирањето клубовите задолжително треба да ја изберат опцијата „НЛБ Спорт за млади“.
Пријавувањето е отворено до 7 октомври 2026 година.
Проектот „НЛБ Спорт за млади“ е насочен кон поддршка на локалните спортски клубови и создавање повеќе можности децата уште од најрана возраст да се вклучат во спортски активности и да развиваат здрави навики.
Банки
„Рајфајзен“ отвора пристап до криптовалути за 18 милиони клиенти
Raiffeisen Bank International ќе им овозможи на своите клиенти пристап до инвестиции во криптовалути преку партнерство со брокерската компанија Bitpanda.
Околу 18 милиони клиенти на Рајфајзен во Централна и Источна Европа ќе можат да купуваат дигитални средства во рамките на новата соработка, соопштија двете компании. Воведувањето на услугата во подружниците на Рајфајзен низ регионот ќе се одвива постепено.
Bitpanda, со седиште во Виена, веќе обезбедува сличен пристап до криптовалути за повеќе финансиски институции, меѓу кои и германската N26, како и за австриски регионални банки кои се меѓу најголемите акционери на Рајфајзен.
Планот претставува една од првите поголеми иницијативи најавени од неодамна именуваниот извршен директор на Raiffeisen Bank International, Мајкл Хелерер, од кого се очекува до крајот на месецот да ја претстави новата стратегија на банката.
Од друга страна, Bitpanda настојува дополнително да ја прошири соработката со банките и на малите инвеститори да им понуди пристап и до други класи на средства. Целта е компанијата да го диверзифицира работењето и да ја намали зависноста од нестабилниот пазар на криптовалути, во период кога разгледува и можност за излегување на берза.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Кариерапред 1 месецНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати јулската пензија
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита





